Лутеранска принцеза и православна маченичка – Света Елисавета Романова

На 01.11.1864 г., во Дармштадт, Германија, родена е светата маченичка Елисавета Фјодоровна (Романова). Данска принцеза, порастена во побожно лутеранско семејство во 1883 година се свршува за Рускиот кнез Сергеј Александрович, примајќи ја православната  вера. Во почетокот на Црвената револуција, извршен е атентат врз нејзиниот сакан сопруг, после што таа прима монашки постриг го основа Марто-Мариинскиот манастир, чија главна мисија била бесплатната медицинска помош и социјалното служење.

После доаѓањето на власт на болшевиците, Елисавета Фјодоровна одбила да ја напушти Русија, знаејќи со што може да заврши тоа. Во 1917 г., кога револуционерите за првпат го престапиле прагот на манастирот, таа им рекла на сестрите: „Очигледно, сеуште не сме достојни за маченички венец“.

Во мај, 1918 г., по патот во логорот – по патот до маченичката смрт во Алапаевската јама, таа напишала: „Господ видел дека ни е време да го носиме Неговиот крст, да се потрудиме да бидеме достојни за таа радост. Јас мислев, дека слаби, не сме дораснале сè уште за таков голем крст“.

Каква ретка можност ни даваат писмата на преподобната маченичка – да видиме, како малку-по малку (нејзините омилени зборови) се појавувала и расцутела нејзината љубов кон крстот, како се открила светоста на една од највозљубените светителки од XX век.

Татјана Коршунова

Извадоци од писмата на Света Елисавета Фјодоровна Романова

Светата кнегиња Елисавета Фјодоровна и нејзиниот сопруг Сергеј Александрович (Романови)
Светата кнегиња Елисавета Фјодоровна и нејзиниот сопруг Сергеј Александрович (Романови)

… Јас и Сергеј сме соединети на небесата. Јас знам дека сум таму, покрај него и во таа молитва го црпам својот мир.

Но не плаши се, нема егоистично да ги обременувам децата со својата тага – јас ја чувам како богатство во душата и срцето, и можеш да бидеш сигурен дека тоа нема да ги помрачи нивните млади животи: во младоста, здравјето и радоста треба да се насобираат, за подоцна да имаме доволно сили.

До великиот кнез Павел Александрович, 27 февруари – 1905 г.

 * * *

          Мојата потресеност помина со појавувањето на мал бел крст на местото каде што загина Серж. Следната вечер, јас отидов таму и се молев, и дури тогаш можев, кога ќе ги затворам очите, да го видам само тој чист христијански символ. Тоа беше голем благослов. Сега, во вечерите, пред да легнам да спијам, велам „добра ноќ“, се молам и заспивам со мир во срцето и душата.

          До царицата Марија Фјодоровна, 8 март 1905 г.

* * *

          Децата се здрави, но после нашата страшна несреќа, многу се грижам за нивните бубрези… Фала му на Бога, мирот кој го наоѓаат во милата црквичка, каде што лежи Серж, ги успокои сите тешки впечатоци од неговата смрт… А јас толку се плашев од стресот – и правам сè што можам, чувството на мир и величието на смртта, свеста, дека оној кого сите сте го љубеле сега е со Бога и ве чека, дека повеќе не се мачи и се моли за нас. Љубејќи го животот, треба да се гледа и во смртта неговата цел како благо наследство – тука го препознаваме оддалеку, но еден ден ќе преминеме таму, за да се успокоиме во Божествената љубов, покрај оние кои ни биле драги.

… Претходно, тој сè правеше сам и во сè раководеше со мене. Јас навистина бев послабата половина. Сега пак, ќе мора да се трудам, како што би сакал тој, и ќе го вложам во тоа целото срце и душа. Ти знаеш, како тој целиот живот ти го посветуваше тебе, а потоа и на твоите деца; прости, ако успеам само слабо да го следам во тоа, но ќе се трудам и сигурна сум дека Бог ќе ми помогне. Во спомен за него, кој мене ми беше сè, ќе живеам за продолжување на неговото срдечно, омилено дело – зашто неговото срце беше најверното, најчистото и најпостојано од сите, кои некогаш сум ги сретнала.

          До великиот кнез Павел Александрович, 31 март 1905.

* * *

          … Ја чувствувам твојата осаменост, и навистина знам што е тоа. Сепак, Господ во Своето големо милосрдие ми подарил безгранична утеха да живеам покрај една малечка црквичка, каде што има таков мир и покој… Таму го започнувам и го завршувам својот ден, и мислам, непоколеблив мир ме осенува во дневните часови. Како да доаѓам од некој друг свет да го исполнам својот долг, да ги утешам другите, и не живеам јас, но некој друг, зашто душата моја почива на небесата покрај таа чиста и чесна душа, која ме раководеше, ми помагаше во сè и без која јас повеќе не постојам. Не можам дури ни да плачам, јас не сум тука, туку таму, горе. Секако, животот си тече, со своите потреби, маки, грижи и треба да се работи. Телесно сум сосема здрава, дури примам и лекарства и се чувствувам добро. Господ навистина ме благословил со моштите на светителот Алексеј. Само да живеев праведно, како што би сакал мојот Серж. Јас би сакала некогаш да станам достојна за тоа, да бидам негова жена.

… Не ми пишувајте – во животот има мигови, во кои не може да се пренесат на хартија душевните страдања. Не ми треба одговор на моите неколку реда. Тоа само ќе ми докаже, дека ме сметате за вистински пријател и знаете дека ќе Ве разберам, ако немате сили да ми напишете писмо. Вашата тага не може да се споредува со она што го преживеав јас, затоа што Вие страдате, гледајќи како страдаат Вашите два Феликси, а јас бев сама. Исто така, Николај беше млад, а мојот Серж толку сакаше да се упокои во Бога. Но сепак, смртта останува разделба. Јас не го сакам тој збор; мислам дека, оној што си заминува, ни подготвува пат, а нашите овдешни молитви му помагаат да ни го исчисти патот по кој ќе треба да поминеме. Ние не сме разделени, нашите души се соединети во една желба, Бог да ни ги прости гревовите и да нè вознесе кај Него.
.. Срдечен мир, спокој во душата и умот ми донесоа моштите на свети Алексиј [Московски]. Да можевте и Вие да дојдете во храмот пред неговите свети мошти и да се помолите, само приложувајќи се кон нив со челото – за мирот да влезе во Вас и да остане. Јас едвај се молев – јас воопшто не умеам да се молам, а само припаѓав: имено припаѓав, како детето кон мајчините гради, ништо не просејќи, зашто тој има мир, што знае дека со мене е светител, на кого можам да се потпрам и да не се изгубам сама. Одете, драга моја, кај моштите на свети Александар [Невски], одете тројцата, подоцна навечер, за да бидете сами. Доверете му се, и после молитвата, поседете тивко во храмот, во скриен агол, дајте му на бедното тело да одмори и мирот да влезе во Вашата душа. Тоа е многу просто и слатко. После тоа, сè ќе ви изгледа поинаку – светот, маките – сè. После Вие ќе ги утешувате оние, кои плачат за Вас, – затоа што Вашето страдање ќе биде положено на Бога, а Вие ќе имате доволно сили, да живеете. Јас лошо пишувам, но од моето писмо ќе почувствувате од каде ми е мојот внатрешен мир. О, тоа беше толку добро! Едноставно, доверете му се на светиот угодник, кој ќе Ве заштити и поведе, и ќе имате сили, телесни и душевни, и полнота на совршен мир.

До кнегињата З. Н. Јусупова, 1 јули 1908 г.

* * *

Долгот е долг, и ако сум се зафатила за некоја работа, не треба веднаш да си давам одмор, а и воопшто не сум изморена. Правилно мислиш, дека моите помошници слободно би можеле да се потрудат за мене. Тие навистина ја познаваат работата и работат подобро од мене, го знам тоа. Но тоа – е моја работа, и сите први грешки треба да легнат на мојот грб, а радостите – ако Бог даде сè да биде добро – ќе ги жнееме заедно. Помоли се за моето дело, Господ да го благослови и тоа да ја зацврсти и да принесе полза на твојата земја. Јас нема да го видам тоа, зашто јас го полагам само почетокот, но среќна сум со тоа.

До императорот Николај II Романов, 30 јуни 1909 г.

elisaveta i varvara
Света Елисавета и Света Варвара

Извор: http://iknigi.net