Патот на христијанинот

Единствено што нè привлекува е Христос, Неговата личност. И должни сме да Го живееме Христа како мерило на секое естество, божествено и човечко. Во Христа го имаме својот Бог Создател. Во Христа го имаме примерот, откровението на Планот Божји за човекот. Љубовта Христова секогаш треба да го исполнува нашето срце. Во Бога не живееме со интелектуално размислување. Бог ни се открива преку Своите енергии. Христа го живееме како наш личен живот, а не само надворешно.

Христос е неограничен Бог! Не се распна само за верните, туку за сите луѓе од Адама, до последниот што ќе се роди од жена. Да Го следи некој Христа, значи да страда заради исцелување и спасение на целото човештво. Поинаку не може да биде!

Не може некој да љуби, без да страда! Најголема болка му причинува да љуби до крај. Христос љубеше толку многу, што се предаде Себеси на страотна смрт. Светиите исто така. Рајот и пеколот секогаш ја наплаќаат оваа цена. Молитвата за целиот свет, е плод на особено длабока и остра болка.

Светиот Апостол Петар за царското свештенство вели, дека може да биде остварено со нашето учество во Светата Литургија. Верно, плашете се да одите од навика на Литургија. Потрудете се секогаш подлабоко да го живеете она што го живееше Христос за време на Тајната Вечера, кога ја востанови оваа голема тајна, Божествената Евхаристија. Тогаш, Литургијата ќе се покаже спасителна не само за вас, туку и за сите што учествуваат во неа. Не им припаѓа само на свештениците да ги живеат во своите срца страданијата Христови за спасение на светот.  Тој, пак, е жртва на гревот и на смртта!

Да живееме христијански, значи да бидеме подобни на Христа, да ги имаме истите тупкања на срцето, истиот ум со Синот Божји, како што ни вели Светиот Апостол Павле. Ако го поседуваме сознанието на оваа цел, умот нема да се загуби во ситните нешта. Желбите, зависта, судирите и малечките проблеми од секојдневниот живот ќе поминат крајно незабележани.

Не постои друг пат освен непрестајна молитва додека работиме. Сè она што сте должни да го сторите, престорете го во молитва. Отворате една врата, побарајте од Господа да ја отвори за вас и вратата на покајанието. Градите, мислите дека се трудите напразно и дека ништо не може да биде направено, ако Самиот Бог не учествува во неимарството. Немам обичај да барам совети од водачи на држави и војски, но настанот со Кромвел е впечатлив. Подготвувајќи се за една битка се молел: Господи, денес ќе бидам многу зафатен, може да ми се случи да Те заборавам, но Ти не ме заборавај!

Старец Софрониј Сахаров

Подготвил: Б. Ч.