Старец Калиник Исихаст

Месноста Катунакија е дива, карпеста, расположена на јужниот крај на Атонскиот полуостров. Заедно со соседните скитови: Кавсокаливија, св. Василиј, Мала Света Ана, Карулја, го образуваат најсветиот дел од Света Гора. Ако Света Гора ја замислиме како храм, оваа област би била светиот олтар.

На тоа место се подвизувал старец Калиник Исихаст, духовник, кој имал способност да проникнува во тајните длабочини на срцето и да ја одделува пченицата од плевелот.  Славата на отец Калиник како старец, кој имал дар на духовно расудување привлекла кон него многу луѓе, кои барале сигурен одговор во разрешувањето на своите тешкотии, одговор според Божјата волја. Сите поклоници, кои доаѓале на Света Гора, можеле да се послужат од духовните ризници на отец Калиник. Доаѓале со сомнеж, со животни проблеми, со прашања за толкување на некои делови од Светото Писмо, доаѓале по духовна помош. И сите биле задоволени и наградени: неофити, старци, отшелници, општежителни монаси, мирјани, чиновници, полицајци, грци, руси, целата Света Гора, сите брзале кон пустиникот-исихаст на Катунакија. Доаѓале многу посетители и добивале многу писма. Тој бил вистински пастир. Така било секогаш, отците кои имале дар на духовно расудување, да ги привлекуваат како магнет оние, кои се измачуваат од тешкотиите во духовниот живот.  Но, имало и такви случаи, кога некои луѓе го посетувале отшелникот од љубопитство, а не од духовен стремеж. Гледајќи ја нивната рамнодушност, и самиот тој се покажувал рамнодушен за духовни разговори. Изгледало, како да се откажува од вообичаеното духовно расположение и се спушта на нивото на интересите на таквите посетители. Се случувало да го прашаат: „Како оди работата? Лозјето? Излезе ли масло од маслинките?“ И само ако посетителот сам започнел разговор на духовна тема, старецот радосно ги откривал пред него ризниците на својата душа.

Близу до келијата на отец Калиник живеел еден монах, кој често, поради својата избувливост, правел раздори. Започнувал да спори заради нај-неважни зборови, ги навредувал ближните со зборови, неприлични за монасите. Еднаш се зафатил и со отец Калиник. Минувајќи покрај неговата келија, смислено го навредил старецот на неприличен начин. Старецот не промислил ниту еден од неговите зборови, останувајќи сосема спокоен. Монахот, кој ја направил навредата, се упатил во својата келија. Тогаш, отец Калиник му дал добар урок, каков што тој никогаш до тогаш не добил. Отецот покажал со рака кон црквата на неговата келија и му рекол: „Брате, ќе одиш ли да се причестиш?“ Монахот, не обрнувајќи внимание на тие зборови, се прибрал во својата келија. Но кога на мира се замисли над значењето на тие зборови, се загрижил. Навистина, како може сега да се осмели да се причести, не добивајќи прошка од братот кој го навредил? Беспокојството толку му растело, додека не го исполнило со ужас и мака за извршеното, и не можел никако да се утеши, додека  не се вратил при старецот Калиник, за да падне ниско и да побара прошка. Така, отец Калиник умеел со малку, но умни и поучни зборови да им го врати осетот на оние, кои се немарни за своето поведение.

Еден ден, дошол кај него еден полицаец, кој работел на Света Гора, кој бил многу соблазнет од некои луѓе, кои живееле тука: „Оче, многу сум разочаран од мојата службена средба со некои личности. Имав огромна желба да дојдам тука, за да сретнам добродетелни и свети монаси, но го најдов обратното. Ако и на ова свето место има такви безобразија, што ќе најдам надвор во светот? Дојдов да најдам добродетел, но најдов порок“ – кажал разочараниот полицаец.

„Возљубен брате мој, добродетелта – не е како закачени платна, кои се простираат во Дафне и можат сите да ги забележат. Твојата служба е таква. Ти си задолжен не само да ги набљудуваш безобразијата и злото, но и да се трудиш да ги бараш и изобличуваш, дури и во случаите кога истите се невидливи. Те поставиле тука, не за да бараш добродетели, туку да го наоѓаш и искоренуваш злото. Не заборавај, дека добродетелта – е нешто сокриено, нешто, кое тајно расте во скривниците на срцето…“

Од книгата „Современи старци на Света Гора“

Извор: pravoslaven-sviat.org