Целта на новозаветните страдања

И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите, зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, Која се пролева за мнозина, за опростување на гревовите“ (Матеј 26, 27-28). Кој ли може да го искаже домостројот на Отецот Небесен, Кој што го вети уште во времето на Адама, а го исполни во лицето на Својот Син, Христос? Кој ли може да ги опише и да ги искаже Неговите добрини, Неговите милости, Неговата љубов? Црн мрак ја покри земјата и злото завладеа во светот. Завладеа кнезот земски со своите црни ангели, а своите мрежи постојано ги постилаа насекаде по земјата, ловејќи човечки души. Гревовите ги помрачија човечките умови и нивното духовно око беше затворено. Од слепилото нивно, не го познаа дојдениот Спасител, туку како гладни лавови, жедни за месо и крв, го убија својот Лекар, не сакајќи да се излекуваат.

Старозаветните пророци, ревносно го пророкуваа  старадањето на Синот Божји и во срцата свои тагуваа за народот озлобен и полн со безаконија. Како река незапирлива течеа гревовите, не оставајќи простор за дела богоугодни. Светиот пророк Исаија жалеше во себе за народот Израилски, кој не сакаше да го послуша,  сите ние бевме заблудени како овци, бегајќи од вистината. Чашата на спасението дојде во светот. Таа се наполни со спасетелната крв на нашиот Христос и на садот се положи телото Негово за наше избавување. Времето наближи и кажаното од пророците се исполни. Спасителот се вочовечи и дојде во светот за да ги очисти гревовите наши. Бог требаше да се воплоти и да умре, за да можеме ние да живееме- вели светиот Григориј Богослов, а светиот Атанасиј Велики ни вели: Ако Бог се роди и умре, не умре зашто се роди, туку се роди за да умре. Навистина, фаталната неизбежност на смртта немаше корен во човековата природа на Христа, но раѓањето како човек, во Неговата божествена личност веќе воведува елемент кој може да стане смртен. Со оставеноста, со проклетството, Невиниот на себе го зеде целиот грев, ги „застапува во себе“ праведно осудените и заради нив ја претрпува смртта и како што вели апостол Павле: „Христос не искупи од клетвата на законот, станувајќи клетва за нас“ .

Семето евангелско насекаде по земјата се сееше. Тоа семе паѓаше на разна почва: на мека, околу трње, на камен, покрај патот и сл. На чистата земја израсна убав и сочен плод, давајќи вкусен плод, а другите околу трњето, на каменот и покрај патот овенаа, се исушија и не дадоа никаков плод. Уши имаа сите, но не го слушаа Господа, очи имаа и не сакаа да го гледаат. Тешка суета и тешка гордост се вкорени во срцата на еврејските првосвештеници,  книжници и фарисеи. Тие самите многу добро знаеја за времето на доаѓањето на Месијата, но кога Он се појави, не сакаа да го признаат. Не можеа да се помират дека се појави Личност, Кој со Својата проповед целиот народ го привлече кон Себе. Славољубието ги помрачи нивните умови и паднаа во стапицата на кнезот земски. Каде им беше љубовта? Каде им беше чинот првосвештенички? Создадоа своја „христијанска“ црква, чекајќи сè уште да дојде Христос и да основа земно царство, кое ќе трае илјада години. Христос дојде на земјата да го благовести Евангелието. Целиот народ го поучуваше, болните ги лекуваше, на слепите видот им го враќаше, на немите јазикот им го одврзуваше и мртвите во живот ги враќаше. Љубовта во Новиот завет кај секој човек со Неговите зборови им ја всадуваше, зашто самиот Христос е љубов! Он не го учеше народот на омраза. Еврејските првосвештеници се побунија против Него, сакајќи да го убијат својот Спасител. Зар не беше Христос вистински Син Божји? Он не направи грев, вели свети апостол Петар, ниту, пак, во устата Негова се најде измама (Петр. 2, 22). Управникот Пилат знаел дека Исус Христос нема вина, а сепак Го осудил и Го предал на распнување, за да им угоди на еврејските првенци и на толпата. За што и за кого старадал Он? Наместо ние, страда Тој, за нашите гревови, за нашите безаконија!

Во еден нов кораб го започнал своето прво патување. Но, ете, веќе неколку дена капетанот, по име Петар, лежел во кабината болен и изгледало дека нема да стигне до пристаништето. Тој му рекол на својот прв кормилар што требало да го замени на кормилото: „Со мене е свршено! Јас чувствувам дека нема да стигнам до пристаништето. Но, како ќе се јавам со своите гревови во другото пристаниште – таму горе? Кажи ми!“. „Капетане, јас не знам што да Ви кажам! За тоа прашање јас никогаш не сум мислел!“- „Тогаш, испратете ми го вториот кормилар!“ Но и тој не можел нишно утешно да му каже на тешко болниот. Еден по друг се изредиле сите морнари, но напразно. Само најмладиот слуга, по име Георгиј, не бил дојден кај капетанот. Го повикал и него. Тој му рекол на капетанот: „Кога се поздравував со мајка ми, таа ми подари една Библија и ми порача секој ден да прочитам по нешто од неа. Таму има голема утеха за Вас и за секој човек“. Георгиј ја донел Библијата, ја отворил кај 53 глава од пророкот Исаија и почнал да чита. Кога стигнал до петтиот стих, подзастанал, „Господин капетане,- рекол тој – дозволете ми да го прочитам овој стих така како што ме научи мајка ми да го читам!“ „Се разбира, прочитај го така“ – рекол капетанот. Тој стих гласи: „Он беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите безаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме“ (Ис. 53,4-5). Георгиј го прочитал така како што го научила мајка му: „Он беше изнаранет за гревовите на Георгиј и мачен заради безаконијата на Георгиј; казната за мирот на Георгиј падна врз Него, а преку Неговите рани Георгиј се излекува“. „Застани!- извикнал капетанот и се подисправил во леглото, – тоа е она што ми е потребно сега! Прочитај ми го тој стих уште еднаш, мило момче, но стави го моето име наместо твоето“. И Георгиј повторно го почнал стихот како што посакал капетанот: „Он беше изнаранет за гревовите на Петар и мачен заради безаконијата на Петар; казната за мирот на Петар падна врз Него, а преку Неговите рани Петар се излекува“. Капетанот добил голема утеха и надеж, и со полна вера во вистинитоста на кажаното од пророкот, по неколку часа преминал во пристаништето на мирот – при Бога.

Навистина многу убаво зборува петтиот стих на 53 глава од книгата на пророкот Исаија. Мнозинскиот број да се претвори во единствен и тој стих да се однесува посебно за секој од нас! Тогаш тој ќе гласи: „Он беше изнаранет за моите гревови и мачен заради моите безаконија! За моите, за твоите гревови и безаконија… „Штом е така, Спасителот има полно право на нашата љубов и на нашата благодарност и преданост. Ние треба да Му бидеме верни до крај, до последната воздишка, до нашата смрт. Да Му го дадеме нашето срце и да Му го посветиме нашиот живот. Он доброволно ги рашири Своите пречисти раце на Голгота, помеѓу двајца разбојници. Крстот на средината, бил Крстот на Единородниот Син Божји. Што ќе се случеше со нас, што ќе беше со светот, ако не бил издигнат тој помирувачки Крст за спасението на погибелното човештво? Никогаш не треба да ја заборавиме таа добрина, таа голема љубов на Отецот, исполнета преку Спасителот. И ако треба да се фалиме, да не се фалиме со друго, туку – како што вели свети апостол Павле – да се фалиме со Крстот на Господа, нашиот Исус Христос (Гал. 6, 14).

Се сврши! Се исполни Божјата волја за спасение на човечкиот род. Разрушена е намерата на човекоубиецот – змијата (сатаната) да го погуби целиот човечки род. Човекот е спасен! Изгубено е блаженото битисување, но дадено е ново, уште поблажено, уште подобро, небесно блажено обожување. Така, самото искупување не можеше да се затвори во себе, да се претвори во цел за себе, затоа што целта на Исуса Христа беше, преку Неговото страдање, да не очисти од гревовите. Проклетството на смртта беше казна на Отецот што љуби, а не слеп гнев на тиранин. Таа поправаше и поучуваше. Го попречуваше овековечувањето на разнебитениот живот, претставуваше пречка за безгрижното пребивање во противприродна состојба. Таа не ја означуваше само границата на распадот на нашата природа. Исто така, преку смртната тага, присутна во неа, таа му помагаше на човекот да дојде до сознание за својата положба и да се сврти кон Бога. На ист начин, неправедната волја на сатаната можеше да се појави само од праведното допуштање на Бога. Самоволието на сатанате не само што беше ограничено од Божјата волја, туку беше и исползувано од неа.

Но, во моментот на искупувањето, демонските сили ја губат својата власт, и во односите меѓу Бога и човекот настануваат измени. Би можело да се рече дека Бог ја менува Својата педагогија, му го одзема на сатаната правото да господари над човештвото; гревот е уништен, власта на лукавиот е урната. Зборот „откуп“ сега би добило друго значење: тоа е вратен долг на ѓаволот, како што се истакнува во литературата на светите Отци од првите векови. Бог му даде власт на ѓаволот, но подоцна му ја одзеде. Свети Григориј Богослов заклучува: „Не ли е очигледно дека Отецот ја прима оваа жртва  не затоа што ја бара или затоа што имал потреба од неа, туку, според домостројот, неопходно беше самиот Он да не ослободи, победувајќи го тиранинот во својата сопствена сила, па Бог одново да не повика кон себе преку Својот Син, посредникот, кој се извршува во слава на Отецот, кому му е послушен во се…“

Радосно е ако некој, откако ќе го разгледа својот живот, ќе најде нешто слично меѓу својот и Христовиот Крст, Крстот на невиноста и на себеодрекувањето. Нашиот Спасител невино го мачеа, го плукаа, го удираа и на крајот заврши на крст. Неговите страданија беа наши страдања. Преку Неговите рани ние се спасивме. Целта на Господ Исус Христос не беше да владее со земјата, туку Он дојде доброволно да нè очисти од гревовите наши и да ни даде живот вечен. Спасителот не ги отфрли страдањата коишто требаше да ги претрпи. Он самиот им кажа на Своите ученици дека треба да отиде во Ерусалим и многу да пострада од старешините… Христос ги прими страдањата и смртта од љубов кон нас луѓето. Христос нè засака нас и Себеси за нас се предаде како принос и жртва за нашите гревови. Од преголемата Божја љубов, како ли ние да Му возвратиме? Да ја примиме со длабока благодарност и признание, благонаклоно да коленичиме пред симболот на таа љубов – Светиот Крст, и од длабочината на душата да извикаме силно: „Слава на Твоите страдања Христе! Слава на Твоето долготрпение, Господи, Единствен Човекољубецу!“

Дали распнувањето е завршено? Да, ако само слугите Го беа распнале! И ние луѓето секојдневно го распнуваме Христос со нашите гревови. Постојано го предаваме, го плукаме и се одрекуваме од него. Клинците што Го пробиваа се нашите гревови. Чеканот што ги забива цврсто, тоа е нашата гревовна упорност. Секој наш сакан грев со кој се согласуваме, секој лош збор, секоја нечиста мисла е нов удар на голготскиот чекан за Спасителот. Он умре за нас. Еден збор беше доволен, и Тој, според силата на Својата семоќ, би бил ослободен. Но Спасителот знаел дека умира за нас и дека од Него зависи сè. Со каква длабока мака Он се молел: „Оче прости им зашто не знаат што прават“(Лука 23, 34). Гледаш ли колкава е Мојата љувов кон тебе! Ти постојано стравуваш за своето спасение. Ја лежам мртов, Јас умрев за твоето спасение. Тешко ми беше кога ми судеа. Сите ме обвинуваа, а Јас за тоа не ги обвинував; за секоја измината кривица ме тепаа, а Јас молчев. А што ме гонело да трпам и удари, маки, плукање, крст и смрт? Мислата за тебе грешнику, мојата желба да те спасам од гревови“ – се вели во статиите на Велики петок. И на крај завршува со зборовите: „Јас ќе те спасам, Јас ќе те оправдам“. Навистина жртвата на Синот Божји беше голема кон човечкиот род. Голем и тежок товар зеде врз Себе. Всушност, Он ги зеде нашите гревови. Неговата Крв се пролеа од Крстот и Неговото пречисто тело беше цело во рани. Чашата на страданието Он доброволно ја вкуси. И покрај Неговите рани при мачењето, храбро го зеде и го понесе Својот Крст на Голгота, а главата Му беше покриена со трнов венец. Страшно! Зар можеа толку многу да го мачат крвожедните Евреи? Зар толку им се затворија духовните очи и не го познаа својот Спасител? Целата вселена жалеше за распнатиот и погребениот Спасител. И ангелските воинства можеа да дојдат да го спасат, но Он не им дозволи, за да ја исполни волјата на Својот Отец небесен. Се изврши страшен, дотогаш невиден престап во историјата на светот, што не може со зборови да се објасни, ниту на еден од човечките јазици. Луѓето го убија својот Спасител, го умртвија варварски по многу тешки измачувања! Сонцето потемнело, земјата се тресела, карпите се распрснале и гробовите се отвориле. Бездушната природа повистинито од луѓето, во лицето на страдалниот Христос Го познала својот Спасител и Искупител.

„Слатко чедо, мајка сум која без болки роди, болки големи сега трпам“ – говореше плачејќи Мајката Божја. Како ли и било нејзе и што чувствувала во Своето срце? Болка, болка голема ја обземало нејзинато срце, гледајќи го својот Син како го камшикуваат и на крај распнат на Крст! Плачела душата нејзина, плачеа ангелите, плачеа жените мироносици за Христа, кој што привремено заспа и влезе во „срцето на земјата“. Како што светлината нема ништо заедничко со мракот, како што сонцето не прави студ, како што љубовта не раѓа завист, како што светоста е далеку од неправдата, така најсветиот и најисполнетиот со љубов, Страдалникот Христос е без никаков грев. Пак ќе речам, Неговата пречиста глава не беше украсена со круна од злато и од скапоцени камења, туку со венец на бодликави трње. Неговото Божествено лице, во кое без трепет не можат да гледаат ангелските чинови, од грешници беше удирано и плукано. Неговите свети раце беа прободени со клинци. И Неговите пречисти нозе, кои никогаш не оделе по патот на гревот, ги носат врз Себе раните и приковувањето на крстот. Неговото живоносно срце, кое биело со љубов кон сите, е прободено со копје…

Со што да Му се заблагодариме на Спасителот за Неговата жртва за нас? Свети апостол Павле на ова ни вели: „Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној Кој умре за нив и воскресна“ (2 Кор. 5,15). Да не ги обновуваме раните на Неговото преполно срце со љубов преку лоши чувства: завист, лага, злоба и преку нечисти желби. Он храбро го победи злото, за нас да не спаси. Најголемиот трик кој ѓаволот некогаш го извел, е да го увери светот дека тој не постои.

Еден универзитетски професор им го поставил на студентите ова прашање:

– Дали Бог создал сè што постои? Еден студент смело му одговорил: – Да, Бог создал се што постои!

– Бог создал сè што постои? – запрашал професорот уште еднаш.

– Да, професоре, – одговорил студентот. Веднаш потоа професорот рекол:

– Ако Бог создал сè, тогаш го создал и  злото. Бидејќи злото постои, а земајќи го предвид принципот дека не одредува она што го работиме, тогаш и Бог е зол!

Студентот останал молчејќи, а професорот полн во себе констатирал како тој уште еднаш докажал дека, она во што христијаните веруваат е всушност мит.

Друг студент кренал рака и го прашал професорот дали може нешто да го праша.

– Се разбира, – одговорил професорот.

– Студентот станал и рекол:

– Професоре, дали постои студенило?

– Какво е тоа прашање? Се разбира дека постои. Зарем никогаш не ти било студено? Студентите за закикотеле на прашањето од колегата.

Момчето одговорило:

– Всушност,професоре, студенило не постои. Според законите на физиката, она што ние го сметаме за студенило во реалноста е отсуство на топлина. Секое тело или објект, според проучувањето, има или пренесува енергија, а топлината е таа што прави телото да има или да пренесува енергија. Апсулутна нула значи потполна отсутност на топлина и сите нешта стануваат инертни и неспособни за реакцијата на таа температура. Студенилото не постои. Ние го создаваме овој збор за да опишеме како се чувствуваме ако немаме топлина.

Студентот продолжил со прашањата:

– Професоре, постои ли злото?

Сега малку несигурен, професорот одговорил:

– Се разбира, како што веќе реков. Злото го гледаме секој ден. Најчесто во секојдневните примери на човековата нечовечност кон другите луѓе, во злоделата и ширум светот.

На тоа студентот одговорил:

– Професоре, злото не постои, или барем не постои самото по себе. Злото е едноставно отсуство на Бога. Токму како и студенилото, тоа е поим кој луѓето го создале за дса го опишат отсуството на Бога. Бог не го создал злото. Злото не е како верата и љубовта кои постојат  токму како што постојат и светлината и топлината. Злото е последица на она што се случува кога во срцето на човекот не е прусутна Божјата љубов. Токму како и студенилото, кое го доживуваме во отсуство на топлина, или како мракот кога се случува кога нема светлина.

Професорот седнал. Студентот се викал Алберт Ајнштајн.

Навистина овде имене многу убав пример за злото, кое што владее во светот. Всушност тоа зло го прават луѓето, не сакајќи да се присоединат кон Христа. Христос воскресна, за да ги воскресне и нашите души. Гробот стана лулка на нов живот, крајот стана почеток на вечноста, смртта – триумф на бесмртноста, тагата – извор на радост. Со воскресението на Христа, вечно е утврдена вистината на Христовото слово и Неговата главна цел – спасение на човечкиот род. Оттогаш започнува нова ера во животот на човекот, Царството на благодатта, епохата на спасението. И кристалниот поток на новото учење за братство и за мир, за љубов и правда, за чистота и светост, бзро се разлеа по светот. Ги напојува жедните души, ги освежува и ги бодри разбиените и растргнати срца, ја воскреснува закопаната надеж, го издигнува и го насочува погледот нагоре: кон небесата, кон Бога.

Целта на Христовите страдања беше љубовта на Отецот кон човекот, исполнета преку Синот. За тој (човекот) да се спаси, да дојде до познавање на Евангелската вистина и да стане граѓанин на Царството небесно. Празна ќе беше нашата вера ако, пак, не воскреснеше Христос и ако не пострадаше заради нашите безаконија. Всушност, Спасителот Исус Христос го исполни целото пророштво и домостројот на Отецот Небесен за спасението на светот. Времето на Новиот завет започна со доаѓањето на Месијата, и во него (светот) Христос ја донесе љубовта, односно го учеше народот на љубов, смирение, чиста молитва, дела богоугодни… Надежта за човекот, дека ќе се спаси, не згасна. Светот ја доживеа најголемата радост во својата историја, со доаѓањето на Христа, и уште порадосно со неговото славно воскресение.

Затоа човекот никогаш не треба да го заборави овој голем подарок на човекот, а најголемиот подарок за нас е нашето спасение, дадено преку страдањата Христови. И ние да се облечеме во Христа и со Неговото име да ги победуваме искушенијата и страстите и како што вели свети апостол ПавлеА мене да не ми даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот (Гал. 6,14).

Дип. теолог: Емилијан Зелнички

Објавено:

ВИСТИНА бр. 91; стр. 24;