Недела на Страшниот Суд (Месопусна недела) – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола

На 27.02.2022 г., во третата подготвителна недела пред Великиот пост, Недела на Страшниот Суд или Месопусна недела, кога го празнуваме споменот на упокојувањето на Свети Кирил Солунски, преподобниот Авксентиј и споменот преподобен Исакиј, затворник Печерски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола. 

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

На оние од неговата десна страна ќе им рече: „Дојдете благословени од Мојот Отец и наследете го Царството, кое Ви е приготвено од создавањето на светот“ (сп. Мат. 25, 34), а на оние пак од Неговата лева страна ќе им рече: „Одете вие проклети во вечна мака, каде што е сатаната со неговите ангели“ (сп. Мат. 25, 41).

Го слушнавме, браќа и сестри, денешното Свето Литургиско Евангелие, кое говори за Страшниот Суд, за денот на гневот Господов, како што вели Светиот пророк Софроние.

Денот Господ или Второто Христово доаѓање, ќе биде онака како што е кажано во Светoто Писмо, кога Спасителот Господ Исус Христос се вознесувал на небесата и  Светите Ангели им рекле на насобраните луѓе: „Го гледате ли Овој Христос, Кој сега се вознесува на небесата, пак ќе дојде на ист начин на земјата, за да им суди на живите и мртвите“ (сп. Дела 1, 11).

Браќа и сестри, секако дека ќе дојде Страшниот Ден, кога Христос повторно ќе дојде на земјата за да им суди на живите и на мртвите. Но пред тоа има уште еден суд, а тоа е времениот суд, кога ние по нашата смрт, добиваме времено блаженство или времени маки и страдања.

Кога ќе дојде Страшниот Суд, во Светото Писмо, кај Светиот апостол и евангелист Матеј се вели дека тогаш Христос со своите Свети Ангели, ќе слезе од небесата на земјата.

Спасителот Господ Исус Христос, првиот пат дошол на земјата како понижен, заради нас и заради нашето спасение, односно се родил во пештера, легнал во јасли, живеел меѓу луѓето, лекувал од секакви болести, доброволно страдал за нас, бил биен, тепан по плеќите, плукан, на главата му ставиле трнов венец, неправедно осуден и Му го дале да го носи Крстот, бил распнат на Голгота, за потоа, да ја пролее Својата Света Крв заради нас и заради нашето спасение и на крајот да Воскресне во третиот ден според Писмото и во четириесетиот ден да се Вознесе на небесата.

Овој пат, браќа и сестри, на крајот на светот, на Страшниот Ден, Христос ќе дојде поинаку, ќе дојде како праведен судија, од сите четири ветрови или страни, како што вели Светото Писмо. Христос ќе дојде со Своите Свети Ангели во слава и ќе седне на Својот Престол и сите народи од целиот свет ќе застанат пред Него. Тогаш, браќа и сестри, ќе се отворат книгите, односно книгите на секој од нас, зашто секој од нас, од нашето раѓање па сè до смртта, свесно или несвесно, знајно или незнајно, пишуваме книга, т.е. книга за нашиот живот, како сме растеле, како сме живееле, што сме мислеле, што сме чувствувале, што сме посакувале, какви желби, страсти и дела сме имале. Ние за сето тоа што сме го доживеале, пишуваме своја книга.

Детето пишува своја книга за своето детство, момчето и девојчето, пишуваат своја книга, за својот младешки живот, своја книга пишува и средовечниот човек, и старецот, и старицата. Сите ние пишуваме свои книги, кои на Страшниот Христов Суд ќе се отворат и во нив ќе се види сè што е напишано.

Ние, браќа и сестри, ќе посакаме, она што во нашиот животот не било добро, како на пример нашето однесување, живеење и мислење, сето тоа ако е можно да се сокрие. Но тоа не може да се сокрие, зашто судијата е Христос, Кој сè знае и сè гледа. Ние имаме уште еден судија кој ќе ни суди, а тоа е нашата совест, која е непоткуплив судија. Најопасното е кога нашата совест нам ќе ни суди и ќе не обвини на Страшниот Суд, за сите наши дела и постапки. Тогаш децата ќе речат, еве што сме напишале во нашата книга, а исто така одговор пред Христа ќе дадат и нивните учители и наставници што ги учеле и воспитувале. Сето тоа ќе биде изнесено пред Христа вечниот Судија.

Исто така, постапките и мислите на младешкиот живот на момчињата и девојчињата, ќе бидат запишани во книгите, кои потоа ќе се отворат и ќе се прочитаат пред целиот свет и пред сите народи. Сопругата, сè што криела од својот маж, јавно ќе биде изнесено во книгата, но исто така и сопругот, сè што криел од својата сопруга, за чесниот или нечесниот живот, сè ќе биде запишано во книгата и сè ќе стане јавно. Кога ќе се отворат книгите, на секого од нас ќе ни се суди, според нашиот живот и според нашите дела..

Ако денес со современата техника, сè што говориме се запишува на диктафоните или на камерите, кои се поставени како заштита на објектите, на кои сè се гледа, тогаш треба да знаеме дека од Бога не можеме ништо да скриеме. Во Бога сè е запишано до ситници и тоа нема никогаш да се избрише, туку секогаш ќе постои. Единствен начин да се избрише она што сме го направиле на недостоен, нечесен и несправедлив начин, е да се покаеме за нашите гревови. Покајанието пред сè значи, да го признаеме сето она што сме направиле од детството до староста, да го согледаме нашиот грешен живот и да ги отфрлиме сите наши грешни чувства, желби, мисли, помисли и фантазии. Секој направен грев во нашиот живот, треба да го исповедаме пред нашиот духовник (свештеникот) и да побараме од Бога прошка за гревовите, а свештеникот или духовникот, не смее никому да каже за нашите гревови, бидејќи ако каже, ќе одговара пред Бога и ќе го загуби својот чин.

Зошто, браќа и сестри, кога ги правиме тие гревови, не мислиме дека сите тие гревови на Страшниот Суд ќе бидат пред цел свет јавно покажани, но нам сатаната секогаш ни вели, скриј што е можно повеќе од гревовите, особено поголемите и на тој начин ќе изгледаш пред луѓето дека си чесен, достоинствен, дека си некој значаен човек, дека си добар родител, дека си добар син, добра ќерка, добар дедо или добра баба, а тоа е најгрешното и најстрашното, зашто ѓаволот токму на тоа и не поучува, да ги скриеме гревовите, за да бидеме во вечна мака осудени.

Слушнавте, браќа и сестри, што е речено во денешното Свето Евангелие: кога Христос повторно ќе дојде во Својата слава за да им суди на живите и на мртвите, ќе седне на Својот Престол и сè ќе биде откриено од она што сме направиле. Ништо нема да биде скриено! Ќе бидат избришани само гревовите што сме ги исповедале пред нашиот духовник и по негов совет сме направиме добри дела, спротивни на гревовите, односно ако сме лажеле, сме почнеме да ја говориме вистината, ако сме краделе, сме го вратиме украденото и сме им помогнале на оние кои имаат потреба, односно на сираци, сиромаси, вдовици, болни и.т.н. Кога ќе дојде Страшниот Суд, тогаш, браќа и сестри, на сите ќе ни биде дадено според делата.

Страшниот Суд е изобразен на многу фрески во храмовите, како што е Сикстинската капела, каде Христос е изобразен како од Него зрачи светлина, благодат и љубов, бидејќи Христос нашиот Спасител е љубов и токму затоа Он така зрачи кон сите оние што правеле добри дела. Но кон оние што правеле зли дела, Христос и кон нив зрачи со светлината, но тие (грешниците) не можат да бидат спокојни, бидејќи се исполнети со омраза и зло. Во грешниците е присутен гневот кон доброто, па затоа, кога ќе се појави доброто, лошото не може да го поднесува доброто, па токму затоа и грешниците не го поднесуваат Христа, бидејќи доброто и злото немаат ништо заедничко. Злото е спротивно на доброто.

Како што спомнавме, Страшниот Суд е изобразен во Сикстинска каппела, потоа фрески од Страшниот Суд имаме и во црквата Свети Александар Невски во Софија, а исто така и на влезот од нашата соборна црква Свети Димитриј и во многу други цркви. Од тоа од тоа дека ќе дојде судниот ден нема бегање. Нашиот народ кажал дека тоа што ќе посееме, тоа и ќе пожнееме. Тоа е кажано и во Светото Писмо, за сè што ќе направиме, ние ќе треба да дадеме одговор на Страшниот Суд.

Ние, браќа и сестри, треба да правиме добри дела, зашто во денешното Свето Евангелие, ги слушнавме зборовите на Спасителот наш Господ Исус Христос: „Гладен бев и Ме нахранивте, жеден бев и Ме напоивте, необлечен бев и Ме обелковте, во блоница бев и Ме посетивте, во затвор бев и дојдовте да ме видите“ (сп. Мат. 25, 35-36). Ете, браќа и сестри, како Господ им се обраќа на праведниците, а тие ќе Му возвратат: „Годподи, кога беше гладен, Те нахранивме; кога беше жеден, и Те напоивме; кога беше необлечен, и Те облековме; кога беше странец, и Те примивме; кога беше во затвор, и дојдовме да Те посетиме?“ (сп. Мат. 25, 37-38). Тогаш Он ќе им рече: „Ако тоа го направивте на овие Мои најмали браќа, Мене ми го направивте“ (сп. Мат, 25, 40). А на оние од Неговата лева страна ќе им рече: „Гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте“ (сп. Мат. 25, 43-44). А тие ќе прашаат, кога Господи ние тоа не го направивме? А Он ќе им рече, ако тоа на Моите најмали браќа не им го направивте, вие тогаш тоа и Мене не ми го направивте.

Затоа, Свети Василиј Велики вели дека ако сме милосрдни, а тоа значи ако им правиме добри дела на луѓето, тоа Му го правиме на Самиот Бог и Господ тоа го прима.

Свети Јован Златоуст пак вели дека ако правиме дори дела на луѓето, за тоа на небесата Господ ќе ни возврати стократно. Затоа Господ вели, не сакам жртви, туку милост сакам, односно на Бога не му се потребни толку жртвите, туку милосрдието, односно покажувањето на милост. Оттаму спасението на човечкиот род, зависи од милосрдието. Не случајно Спасителот Господ Исус Христос рекол, ако и една чаша вода, во Мое име, дадете на оној што има потреба од неа, знајте дека вашата награда на небесата нема да биде изоставена. На тој начин, сè што правиме добро, истото треба да го правиме во името на Христа нашиот Бог и Спасител.

Колку и какви големи дела да направиме, ако не се во името на Христа, во името на Бога и за Бога, тие нема да бидат примени како награда во Царството Небесно, бидејќи ги правиме за да се покажеме пред луѓето, а Господ вели, „да не знае вашата лева рака што прави десната“ (сп. Мат. 6, 3). Добрите дела треба да бидат правени скришно, „за Господ, Кој што гледа тајно, да нè награди јавно“ (сп. Мат. 6, 4). Што значи, ние треба така да се однесуваме и така да постапуваме.

Страшниот Христов Суд е неизбежен. Некој мислат дека тоа се приказни. Да си спомнеме од Светото Писмо за тоа како праведниот Ное, сто и дваесет години, им кажуваше на луѓето, „заради гревовите ваши, ќе дојде потоп на земјата“, но тие не веруваа. Само Ное со неговото семејство веруваше и по сто и дваесет години дојде потопот и сè уништи.

Ние денеска, ако отидеме и погледнеме во некои музеи, како во нив се изложени некои големи животни, кои некогаш живееле, а не можеле да живеат на некои сосема други страни од светот, ете тие се доказ дека постоел потопот. Доказ е и тоа дека на планината Арарат е најден и коработ во кој бил Ное со неговото семејство во времето на потопот. Дека светот ќе се уништи, тврдат и најголемите научници. Тие велат дека многу планини се симнале и се снижиле на половина, затоа што од непогодите, земјата полека се разнесува и урива, а ние тоа денеска го гледаме, од многубројните поплави од кои се полни морето. Кога се полни морето, се издига водата и еден ден, дали тоа ќе биде по илјада или по милиони години, не е битно, земјата ќе се израмни и ќе биде долу, а водата ќе биде горе. Така велет научниците. Други пак велат дека сонцето не е непресушен извор на светлина и топлина и дека еден ден тоа ќе згасне. Тоа е точно дека ќе згасне сонцето, бидејќи така се вели и во Светото Писмо дека кога ќе дојде Страшниот Суд, сонцето ќе помрачи, месечината ќе ја изгуби светлината, сите небесни тела ќе се расклатат, ѕвездите ќе паднат, земјата ќе се тресе, односно сè ќе престане да функционира. Тогаш Господ ќе дојде со Ангелите и ќе биде Страшниот ден, како што вели Светиот пророк Софрониј, браќа и сестри.

Затоа, мислата и споменот за Страшниот ден, треба да бидат присутни во секој од нас. Затоа нашата Света Црква, денеска во Месопусната недела, ни укажува на Страшниот Суд, дека еден ден ќе дојде Страшниот Суд.

Да си спомнам на Страшниот ден, како што тоа го напишале и направиле пред нас, некои познати и современи поети, уметници и композитори, како што се:Архангелски, Верди и Моцард, кои говорат за крајот на светот.

Како што е кажано во Светото Писмо, ќе преповторам, тоа е кажано кај пророкот Исаија, а особено кај пророкот Еремија, кој на царот Седекија му претскажал дека ќе дојде поробувањето на Еврејскиот народ, но царот и народот не верувале. Па така, Навуходоносор дошол во Ерусалим и настанала пеколна состојба. На царот, пред негови очи му биле убиени неговите синови, а потоа тој бил ослепен и однесен во заточеништво со Навуходоносор.

Истото го доживеале и Мисирците, кои го минале Црвеното Море, а исто така и шестотини илјади Евреи, кои не верувале Месијата (Христа) и загинале во тогашната пустина, на патувањето од Мисир до Ветената Земја. Сето тоа ќе се случи, браќа и сестри, но од нас што се бара? Од нас се бара, да мислиме за крајот на светот, односно за смртта.

Кога ќе биде крајот на светот? Некои адвентисти велеле дека тоа ќе се случи во 1844 година, па сè што имале изеле и испиле и на крајот на краиштата не дошол крајот на светот. Истото тоа го повториле и во 1914 година, за време на Првата Светска војна, но и тогаш не дошол. Никој не знае кога ќе биде крајот на светот, зашто Господ рекол дека ниту Ангелите не знаат кога ќе биде тој ден.

Знаете ли, браќа и сестри, кога ќе биде за нас крајот на светот?  За нас карајот на светот ќе биде кога ќе умреме и тогаш ќе ни се суди, на временот суд, а потоа на Страшниот Суд

Да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, која е  заштитничка на нас грешните и недостојните, на Светите Ангели и на Сите Свети, Господ да ни даде сили да поживееме достојно и чесно, за да се најдеме од десната страна на Спасителот наш Господа Исуса Христа. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар