Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 27-мо

Февруари 15/28, 1970

До високопреосвештениот Теодосиј, Епископ на Ситка и Алјаска

П.Б. 697, Ситка,  Алјаска 99835

Ваше Преосвештенство!

Ви приложуваме неколку копии од нашата неодамна отпечатена икона на Отец Герман, при што Ве молиме да ги прифатите заедно со нашите поздрави. Исто така, одделно испраќаме по авионска пошта, копија од нашето најново издание на Православно Слово, кое што главно е посветено на Отец Герман. Ќе забележите дека во нашата статија за О. Герасим не ги одминавме неговите отворени ставови за прашањето за „Митрополијата“; тие се важни за него, и веруваме, дека се важни и за Православието во Алјаска. Презентирајќи Ви ја оваа, како и другата наша статија за Митрополијата, немаме намера да влегуваме во полемики, но повеќе „да ја зборуваме вистината со љубов“. Ве уверуваме – како што ќе видите од нашето спомнување за вас во статијата за О. Герасим – дека немаме ништо да кажеме или мислиме против вас. Уште од времето кога Архиепископот Антониј ве претстави пред нас во нашата поранешна книжарница во Сан Франциско, немаме ништо друго, освен почит и симпатии за огромната задачата која што Вие и вашите свештеници ја имате за ширење на Православието во Алјаска.

Сега, како што препознавате, дојде кризно време. Ако Архиерејскиот Синод во странство досега  ја сметал Митрополијата како нешто полу- канонско, тоа ќе се промени, ако „автокефалноста“ е одобрена. Слушнавме од неколку извори дека сиот овој проект е наметнат врз Митрополија од мала група чии дела се малку познати и непризнати од мнозинството. Имаме право да се надеваме дека Вие самиот не го признавате тоа. Ако е така, тогаш имате можност да донесете одлука која несомнено ќе влијае врз иднината на Православието во Алјаска.

Не го знаеме Вашиот став кон Руската Црква надвор од Русија. Можно е да имате добиено негативни впечатоци од малкумина во нашата Црква, кои со време стануваат премногу наклонети кон полемики, или можеби од некои неосновани клевети, кои сеуште кружат околу нашата Црква. Но, вие го сретнавте Архиепископот Антониј, и веројатно и други водечки архиереи, кои сигурно не оставаат впечаток на „фанатици“, и лично ги познавате Игумен Пантелејмон и (веруваме) Отец Никита Паласис, и можеби и други што не потекнуваат од Русија, кои како нив, дошле во Руската Задгранична Црква убедени дека само овде, денес, Православието искрено и отворено се чува, а скоро насекаде православието стана орудие на политика и на сè друго, освен на љубов кон вистината.

Ние усрдно се молиме дека и Вие ќе го следите нивниот пример, навистина, да се биде со Руско потекло како Вас и епископ на територија каде љубовта кон Руското Православие е се уште голема, за вас ќе биде како „враќање дома“ во Црквата, каде, најсетне, сите Руски ерарси од странство беа соединети во нивните усилби за исконското Православие, кое беше соочено со Комунизмот и секаков друг вид на омраза или компромис на Христијанската вистина. Што се однесува на алтернативата – може само да се замисли болката што ќе ја опфати православната душа која беше сведок на тоа (а сега станува возможна), како се однесува кон моштите од Отец Герман Митрополитот Никодим – човекот кој (како што нè информира последното препечатување на Св. Нектариј во билтенот од Националниот Совет на Црквите) е подготвен да се заколне на „крстот и Библијата“, дека одредени изјави во знак на протест на религиозното прогонство во СССР содржат „фиктивни“ потписи, додека тој со сигурност го знаел обратното и додека, овие „фиктивни“ луѓе биле испрашувани и затворани ( за „политички“ причини, како што кажува Митрополитот Никодим!). Дали може совеста да го премолчи ова?

Ние самите немаме официјален статус во рамките на Руската Задгранична Црква, ако не го сметаме чинот на црковен чтец, кој го имаме и двајцата. Ви го пишуваме ова писмо  водени само од нашата љубов кон о. Герман, Православна Алјаска и кон вечната Православна Вистина, за чие запазување,  за жал!, денес е заинтересирано многу малку од паствата. Бидејќи, тажната ситуација предизвикана од „автокефалноста“ станува сè повеќе заострена и испреплетена, не можеме, а да не видиме дека семиот о. Герман ги повикува оние, кои ќе  слушнат, да излезат од политиката и конфлфиктните „јурисдикции“, и да застанат на цврстата почва на исповедничкото Православие. Зашто навистина, на отец Алексеј Јонов, кој дојде во Руската Задгранична Црква заедно со својата парохија, поради прашањето на „автокефалноста“, му било предодредено да го напише Житието на О. Герман за Митрополијата!

Сигурни сме дека ќе наидете на топол пречек и максимална поддршка меѓу нас, доколку и сами го одберете овој пат. Од наша страна ние сигурно ќе ви ја пружиме секоја помош според нашите сили, било преку страниците на Православно Слово, или на секаков друг начин, како што можеме да помогнеме во име на Православието во Алјаска.

Чест ќе ни биде да примиме одговор на ова писмо од вашето Преосвештенство!

Со почит и љубов во Христа нашиот Спасител,

Братството на О. Герман.

 

Превод: Елена Богдановска