За солзите

Солзите се својствени за паднатата човечка природа. До падот, таа не знаеше за солзи, знаеше само за најчисто насладување во рајското блаженство. Но таа го загуби тоа блаженство: затоа и се оставени солзите, како израз на соучество во блаженството, како сведоштво за падот, како сведоштво за состојбата потоа, под гневот на прогневеното Божество, како надеж да се врати некогашното блаженство.

Верна е таа надеж, соучеството во блаженството не е избришано од нашата природа. Верна е таа надеж: зашто жалта по загубеното небесно блаженство не може да се задоволи со никакво привремено задоволство; останувајќи незадоволена, очекува задоволување, објавува дека постои задоволување. Во солзите на таинствен начин живее утеха, а во плачот радост. Во каква и да е земска благосостојба, на каква и да е висока позиција, обземен од какво и да е богатство, секој човек сретнува и преживува такви минути, часови и денови во кои му треба утеха што само солзите ја носат, зашто друга утеха нема. Секој од нас, само што ќе стапи на земјата на нашиот изгон и мака, во земјата на страданието и плачот, веќе го огласува тоа свое стапување, почетокот на своето суштествување, со плачен лелек. Блажен е оној човек, кој заштита бара кај Тебе, оној кој го прославува Бога во солзите на молитвата своја, во чие срце се патиштата Твои, патишта невидливи, духовни. Оние кои ја преминуваат долината на плачот, нашиот земски живот, кој Бог го дал и го определил за покајание, тие наоѓаат извор во неа, и дожд ја покрива со благослови. Оние кои се чистат со плач и солзи минуваат од сила во сила, се јавуваат пред Бога, на Сион, односно Бог им се јавува на духовниот Сион – во духот човечки, кој со вистинско покајание е подготвен да го прими Бога (Псалми 83, 5,6,7). Оние што сеат со солзи, ќе жнеат со голема радост (Псалми, 125, 5). Тоа се оние кои одејќи по патот на земскиот живот, минуваат по тесниот и таговен пат, пат по кој одеа и плачеа оние што носеа свое семе, но со радост ќе се вратат, носејќи ги своите снопја. ( Псалми 125.6)
Исто како и сите други својства на човечката природа, и солзите се заразени од болеста на падот. Некој е, да речеме, по природа склон кон солзи, и во секоја ситуација пролева солзи. Таквите солзи се нарекуваат природни. Но има и гревовни солзи. Гревовни солзи се нарекуваат оние кои се пролеваат од гревовни побуди. Такви солзи, обилно и особено лесно, пролеваат луѓе предадени на сладострастие. Слични на сладострасничките солзи се солзите на оние кои се наоѓаат во самозаблуда и прелест. Солзи обилно се леат и од суета, лицемерие, дволичност, човекоугодништво. И секако, нив ги пролева злобата: кога е лишена од можноста да изврши зло дело, да пролее човечка крв, тогаш таа пролева солзи. Такви солзи имаше Нерон, во кого христијаните од тоа време, заради неговата жестокост и омразата кон христијанството, гледаа антихрист.* Во природни солзи спаѓаат солзите од огорченост; а кога огорченоста има гревовен карактер, солзите на огорченост стануваат гревовни солзи. Според заповедта на светите Отци, и природните и гревовните солзи, веднаш по нивното појавување треба да се претворат во богоугодни; значи, треба да се измени поттикот за солзите: потсетувајќи се на нашите гревови, на неизбежната и неизвесна смрт наша, на судот Божји, да заплачеме токму од овие причини.*
Чудно нешто! Оние коишто по природна склоност пролеваат потоци од лекомислени, бесмислени и бесплодни солзи, исто како и оние кои ги пролеваат од гревовни побуди, кога ќе посакаат да плачат богоугодно, неочекувано ќе наидат во себе на необична суша, не можејќи да просолзат ни една капка од своите очи. Ова нè учи дека солзите на стравот Божји и покајанието се дар Божји, дека за да се добијат треба да се погрижиме, пред сè, да го стекнеме она што ги предизвикува.
Причина за солзите е духовното гледање, спознанието за својата гревовност. Очите мои изведоа извори водни – вели Свети пророк Давид – зашто не го запазив Твојот закон.* Причина за солзите е – сиромашноста на духот: бидејќи самата по себе блаженство, таа пораѓа друго блаженство, плач* , го храни, го поддржува и го јакне. “Не потекнува плачот од солзите, туку солзите од плачот “ – рекол преподобниот Јован Пророк. “ Кога некој од братството ја отсекува својата волја и не обрнува внимание на туѓите гревови, стекнува плач. На тој начин се собираат неговите помисли, и така собрани раѓаат во срцето тага, плач по Бога, а плачот раѓа солзи.”* Солзите, кои се дар Божји, служат како знак за милоста Божја. “Солзите во молитва – вели Свети Исаак Сирин – се знамен на милоста Божја, со која се удостоила душата заради нејзиното покајание, и знак за тоа дека таа е примена од Бога и зачекорува во полето на чистотата низ солзи”. Ако помислите не се оттргнат од предметите со минливо траење, не ќе можат да се ослободат од чувството на надеж во овој свет. Ако во нив не се предизвика презир кон овој свет, и ако не се подготват за излез од него, ако во душата не почнат да дејствуваат помисли за нештата што му припаѓаат на идниот век, тогаш очите не ќе можат да пролеат солзи.”*

Авва Пимен Велики