Свети Наум Охридски – Архиерејска Божествена Литургија во манастирот Свети Наум Охридски – Битола

На 05.01.2023 г., кога го празнуваме споменот на Свети Наум ОхридскиСветите десет маченици на Крит и споменот на Светиот Нифонт Чудотворец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение  на протоерејот Николче Димовски-Чонтев и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Божествена Литургија во манастирот посветен на Свети Наум, во Битола. 

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно„ (сп. Мат. 5, 3).

Го слушнавме, браќа и сестри, денешното Светото Литургиско Евангелие, кое започнува со ове зборови, кои се однесуваат Христа нашиот Бог и Спасител, но исто така и на денешниот славеник, преподобниот наш отец Наум, Охридскиот Чудотворец.

За два дена, браќа и сестри, на прагот ни е големиот празник, кој е мајка на сите празници, Христовото Раѓање, Божик.

Имено, Синот Божји, Логосот, Кој од Отецот предвечно се раѓа, Кој заедно со Отецот и Светиот Дух, го создал овој свет и сè што е во него, Кој е еднаков на Бога Отецот и Светиот Дух, Кој е совршен Бог и совршен Дух, заради нас луѓето и заради нашето спасение, заради нас благоволи да осиромаши, за да нè избови од гревот и смртта. Ете, по благоволението на Отецот, Синот Божји, Логосот, излегол од прегратките на Отецот и посакал да се роди, но не од било која девојка или жена, туку од Пресвета Богородица, Мајката Божја, која е од Давидовиот род.

Ете, токму од Пресвета Богородица, Синот Божји посакал да се роди со посредство на Светиот Дух, зашто се вели: „Таткото на Богочовекот Христос, е Светиот Дух“, зашто Пресвета Богородица не зачнала од маж, туку од Светиот Дух, како што и било речено од Архангелот Гаврил, кога и ја соопштил радосната вест дека ќе Го роди Синот Божји, а таа прашала: „Како ќе биде тоа, кога јас незна, за маж?“, а Архангелот и вели: „Светиот Дух ќе слезе на тебе и ќе те осени, па тоа што ќе го родиш, ќе биде свето, а се однесува на Богомладенецот, на Синот Божји, на Христа нашиот Бог и Спасител.

И еве, браќа и сестри, Оној, Кој го создал светот и сè што е во него, сега од преголема љубов кон човечкиот род, посака да се понижи себеси и од совршен Бог, да се понижи и да стане човек, во сè еднаков на нас луѓето, освен во гревот.

Неговото понижување е до таму, што посакува да живее со луѓето. Уште од самото раѓање, Синот Божји е гонет, затоа што Ирод посака да ја погуби душата на Богомладенецот. Ете, Мајката Божја, заедно со праведниот Јосиф, мораа да бегаат во Египет, сè до смртта на  Ирода.

Понижувањето Христово, е до таму, браќа и сестри, што кога бил пописот, Неговата Мајка, Пресвета Богородица, заедно со праведниот Јосиф, доаѓаат во Витлеем да се попишат, каде Христос се роди, не во палата, туку во пештера, каде живееле животните, кои со своето дише во пештерата, правеле извесна топлина. Ништо чисто немало во пештерата, како што некои мислат, туку како и во секоја сиромашна пештера во која живеат животни, имало јасли, во кои се ставало сеното и зрнестата храна. Токму тие јасли биле лулката на Синот Божји.

Христос се раѓа во понижена состојба и е на ударот на Неговите непријатели, почнувајќи од Ирода, кој барајќи ја неговата душа, погуби четиринаесет илјади деца.

Христос, браќа и сестри, постојано беше гонет, но секогаш беше милостив кон луѓето и во сè им помагаше, лекувајќи болни од секакви болести, притоа не барајќи ништо од нив за тоа што ги лекувал, освен едно т.е. дали веруваат во Него дека е Бог и Спасител. Ништо друго не требало да кажат луѓето, освен  да покажат вистинска вера во Христа, Кој дошол токму за тоа за да го избави човечкиот род од гревот и смртта. Христос луѓето ги лекувал прво духовно и душевно, а дури потоа телесно, откако ќе им ги опростел гревовите.

Понатаму Христос заради нас доброволно страда т.е. бил биен по плеќите, камшикуван, плукан по образите, шамаран и на крај неправедно осуден на најстрашната смртна казна, да биде распнат на Крст на Голгота меѓу двајца разбојници. Ете, токму со ова страдање и понижување, Христос со Својата смрт, смртта ја уништи и нам ни дарувал живот вечен со Своето Воскресение од мртвите.

Ете, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие, Христос нашиот Бог и Спасител, кога бил на едно рамно место, Својата проповед ја започнал со зборовите: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно„ (сп. Мат. 5, 3). Што значи тоа да се биде беден по дух? Беден по дух, е оној, кој сè Му припишува на Бога и сè што има, сè смета дека е дар Божји. Таквиот човек се покажува како смирен, чесен и достоинствен, кој во сите немоќи, страдања и искушенија, ја бара помошта од Христа нашиот Бог и Спасител. Ете, тоа се бедните луѓе, кои не сметаат дека имаат ништо свое, од тоа што го поседуваат, туку дека сè е дар од Бога. Така постапувале и праведниците во Стариот Завет, како што бил праведниот Јов, кој бил најбогатиот човек во тоа време, а можеби и воопшто, кој сето свое богатство што го имал, го сметал за дар Божји и го користел за да ја спаси душата, давајќи на сираци, сиромаси, вдовици, болни, патници, намерници и на сите кои што имале потреба од неговото богатство. Праведниот Јов, кога го изгубил сето богатство и здравјето, тој не роптал и не хулел на Бога, туку велел: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово!“ (Јов 1, 21). Заради тоа што покажал силна вера, откако загубил сè, Господ му го враќа и богатството и здравјето, покажувајќи му на сатаната дека правениот Јов, неговиот вистински служител, не го сака Бога заради богатството што го поседува, туку затоа што знае дека Бог е создател на сè што постои и дека без Божјата љубов и волја, ништо не може да постои на овој свет.

Сега да поговориме малку и за денешноот славеник , преподобниот отец наш Наум, Охридскиот Чудотворец, кој се покажал, браќа и сестри, вистински сиромав и беден по дух, зашто се одрекол од своето семејство според Христовите зборови: „Кој сaка повеќе татко или мајка, браќа или сестри, жена или деца, ниви или куќи, не е достоен за Мене“ (сп. Мат. 10, 37). Свети Наум се откажал од таткото, мајката, браќата и сестрите и од земните богатства, и тргнал по Христа нашиот Бог и Спасител. Тој не сметал ништо за свое, па затоа и Господ го воздигнал.

Што е она, браќа и сестри, што ги прави луѓето да бидат лоши? Гордоста е она што ги прави луѓето лоши. Гордоста е грев, кој говори за тоа дека човекот сака да биде еднаков со Бога, но не по Божја благодат, туку да биде бог по својата моќ, сила, убавина и богатство, кои ги поседува. И денешниот моќници, токму тоа и го покажуваат, а со тоа стануваат слика на нивниот измамник и од Бога отпадник сатаната и неговите ангели (демоните). Сатаната, кој бил најубавиот ангел создаден од Бога, заради својата убавина се возгордеал и сакал да се изедначи со Бога. Сите ние, браќа и сестри, кога ќе речеме дека сме подобри од оној другиот, тогаш знајте дека гордоста е присутна кај нас. Никогаш не треба да се споредуваме со луѓето во смисла дека ние сме подобри од нив. Кога се споредуваме, ние за образец треба да ги имаме светителите, од кое споредување ќе видиме колку сме бедни, сиромашни и никакви. Нашата споредба секогаш треба да биде според највозвишените, а за тоа пример ни е Свети апостол Павле, кој вели дека е најгрешниот од сите луѓе, бидејќи во свое време ја гонел Црквата Божја. Ама ние тоа ако не го правиме, тогаш знајте дека сме се заразиле со најголемиот грев – гордоста.

Гордоста, браќа и сестри, е поттикната и од богатството. Богатите луѓе обично се сметаат дека се моќни и дека можат другите да ги понижуваат и принудуваат на секакви нечесни работи. Исто така и учените луѓе, кои мислат дека нема попаметни од нив, треба да знаат дека во нив длабоко се вгнездена гордоста. Само тогаш кога ќе речеме дека сме најгрешни од сите луѓе, тогаш во нас почнува процесот на покајание, односно дека сме згрешиле како што вели Свети апостол Павле: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“. Па така, ние треба да знаеме дека сме грешни и треба да бараме прошка за нашите гревови, а за тоа пример ни покажал Христос нашиот Бог и Спасител, Кој се роди во понижена состојба и пострада заради нас. Немаме подобар пример од Христа нашиот Бог и Спасител. Сите други светители, се угледале на Христа Спасителот, па затоа Свети апостол Павле ќе рече: „Угледајте се на мене, како што и јас се угледав на Христа“ (сп. 1. Кор. 11, 1).  На друго место, пак, Свети апостол Павле вели: „Знам еден човек во Христа, кој пред четиринаесет години, со тело ли, не знам; без тело ли, не знам: Бог знае, беше грабнат и однесен до третото небо и дека чул неискажливи зборови, кои што човек не може да ги искаже“ (сп. Кор. 12, 2-4). Тоа го видел духовниот Павле во Царството Небесно.

Ете, ние треба да покажеме смирение, а во што се состои смирението, браќа и сестри? Смирението се состои токму во тоа, како што кажавме, да покажеме дека ние сме созданија Божји и дека едни на други треба да ги носиме потешкотиите. Ако некој меѓу вас видите дека паднал духовно т.е. во гревови, вие крепките подржете го и подигнете го и така ќе ја исполните Божјата Заповед.

Ете, ние, браќа и сестри, треба да го следиме примерот на денешниот славеник, преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец, кој толку Го возљубил Христа нашиот Спасител, целосно Нему Му Го предал својот живот. Свети  Наум на берегот на Охридското езеро, подигнал манастир на Светите Архангели, кој денеска се именува со неговото име. Свети Наум бил помошник на Свети Климента, откако Свети Климент во 893 година станал епископ.

Ете, според зборовите на Свети апостол Павле: „Зар не знаете дека телата ваши се создадени да бидат храмови на Светиот Дух“ (1. Кор. 3, 16), Свети Наум се удостоил телото свое да го нароави храм Божји и во него да се всели Светиот Дух, благодатта Божја, кои се Божји несоздадени енергии, преку кои ние, браќа и сестри, се усовршуваме за да го заслужиме Царството Небесно.

Беше кажано исто така: „Блажени се гладните заради правда, зашто ќе се наситат“. Гладни за правда се оние, кои се гладни и жедни за Словото Божјо, за науката Божја, за Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци.

Кога вие, браќа и сестри, доаѓате во храмот Божји и земате активно учество во богослужбата, ако се молиме за нашите најблиски, кои страдаат од разни болести или имаат било какви потешкотии, а во овие денови на пандемија, нема такви луѓе, кои нè загубиле некој близок или пријател, и тие на тој начин сочувствувајќи и сострадувајќи, ние ќе ја почувствувате Божјата благодат и ќе Го задобиеме Светиот Дух

Да се помолиме на Светот Наум, Охридскиот Чудотворец, по неговите Свети молитви, и нам Господ да ни ги просветли нашите умови, да ги очисти нашите срца од секакви грешни желби, похоти, страсти, грешни дела и да ни даде духовни сили.

По молитвите на Свети Наум, Господи Исусе Христе, Сине Боже помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар