Спомен на свети Јован Руски

Светител, кој дал најдобар пример за живот во Христа, во нехристијанско општество, сведочејќи со неговата љубов кон ближните (без оглед на вера и нација).
Светиот исповедник Јован Руски се родил кон крајот на 17-ти век во Јужна Русија. Воспитан е во побожност и љубов спрема Црквата Божја. Кога станал полнолетен го викнале во војска. Служел како обичен војник во армијата на Петар Први и учествувал во руско-турската војна.

За време на војната во 1711 год., Јован и останатите војници биле заробени од Татарите, кои го продале на заповедникот на турската коњаница. Тој го однел заробеникот во своето живеалиште во Мала Азија, во населбата Прокопија (турски Уркип) во близина на Кесарија.
Турците настојувале заробените војници-христијани да ги преобратат во ислам. Некои ги наговорале и соблазнувале, а некои, кои биле со поцврста вера, ги тепале и мачеле. Во својата заблудена ревност, Турците исто така ги грабале христијанските деца и ги одгледувале и воспитувале како турски војници-фанатици. Прокопија бил војничкиот камп на тие јаничари кои ги мразеле христијаните, и новиот затвореник станал нивна цел на исмевање. Свети Јован не го прелагале ветувањата на овоземни добра, туку храбро ги поднесувал суровоста, понижувањата и биењето. Неговиот господар ага често го мачел надевајќи се дека неговиот слуга ќе го прифати мухамеданството. Меѓутоа, свети Јован одлучно се спротивставил на волјата на својот господар и велел: „Ниту со закани ниту со ветувања на богатства и наслади не можеш да ме одвратиш од мојата вера. Како христијанин се родив и како христијанин ќе умрам.“ Смелите зборови на овој исповедник, неговата постојана вера, неговата храброст и праведниот живот го смириле суровото срце на агата и срцето на неговата жена, која му понудила соба близу шталата. Агата престанал да го мачи и да го навредува својот заробеник, не барајќи веќе од него да се откаже од христијанството, а единствено што барал е да се грижи за добитокот и да го одржува редот во шталата, во чиј агол се наоѓала постелата на преподобниот Јован, бидејќи не ја прифатил понудата за собата.

Овој угодник Божји му служел на својот господар од рано наутро до доцна навечер, совесно исполнувајќи ги сите негови заповеди. Босоног и полугол, ги извршувал своите обврски и за време на зимското студенило, и за време на летната жега. Гледајќи ја неговата усрдност, останатите слуги често го исмевале, но праведниот Јован никогаш не се гневел заради тоа. Напротив, секогаш кога можел им помагал во работата и ги тешел во несреќите. Искрената добродушност на преподобниот го смилостивила срцето на агата, но и на останатите слуги. Агата стекнал голема доверба во него, така што му предложил како слободен да живее каде ќе посака. Меѓутоа, преподобниот избрал да остане во аголот во шталата, каде секоја ноќ можел да се осами на молитва со Давидовите Псалми кои непрестајно ги изговарал, укрепувајќи се во добродетелите и во љубовта кон Бога и луѓето. Јадел мошне малку, а кога требал да се причести со светите Тело и Крв Христови, тајно заминувал на сеноќно бдение во храмот на св. Георгиј, каде коленичел и се молел до рано наутро. Преподобниот Јован продолжил да му служи на агата како и порано, и без обзир на своето сиромаштво, секогаш им помагал на бедните и болните, делејќи ја со нив својата скромна храна.
sveti jovan ruski
relics – st John the Russian

Поради подвигот на светитот Јован, Господ го благословил и агата, и тој станал еден од најбогатите и најмоќни луѓе во Прокопија. Агата сфатил дека сето тоа е поради св. Јован и не се стеснувал тоа да го исповеда и пред своите сограѓани.

Еднаш, додека агата бил на аџилак во Мека, неговата жена седела дома. Таа ги повикала своите пријатели и роднини за да се молат за неговото безбедно враќање дома. Додека им бил сервиран пилав за јадење, господарката му се обратила на Јован, кој служел на масата, велејќи: „Колкаво би било задоволството, Гаван, на твојот господар да беше сега тука и да јадеше од овој пилав заедно со нас!“ Пилафот му била омилена храна на агата. Желбата за најдобро на својот господар и верата во Божјата сила го натерале Јован да побара чинија со пилав за да ја испрати на својот господар во Мека. На тоа гостите почнале да се смеат, но господарката му дозволила да земе пилав, сметајќи дека ќе го даде на некои сиромашни христијани, како што и обично правел. Тој ја зел чинијата во шталата и молејќи Го Бога, бил услишан, така што чинијата ја снемало.

io-ru01

Враќајќи се од Мека, агата ја донел чинијата назад во својот дом. Тој, исто така, бил зачуден кога ја видел чинијата во својата заклучена соба кога се вратил од џамија. Уште поголемо било неговото чудење затоа што видел дека на неа се изгравирани неговите иницијали, токму како што било со целиот негов прибор за јадење. Тогаш тој рекол: „Во името на Аллах, не знам како дошла до Мека и кој ја донел!“ Кога неговата жена му објаснила за барањето на Јован, двајцата признале дека тоа е чудо Божјо и дека Јован е праведен човек кој ја нашол милоста Божја.

Пред крајот на својот макотрпен и подвижнички живот, преподобниот Јован се разболел. Чувствувајќи дека му се приближува крајот, повикал свештеник за последен пат да го благослови пред исходот на неговата душа. Свештеникот ги понел Светите Тајни, но бидејќи се плашел од фанатизмот на Турците, просветлен од Бога, ги скрил во шуплина со восок која ја издлабил во една јаболкница, и на тој начин безбедно ги предал на светиот Јован. Преподобниот Го прославил Бога, се причестил и ја предал својата душа на ден 27 мај 1730 год. Кога му било јавено на агата дека Јован се упокоил, тој ги повикал свештениците и им го предал телото за да биде погребано според христијански обичај. Исто така, тој им дал и скапа облека за да се покријат моштите. На погребот се собрале речиси сите христијани кои живееле во Прокопија и тие го испратиле телото на праведникот до христијанските гробишта.

По три години на неговиот гроб се појавила светлина која сите можеле да ја видат. Исповедникот на св. Јован на чудесен начин, во сон, бил известен дека моштите на св. Јован се нетрулежни. Наскоро светите мошти се пренесени во храмот на св. Великомаченик Георгиј и биле положени во посебна гробница. Новиот угодник Божји набрзо се прославил со безбројни чудеса, кои се прочуле до најоддалечените градови и села. Верните христијани од сите краеви доаѓале во Прокопи за се поклонат на моштите на преподобниот Јован Руски, и благодарејќи на неговите свети молитви, бивале удостоени со чудесни исцеленија. Новиот светител не го почитувале само православните христијани, туку и Ерменците и Турците, кои молитвено му се обраќале: „Слуго Божји, нека не не’ напушта твојата милост!“ Во тоа време, султанот Осман со цел да им се одмазди на христијаните, наредил светото тело на маченикот да биде запалено. Но во тоа не успеал, бидејќи славата Божја се пројавила врз телото на овој светител, кога на чудесен начин, телото се кренало над огнот неизгорено.

scan0005

Во 1881 год., дел од моштите на преподобниот Јован, руските монаси ги пренеле во рускиот манастир на св. Великомаченик Пантелејмон на Света Гора. Во тоа време, угодникот Божји чудесно ги спасил од опасно патување. Благодарејќи на паричната помош на овој манастир и прилозите од жителите на Прокопија, во 1886 год. започнала изградба на нов храм, бидејќи храмот на св. Великомаченик Георгиј, каде се наоѓале моштите, бил многу стар.

На 15 август 1898 год. жителите на Прокопија се преселиле на островот Евбеја и со себе ги понеле и моштите на преподобниот Јован Руски. Тие во текот на неколку децении се наоѓале во храмот на светите рамноапостолни Константин и Елена во Неа Прокопија, за во 1951 год.да бидат пренесени во нов храм посветен на преподобниот, каде денеска доаѓаат илјадници поконици од сите краеви на Грција и целиот свет, а особено за денот на неговиот спомен – 27 мај.

jovan-ruski-telo2

 

Извор: maranata0.wordpress.com

 

Поврзано: Чудото со преслекување на одеждите на св. Јован Руски