Томина недела – Света Архиерејска Литургија во село Дрен

На 23.04.2023 г, во Неделата на Антипасха – Томина недела, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Влатко Ристески и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во манастирската црквата „Св. Илија“, во село Дрен. 

На Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Тома дојди и стави ги прстите твои во раните од клинците на рацете и стави ја раката твоја во ребрата Мои и повеќе не биди неверен туку биди верен!“ (сп. Јован 20, 27).

Браќа и сестри, денеска е втората недела по Велигден, која уште се нарекува Антипасха, односно спроти Пасха, спроти Велигден. Оваа недела е посветена на Светиот апостол Тома, кој е еден од Дванаесетте апостоли на Христа нашиот Бог и Спасител.

По Воскресението, Спасителот Господ Исус Христос, според Светото Писмо и Светото Предание, се јавил единаесет пати. Според Светото Предание, Христос прво и се јавил на Својата Мајка, Пресвета Богородица, потоа на Марија Магдалина, па на Жените Мироносеци, кои им соопштиле на Светите апостоли Петар и Јован за Воскресението и тие веднаш дошле на гробот, потоа се јавува на двајцата Апостоли кои оделе за селото Емаус, потоа на 10-те Апостоли без Тоам, па на петстотини браќа во Галилеја и.т.н. Господ Исус Христос се јавувал по Воскресението до Вознесението на небесата, за да се потврди фактот дека Он навистина Воскреснал од мртвите и со Својата смрт ја победил смртта и на оние во гробовите живот им дарувал.

Наша вера, браќа и сестри, е крстовоскресна, а тоа значи дека Христос најнапред требало да умре распнат на Крст осуден од првосвештениците, старешините, Пилат и од Еврејскиот народ, кој само пет дена пред Христос, нашиот Бог и Спасител, да влезе во Ерусалим, Го пречекале како цар со зборовите: „Осана на Синот Давидов“ (сп. Псал. 117, 27), што значи „Спасува Синот Давидов“, а потоа само по пет дена истиот тој народ да вика: „Распни Го, распни Го!” (Јован 19, 6).

Христос нашиот Бог и Спасител, е Богочовек т.е. Еден од Трите Лица на Света Троица. Отецот е Првото Лице на Света Троица, Логосот, Словото Божјо, Синот Божји, е Второто Лице, кое предвечно се раѓа од Отецот, Кој е беспочетен и безначален и причина на сите причини, а Светиот Дух, е Третото Лице, Кое постојано исходи од Отецот. Тоа е нашата Света Православна Вера, за кое нешто се говори и во Стариот Завет, особено кога е одржан Советот на Светата Троица при создавањето на човекот. До создавањето на човекот, за Бога во Светото Писмо се говори во прво лице. „И рече Бог и стана“ (1. Мој. 1, 9), а кога Бог го создава човекот, се вели: „Ајде да го создадеме човекот како што сме ние“ (види 1. Мој. 1, 26), со други зборови создавањето на човекот, е според Божјиот Лик или образ и подобие. Што значи лик и подобие? Лик значи дека Бог е Троичен, Отец, и Син, и Дух Свет, а и човекот е создаден со триедина душа т.е. една душа со три дела, ум, разум и волја, кои кореспондираат или упатуваат на Трите Лица на Светата Троица, на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Нашите прародители Адам и Ева, заради непослушноста го загубија единството со Бога и поради јадењето од забранетиот плод умреа, најнапред духовно, а тоа значи се одделија од Бога, а потоа и телесно, а тоа значи дека дојде смртта како последица на гревот, зашто Господ на Адама и Ева им беше рекол да не јадат од дрвото на познавањето на доброто и злото, бидејќи во кој ден ќе вкусат, ќе умрат. Ете, тие заради тоа што не ја послушаа и исполнија Божјата Заповед, умреа како што рековме прво духовно, одделувајќи се од заедницата со Бога, а потоа и телесно. Затоа Свети апостол Павле вели: „Адам згреши и умре, а преку Адам сите ние згрешивме и умревме“.

Но Бог, Кој од љубов го создаде човекот, неможел, а да не копнее по неговото спасение. Па затоа, браќа и сестри, било потребно да дојде друг Адам, Новиот Адам, Синот Божји, Кој по благоволението на Отецот, доброволно себеси се понижи од совршен Дух да стане човек т.е. да излезе од прегратките на Отецот и по благоволението на Отецот, доброволно преку дејството на Светиот Дух да се всели во утробата на пресвета Богородица, која е единствената која не направила свој личен грев, туку го носела само првородниот грев на нашите прародители Адама и Ева. Ете, кога на Пресвета Богородица, преку зборовите на Светиот архангел Гаврил и било кажано: „Радувај се благодатна! Господ е со Тебе, зашто ќе го родиш Спасителот на светот“ (сп. Лука 1, 28), на тоа таа доброволно одговорила дека прифаќа да биде Мајка на Синот Божји, со зборовите: „Еве ја слугинката Божја; нека ми биде според твоите зборови“ (сп. Лука. 1, 38).

И еве сега, втората Ева, од преголема послушност и љубов кон Бога, кому му била посветена од третата година во храмот Божји, сега станува Мајка на Синот Божји, Господ Исус Христос, Кој заради нас и заради нашето спасение пострадал на Крст, ја пролеал Својата Света Крв, за да го избави човекот од гревот и смртта со Својата смрт и Воскресение.

Човечкиот род од Адама, па до крајот на светот, Господ го избавил од гревот и смртта со Својата смрт и Своето распнување на Крстот, замајќи ги гревоите на сите луѓе, од постанокот, па сè до крајот на светот. Погрешно е било кое учење, на која и да било таканаречена црква или заедница, дека ние треба да даваме отплата за нашите гревови. Не, браќа и сестри, нас од гревовите нè искупил и избавил Христос нашиот Бог и Спасител. За нас е потребно ние да бидеме послушни на Христа и да живееме според Неговите заповеди т.е. да не правиме смртни гревови, почнувајќи од гордоста, која е мајка на сите гревови, и среброљубието, мрзеливоста, блудот, убиството и.т.н.

Ете, тоа е должноста на нас луѓето. Нашата вера, која е крстовоскресна, мора да биде онаква, како што Христос ни ја проповедал, не само со зборови, туку и со дела.

Христос ја уништил смртта и го поразил ѓаволот. Смртта е уништена со смртта Христова, а ѓаволот е поразен со Христовото слегување со душата во адот. До Христовото слегување со душата во адот, на Велика Сабота, ѓаволот ја имал сета власт во своите раце врз сите старозаветни луѓе, кои биле под власта на ѓаволот, но откако Христос влегол со душата во адот и го разрушил адот, тогаш му ја одзел силата на сатаната, и од тогаш луѓето се слободни, т.е. самите одлучуваат за своето спасение и вечниот живот, не плашејќи се од сатаната дека ќе ги порази, зашто сатаната повеќе нема власт над луѓето, освен ако самите ние му ја предадеме душата, како што му ја предал Јуда.

Како што Христос пострадал, така и ние треба да пострадаме, но од нас не се бара во денешно време да бидеме распнувани на Крст како Христос, туку да ги исполниме Божјите Заповеди, зашто Христос рекол: „Мене Ме љуби оној, кој ги исполнува Моите заповеди“ (види Јован 14, 21). „Моја Мајка, Мои браќа и Мои сестри, се оние што ги исполнуваат Моите Заповеди“ (сп. Мат. 12, 47-48).

Токму во тој дух ние треба да живееме и страдаме, правејќи добри дела. Само во две заповеди, кои Христос ги кажал, се исполнуваат сите други Божји Заповеди. „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (сп. Лука 10, 27). Во овие две заповеди, се содржат сите пророштва и сите закони и заповеди. Ако ние ги исполниме, сè сме исполниле, браќа и сестри, но секако дека мора да имаме и силна вера во Бога, која треба да биде искрена, затоа што и старозаветните праведници не можеле да се спасат, ако не верувале во Месијата и во воскресението на мртвите. Христос во светот дошол да ги спаси грешниците, а не праведниците.

Сомнежот на Свети апостол Тома во Воскресението на Христа од мртвите, бил со цел и желба да се увери во Воскресението на Христа од преголемата љубов кон Него. Кога останатите Апостоли му кажале на Тома дека Го виделе Господа вечерта кога биле собрани во Сионската Горница, кога Христос влегол и ги благословил, велејќи им:  „Мир вам“ (сп. Јован 20, 21), Тома на Апостолите им рекол: „Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот во раните и додека не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“ (сп. Јован 20, 25). При другата прилика кога заедно со Апостолите бил и Тома, тогаш Христос влегува низ затворените врати, бидејќи Неговиот Тело, не било повеќе само материјално тело, кое имало потреба од храна и други потреби како телата на останатите луѓе, туку е просветлено и преобразено, за кое повеќе не важат природните закони.

Па така, Тома кога Го видел Господ, Господ го повикал и му рекол: „Тома дојди и стави ги прстите твои во раните од клинците на рацете и стави ја раката твоја во ребрата Мои и повеќе не биди неверен туку биди верен!“ (сп. Јован 20, 27). Тогаш Тома извикал со силен глас: „Господ мој и Бог мој“ (сп. Јован 20, 28), на што Господ му одговара: „Тома ти затоа што виде поверува, но блажени се оние што не видоа, а поверуваа“ (сп. Јован 20, 29).

И веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри, каква е нашата вера? Нашата Вера, е вера во она што ние не го гледаме, а очекуваме да го видиме. Тома сакал тоа да го види не само со своите очи, туку истото да Го допре и да Го слушне Христа. Тие три докази, се емпириски докази дека нештото постои. Па така, нема повеќе сомнеж дека Христос не Воскреснал, бидејќи сомнежот за тоа дека Телото Христово е привидно, исчезнал благодарение на Томиното неверување, односно неговата желба да Го види Христа со своите телесни очи, да Го слушне со своите телесни уши и да Го допре со своите прсти. Од тогаш, браќа и сестри, нема потреба никој да се сомнева дека Христос нашиот Бог не Воскреснал од мртвите, зашто поголем доказ од овој не постои.

Зошто, браќа и сестри, кога стрешините еврејски, фарисеите и садукеите, барале знаци од Христа за да потврди дека Он е Бог, Христос не сакал да ги исполни нивните желби, а овој пат, еве ја исполнува желбата на Тома? Затоа што нивното неверување во Христа било од омраза и злоба, а не од љубов кон Него, а неверувањето Томино било од љубов кон Бога. Тома бил богобарател т.е. Го барал Бога и сакал да Го види. Тома верувал во Христа, но сакал и поконкретни докази за Неговото Воскресение.

Па така, браќа и сестри, ние не треба да се сомневаме во Христовото Воскресение од мртвите, туку нашата вера треба да биде силна, како што била и кај старозаветните праведници, патријарси и пророците, кои верувале во Месијата и во Неговото Воскресение, како што бил многустрадалниот и праведен Јов, кој рекол: „Во истото свое тело и со истата своја кожа ќе го видам Христа својот Месија“ (види Јов 19, 25-26). Тука ќе го спомнеме и Авраам, кој отишол на планината Морија, а се мисли дека тоа е Голгота, за да го жртвува својот син Исака, кој е праслика или праобраз на Христа нашиот Бог и Спасител, верувајќи дека иако го жртвува, Бог ќе го воскресне.

Како што Исаија гледа, слуша и говори за адот дека ќе пропадне кога Христос ќе влезе во него или како што Еремија говори за воскреснувањето т.е. ги гледа голите коски на мртвите во гробовите како се обновуваат и оживуваат т.е. воскреснуваат, така и Новозаветните  верници и праведници веруваат во Христовото, но и во општото Воскресение од мртвите.

Христос Воскреснувајќи од мртвите, со смртта смртта  ја победи, и на оние во гробовите живот им дарува, а преку Томиното неверство, ние уште повеќе се утврдуваме во нашата Света Православна Вера.

По неговите Свети молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Христос Воскресе! Навистина Воскресе!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар