Духов(н)итост – отец Андреј Кураев

На некои луѓе, кои во православната вера се неколку години, им се случуваат чудни физиолошки промени: нивните мускулчиња на лицето кои ги придвижуваат краевите на устата нагоре, полека атрофираат. Силата на земјината тежа, заедно со постојаното паметење на своите гревови и на минливоста на животот, тие краеви ги спушта надолу. Смеењето станува тешко и ретко. Храмот не е место за смеење!

Тоа е вистина. Но храмот и црквата не се едно и исто. И она што е недолично во храмот, за црковниот човек се покажува сосем дозволено зад неговите ѕидови.
Зошто да не се смееме надвор од храмот? Тагата не треба да се смета за видливо својство на православниот христијанин. Напротив, како што болниот се познава по бојата на лицето, така човекот со страсти се изобличува од тага (преподобен Серафим Саровски). А, Божјата волја може да се познае по следниот знак: Ако по молитвата, по сериозните размислувања не чувствувате тежина, тага, гнасење од созданијата, туку се чувствувате лесно, со насмевка, со леснотија во срцето размислувате за работата што ви е предложена, тоа е видлив знак дека тоа не е против Божјата волја – раскажувал светителот Николај Јапонски за својот експеримент со насмевката.
Оној, што ова не го разбира многу ризикува. Во манастирот на американскиот јеромонах Серафим (Роуз), еден послушник врз основа на нивните прочитани книги заклучил дека монасите се сериозни луѓе и дека не им приличи да се смеат. Тој се трудел да се однесува согласно со тоа. На ручекот, кога настојателот (отец Герман), раскажувал интересни случки, тој седел со спуштени очи, а на лицето немало никаква насмевка. Го прашале во што е работата, а тој одговорил: „Ова е манастир! Тоа не му приличи на духовниот живот.”
Но, неговата наместено-тажна духовност за него се покажала претежок товар. На крајот, тој скршен го напуштил манастирот, а потоа и христијанството.
А, веќе во наши денови во еден во Московските манастири игуменот забележал, дека кај младите и прекумерно ревносни послушници се појавуваат знаци на духовна болест; тие постојано му се обраќале за благослов за читање литература за сконцентрираност на постојаната молитва. Кога следниот пат послушниците побарале од него совет за созерцавање на нематеријалниот свет, отецот игумен се сетил дека на денот на неговото доаѓање, некоја уметничка му подарила книга издадена со нејзини цртежи. Книгата била за мечето Вини-Пу. Отецот архимандрит ја зел од својата маса и ги задолжил младите ’мистичари‘ да ја читаат. На нивното прашање; до кога да ја читаат, следел одговорот: „До ловот на Слонопотам. До тоа треба во потполност да се стигне.” По неколку денови момчињата станале такви како што им доликува на нивната возраст, отфрлајќи ја од себе маската на предвременото старештво.
Воопшто, додека да се достигне обожението, треба да се обидеш да бидеш човек. Во обидот за прескокнување на овој степеник, свештеномаченикот Иринеј Лионски (XX век) го видел гревот на првите луѓе: Уште не станале луѓе, а сакале да бидат богови.
Насмевката во црквната средина е уместна, просто затоа што Црквата е средина на луѓе. Луѓето имаат различни претстави за тоа што е остроумно , а што не е, што е достојно за насмевка, а што не е. Но, тоа е спор за вкусови, а не за догмати.

kuraev

Протоѓакон Андреј Кураев

Подготвил: Благоја Чоневски – Зиги