Секако, ние многу сакаме да ги смируваме другите! Една од најлесно усвојуваните „науки“ – е науката да ги смируваме другите. Кога се наоѓаме на место на началник, раководител, ние си мислиме, дека речиси и душите на луѓето ги спасуваме, кога викаме на нив, тропаме со нозе, гледаме на нив со гнев и т.н.
Така сакаат да постапуваат свештеноначалствата во однос на клириците, игумените на манастирите кон монасите и послушниците, мажите кој жените, родителите кон децата. Некако луѓето сметаат, дека тоа и е таа наука, која им помага на луѓето да се смират. Науката која не го крши човекот, не го повредува, не го лишува од љубов и надеж, не му ги одзема силите да продолжи и со доверба да ги слуша своите началници.
Ние имаме многу господари, и речиси немаме татковци. А Бог – е Отец. И тој не учи да смируваме никого.
Господ го учи секого од нас да биде смирен. И бара на тоа да се научиме од Него. И во Евангелските раскази, и во делата на светите апостоли, кои биле напишани од Неговите ученици и ни раскажуваат за првите децении од христијанската Црква – ние не гледаме ниеден пример, кога некој од учениците, или од луѓето, облечени со црковна власт, би се обидувале да поучуваат преку понижување, притисок, власт. Затоа, доколку сакаме вистински да се научиме нешто од Христос, треба цело време да ги слушаме овие зборови: „Научете се од Мене – зашто сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“.
Кај нас, за жал, често се случува спротивното. „Моли се и кај се“, – е универзалниот одговор на секој проблем. Безусловно, треба и да се молиме, и да се каеме. Но треба да сфатиме, што стои зад фразата „Моли се и кај се“.
Да се каеме – тоа не значи регуларно да одиме на исповед со огромно количество на гревови, запишани на ливче. Зборот „покајание“ – „покајте се, и ќе дојдете во Царството Небесно“ – е обратен кон човештвото, кон луѓето како некој импулс, како некој почеток на патот. Човек треба да се обрати, да се покае, да го промени својот внатрешен мир, и веќе потоа да оди по Христос. Тој не треба да ја носи со себе како окови, тежината на претходните работи. Тој треба во своето срце да носи дух скрушен.
Дух скрушен – тоа не е тежината од гревовите. Духот скрушен – е дух на самопознание, дух на разбирање на големината на Божествената љубов, радост од тоа, што Бог те прима таков, каков што си, а не каков што сакаш да изгледаш во очите на другите.
Ако човек не се плаши постојано да живее во реалност со себеси, свесен за тоа кој е, знаејќи ги своите недостатоци, слабости, своите искривувања во светлината на Христовата љубов – тој секогаш ќе има дух скрушен, и тоа ќе биде дух на радосна скрушеност. И тоа ќе биде дух на разбирање на Божјото присуство, кое ќе го придвижува човекот кон радосна молитва.
Колку е радосна молитвата „Оче наш“! Тоа не е збор – тоа е радост. „Оче наш!“ – каква радост! „Да се свети Името Твое!“ – каква радост! „Да дојде Царството Твое, да биде волјата Твоја!“ – насекаде радост, сјај! Восхит, кој му дава на човекот да сфати, колку Господ го љуби, и колку му е близок нему. И дека може да ја знае Неговата волја, дека може да се храни со Неговиот леб, дека може да биде простен од Него! И дека Бог може да го сочува од лукавиот и од секое зло. Затоа што човекот се наоѓа во Неговото Царство, во Неговата сила, во Неговата слава. Тоа е сè.
Така што – моли се и кај се – но со сосема друга смисла.
Протоереј Алексеј Умински