Од писмата на отец Серафим Роуз / Писмо 10-то

15/28 јануари 1964 г. Преп. Павел Тивејски.

Драг во Христа, брате Глеб!

Дел од Евангелието, што го прочитав денеска, беше од светиот Лука, 11: „Оче наш“, а потоа: „Просете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори, зашто секој кој проси добива, и кој бара наоѓа, и на оној што чука ќе му се отвори“. Може ли да биде појасно од ова?

Денес, изутрина, ја платив киријата за првиот месец, така што сега е веќе доцна за премислување. Сега е време да се фатиме за работа. Не сум сигурен за бојадисувањето. Вистински е потребно само за доста малечок простор, но не би било лошо да ја смениме бојата (сега е зелена) – но тоа би значело маса на работа (и бои). Размерите на продавницата се 15х30, и околу 13 стапки висина. Има балкон, каде што ќе растовараме сè, а во иднина, таму може да се постави печатницата (!). Сигурен сум дека многу ќе ти се допадне.

Разговарав со Алексеј Кенеди, што го води киоскот во храмот, за да се убедам дека не нè гледа како конкуренти. Тој смета, дека нашата идеја е одлична. Сите што слушаат за неа, ја примаат со восхит.

Сега, сè што треба – е да ги убедиме во Џорданвил да почнат да ни испраќаат книги и икони и да собереме 300 долари, што мислам дека сега нема да биде толку тешко, кога сите се убедија дека сме сериозно расположени. Наскоро ќе се видиме,

Во Христа

Евгениј.

 

Поврзано: Од писмата на отец Серафим Роуз / Писмо 9-то