Има ли добродетелни мирјани во светот? – Митрополит Лимасолски Атанасиј (ВИДЕО)

Ако кажеме дека не постојат свети луѓе во светот, тогаш тоа е хула на Светиот Дух, затоа што Христовата Црква не е само во монаштвото. Црквата Христова е во светот. Што рече Христос? – „Јас идам кај Тебе, а тие се во светот“ (Јов. 17,11)

Во монаштвото е само мал дел, тоа нас ни го кажува и старец Јосиф. Така да, колку [луѓе се] монаси? Само еден мал дел. Народот Божји е во светот. Таму е Божјиот народ, чекори во светот. Што би било, кога благодатта на Светиот Дух би била ограничена на едно место, во едно време и на еден начин?

Тогаш хулиме на Името Божјо. Тоа дека монаштвото е едно опкружување и начин, посебно благотворен за духовниот живот, навистина е точно. Поради тоа го избрале Отците, поради тоа постои во Црквата и затоа монаштвото е пофалба и слава на Црквата. Но, тоа не е единствено опкружување. Вистина е дека книгите непрестајно прикажуваат старци, подвижници и подвижнички, монаси, монахињи, итн. и можам да кажам дека поради тоа, дури во свеста на народот Божји влезе мислењето дека за да биде некој свет, треба да биде монах. Постојат некои такви необичности. Меѓутоа факт е дека од друга страна, исповедувајќи мноштво на народ, сум сретнал луѓе со многу повисок степен на духовност, за кој се сомневам дека постои помеѓу монаштвото. Сум видел многу луѓе со безгранични Евангелски добродетели, кои во монаштвото ретко сум ги сретнал. Исто така и во Архиерејските кругови… Порано, на пример, пред да станам Епископ и не ги познавав Архиепископите, имав предрасуди спрема нив. Но сега, гледајќи ја внатрешноста на работите, признавам дека сум видел и сретнал многу добродетелни Епископи кои секојдневно ја проживуваат агонијата во Црквата. Тоа не е мала работа. Тоа е една голема борба, титанска борба – да носиш одговорност, човечки да ја водиш Црквата спрема едно упориште, кон една цел. Сум запознал свештеници во брак кои се потполно посветени на служење на Бога, кои буквално се “трошат“, кои немаат ни момент одмор и удобност. Тоа е подвиг.

Сум видел и луѓе кои и она малку што го имаат во свое сопствеништво го даваат во милостина.  Сум видел луѓе кои имаат таква незлобливост, да се молат за оној кој го убил нивното дете. Запознав една баба која секој ден правеше по стотина метании за убиецот на нејзиниот син. Тоа е висок степен на подвиг. Правеше метании како Бог би му простил на убиецот на нејзиниот син, него, кој го виде и не го пријави. Иако виде дека го уби нејзиниот син и беше во полиција, каде што ја притискаа да каже, таа рече: „Ништо не видов, не знам, не знам…“И покрај тоа што виде и знаеше. Но таа велеше: „Оженет е и има деца, не сакам да оди во затвор. Бог да му прости“. Немаше злоба во себе.

И видов многу такви родители кои ги изгубиле децата во сообраќајни несреќи. На пример, некои возачи од невнимание или на некој друг начин го убиле нивното дете. А родителите пазат на својата совест да не се одмаздуваат, да немаат горчина во себе спрема другиот, а изгубиле дете кое имало само 18, 20, 25 години. Тоа се големи подвизи. Тоа не се степени на монашко подвизување, сеноќени бденија, постови, туку тоа се степени на Евангелски добродетели.

Има млади луѓе, на пример, еден млад човек кој го видов во Лимасол, кој за време на целиот пост јадеше само по еден компир и еден домат дневно. Затоа што сметаше дека така треба да пости.  Беше полицаец, работеше по цел ден, оженет, има три деца. Кој тоа го прави од нас монасите? Ние спремаме најдобри јадења на вода, илјада работи. А тој така го помина еден цел пост.

Има многу, многу добродетели во светот и тоа такви скриени, секако. Е, тоа е Христовата Црква. Ах, кога Црквата Христова би била ограничена само на еден географски простор.

[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=Izp6KNpv6Qo[/youtube]

Превод: Елена Стојановски