Радувајте се покаени развратници!

А таа знаеше една работа – плачот, и една Застапничка – Мајката на Распнатиот и Воскреснатиот

Карактеристиките на „овој свет“ во устата на Господ Исус Христос се кратки и јасни: „Кој ќе се посрами од Мене и Моите зборови во овој род грешен и прељубодеен, од него ќе се посрами и Синот Човечки…“ (Мк. 8, 38).

Два збора: „грешен и прељубодеен“. Иако и прељубата е грев, очигледно дека не може да се каже само „грешен“. Сепак треба да се оддели прељубата во посебна категорија, затоа што тоа – е главен грев. И не вели Господ: „во овој род, клептомански, лицемерен, користољубив, бандитски, жесток“ и т.н., и т.н. Сето тоа не мора да се набројува, а прељубодеен – мора. „Во овој род грешен и прељубодеен“.

За Лот и за Содом е речено, дека „живеејќи меѓу нив (содомјаните), секојдневно се мачеше во душата своја, гледајќи и слушајќи безаконски дела“ (2 Пет. 2, 8). Притоа, уште е наречен и „праведен“ оној, кој после бегството од градот кој загинувал, станал татко на сопствените внуци, зашто во пијана состојба спиел со своите ќерки. Речено е, дека Господ „праведниот Лот, истоштен од тоа да биде меѓу луѓе прекумерно развратни, го избавил“ (2 Пет. 2, 7).

И така, ако човек не сосема свет се мачи, живеејќи меѓу љубители на секое безаконие, тогаш колку повеќе се мачел Господ Исус Христос, живеејќи меѓу луѓето! На нашите болни очи, денешната состојба на човештвото изгледа како нешто нормално и природно. Со чистите очи на Богочовекот, оваа глетка, веројатно изгледа како лепрозна.

Станува јасен горкиот возглав Исусов: „О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам?“ (Мт. 17, 17) Пак двата збора: „неверен и развратен“. Неверноста означува и склонност кон изневерување, и непостојаност во доброто, и подметнување лага во вистината. А развратот е јасен без никакво објаснување. „Неверен и развратен“, „прељубодеен и грешен“, таков е нашиот свет, според кратките Христови карактеристики. Што значи, такви сме и ние во него, зашто не може еден конец од тепихот да се земе, и да се рече: „сите конци во овој тепих се грешни, освен јас“. Не. Ако сеуште живееме според убедувањата и обичаите на овој свет (обичаите се секогаш посилни од законите), сите карактеристики на овој свет се однесуваат дирекно на нас.

Потребно е, внатрешниот човек да излезе од привичниот круг на мртви сфаќања; да излезе, како евреите – од Египет. Тогаш ќе се исполни словото Христово од последната Негова молитва: „Не се молам, да ги земеш од светот, но да ги сочуваш од него. Тие не се од светот, како и Јас што не сум од светот“ (Јн. 17, 15-16).

Блажен е оној кој знае за што станува збор, и не само знае, но и постапува според тоа. Тој се посинува од Бога, како што е речено: „излезете од нивната средина и одделете се, вели Господ, и не допирајте се до нечисто; и Јас ќе ве примам. И ќе ви бидам Отец, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки“ (2 Кор. 6, 17-18).

Светот таквите не ги сака. „Таквите“ се оние, кои живеат „тука“, но не „тукашно“. Оние, кои среќата ја основаат на гревот, „се чудат“ зошто и вие не учествувате во таа распуштеност, и зборуваат против вас“ (1 Пет. 4, 4). Отпрвин само се чудат и незадоволно критикуваат. Потоа…

Некој ќе рече: „Јас целиот се осквернив, се извалкав. Што да правам? Како да се осветам?“. Истото, што и сите христијани. И оној, кој е свет од пелени, и оној кој е грешен до старост, треба да горат со духот и да Му служат на Господ. Евангелието им е објавено на грешниците. Само треба со ушите од срцето да го чуеме гласот на Добриот Пастир и да не се правиме, како ништо да не сме слушнале. „Зашто доволно е, што во изминатото време од животот сте постапувале по волјата на јазичниците, предавајќи се на нечистотии и похоти (мажеложништво, скотоложништво, помисли), пијанство, неумереност во храната и пиењето и неубаво идолопоклонство“ (1 Пет. 4, 3).

Ете кон кого е обратено словото на спасението: и кон скотоложниците, и кон мажеложниците, и кон пијаниците и идолопоклониците. А бидејќи совеста цело време измачува; и бидејќи примерите утешуваат повеќе од сè, има посебна радост за сите луѓе, чиј спомен е како архива полна од сеќавања, кои сведочат против самиот човек. Таа радост е – животот на Марија Египетска.

Веселете се измачени од совеста блудници и блуднички! Радувајте се развратници, изморени со срцето од разврат! Разбојници, излезете на светлината Божја и престанете да се плашите од дневната светлина! Сите кои го осквернивте умот и телото го обесчестивте, речете Му на Бога: „Слава на Твоето милосрдие!“Дојде споменот на голем човек, кој се завртил од гревот кон Господа, не за 45 степени, и не за половина, како повеќето, туку целосно – за 180 степени.

И телото беснеело, и сатаната се гневел, и светот оддалеку чкртал со забите за избеганиот плен (прочитајте го житието). А таа знаеше една работа – плачот, и една Застапничка – Мајката на Распнатиот и Воскреснатиот. Сега, собеседничката на ангелите, истоимената со Богомајката светителка, има сила да им помага на грешниците. Таков е законот на Духот: „Во она што Сам претрпе, откако беше искушуван, да може и на искушуваните да им помогне“ (Евр. 2, 18).

Овој закон е како за Воплотениот Единороден, така и за оние кои Го љубат.

О, Марија, која длабоко падна и големи височини потоа достигна, моли се за нас, кои живееме во светот, кои не сме ја победиле плотта и една по една, постојано ги примаме „распалените стрели на лукавиот (Еф. 6, 16).

Горко и страшно е да се мисли за тоа, до какви длабочини ти си се спуштила. Но, со Божествена радост дише твоето исправување. Читајќи и слушајќи за тебе, сите треба да разбереме дека твојата светост – не е само твоја светост. И твоите гревови, не се само твои гревови.

Општиот грев се одразил на тебе и станал виден за светот. И општото спасение на тебе се пројавило, и за тоа не смее да не знаеме.

Твоја работа сега – е да се радуваш, наша – да се трудиме и каеме. Помагај ни, те молиме. Помагај ни, Марие. И не само во денот на твојот спомен.

Протоереј Андреј Ткачев

Извор: http://www.pravoslavie.ru/put/60918.htm