Вознесение Христово – Света Архиерејска Литургија во Брусник

На 25.05.2023 г., кога го празнуваме Вознесението Христово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски, Николче Неделковски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски,  отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овој празник во село Брусник, Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Нема да ве оставам сираци“ (сп. Јован 14, 18), „туку секогаш ќе бидам со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (сп. Мат. 28, 20).

Браќа и сестри, Христос нашиот Бог и Спасител, по Воскресението, според Светото Предание, најнапред и се јавил на Мајката Божја, потоа на Жените Мироносици, на апостолите Петар и Јован, на апостолите без Тома и со Тома, на апостолите Лука и Клеопа, кои оделе во селото Емаус, и на браќата и апостолите во Галилеја и.т.н.

После сите тие јавувања, кога се исполниле четириесетте дена по Неговото Воскресение, Христос од Ерусалим ги зел Своите Апостоли и тргнале преку потокот Кедрон да одат кон Елеонската или Маслиновата Гора, каде што Господ се молел да Го одмине чашата на страдањето, а потоа продолжил во Витанија, каде што го направил она големо чудо, кое говори за општото воскресение на луѓето, воскреснувајќи го од мртвите Својот пријател четвородневниот Лазар.

Кога дошле на Елеонската Гора, Христос ги упатил Своите ученици да го проповедаат Словото Божјо со зборовите: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и да пазат сè што сум ви заповедал“ (сп. Мат. 28, 19-20).

Ете, откако Христос ги поучил и упатил Своите Апостоли да го проповедаат Неговото Свето Евангелие по целиот свет, од исток до запад и од север до југ, се Вознесува на небесата пред Сетите Апостоли и пред Неговата Света Мајка, Пресвета Богородица, придружуван од двајца ангели, кои биле со црвени облеки, што го претставува страдањето на Христа нашиот Бог и Спасител т.е. Неговата пролеана Света Крв за човечкиот род.

Кога Христос се Вознесувал на небесата, други два ангели, кои биле меѓу Апостолите и присутниот народ, им се обратиле со зборовите: „Луѓе Галилејци што гледате, овој Христос што сега се вознесува на небесата, на истиот начин ќе дојде“ (сп. Дела 1, 11).

Браќа и сестри, при Вознесувањето на Христа нашиот Бог и Спасител на небесата, Светите Апостоли и Мајката Божја, виделе прекрасна глетка. Денешниот празник, кој уште се именува Спасовден, укажува дека Спасителот на светот, е Христос нашиот Бог. Сосема погрешно е она што псалтите го пеат на богослужбите кога велат: Пресвета Богородице, спаси нè, бидејќи нема друг Спасител, освен Христос нашиот Бог и Спасител. Kон Пресвета Богородица, ние треба да се обраќаме со зборовите: „Пресвета Богородице, смилувај се на нас“. Пресвета Богородица, е онаа која Го моли Христа нашиот Бог и Спасител, да нè спаси. Спасителот Христос, е единствениот Кој спасува и простува гревови.

Христос пред да се Вознесе на небесата, им рекол на Своите Ученици, кои Го молеле да остане со нив, дека ако не отиде при Својот Отец Небесен т.е. ако не се Вознесе на небесата и не седне од десно на Бога Отецот, нема да може да им Го испрати Светиот Дух, Кој од Отецот исходи. Затоа Христос вели дека оди на небесата, за да им приготви место на Неговите Свети ученици и апостоли, а преку нив и на сите православни христијани, кои на Страшниот Суд ќе бидат од Неговата десна страна.

Христос им вели на Светите Апостоли дека оди за им приготви место на небесата. Христовото Вознесение на небесата со Неговото Свето Тело, ја претставува нашата човечка природа т.е. ако заслужиме, нашите тела да бидат продуховени и вознесени на небесата.

Нашата човечка природа, браќа и сестри, паднала до најдолните земни простори, односно до адот, каде под власт на сатаната биле не само душите на грешниците, туку и на праведниците, но со Христовото слегување со душата во адот, го разурнал адот, ги скршил резињата и вратите на адот, па од тогаш сатаната нема власт над православните христијани, кои се молат на Христа нашиот Бог и Спасител.

Христос нашиот Бог и Спасител, Вознесувајќи се на небесата и над сите небесни височини, ја подигнал нашата падната човечка природа и ја поставил од десната страна на Отецот Небесен.

Зошто Христос нашиот Бог и Спасител, се вознел на небесата? Се вознесол на небесата, за да Го испрати Светиот Дух на Своите Свети Апостоли и на другите кои биле на Педесетница. На Духовден, завршува мисијата на Христа нашиот Бог и Спасител како Богочовек на земјата во тело, а продолжува мисијата на Светиот Дух. Христос нашиот Спасител, не случајно рекол: „Нема да ве оставам сираци“ (сп. Јован 14, 18), „туку секогаш ќе бидам со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (сп. Мат. 28, 20).

Се поставува прашањето: како Христос нашиот Бог и Спасител, Кој Воскреснал од мртвите и се јавувал до четириесеттиот ден, останал да биде до крајот на светот со Светите Апостоли и со сите Негови последователи?

Христос вели: „Таму каде што се собрани двајца или тројца во Мое име, таму меѓу нив Сум и Јас“ (сп. Мат. 18, 20). Каде се собираат православните христијани во името на Христа? Православните христијани се собираат во храмот Божји,  како што и денес сме собрани во овој свет храм, посветен на Вознесението Христово.

Во храмот Божји на Божествената Литургија, на овој Свет престол, се принесуваат даровите, кои Бог нам ни ги дал т.е. Лебот и Виното, кои на Канонот на Евхаристијата, се претвораат: благословениот леб, во Тело, а благословеното Вино, во Крв Христови. Aко ние подготвени доаѓаме во храмот Божји т.е. ако сме побарале прошка од оние што ни згрешиле и сме им дале прошка на тие што нам ни згрешиле, можеме да се соединиме со Христа. Исто така, потребно е и да ги исповедаме  гревови пред нашиот духовник (парохискиот свештеник), а не да одите кај таканаречени младостарци по манастири, кои не се повикани како духовни исповедници да ја извршуваат Светата Тајна Исповед за вашето спасение и не се ваши застапници освен молитвено пред Христа, туку вашите парохиски свештеници, а тие се исповедници на монашкото братство.

Оние кои не го почитуваат својот свештеник во парохијата, се исти како и оние деца, кои не ги почитуваат родителите, какви и да се тие. Па така, оние кои не ги почитуваат своите телесни родители, но исто така и своите духовни родители (парохиските свештеници), и бараат духовници на друго место, ниту тие ќе се спасат, ниту, пак, оние што одат да се исповедаат кај нив. Вашата исповед треба да биде кај вашиот духовник (парохискиот свештеник), а ако има недоразбирање, треба да се обратите до вашиот надлежен Владика. Секој оној, кој ќе го презре својот татко и својата мајка и бара родители на друго место, нема да се спаси, бидејќи е речено: „Почитувај го татка си и мајка си, за да поживееш долго на земјата. Тој што не ги почитува татка си и мајка си и не ги почитува своите телесни духовни родители, туку бара утеха на друго место, нема да се спаси, ниту долго ќе живее на земјата, како што рекол Христос нашиот Бог и Спасител.

Браќа и сестри, треба да знаеме дека ние тука на земјата немаме постојано живеење, бидејќи сме патници и гости на земјата. Нашиот постојан град, е небесниот Ерусалим, за кого се подготвуваме со пост, молитви, подвизи и борење со искушенијата, кои Господ ни ги допушта за наше спасение. Светиот апостол Павле вели дека Господ никогаш нема да ни даде поголеми искушенија или страдања, од оние, кои ние можеме да ги поднесеме, зашто не ги поднесуваме ние лично, туку Бог е Оној, Кој ни дава сила да ги поднесеме нашите страдања и искушенијата.

Затоа, браќа и сестри, овој голем и спасоносен празник, кој го празнуваме, треба правилно да го разбереме, зашто целиот наш живот е подготовка за небесниот живот, за небесниот свет, за Царството Небесно, за Небесниот Ерусалим.

Кога Христос се Вознесувал на небесата, браќа и сестри, не се вели: Христос се вознесе и Христос седна, туку употребени се зборови, кои не се завршени, а тоа се однесува на сите нас. Христос се Вознесува за нас и сега и до крајот на светот ќе се вознесува, за да ја вознесе нашата падната човечка природа на небесата, каде што ние копнееме да бидеме во заедница со Бога.

На Божествената Литургија, браќа и сестри, кога архиерејот или свештеникот ќе речат: „Горе да ги имаме срцата“, а псалтите и народот одговараат: „Ги имаме кај Господа“, ние не велиме срцата да ги имаме овде на земјата, туку горе на небесата. Ете, тоа е пораката од овие зборови на Божествената Литургија.

Да се помолиме на Христа нашиот Бог и Спасител, на Кој денска споменот Му го празнуваме како Спасител, па затоа и овој празник се вика Спасовден, зашто со Своето Вознесение на небесата и седнување оддесно на Бога и Отецот, Христос ја спасил човечката природа т.е. нè спаси нас од гревот и смртта и ни покажал каде треба ние да бидеме со нашите души и тела, а тоа е  Царството Небесно, каде што е нашиот вечен живот. Амин!

Честит нека е празникот и за многу години и честито нека е името на оние што го носат името на овој празник!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар