Малкумина се оние што го љубат Крстот Христов

1. Многумина го сакаат Небесното Царство Исусово, но малкумина се оние кои Неговиот Крст би го поднеле.
Многумина ја сакаат Неговата утеха, но малкумина го љубат Неговото страдање.
Многумина сакаат да се со Него на трпеза, но малкумина со Него постат.
Сите сакаат да ја споделуваат Неговата радост, но малкумина сакаат да претрпат нешто заради Него.
Многумина одат по Исуса до кршењето на лебот, но малкумина од нив до пиењето од чашата на страдањата.
Многумина се восхитуваат на Неговите чуда, но малкумина одат по Него во погибел на Крстот.
Многумина го сакаат Исуса додека не ги снајде некоја неволја.
Многумина Го фалат и благославуваат додека ја примаат Неговата утеха.
2. Но, ако Исус се скрие и ги напушти за некој час, тие почнуваат да мрморат или да очајуваат.
Но, тие кои Го љубат Исуса заради Исуса, а не заради самите себе, Го благословуваат во сите јадови и маки, како и во најслатката утеха.
И кога не би сакал никогаш да ги утеши, тие, сепак, секогаш би Го возвеличувале и секогаш би Му благодареле.
3. О, колку е моќна љубовта кон Исуса кога е чиста, и кога во неа нема никакво самољубие ниту себичност!
Нели заслужуваат име на наемници оние кои бараат постојано утеха?
Не докажуваат ли дека повеќе се сакаат себеси отколку Исуса Христа, зошто секогаш мислат на својата добивка и на својата полза?
Каде е оној кој на Бога ќе му служи заради самиот Бог?
4. Ретко се наоѓа толку духовен човек којшто од сѐ се одрекол. Кој ќе најде вистински сиромашен по дух, одделен од сите нешта? Треба да се бара далеку, дури до на крај на светот, зашто вреди повеќе од бисер. (Солом. изр. 31, 10)
Кој што го дава сиот имот на домот свој, би се посрамотил.(Песна над песн. 8,7)
И, ако многу направи и тоа е само малку.
И, ако ги знае сите науки, сепак е многу далеку.
И, ако е сосема духовен и потполно побожен, сепак многу му недостасува; му недостасува она што му е најпотребно.
Што е тоа? Бидејќи напуштил сѐ, да се напушти и самиот себеси, да излезе од себе, и потполно да се очисти од себељубието.
Најпосле, кога ќе исполни сѐ што треба да исполни, пак да мисли дека ништо не направил.
Малку нека го цени она што би можело да се смета како нешто големо; и искрено нека исповеда дека е залуден слуга, кон Светото Слово: Кога ќе извршите сѐ што ви е заповедано, говорете: Ние сме залидни слуги. (Лк. 17,10)
Тогаш навистина ќе бидеш сиромашен по дух и одделен од сѐ , и ќе може да рече со Пророкот: Јас сум самотен и во мака. (Пс. 24, 16)
Сепак, никој не е побогат и помоќен, послободен, од оној кој умее да остави сѐ, и самиот себеси и да застане во последниот ред.

Тома Кемпијски
Весник „Воскресение“ 1/1997г.