Рождество на Пресвета Богородица – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 21.09.2023 г., кога го празнувавме раѓањето на Мајката Божја, Пресветата Богородица, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски, Горан Кутлешовски и протоѓаконот Драган  Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Раѓањето твое Богородице Дево, радост и возвести на целата вселена, зашто од тебе се роди Сонцето на правдата, Христос нашиот Бог, Кој ја разруши клетвата и ни даде благослов, Кој ја уништи смртта и ни дарува вечен живот!“ (Тропар на Рождество на Пресвета Богородица).

Браќа и сестри, денес празнуваме голем и спасоносен празник, Раѓањето на Мајката Божја, Пресвета Богородица, без која не можеше да се замисли спасението на човечкиот род, зашто ако од неа не се родеше Сонцето на правдата, Христос нашиот Бог, немаше да дојде спасение на човечкиот род, бидејќи Христос Кој, по благоволението на Отецот, доброволно посака да стане човек, еднаков на нас луѓето во сè освен во гревот. Он се роди од Пресвета Богородица, која заради тоа што Го роди Христа нашиот Бог и Спасител, се нарекува Богородица, бидејќи Го роди Бога Словото, Синот Божји, Кој предвечно од Отецот се раѓа, а во времето од неа, од Мајката Божја, Пресвета Богородица.

Пред да се роди Пресвета Богородица, во семејството на праведните Јоаким и Ана, имаше една тивка постојана тага, затоа што тие беа бездетни, а кај Еврејскиот народ, бездетноста се толкуваше дека оние кои немаат деца, се грешни луѓе, што не беше случај со родителите на Пресвета Богородица, Светите богоотци Јоаким и Ана.

Имено, тие беа во одминати години и тагуваа, бидејќи знаеја дека кога ќе одмине времето за раѓање, не може да се роди дете по природен пат, Ете, затоа тие се молеа на Бога да им ја исполни нивната молба и молитва, да го отстрани укорот кон нив од Еврејскиот народ заради немањето на чедо. Свети Богоотци Јоаким и Ана, браќа и сестри, ветија дека, ако Господ им даде чедо, истото ќе Му го посветат Нему уште од најраната возраст.

Па така, Господ го приклони Своето уво на молитвите на Светите Богоотци Јоаким и Ана и ја исполни нивната постојана молба и молитва т.е. ги одврза нивните врзани утроби на бездетноста и им ја подари Пресвета Богородица, Мајката Божја. Со нејзиното раѓање, како што кажавме во тропарот на нејзиното Рождество, на целата вселена и засветли радост. Зошто? Затоа што од неа ќе се роди Христос, Сонцето на правдата, Кој ќе ја уништи клетвата. Која клетва? Клетвата заради првородниот грев, кој го направиле нашите прародители Адама и Ева, заради непослушноста на единствената Божја Заповед, да не јадат од забранетиот плод. Па со разрушувањето на клетвата, дојде благословот Божји на човечкиот род.

Кога се роди Пресвета Богородица, целиот свет се радуваше, зашто беше навестена радоста за уништувањето на клетвата т.е. смртта, од Сонцето на правдата Христос нашиот Бог и Спасител, и дарувањето нам, на грешните и недостојните вечен живот.

Во Светото Писмо и Светото Предание, за животот на Мајката Божја, Пресвета Богородица, се вели дека таа растеше во љубовта Божја, постојано служејќи Му на Бога.  Ете, затоа Пресвета Богородица, ги добила сите можни епитети како: Пречиста, Пресвета, Преблагословена и.т.н. Од неа почисто суштество на земјата не се родило, па затоа Пресвета Богородица, стана Мајка на Синот Божји т.е. стана Богородица и мајка на целиот род човечки.

Пресвета Богородица, браќа и сестри, беше предадена на чување во храмот Божји, каде беше внесена во најсветиот дела од храмот т.е. во Светињата над Светињите, каде што никој не смеел да влегува, освен првосвештеникот, за да го покади Ковчегот на Заветот, во кој се наоѓала маната, која Христос Спасителот, како Облак од небото, им ја давал на Евреите во пустината по излегувањето од Египетското ропство до доѓањето во Ветената земја, Палестина. Во Ковчегот на Заветот, бил исто така и Жезолот Аронов, кој процутил, кој е праслика на Пресвета Богородица, од која се родил Синот Божји, Христос, Спасителот.

Во Светињата на Светињите, никој немал право да влезе, дури ни свештениците и првосвештениците, освен чредниот првосвештеник, кој влегувал само еднаш во годината за да покади.

Во Светото Писмо, Светото Предание и во богослужбените книги, читаме дека Пресвета Богородица, е сеопеана. Нема човечко суштество на земјата, кое е толку опеано, како што е опеана Пресвета Богородица. Таа е Семилостива, бидејќи има милост кон сите нас т.е. и кон непријателите, и кон хулниците, и кон богохулците. Пресвета Богородица, уште се нарекува и врата, бидејќи преку неа во светот влегува Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос. Не случајно, Пресвета Богородица, е наречена Ширшаја Небеса т.е. Поширока од Небесата, како што тука на оваа фреска е изобразена, каде што во нејзината пресвета утроба, е Синот Божји, Христос Спасителот. Зошто е наречена Поширока од небесата? Затоа што Христос, Синот Божји, Кој предвечно од Отецот се раѓа, Кого не може да го опфати целата вселена, Пресвета Богородица, со својата чистота, се удостои да Го смести Несместливиот во нејзината Света утроба.

Како што слушнавме од денешното Свето литургиско Евангелие, кога една жена од народот извика кон Христа Господа: „Блажена е утобаата што Те носела и градите од кои Ти си се хранел“, Христос рекол: „Да, но блажени се и оние што го слушаат и пазат словото Божјо“, кое ни се проповеда во храмот Божји и преку Божествените книги, кои се издаваат во Православната Црква, со благослов на Архиерејот.

Па ете, токму заради тие нешта, Пресвета Богородица, е наречена Богородица, уште пред да Го роди Христа? Зошто? Затоа што истото е претскажано од старозаветните пророци. Кога Пресвета Богородица, дошла кај нејзината роднина Елисавета, таа вдахновена од Светиот Дух, рекла: „Од каде не мене да ми дојде мајката на мојот Господ?“ Света Елисавета, Пресвета Богородица, ја нарекува мајка на нејзиниот Господ, односно Богородица, пред да Го роди Христа нашиот Бог и Спасител.

Па така, браќа и сестри, ние треба добро да размислиме за каква личност станува збор, кога е во прашање Пресвета Богородица. Блажена е и нејзината Света уста, бидејќи го проповедала Словото Божјо. Блажени се и нејзините очи, бидејќи ја виделе светлината од Сонцето на правдата, Христа нашиот Бог и Спасител. Како што кажавме, блажена и пресвета е нејзината Света утроба, која во себе Го смести Христа нашиот Бог и Спасител.

Блажени се нејзините уши, бидејќи таа го слушаше Оној, Кој ја држи сета вселена. И со безброј други епитети, црковните писатели ја опеале Пресвета Богородица, кои говорат за нејзината величина. Да не заборавиме дека, кога на Пресвета Богородица, и била соопштена веста, од Архангелот Гаврил, дека ќе Го роди Синот Божи, таа рекла: „Нека ми биде според Твоите зборови“, а ние никако да кажеме: „Нека ни биде Боже според Твојата волја, сè што ни се случува“, туку секогаш велиме: „Не Твојата, туку нашата волја да биде Отче“ т.е. се молиме спротивно од она што нам ни е кажано како треба да се молиме. Кога Христос бил прашан како треба да се молиме, Он ја кажал молитвата „Отче наш“, бидејќи Отецот е Отец на сите. И ние ако не се молиме така, немаме заедница. Заедницата е во тоа, да признаеме дека Отецот, е Отец, на сите.

Пресвета Богородица, браќа и сестри, е посвета од Сите Свети. Уште старозаветниот пророк кажал за Пресвета Богородица, Царицата застана од Твојата десна страна, како што ние на проскомидијата вадиме честичка за Пресвета Богородица, дека прва од десната страна на Христа, е Мајката Божја, како што тоа е изразено и на иконостасот. Христос е од левата страна, а Богородица, од Неговата десна страна. Исто така е кажано дека таа е посвета од Сите Свети т.е. и од Ангелите, и од Архнгелите, и од Херувимите, и од Серафимите, зашто ни Го родила Христа нашиот Бог и Спасител. Но има и такви, како Римокатолитицте, кои на Пресвета Богородица, сакаат да и придодадат нешто, што не е дозволено т.е. дека таа немала грев, односно дека е безгрешна. Точно е дека Пресвета Богородица, немала свои лични гревови, но го носела првородниот грев на нашите прародители Адама и Ева.

Ете, тука е таа грешка, кога ние според нашите човечки мудрувања, на некого ќе додадеме нешто што не му припаѓа. Исто така, денес постојат и други хулници, кои Пресвета Богородица, не ја сметаат за Богородица, како што се сектантите т.е. Адвентистите, Евангелистите, Јеховините Сведоци, Методистите, а јас велам сите тие се исти. Без чиста вера, без правилно почитување на Пресвета Богородица, како што доликува, согласно Светото Писмо, Светото Предание, и учењето на Светите Отци, нема вистинско почитување на Пресвета Богородица.

Да се помолиме, браќа и сестри, по нејзините Свети молитви, Господ да нè помилува и да ни подари вечен живот. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар