Утрена со читање на Дванаесетте страдални Евангелија

На 13.04.2023 г., во предвечерието на Велики Петок, кога си спомнуваме за спасителните страдања на Спасителот наш Господ Исус Христос, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи Утрена богослужба на која се читаат Дванаесетте Страдални Евангелија, во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

(Аудио) «Денес виси на дрво…»

Денес виси на дрво Оној Што земјата ја обеси на водите; со венец од трња е крунисан Царот на ангелите; во смешна багреница се облекува Оној што небото го облекува со облаци; шлаканици прима Оној што во Јордан го ослободи Адама; со клинци се приковува црковниот Младоженец; со копје се прободува Синот на Дева:
се поклонуваме на Твоите страдања, Христе, се поклонуваме на Твоите страдања Христе, се поклонуваме на Твоите страдања Христе, покажи ни го и славното Твое воскресение.

Петто Страдално Евангелие.

Тогаш Јуда, што го предаде, кога виде дека е Он осуден, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините, велејќи им: „Згрешив, оти предадов невина крв.” А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти.”

И како ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси.

Првосвештениците ги прибраа сребрениците и рекоа: „Не чини да се оставаат во црковната каса, оти се цена за крв.”

И како се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат во неа луѓе од други места.

Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива.

Тогаш се исполни реченото преку пророкот Јеремија: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израилеви, и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ”. И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?” Исус му одговори: „Ти велиш”

И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Он ништо не одговараше.

Тогаш Му рече Пилат: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?”

И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу.

А на секој празник Пасха управникот имаше обичај да му отпушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале.

Тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава.

И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исуса, наречен Христос?”

Оти знаеше дека Го беа предале од завист.

Во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, оти денеска многу пострадав насон,

заради Него.”

Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.

Тогаш управникот ги праша: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?” Тие одговорија: „Варава!”

Пилат им рече: „А што да направам со Исуса, наречен Христос?” Му одговорија сите: „Да биде распнат!”

Управникот рече: „Па какво зло направил?” Но тие уште посилно извикаа и рекоа: „Да биде распнат!”

Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!”

И одговарајќи целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!”

Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го бичуваа, Го предаде да биде распнат.

Потоа управниковите војници Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета околу Него,

па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница; исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: „Радувај се, Царе Јудејски!”

И плукаа на Него и, како ја зедоа трската, Го удираа по главата.

А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.

На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот (Мат. 27, 3-32).