Осврт на филмот „Обожение“

Тесни одаи,
под суво лисје гробови.
И очи две насолзени,
по луѓе исти судбини.

Вчера вечерта, со почеток во 20.00 ч., во Домот на Културата во Битола, се прикажа Пелагониската премиера на филмот „Обожение“.  Филмот е дипломски проект на двајцата режисери Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА – Скопје, кој е работен во форма на триптих составен од три дела, насловени „Катарза“, „Созерцание“ и „Воздигање“. Создаден без никаков буџет, филмот е доказ за тоа, дека може да се допре до длабочината на човечката свест,  човек да се прочисти  од страстите, да се просветли неговото страдање, и погледот да се издигне нагоре… кон Обожение.

Музиката на филмот содржи авторски композиции, кои се дело на големиот македонски композитор и музичар Горан Трајкоски. Главните „виновници“, за оваа убавина се: Петар Горко, Димитар Ѓорѓиевски, Катерина Аневска, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Митко Апостоловски, Владимир Ѓорѓијоски, Соња Михајлова, Милан Секулоски, Михајло Миленкоски, Димитар Црцороски и Марио Марковски. Кинематографи на филмот се: Панче Пренџов и Влатко Џикоски; Маска и шминка Сашо Мартиновски, а продуценти на проектот се самите автори Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов.

Подолу, ќе споделам мои впечатоци од филмот, кои се надевам ќе ви ја доближат пораката на авторите, кои на еден виртуозен начин ја пренеле преку навидум, секојдневни моменти од животот.

Две различни поколенија, две различни цивилизации, исти животни драми, исти човечки проблеми, иста во срцата болка…

Катарза

Професор по филозофија. Осаменик, осуден од тагата по починатата љубена, затворен меѓу четирите ѕида и болката испишана по ѕидовите. Огорчен, опиен, плука по светот околу него и залудното страдање и измачување на бедниот и немоќен човек. Добива отказ.

Неговата филозофија, неговото постојано негирање на Бога и среќата е потврдена, и решава да ја допие чашата до дното… кога ја среќава Нада. Жена, на работ на очај, повредена мајка на болно дете, Ангел, коe дава надеж за посветол живот, подобро утре…

Филозофот ја пакува својата траурна облека, го погребува минатото, ги кине старите ракописи, и подготвен за новиот ден – веќе мора да се збогува со надежта. Малиот Ангел заминува на неговото последно патување.

Крај новиот гроб, со последните догорци од стариот човек, тој и Нада оставаат сè, освен болката своја, и со мала вера во белото Велигденско јајце продолжуваат … во

Созерцание

Парталавиот и наивен Христо, без покрив над глава, бара спас за неговата Вера – девојка болна од рак, која се откажала од надежта и неизвесната борба, истоштена, со последната доза во нејзините вени, доаѓа пред манастирот на бедниот искушеник и му ја открива вистинската вера. Монасите, задлабочени во сувото богословие, сопствените желби и немилосрдни страсти, не ја ни забележуваат душата која страдајќи дошла пред нивните врати, и остануваат заслепени, кога Христо(с) си заминува од нив.

„Дајте да направиме свирка со Христо!“ е единствената желба на Вера, која во сета нејзина болка, се сеќава и ја сака неговата песна. Но, песната на парталавиот, исмеван Христо, никој не сака да ја слуша – „Ни со пари, ни без пари!“.

Со последни сили, Вера се враќа во манастирот, а Христо се враќа по неа. Се издигнуваат на високата карпа, го наоѓаат „Кроткото Јагне“, и Вера умира.

Сонцето заоѓа на запад, а Христо останува со кроткото јагне… Бело јајце се стркала пред починатата вера… чека

Издигнување

obozenie (1)

Tака, Христо со јагнето, Филозофот со зајакот, стојат само под големото животно дрво.

Надежта исчезна, верата умре… А тие, со поглед подигнат кон небото, ја гледаат онаа, која никогаш не се појави, а ги доведе до Обожение –

[Љубовта]

Темни одаи,
на суво лисје дождови.
Во човек очи празнини,
на прсти брои денови.

Тесни одаи,
под суво лисје гробови.
И очи две насолзени,
по луѓе исти судбини.

Празни ликови,
во мислите потонати,
и главите наведнати.
на прсти бројат години.

Ова е моја земја за сонување. x 2
под ова небо дали ќе не собере. x 2

Подготвил: Златко Дивјаковски