„Вие повеќе немате рак“ – Старица Таксиархија (Дукас)

3 август – спомен на герондиса Таксиархија (Дукас). Таа дошла во САД од грчкиот манастир на Богородица Одигитрија во 1989 г., по благослов на својот духовен отец, светогорскиот старец Ефрем Филотејски (Мораитис), духовно чедо на великиот старец Јосиф Исихаст. Герондиса Таксиархија станала прв жител и игуменија на манастирот Рождество на Пресвета Богородица во американскиот град Саксонбург, Пенсилванија. Тој манастир – е прв од осумнаесетте манастири, основани од старец Ефрем на американската земја.

Блажената старица Таксиархија стекнала дар на непрестајна молитва, исцелување на душите и телата човечки, прозорливост, пламена вера и Христова љубов. Старицата се подвизувала во монашки подвиг многу години. Познати се доста случаи, кога по нејзините молитви се исцелувале онколошки болни луѓе. После блажената смрт на старицата Таксиархија, Господ го посведочил нејзиниот подвиг со појава на благоухано миро на лицето на починатата. На денот на нејзиниот помен, пренесуваме некои сеќавања за старицата од нејзини блиски луѓе.

Елена Мичел, духовно чедо на старец Ефрем:

– Блажената старица Таксиархија се родила и израснала во грчкото село Агрија, во близина на градот Волос. Уште во рано детство, за време на граѓанската војна, таа останала без татко. Нејзиното световно име било Афродита Дукас. Блажената старица штедро била надарена со убавина, како надворешна, така и внатрешна. Уште од рана возраст, може да се каже, таа била вистинска Христова невеста.

Кога била малечка, ѝ дале дијагноза на срцево заболување од тешка форма. И од тогаш започнала борбата за нејзиното здравје. Таа морала одвреме-навреме да лежи во болница, во градот Солун, барем два месеци. Најпрвин, таа сосем млада, морала да отиде во болница во Солун сосема сама, поради недостатокот на средства во семејството. Никој не ја посетувал, како другите болни, никој не ѝ носел пратки. Тогаш за првпат се пројавила храброста на нејзината душа.

Сосема сама, во туѓ град, помеѓу непознати луѓе, немоќна, слаба, со пропаднати образи, во осаменост се борела младата девојка со својата болест, мечтаејќи единствено за тоа, поскоро да ја види мајка ѝ, и да ѝ се пожали за своите страдања. Сепак, кога конечно дошол долгоочекуваниот ден, и мајка ѝ дошла да ја посети, Афродита како да го слушнала Гласот Божји, кој ја просветлил да се воздржи и да не ѝ раскажува за своите страдања. Нејзиното „јас“ како да застанало на второ место.

Таа почнала да расудува со мудрост, несвојствена за нејзината млада возраст: „Ах, како ќе ја огорчам мајка ми, кутра вдовица! Зарем таа не ме сака? Зарем и за така не се грижи за мене?“ И препознавајќи го во тоа внатрешниот Глас Божји, Афродита ѝ рекла на мајка ѝ: „Ах, моја мила мамичке! Мене добро ми е во болницата: се грижат за мене, ме хранат! Разни жени ме посетуваат и ми носат слатки, бонбони, книги. Времето многу брзо ми помина!“ „Значи, Афродита, не ми се лутиш, што не можам често да те посетувам?“ – „Не, мамичке, јас немам време да бидам тажна или да се огорчувам! Воопшто не ме оставаат без внимание!“ Нејзината мајка многу се утешила од зборовите на ќерка си и си заминала дома со спокојна душа.

Девојката повторно останала сама, но сега болките и маките веќе немале толкаво значење во споредба со радоста, што успеала да ја види и да ја успокои мајка ѝ.

За тоа време, секојдневно, како што самата ни кажуваше, таа се молела Господ да ја земе од овој живот, затоа што се сметала дека е недостојна, дека воопшто не вреди и само го усложнува животот на мајка ѝ, браќата и сестрите.

Но, Бог, Кој сè знае, не ја исполнил нејзината прозба, и наместо тоа ја удостоил да прими ангелска схима во манастирот Панагија Одигитрија, во близина на Волос, покрај големата старица Макрина, која ја поучувала и раснела во неа, заедно со другите сестри од манастирот, добродетели на пожртвуваност, љубов, трпение и послушание.

Колку што се сеќавам на нејзините зборови, таа велеше: „Знаеш, кога сфатив, зошто не ме зеде тогаш Господ? Кога старец Ефрем, на моите педесет години ми рече дека ќе треба да живеам во Америка!“

Благословен да е Господ Бог, кој ја остави таа благословена душа на земјата, да се удостоиме да ја запознаеме и сретнеме! Блажената геронтиса беше благочестива, целомудрена, добра и благородна старица, склона кон самопожртвуваност. Таа беше и застапничка за сираците (тука, во САД).

efrem
Старец Ефрем со сестрите

Световните добра и световните погледи воопшто не ја интересирале. Единствената грижа на мајката беше спасението на сите и на својата сопствена душа. Дење и ноќе, и покрај измореноста до изнемоштување, таа се предаваше на срдечна молитва. „Сте спиеле ли некогаш отпростум, со отворени очи?“ – нè прашуваше старицата, насмевнувајќи се притоа со својата благодатна насмевка, која ни ги исполнуваше срцата со рајско блаженство. „Не, геронтиса, никогаш!“ – „А мене ми се случувало“, – одговараше благословената душа.

Без никакво насилство, строгост, осуда или прекор, туку само со својата добрина и мекост, таа можеше за миг да го отвори срцето на човекот и да го очисти. И таа умееше да го направи секој твој ден, кој си го поминал покрај неа, проживеан во слава Божја! Само што ќе се појават првите утрински зраци, дури неволно се запрашуваш: „Што да направам, за да Му заблагодарам на Бога?“ И го правиш тоа неволно, од полнотата на срцето.

Нејзиното Успение се случило на 3ти август, 1944 г. Од болницата до манастирот, огромни чисти потоци дожд го придружувале нејзиното заминување. Друго чудо било, што многубројни благомирисни капки на миро, кои блескале на сонцето се појавиле на нејзиното лице после смртта. Сите го чувствувавме благото „радоснопечалие“ (χαρμολύπη) од тоа што се случуваше…

Вие повеќе немате рак (од чудата на старицата Таксиархија)

Teofano
Геронтиса Теофано

Кога старец Ефрем, за првпат го посети нашиот манастир (тој тогаш минуваше три месеци во Америка и девет месеци во Филотејскиот манастир на Света Гора), јас му раскажав за старица Таксиархија: „Таа навистина е света!“ – а тоа се гледаше уште на прв поглед. Тој ми одговори:„ Јас испратив ваму една од моите најдобри монахињи… Ни, таа е мојата најдобра монахиња“.

Геронтиса Таксиархија навистина беше свет човек. Таа имаше болно срце. Исто така, кога се пресели во Америка, ѝ беше пронајден рак на градите. Притоа, по нејзините молитви се случуваа исцеленија на други жени болни од рак. На пример, се случи оваа случка. Еднаш, кај нас дојдоа три или четири поклонички, за да се видат со старицата. Меѓу нив имаше и една сестра, мајка на една од нашите сестри, на која ѝ бил дијагностициран рак. Таа сакала да ѝ  раскаже на старицата за тоа, но оваа не ѝ дозволила да каже ништо, туку само повторувала: „Ништо, ништо“. И така, не прашувајќи ништо, старицата се допрела до местото, каде што бил пронајден ракот.

Монахињите обично избегнуваат допир, но старицата се допрела токму на болното место и ѝ рекла: „Не грижете се, матушка, кај Вас сè е чисто“. Кога сестрата се вратила дома, лекарите не пронашле во неа никаков рак.

Друга поклоничка, која исто така имала рак на градите, дојде кај нас во состав со една група. Старицата Таксиархија даваше нешто како благослов, и таа жена посака да застане во редот. И наеднаш, старицата почна да ја ваѓа од редот. Тогаш, поклоничката многу се зачудила, и по некое време повторно застанала во редот. Старицата повторно ја замолила да излезе. Тоа се повторило неколку пати, а потоа старицата ѝ рекла: „Вие повеќе немате рак“.

 

Сестра Теофано, сегашна игуменија на манастирот Рождество на Пресвета Богородица, Пенсилванија