Од Писмата на отец Серафим (Роуз) – Писмо 50-то

1-ви/14-ти јуни, 1970 година

Света Педесетница

Почитуван брат во Христа, Даниил [Олсон],

Се молам ова писмо да те најде во добро здравје и во благодатта на Светиот Дух, на Празникот кој денес го славиме уште од времето на апостолите. Го поминавме денот и самите ги прочитавме молитвите со свиени колена, бидејќи во последно време патуваме премногу доцна и за две недели планираме повторно да одиме во Сан Франциско за денот на упокојувањето на Владиката Јован. Овдешните необични дождови, кои вчера повторно истурија, го направија патот малку лизгав. Претчувствувам дека времево ќе се претвори во ладна, бела зима, за која треба порано да се подготвиме!

Еден краток осврт за книгата: Бев малку разочаран од „Потрагата по Царот“ очекувајќи да најдам повеќе за таинствената фигура на Генелевскиј, за кого авторот наводно напишал друга книга. Всушност, ништо ново не е откриено во книгата, а за сè што е документирано, стои фактот дека во разни времиња, разни луѓе верувале дека еден или повеќе членови на целата царска фамилија избегале од Екатеринбург. Мислам дека авторот премногу избрзува со заклучоците кои тој ги претпочита и од кои половината едноставно немаат смисла: на пример, наоѓањето исечок од весник, во кој “Николај Романов” го посетува Сан Франциско во 1919 година, го тера да мисли дека е многу веројатно тоа да е царот, но ако тој се криел, сигурно немало да се нарече себе си “Николај Романов”! Општо земено, книгата е полна со претпоставки и нагодувања кои, навистина мислам дека не водат никаде, бидејќи (оставајќи настрана за момент било каков доказ што постои на спротивната страна) целата идеја за опстанокот на царското семејство нема никаква логичка смисла, без разлика дали од гледна точка на царот или онаа на болшевиците, и е вплеткана во безброј противречности.

На пример, неколку пати авторот спомнува дека царот и престолонаследникот сакале да живеат во Полска, бидејќи било поблиску до Русија, во случај политичката ситуација да се промени – но ако царот е инкогнито и ги убедува сите да веруваат дека тој е мртов, каква можна улога има за него во руската политика? И колку подолго чека да се открие, толку потешко ќе биде да ги убеди луѓето дека е можно да биде жив; Ако сака да биде подготвен да седне на престолот, тој сигурно однапред морал да им каже на луѓето да знаат кој е и каде е. Повторно: ако царот е толку неспокоен да ги натера сите да веруваат дека е мртов, што прави со доаѓањето во Сан Франциско – “многу веројатно” да подготви бизарна книга за објавување на неговото бегство и потоа да ја продаде на филмски режисери!!? Деловите од “Спасување на царот”, кои авторот ги цитира, сигурно не носат многу увереност за нивната вистинитост, и изгледаат далеку повеќе како шпионска фикција. А од гледна точка на болшевикот: каков возможен надоместок би можел да ги убеди да дозволат таква голема потенцијална пречка за нивната кауза (самиот симбол на “стариот поредок”) да е надвор од нивната моќ? И од кога почнале да им веруваат на своите непријатели за да зачуваат таква невозможна тајна? Но, напротив, болшевичката психологија е сосема разбирлива ако навистина го убија царското семејство: се разбира, тие никогаш не би го испуштиле царот од своите раце, а под услови на граѓанска војна, сосема е веројатно дека убиството нема да се  изврши јавно со команда од врвот, но како што бараа условите (со приближувањето на Белата армија). Се разбира, тие не можеа да му признаат на светот дека го убиле целото семејство (беспомошна жена и деца – што не значи ништо за Советите, но мора да се почитува светското мислење!) и затоа првото соопштение во кое се спомнува само дека царот бил ” егзекутиран “, остави простор за нејасност за тоа каде е остатокот од семејството – да се поттикнува масакр на целото семејство, секако, не беше во болшевичките интереси.

Исто така, разбирливо е зошто никој не можеше да се најде за сведок на извршениот чин – повеќето ако не и сите учесници беа вратени од комунистичките логори, каде што болшевиците би можеле да се справат со нив како што им одговараше, и ако некој од убијците бил фатен од Белите, веројатно нема да признаат такво кривично дело, кое би значело нивна смрт. Единственото лице за кое се претпоставуваше дека учествувало, сосема разбирливо, кажа дека бил надвор од зградата во тоа време. Сите овие психолошки докази, иако не се директен доказ сами по себе, служат за да се потврди општоприфатената приказна за масакрот, за што, впрочем, има и некои прилично добри докази, за кои се чини дека нема логичка причина да се измислени од Советите. Без убедливо силни докази за спротивното, мислам дека приказната за преживувањето на Романови ќе мора да се стави во редот на слични приказни како приказните за престолонаследникот Луј XVII, кој очигледно умрел или бил убиен како дете во затвор под подеднакво сомнителни околности, што револуционерната влада не се грижеше да ги открие, но тој беше воскреснат многу пати во подоцнежните легенди. Иако психологијата на различни претенденти е доста чудна, сепак таа содржи доволно примери (десетина лажни Димитри(евци)!) да би нè зачудила.

Дојде јуни, а ние скоро и да немаме почнато со „Православно Слово“, изданието од Март-Април, од кое речиси половина ќе биде посветено на службата на Отец Герман, со надеж да биде испечатено во две бои. Молете се за нас. Следниве два месеца ќе бидат пробни, но после тоа, со Божја волја, треба да почнеме да напредуваме. Зетот на Глеб доаѓа на неколку дена оваа недела, а ние ќе му дозволиме да се обиде да го доврши крилото на линотипот во печатницата. Можеби, отец Алексеј ќе успее да дојде на две недели, за да го составиме линотипот целосно, а потоа ќе можеме вистински да започнеме со работа. Веќе имаме резервоар на течен гас, и за кратко време може да имаме дури и такви модерни погодности, како плин за готвење и фрижидер на плин! Но, најмногу од сè, сонуваме да ги завршиме градежните работи за да добиеме поголема заштита од немилосрдната магла која трае од ноември до септември, а понекогаш и подоцна. Се надеваме дека оваа година ќе добиеме повеќе снег и така ќе ја избегнеме маглата во јануари-февруари, која се појавува во долги дождливи периоди.

Дали спомнав дека отецот Михаил Азкул ни испрати извонреден одговор за нападот на отецот Шмеман на Руската Задгранична Црква (неговиот одговор на „Тажното послание“ на Митролопитот Филарет)? Во нивната меѓусебна преписка, отец Шмеман конечно призна дека едноставно немал факти за Руската Задгранична Црква. Ракописот беше одбиен од отецот Маендорф за „Православна Црква“ (отец Михаил забележува дека отецот Маендорф е исклучително емотивен за Синодот и едноставно не може да расудува за тоа, додека отец Шмеман е малку поразумен, бидејќи половина од неговото семејство е во Синодот!), но е крајно објективен и праведен и споменува факт што претходно не е изнесен – дека преговорите Москва-Митрополијата се одржаа во Женева и Њујорк под покровителство на Светскиот Совет на Црквите, со нивни присутни претставници! За жал, за нашата сакана Алјаска-Епископот Теодосиј двапати беше во Москва (еднаш за погребот на Патријархот, а пред неколку недели за да добие “Томос”), а на 5 јуни (само што добивме фотографии) Епископот Јувеналиј (втор после Никодим во Одделот за надворешни работи) служел со него пред Моштите на отец Герман и на островот Спрус.

Потоа, слободно можеме да очекуваме да слушнеме дека Советите, од “братски” чувства, испраќаат монаси на островот Спрус – идеален шпионски центар. Бог да нè спаси сите. Сето тоа е многу тажно, но допрва треба да видиме што ќе направи отец Герман.

 

Молете се за нас,

Со љубов во Христа

 

Превод: Елена Богдановска