Велика Сабота – Света Архиерејска Василиева Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола

На 23.04.2022 г., во Светата и Велика Сабота, кога си спомнуваме за Христовото слегување во Адот, кога Спасителот со телото отпочина во гробот, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Атанас Лажовски, Николче Димовски-Чонтев и протоѓаконот Драган  Ѓоргиевски, отслужи Света Василиева Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Да молчи секое човечко тело и да стои со страв и треперење и ништо земно во себе да не помислува, зашто Царот над оние што царуваат и Господ над оние што владеат, приоѓа да биде заклан и да се даде за храна на верните“.

Оваа Света и Велика Сабота, браќа и сестри, е единствена и Голема во нашата Света Црква, во која единствено не се јаде масло, односно во овој ден строго се пости. Зошто? Затоа што на денешен ден Христос нашиот Бог и Спасител, е сеуште во гробот. Христос нашиот Бог и Спасител, по благоволението на Отецот излегол од прегратките на Отецот Небесен, доброволно се понижи и Го прими наше човечко тело, човечка природа, во сè изедначувајќи се со луѓето, освен во гревот, со цел да го подигне паднатиот човек и повторно да го врати да биде на истото подобно место, на кое бил Адама пред да згреши, односно да го врати во заедница со Бога нашиот Спасител.

Браќа и сестри, оваа Сабота е всушност Сабота во која Спасителот наш Господ Исус Христос, откако бил распнат на Крст, бил положен во нов гроб, откако претходно Јосиф Ариматеецот, кој бил член на Синендрионот и таен ученик на Господа Исуса Христа, а исто така и познат човек во тогашното општество, го испросил телото од Римскиот управник во Јудеја, од Пилата и Го положил во неговиот нов гроб, кој бил за него подготвен.

Ете, токму додека Телото на Христа нашиот Бог и Спасител се наоѓа во гробот, Христос нашиот Бог и Спасител со Крстот слегува адот.
Што бил адот, браќа и сестри? Адот бил место или поточно состојба, во која биле држани од сатаната сите луѓе од Адама до Христа. Со нив (со сите старозаветните праведници и со грешните) заради првородниот грев и личните гревови на сите луѓе до Христовото слегување во Адот, владеел сатаната со неговите ангели (демоните).

Но на оние, на кои им било кажано со првото Евангелие, односно со Протоевангелието дека има спасение за нив, дека постои Месијата, Синот Божји, Кој ќе дојде да го спаси човечкиот род, сите тие кои биле проникнати длабоко со вера во доаѓањето на Месијата Синот Божји, Спасителот Господ Исус Христос, го очекувале тоа во адот, барајќи и сакајќи што е можно побргу да се ослободат од канџите на сатаната и неговите ангели (демоните).

И ете, браќа и сестри, поради злобата на сатаната, нашите прародители Адам и Ева биле прелажани и го заслужиле Адот, односно биле држани под власта на сатаната.

На луѓето никогаш не би им паднало на ум да направат такви зла дела, ако не биле поттикнати од сатаната.

Кога сатаната бил силно поразен во пустината, кога го искушувал Господа наш Исуса Христа и не можел да Го искуша, ете сега тој мисли дека власта над целиот свет е сеуште во неговите раце, па затоа ги поттикнува луѓето на најголема злоба, да Го распнат Христа. Кога Христа Го распнале на Крст, злобата на сатаната не застанала тука, туку одела уште подалеку, односно неговата цел била сега кога Христос е веќе запечатен во гробот, пред кој е поставена и стража, сатаната оди кај првосвештениците и старешините Јудејски и со измама му велат на Пилата: „Овој измамник кажа дека по три дена ќе воскресне од мртвите, затоа дај наредба да се постави стража на гробот, за да не дојдат Неговите ученици и да Го украдат, и потоа да речат дека воскреснал“ (сп Мат. 27, 64).

Тие знаејќи дека Христовите зборови не се никаква шега туку дека се вистина, веднаш тргнале со поткуп, односно одлучиле да им дадат пари на стражарите, за ако Христос воскресне, да кажат дека тоа не е вистина, туку дека ноќе дошле Неговите ученици и Го украле од гробот.

Но тука не застанала нивната злоба, туку тие во себе имале уште поголема злоба против Христа нашиот Бог и Спасител.
Па така, кога сето ова се случило, сатаната на некој начин бил многу расположен и весел, односно торжествувал, кога ги слушнал зборовите на Христа нашиот Бог и Спасител, кога Господ од Крстот рекол: „Боже мој, Боже мој, зошто си ме оставил“ (Марко 15, 34). Сатаната си рекол: „Ако е Овој  навистина Син Божји, нема да Му се обраќа на Бога дека Го оставил“ и рекол, „еве сега уште една душа (не било која), туку душата на Христа, нашиот Спасител, ќе ја има во адот и со неа тој ќе управува. Но токму, кога сатаната тоа го помислил заедно со неговите ангели (демоните), Христос молскавично со Крстот влегол во адот и адот блеснал. Таа неприкосновена темнина, сега наеднаш станала светлина. Христос слегува во адот, ги крши резињата и вратите на адот и сите старозаветни праведници ги извел од адот и ги превел во времениот рај.

Кога сатаната го видел ова, кој бил веќе врзан, тој на некој начин бил умртвен и не можел повеќе да торжествува. Од тогаш, сатаната ја нема повеќе таа сила, таа власт над луѓето, како што ја имал до тогаш. Од тогаш па понатаму, сатаната со неговите ангели (демоните), е во поднебесните простори на земјата и како лав рика и бара некого да проголта.

Кого ќе го проголта сатаната? Само оние луѓе кои не мислат божествено, кои не веруваат во Бога и не го читаат Светото Писмо, а не оние кои поучени од своите свештеници правилно го разбираат, односно ќе ги проголта оние луѓе кои не веруваат во Светото Предание, во Правилата и Каноните на Вселенските и Помесните Собори, учењето на Светите Отци, кои не присуствуваат на Божествените Литургии, како што е и оваа на која сме денеска собрани. Тие луѓе, колку и да се учени и паметни, интелектуалци и доктори на науки, кои добиле вакви или такви знаења и награди, ништо тоа не значи, браќа и сестри.

Најпростиот, наједноставниот и најнеучениот човек, кој верува во Бога, знае повеќе од нив, зашто единственото и вистинско знаење, е знаењето за постоењето на Бога, Отецот, и Синот и Светиот Дух, и верата во постоењето на Црквата како Мајка која се грижи за луѓето.

Ете, после сето тоа, веќе сатаната нема сила и власт над луѓето, освен врз оние кои доброволно ќе му се предадат, а такви ги има многумина, како што бил Јуда Искариотски, предавникот на Христа нашиот Бог и Спасител, кој бил многупати опоменуван од Христа да не го предава, бидејќи Христос им кажал на Апостолите: „Еден од вас ќе Ме предаде“, а тогаш сите ученици прашувале кој е тој, велејќи да не сум јас, а кога дошол редот на Јуда да рече да не сум јас, Христос му рекол: „Ти рече“ (сп. Мат, 26, 25).

И ете Јуда и при оваа прилика не сакал да се покае. Христос рекол: „Тој што ќе бркне со Мене залак од чинијата, тој е“ (с. Мат. 26, 23), но и тоа не помогнало. Затоа Господ му рекол на Јуда, тоа што си го намислил, прави го колку можеш побргу. Јуда се причестил и тогаш сатаната влегол во него.

Сатаната влегува во секој еден што ќе се причести неподготвен, односно што не се покајал за гревовите и не се исповедал пред свештеникот и.т.н. Причесната ја добиваме или за прошка на гревовите или за суд и за осудување. Во овој слушај Апостолите ја примиле Причесната за прошка, а Јуда ја примил за суд и за осуда, а потоа отишол, ги фрлил сребрениците пред првосвештениците во храмот и рекол: „Предадов чесна, праведна и невина крв“ (сп. Мат. 27, 4), а тие му рекле: „Што ни е нам гајле за тоа, мисли му ти“ (сп. Мат. 27, 4).

Јуда заминал од храмот и на една врба направил јамка т.е. бесилка и се обесил. Така завршуваат сите оние што го следат Јуда, браќа и сестри.

Па ете, да спомнеме, што прославуваме ние денеска? Ние денеска го прославуваме, слегувањето на Господа Исуса Христа во адот и победата и разурнувањето на адот.

Христос го победил адот, му ја зел власта на сатаната, за тој да нема повеќе влас над луѓето, освен врз оние кои доброволно ќе му се предадат и нему ќе му служат. Ние денеска исто така ја празнуваме и победата на смртта, а смртта ја победи Христос со Својата смрт, зашто откако Христос ги ослободил од адот затворениците и сите оние што верувале во Месијата, молскавично влегол во Своето Тело кое било во гробот, и одеднаш Неговото Телото оживеало и Христос Воскреснал од мртвите. Каменот што бил запечатен се тргнал, печатите испукале, стражарите паднале како мртви, а Христос потоа, според Светото Предание и се јавил најнапред на Мајката Божја, потоа на Жените Мироносици, на Марија Магдалина, на Апсостолите со Тома и без Тома и.т.н.

И ете конечно, овој ден, Светата и Велика Сабота, го навестува Христовото Воскресение. Денеска ние и тагуваме, но и се радуваме. Тагуваме, бидејќи Христос е сеуште во гробот, но предчуствуваме дека Христос ќе воскресне, бидејќи слегол во адот и го уништил и му ја зел власта на сатаната и неговите ангели (демоните).

Христос, браќа и сестри, како што рековме ќе влезе во Своето Тело со Својата Душа и ќе воскресне, а потоа ќе и се јави најнапред на Мајката Божја, на Светите Мироносици, на Апостолите и на верните и ќе биде најголемата радост, односно радост над сите радости.

Но, браќа и сестри, да не заборавиме дека Христос како што им рекол на Апостолите, а тоа значи им вели и на сите Негови верни чеда, на православните христијани дека сè што рекол ќе се исполни, зашто само во Православната Црква, единствено е запазена целосно чистотата на верата, а каде што нема чистота на верата, таму нема ни спасение. Тоа треба да го знаете секогаш и немојте да го изедначувате Православието со било која друга таканаречена христијанска црква, доминација или вера.

Господ рекол: „Една точка или една црта ако се измени од законот, таквиот што ќе го измени тоа, (што ќе внесе погрешно учење во верата), најмал ќе се нарече во Царството Небесно“ (сп. Мат. 5, 19).

Па затоа да не заборавиме дека Христос уште рекол дека (Он) нема никогаш да ги остави Своите верни да бидат сираци, односно Секогаш ќе биде со нас, до крајот на светот. Како? Преку Светото Тело и Крвта, преку Причесната, зашто Причесната е Мистичното Тело и Крв на Христос нашиот Бог и Спасител.

Секој што доаѓа во храмот Божји, Кој постел и се подвизувал, кој побарал прошка за своите гревови и се исповедал кај својот духовник, и ќе рече како Светиот апостол Павле: „Јас сум најгрешниот од сите луѓе“, тој нека пристапи и нека ги прими Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, како што сите вие денеска, особено најмладите луѓе дојдовте да Го примите Неговото Свето Тело, зашто конечно, идниот век нема да биде ништо друго, освен Божествена Литургија, овде земна, а таму небесна. Амин! Честит нека е празникот и за многу години.

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар