За Светата Вода

Одговор на дилемата на верниците: колку долго се чува, за што служи и што се прави со старата вода кога во куќата ќе се донесе нова Света Вода?

Голема е недоумицата меѓу верниците за тоа, колку долго треба да ја чуваат светата вода, што да прават со старата кога ќе стигне новата, и за што се користи светата вода. Еве ги одговорите:

Широка е употребата на осветената вода. Таа се користи при многу чинови на Светата Црква, без разлика дали е вода што се осветува непосредно или дали се користи претходно осветена вода. Така, осветената вода се користи за осветување на храмови, домови, надгробни споменици, икони и разни предмети кои луѓето ги користат.

Во светата тајна Крштение, осветената вода станува „вода на очистувањето, бања на препородување, извор на животот“, во која оној што се крштева се раѓа со „вода и дух“ за нова реалност на Царството Небесно.

Осветената вода има свое потекло уште во првите векови на христијанството, за што сведочат древните пишани извори, како Делата Апостолски, Евхологион, Серапион Тмутски, како и отците од првите векови: Теодорит, блажени Ероним, Епифаниј и други.

Сепак, и покрај својата историја, во почетокот не постоело востановено правило кога, каде и како да се врши осветувањето на водата. Постоела одредена разлика во тие обреди. Но за сите, заедничко е дека осветувањето на водата се извршувало со читање на одредени молитви, призивање на Светиот Дух, како и со крстообразно благословување и потопоување на чесниот крст во водата, што и денес е елемент на секое осветување на вода.

Денес се познати две осветувања на вода: големо и мало. Големото осветување се врши два пати во годината: на Крстовден (предвечерието на Бојавление) и на Богојавление, за што се сеќаваме на крштението на Господ Исус Христос во реката Јордан, во кое Црквата го гледа прототипот на очистување на гревовите, но и вистинско осветување на природната вода со присуството на Бога.

Тоа е свечен обред на кој редовно присуствува мноштво народ, кој осветената вода ја носи во своите домови, затоа што таа Света Вода – Богојавленска се чува во секој дом преку целата година како голема светиња, а се користи само за важна потреба (болест, вознемирување од лоши духови). Во некои краеви има обичај свештеникот сам да ја разнесува Богојавленската вода по домовите.

Малиот водосвет се врши во разни прилики, како при други црковни чинови и на барање на верниците. Во зависност од потребата, малото осветување може да се изврши во секое време и на секое место: во куќа, во поле, во градина и тн.

Во нашата Православна црква има традиција свештеникот во текот на годината да доаѓа четири пати за да крсти вода [за време на секој пост], како и пред нашата куќна слава. Со доаѓањето на свештеникот во куќата и осветувањето на водата, доаѓа и Божјата благодат во вашиот дом, затоа што по осветувањето на водата свештеникот со Светата Вода ја попрскува целата куќа и сите присутни, и ги благословува со целивање на светиот Крст.

Осветувањето на вода по домовите не е некој обичај, туку насушна потреба на сите верници кои чувствуваат потреба повремено да бидат осветени и очистени со попрскувањето на Светата Вода. Кај православните грци има многу семејства кои бараат од свештениците секој месец да им осветуваат вода во нивните домови. Нашиот народ го изгубил тоа чувство на светињата и потребата за светињата, па тука има и многу кои престанале да примаат свештеник за осветување на вода, но и оние кои го примаат, често не се подготвени за тој чин.

Не е добро нашата вера да биде сведена на обичај за осветување на вода, ама не е добро ни да го отстраниме тој обичај од нашиот живот. Осветувањето на вода и нејзиното користење има своја полнота и смисла само доколку е во согласност со останатите прописи на Православната црква за христијански духовен живот, како што се пост, молитва, милостина, света тајна покајание и исповед, Причест, и сè останато, без кое нема спасение на душата.

Колку долго може да се чува Светата вода, особено онаа која се осветува на Крстовден, Богојавление и на Велигден? Што се прави со старата водата кога по една година ќе стигне новата?

Ние во Црквата, (епископите и свештениците) кога зборуваме за предметите на нашата света вера, често пати не сме во состојба да замислиме и да претпоставиме за тоа колку малку нашиот народ знае за својата вера, па затоа многупати претпоставуваме дека нашите верници имаат верски познавања, но се случува нашите разговори за верата или беседите да се неразбирливи и тешки за сфаќање за нашите слушатели, затоа што многу од нив го немаат неопходното предзнаење. Па така, добро е нашите верници да имаат можност слободно да им се обраќаат на свештениците доколку имаат нејаснотии во врска со верата.

Светата вода, особено онаа од Богојавление (која народот ја носи во своите домови), може да се чува неограничено. Колку и да ја чуваме, таа не ја губи светоста, ниту пак се расипува. Има во народот луѓе кои Богојавленската вода ја чуваат по триесет и повеќе години, со тоа што секоја година кога ќе донесат од новата вода, по малку додаваат во шишето каде ја чуваат старата вода. Но главното прашање е што се прави со старата вода после една година кога ќе се осветува нова? Во црковните книги нема одговор на ова прашање, ниту пак има некаво пишано правило во врска со тоа. Но, затоа постои народно предание или обичај кој Црквата индиректно го прифатила, и кое стекна иста вредност како и многу други работи кои Црквата ги прифатила по пат на предание.

Па, по тоа народно, а сега и црковно предание, доколку целата количина на Богојавленска вода не се потроши побожно во тековната година, тогаш кога ќе стигне новата вода, остатокот од старата се тура во бунар, река или цвеќе (или се пие). Во секој случај, се истура на места каде нема да биде изложена на газење и осквернување.

Што се однесува до водата која се осветува во домовите, во текот на постот од неа може, а и треба да се пие секое утро пред јадење и така да се потроши. Таа всушност се осветува со и таква цел, за големите празници како Божик и Велигден да се дочекаат во осветени домови, ама и со осветена душа (како храм на Светиот Дух), за што користењето на светата вода многу придонесува.

Целата осветена вода за куќната слава се употребува за правењето на славската погача, а може и да се остави малку за сите членови на домот да се напијат по една голтка за осветување на душата и телото.

Извор: http://oslobodjenje.rs

Превод: Ѓакон Крсте Тасески