Литургија на свети апостол Јаков брат Господов / видео

Литургијата на апостол Јаков малку се разликува од чинопоследованијата на подоцнежните Литургии од византиски тип – на свети Василиј Велики и Јован Златоуст. На Литургијата на апостол Јаков, Светото Писмо, вклучувајќи ги и четивата од Стариот Завет, се читаат во центарот на храмот со лицето кон народот, а причестувањето на парохијаните се прави одделно со Телото и одделно со Крвта Христови, како што тоа се практикувало до V век.

Во првите години на христијанството немало утврден образ за извршување на богослужбите. Во секоја христијанска општина Литургијата се служела со свои особености. Постепено опитот на служење на молитвословијата се зацврстувал, и се создал богослужбениот чин. Така, се образовале, „искристализирале“ чинопоследованијат ана литургиите, кои ги носеле имињата на апостолите. На пример, антиохиската Литургија на 12-те апостоли, Литургијата на апостол Марко и Литургијата на апостол Јаков.

Свети Јаков, составителот на литургискиот чин, бил син на праведниот Јосиф Обручник, од неговата прва жена, и затоа во Евангелието се нарекува брат Господов. Според Преданието, Господ Исус Христос му се јавил после Своето Воскресение и го поставил за епископ на Ерусалимската Црква. Така, на апостол Јаков му се паднала посебна улога; тој не патувал со проповед по разни земји, како останатите апостоли, туку поучувал и свештенодејствувал во Ерусалим – градот, кој има многу важно значење за христијанскиот свет. Својот живот го завршил околу 64-та година, со маченичка смрт: јудејските началници го фрлиле од портите на Ерусалимскиот храм.

Имено на апостол Јаков, братот Господов, Преданието го припишува составувањето на древниот чин на Божествената литургија, кој во првите векови од христијанството, сè до IX век, бил распространет доста широко: Литургијата на апостол Јаков се служела во Палестина, Антиохија, на Кипар, Јужна Италија и на Светата гора Синај. Сепак, после IX век, таа речиси излегла од употреба насекаде.

На денот на свети апостол Јаков, секоја година, во Сакт-Петербургската Духовна Академија се служи Литургијата според  неговиот чин. Следниов видео запис е од денешната литургија: