Преподобноисповедник Севастијан Карагандински (во светот, Степан Василевич Фомин) се родил на 28 октомври, 1884 година, во селото Космодемјанское, Орловска губернија, во сиромашно селско семејство. После смртта на родителите, петгодишниот Степан живеел со семејството на неговиот постар брат. Средниот брат примил монашки постриг во Оптинската Пустина. Степан добро ја завршил тригодишната парохиска школа, книги за читање добивал од парохискиот свештеник. Момчето имало слабо здравје, затоа во работите по полето не можел да учествува, но се грижел за очите, станал пастир. Често, на зима го посетувал братот во Оптинската пустина.
На 3 јануари, 1909 год, Степан бил примен во скитот на Оптинската Пустина како келијник на старецот Јосив, после чија смрт, во 1911 година, преминал под старческо раководство кај отец Нектариј (последниот оптински старец) и останал при него до 1923 г. Така, тој се напоил со благодатниот дух на Оптинското старчество. Степан бил пострижан во мантија со името Севастијан, во 1927 г, кога почнувало времето на гонење на Црквата Христова.
Оптина, иако добивала известувања за тоа дека се спрема нејзино ограбување и затворање, се трудела да живее мирно и тивко – сепак, веќе на 10 (23) јануари, 1918 година Оптинската Пустина била затворена, иако манастирот продолжил да постои како земјоделски оддел. Многумина, особено младите искушеници, неиздржувајќи го тешкиот труд и суровите барања, ја напуштиле Оптина. Истовремено, на нејзината територија бил отворен Музеј. Скитовите во тоа време веќе не постоеле. Сите живееле заедно. Во 1923 година, манастирските служби сосема ги прекратиле, и властите пристапиле кон ислеување на монасите. Братските келии се издавале од музејот како летни викендици. Сето тоа време, отец Севастијан се наоѓал под духовно раководство на старец Нектариј Оптински.
Во 1927 година, монахот Севастијан примил свештенички чин од епископот Калужски. После смртта на старецот Нектариј, во 1928 година, отец Севастијан се преселил во градот Козлов, каде што бил назначен за Илинската Црква. Таму, тој служел од 1928 до 1933 г, сè до неговото апсење. Отец Севастијан не го сакал немолитвеното нотно пеење и се трудел, во својата парохија да утврди благоговејно манастирско пеење. Во тој период, во Козлов, тој водел борба со обновленците и не ја прекинувал комуникацијата со расеаните браќа од Оптинската Пустина.
Во февруари, 1933 година, отец Севастијан бил уапсен. На испрашувањата, отецот дал директен одговор: „На сите дела на советската власт јас гледам како на гнев Божји, и таа власт е казна за луѓето. Таквите ставови јас ги искажував меѓу моит блиски, а исто така и пред сите граѓани, со кои сум разговарал на таа тема. Притоа сум велел, дека треба да се молиме, да се молиме на Бога,и да живееме во љубов, и само тогаш ќе се избавиме од неа. Како можам да бидам задоволен од власта која ги затвора црквите, манастирите, кога со тоа се уништува Православната вера“.
Него го осудиле на 7 годишна робија со работа во шума, без оглед на неговото слабо здравје и повредената лева рака. Но и во затворот тој неделите ги поминувал во молитва и беседи. Ноќните дежурства, отецот исто така ги поминувал во молитва, никогаш не дозволувајќи си да заспие. “Во затвор бев, – се сеќавал старецот, – а не го нарушував постот. Ако дадат некоја порција со месо, јас тоа не го јадев, и го менував за уште едно парче леб“.
После ослободувањето, тој останал во селото Бољшаја Михајловка, под Караганда, и ги раководиел сите оние кои се стремеле кон Бога, доаѓајќи кај ним дома и служејќи треби, иако за тоа немал дозвола од властите – „народот во Караганда беше верен – немаше да ме предадат“. Отецот го засакале и во околината, поверувале во силата на неговите молитви. Од сите страни на земјата започнале да доаѓаат духовни чеда на старецот, тој сите ги примал со љубов и им помагал да се зацврстат на новото место. Често, старецот ги благословувал монахињите кои доаѓале кај него по духовно раководство, да живеат во некое семејство, што било во духот на Оптинските старци. Таквите монахињи станувале како ангели-чувари на домот.
Дури во 1955 година, верните добиле официјална дозвола од власта да се регистрираат како религиозна општина во Бољшаја Михајловка, така да, со заеднички сили успеале да изградат храм, кој го осветиле во чест на Раѓањето на Пресвета Богородица, иако тоа се случило на денот на Вознесението Господово. Отецот сам си избирал свештеници. Околу него се собрала женска монашка општина. За неговата општина, архиепископот Петропавловски и Кустанајски, Јосиф (Чернов) велел вака: „старецот тука насади лозје, кое потоа и со солзи го израсна“. „Малечката црква, не се гледа од земјата, а столб гори до небото“.
На 22 декември, 1957 год, на денот на празнувањето на иконата на Мајката Божја „Неочекувана Радост“, владиката Јосиф (Чернов) го произвел во архимандритски чин отец Севастијан и го наградил со Патријаршиска грамота „За усрдно служење на Црквата“. Во 1964 година, на денот на неговиот именден, старецот бил награден со архиерејски жезол – награда, единствена од својот вид.
Старецот се држел до беспрекорно исполнување на црковниот Устав, не допуштајќи пропусти или скратувања на богослужбата. Црковните служби за него биле неодвоив услов на неговиот внатрешен живот. Во неговите беседи, омилен образ му бил светиот апостол Јован Богослов – тој често ја повикувал паствата да го почитува овој апостол на Љубовта. Отец Севастијан многу ги почитувал светите икони и велел, дека тие ни се дадени за помош од темните сили, дека постојат икони, посебни по славата на благодатта, постојат чудотворни образи намолени со векови, кои како потоци носат благодат од Господа. Тој ги приведувал зборовите на старец Нектариј Оптински за тоа, дека мудроста, разумот и расудителноста се дарови на Светиот Дух, кои приведуваат во благочестие.
Отецот имал прецизен хумор и сакал да се нашали, но секогаш доброжелателно. Тој не го жалел времето поминато во разговор со човек. Секој негов совет водел до успех.
Властите, гледајќи го неговиот авторитет, на секој начин се обидувале да му го затворат храмот, но не успевале во тоа: отецот – само што ќе го повикале – така ги разоружувал, што тие сосема се лишувале од дарот на говор, и откако ќе си заминел се чуделе: „Што старче ќе беше, што не можеме ништо да направиме?“
Отецот секогаш и во сè учел, да се предаваме на волјата на Божјата Промисла. Тој многу ја сакал природата, ги жалел животните. На луѓето им помагал со својата тајна молитва.
За опседнатите велел: „Тука ќе потрпат, а таму митарствата ќе ги поминат безболно… Не сакам да ви ги симнувам крстовите. Тука ќе потрпите, но на Небото ќе примите голема награда“. Отецот имал духовна мудрост, големо трпение. Ако некој пред него роптал на ближниот, тој ќе речел: „Јас сите ве трпам, а вие никого не сакате да истрпите“. Некој ќе се побуни, а тој ќе речел: „Јас сум настојател, а сите ве слушам“.
Тој се грижел за спасението на секого, тоа била неговата цел. Тој просел: „Живеејте помирно“. Еднаш, во разговорите за карактерите на луѓето отецот рекол и дури укажал: „Тие луѓе не треба да ги чепкаме, зашто од гордоста своја, тие не поднесуваат ни забелешки, ни критики. А другите, заради нивното смирение, може“. Многу големо значење придавал на молитвите за упокоените, и другите ги повикувал: „молете се за починатите најмногу. За сè слава на Бога! Слава на Бога за сè!
3 (16) април, 1966 година, отецот примил постриг во схима од владиката Питирим (Нечаев), кој дошол да го изврши постригот.
Воспитан од традициите и благодатниот светоотечки дух на Оптинската Пустина, како ученик на нејзините велики старци, поднесувајќи прогони и затвори во бољшевичките логори, тој по неисповедливите Божји патишта, го носел своето старческо служење во престолнината на жешките карпи на Централен Казахстан, многустрадалната Караганда.
Починал отец Севастијан на 6 (19) април, 1966 година – на Задушница. Бил погребен на Михајловските гробишта.
Прославен е во 1997 година како локално-почитуван светител на Алма-Атинската епархија. На 22 октомври (4 ноември) 1997 година биле пронајдени светите мошти на старец Севастијан и пренесени во новиот храм на Рождество на Пресвета Богородица во Караганда. Вброен е во хорот на светите Новомаченици и Исповедници Руски на Јубилејниот Архиерејски Собор на Руската Православна Црква во август, 2000 год, за општо-црковно почитување.
https://www.youtube.com/watch?v=qm0-5KwnjM4
Извор: http://days.pravoslavie.ru/Life/life4896.htm