Манастир Рождество на Пресвета Богородица – Сливница

Сливничкиот манастир се наоѓа на 4,5 км над преспанското село Сливница, на надморска висина од околу 1300 м. Денес, од селото до манастирот се оди по  асфалтен пат. Благодарение на напорите кои се правеле во последните децении, извршена е реконструкција на дел од конаците кои некогаш го опкружувале манастирот. Обновено е целосно источното крило во кое може да се престојува и дел од конаците на југоисточниот агол, сè до главната порта што нè внесува во манастирскиот двор. Денес  има 19 конаци со 90 легла, обновена е кујната трпезаријата има и санитарен чвор.

Според сочуваниот старословенски натпис, манастирската црква е изградена и насликана во 1607 г, за време на монахот Никанур. Најголем ктитор, кој за изградбата и украсувањето на храмот дал 9000 гроша во злато, бил Михајло  и Стојна Петкови од Битола, неговиот брат Грујо (1000 гроша), Стојко Милев од Сливница, Стојан и Милко од Ротино, Битола (1000 гроша), Тодор од Љубојно, Јосиф од Харвати (Арвати) и еромонах Стефан од Кономлати (1000 гроша), Сотир и неговиот брат Никола од Бохуно, денешно Болно – по 500 гроша, игуменот Никанар, јеромонасите  Теодул, Милетије, Вардомеј, Мојсиј, Стефан, Михаил, монах  Никодин, Макарие, Никифор, ѓаконите Сидор и Ксенофон.

Манастирот е подигнат во 1607 година и според описот е граден во три фази и тоа од 1607, од 1612 и главно во 1645 година. Од тој период потекнува и живописот во храмот, како и дрвениот иконостас со престолните икони, царските двери и големиот крст.

Црквата е градена по примерот на повеќето цркви во поствизантискиот период односно во османлиското ропство на Балканот. Мала еднокорабна градба со едноставен кров на две води, без куполи и без украси на фасадите.  Кон западната страна во 1612 година е доградена припрата. Во 19 век во продолжение кон запад е изграден затворениот трем, една помала помошна просторија како и камбанаријата .

DSC_4932

Живописот во олтарот и наосот на храмот е изведен од зографска тајфа од која се издвојува работата на двајца непотпишани мајстори во Сливница, условно именувани како „прв зограф“ и „втор зограф“ – кои работеле заедно во наосот (1606/7), а само едниот од нив („вториот“, со соработници) подоцна и во нартексот (1611/12), се претпоставува дека  се авторски поврзани со други споменици во Македонија, Бугарија и во Грција. Тие успеале да пренесат содржина од сложена тематско-иконографска програма, особено карактеристична во наосот, каде се испреплетени сцени од неколку циклуси: Големите Христови Празници, Страдања и Параболи.

Присуството на првиот мајстор е нагласено кај претставите во олтарот и сводот, фигурите во првата зона на наосот и ликовите во повеќето фигурални композиции од втората зона. Вториот зограф е препознатлив по поизразениот шематизам, вкочанетост на фигурите и посиромашната палета на бои. Постојат претпоставки дека фрескописот е дело на познатиот иконописец Пимен Зографски или на некој мајстор од неговата школа. Во 1644 година било извршено осликување на уништените делови на фрескоживописот од 1612 година и претставена е на тие места  Деисизната композиција: Христос, Богородица и Св. Јован Претеча, за која се претпоставува дека е дело на мајсторите од Линотопоската иконописна  школа.

21850266_10154643791380728_470469364_n
Свети Петар Александриски и Христос – Агнец

Посебна ликовна сцена  добил Христос – Агнец, на кого му се поклонуваат архиереите. На јужниот ѕид во олтарот е насликан Св. Кирил Филозоф, со што Сливничкиот Манастир добил уште еден од повеќето показатели за нагласениот однос на неговите ктитори кон словенската црковна традиција. Најголема специфика на овој живопис е портретот на младиот битолчанец Купен, кој добил значајно место во олтарната програма, насликан со посебно внимание.

Многу важна содржина на оваа црква е ѕидното сликарство во најстариот дел на црквата од 1607, во припратата од 1612 г. како и она од некогашната западна фасада, а денес во тремот на црквата. Тоа есочувано речиси во целост и претставува еден од најзначајните репрезенти на сликарството од поствизантискиот период во Р. Македонија воопшто. Почнувајќи од источниот дел или од олтарскиот простор, во долната зона од конхата на апсидата се светите архиереи како учесници во светата Литургија. Над нив е ликот на св. Богородица со Христос. Во северниот дел од олтарскиот простор, во чест на главниот ктитор на црквата, насликана е фигурата на Купен, починатиот син на Михајло Петков, кој се упокоил неколку години пред изградбата на овој храм во 1599 г. Претставен како младо момче со свечена световна облека. Повторно се среќаваат имињата  главните ктитори Михајло и Стојна. Ваквите претстави се мошне ретки во средновековието.

Во долните зони од наосот се претставени светите воини облечени во благороднички одежди со наметки и бели раскошни капи. Светителите на јужниот ѕид, облечени во монашка облека ги претставуваат мачениците и испосниците. Во горните партии се сцените од животот на Господ Исус Христос со неговите чуда и страдања.

Од сликаните композиции поставени во нартексот, вниманието посебно го привлекува најстарата заедничка претстава на најпознатите словенски просветители или на Седмочислениците, како што се нарекуваат во науката претставите на св. Кирил, Св. Методиј, св. Климент, св. Наум, св. Сава и св. Ангелариј од 1612 г. и композицијата Деизис во првата зона, додека химната на Богородичниот акатис „О тебе радуетсја“ го зафаќа останатиот простор. Во 1645 година било извршено осликување на уништените делови на фрескоживописот од 1612 година и претставена е на тие места: Деисизната композиција: Христос, Богородица и Св. Јован Претеча. Следуваат претставите на сцените со насликаните циклуси, инспирирани од црковните песни посветени на Богородица. Циклусот на Акатистот почнува од источниот ѕид на припратата (нартексот). Тој почнува со среќавањето на ангелот со Марија на бунарот. Сцените продолжуваат и на јужниот ѕид, Среќавањето на Марија и Елисавета и завршува со осмиот икос, како последна илустрација на Акатистот во Сливничкиот манастир.

Јужно од западниот влез се насликани двајца светители, Св. Петар и Св. Павле. Во нишата над западната врата, каде е претставена Богородица со Христос, сочуван е потписот на зографот Никола, веројатно и автор на фреските во припратата на црквата.

Живописот во црквата има интересни иконографски решенија и детали. Ликовите на Св. Димитриј и на другите свети воини, кои се наоѓаат на северниот ѕид во наосот на црквата се претставени во благородничка облека.

На  десниот прозорец  до олтарот, на неговата внатрешна страна  е претставена фреската Св. Сисое над гробот на Александар Македонски. Македонското царство е претставено и во нартескот, како едно од 4 пагански царства, покрај Вавилонското, Персиското и Римското царство, како дел од фреската Страшниот суд.

DSC_4943

DSC_4944Големо внимание привлекува и фреската на која е прикажан Ангелот кој му ја дава схимата на Св. Пахомиј, и му ги кажува зборовите: „Преку ова ќе се спасува секој род човечки“.

Иконостасот во црквата е  сочуван во својата изворна состојба, каков што бил во првите децении од 17 век. Од содржината на иконостасот се издвојуваат царските двери и големиот крст, поставен како завршница во горниот дел, изведени во плитка стилизирана резба.

Манастирот од сите страни бил опколен со згради. Се влегувало низ две големи и две помали порти. Во горните делови на зградата се наоѓале простории за престој на гости. Некои од собите биле сопственост на селата Болно, Љубојно, Герман, Кономлади, Горица, Битола, Прилеп, Костур и др.

За убавините и богатството на овој манастир  прилепчанецот Георги Трајчев во својата книга „Манастирите во Македонија“ во 30 те  години на 20век ќе забележи:

Сливничкиот манастир во минатото бил доста богат  со најразвиена економија во областа Преспа. Располагал со голем недвижен имот, ниви, ливади, лозја (во Претор, Грнчари, Курбиново, Сливница, Цапари, Роби) 2 дуќани во Битолската чаршија, нива со маслинки во Елбасан, големи пространства на букова, дабова и борова шума.

Ефоријата на манастирот е од околните села: Сливница, Претор и Курбиново, а во старо време манастирот бил управуван од … (патријаршистите) од село Моловиште. Во 1894 година манастирот е сеуште патријаршиски, иако околните 11 села вклучувајќи ја и Сливница се егзархиски. Охридскиот грчки владика Александар го давал манастирот на владеење де на Маловиштани, де на разни арнаути кои гледале да го опустошат. Тие грабале и продавале кој-колку стигне од имотот. Во 1892 година игумен бил владичкиот внук, албано-елин од Берат, кого (населението – н.з.) го прогнало. Власта, под притисок на грчкиот владика ги убедувала селаните од околните 11 села да го дадат манастирот на грчкиот игумен, но тие не прифатиле.

… „Тој беше еден од најбогатите манастири во тој крај но лошо управувам во недалечното минато од   грчкото духовништво, а подоцна и од нашето, така да имотите безобразно биле ограбувани..“

„Доле, близу до село Сливница, се наоѓа метох на сливничкиот манастир св. Сава и Варвара. Тука се чува  поменикот манастирски, направен од даска со два капака, на кој стојат ликовите на Давид и Соломон. На внатрешната страна во 9 столба, по три на секоја даска имаше напишани со славјански букви имиња на мирјани: Тодор, Милко; селата Хотино (Ротино – н.з.), Триново (Трново – н.з), Волскина (?) – после иероѓакони, иеромонаси, архиепископи (Никола, Костадин), архиереи (Доротеј, Мануил, Митрофан, Самуил). Славјанските имиња беа размачкани со сина боја (национална грчка н.з.)  и врз неа пишувани имиња со грчки букви. Тој вандализам го извршил охридскиот грчки владика Мелетиј, кој во обид да го избледне секој спомен (на македонците) за минатото на историска Преспа. Достатачно беше со една слаба промивка  со вода, за да се избрише сината боја и грчките имиња. Поменикот беше облепен со кожа и фанариотот Мелетиј го држел цела недела во вода, за да искисне, и потоа насилно се обидувал да ги избрише славјанските букви, но откако не успеал ги премачкал со сина боја. По негова наредба, во манастирот цела недела биле горени славјанските книги и други паметници, кои биле скриени во манастирските бочви.“

Во манастирот се наоѓала најголемата библиотека, но грчкиот владика, целиот библиотекарски фонд го изгорел, поради тоа што бил на славјански. Палењето траело цела недела на три огништа. Овој трагичен настан се случил на почетокот на 20 век и сеуште носи болни траги кај жителите на Преспа.

Во манастирот постоело и училиште во кое учеле и работеле деца од околните преспански села каде учители биле свештениците.

Во 1917 г., за време на првата светска војна се случува чудо во манастирот, кога граната испукана од француски топ, од покривот паднала директно во олтарот и не експлодирала. На местото од ударот на подот сеуште постои вдлабнатина, додека пак покривот, од каде што паднала гранатата е прекриен со малтер.

Тоа е доказ дека Пресветата Богородица будно го чува својот дом. Во дворот на црквата постои и извор со лековита вода.

DSC_4928

ПРЕМИНИ КОН ГАЛЕРИЈА

Низ генерациите се пренесува сеќавање дека првобитната локација на овој манастир била на брегот на Преспанското езеро, на денес археолошкиот  локалитетот Грмада Нисија, кај с Езерани. На 2 км јужно од селото е откриена хеленистичка населба и црква  од среден век. Околу црквата се откриени и гробови и според кажувањата  пронајдените подколенични коски биле подолги. Увид е извршен од страна на м-р Илија Чавкаловски  1992 г. Се среќаваат и фрагменти од садови, остатоци од живеалишта и сакрален објект. На месноста Нисија јужно од Старо село постојат видливи остатоци од калдрма, односно пат кој води во 3 правци: островот Голем Град, Стење и Асамати. Црквата поради поплави  била дислоцирана на денешната локација во с. Сливница. Постои предание дека кога народот намерил да ја гради црквата на друго место, се појавила бела гулабица и застанала токму на местото каде што денес е изграден Сливничкиот манастир.

Подготви: Марија Касовска