Недела на митарот и фарисејот – Света Архиерејска Литургија во храмот „Света Великомаченица Недела“, во Битола

На 13.02.2022 г., во Неделата на митарот и фарисејот, кога го празнуваме споменот на Светите бесребреници и чудотворци Кир и Јован Светата маченичка Трифена и споменот на Преподобен Никита Печерски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Пенчо Пусоски, ѓаконот Александар Маргулевски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченица Недела, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат“(сп. Лука. 18, 14).

Браќа и сестри, оваа недела е посветена на митарот и фарисејот (цариникот). Имено, како што слушнавме од Светото Божествено, Литургиско Евангелие, во храмот влегле двајца луѓе, едниот бил фарисеј, а другиот цариник (мирар). Фарисеите сакале секогаш да бидат на првите места, за да ги видат луѓето и да имаат високо мислење за нив. Ете, цариникот кога влегол во храмот, веднаш почувствувал дека не е достоен да се приближи до Светиот олтар, па затоа на колена паднал во задниот дел од храмот, каде се молел.

Фарисејот, пак, браќа и сестри, стоел напред и со кренати раце се молел гласно извикувајќи, за да го слушнат сите, велејќи: „Ти благодарам Боже, што не сум ајдук, разбојник и прељубодеец, што не сум човек што краде и убива. Постам двапати во седмицата и давам десеток од сè што придобивам“ (сп. Лука 18, 11). Фарисејот во своите молитви и горделивост, не застанува тука, туку продолжувал дури да го понужува и својот ближен, велејќи: „Не сум ни како овој митник, кој што е долу“ (сп. Лука 18, 11).

И ете, браќа и сестри, истовремено имаме, еден друг свет, еден друг човек, кој длабоко во душата и срцето ја чувствува својата грешност, па биејќи се во градите и срцето, каде што се сместуваат грешните желби, похоти, страсти и чувства, вели: „Биди милостив кон мене грешниот Боже и прости ми ги моите гревови“ (сп. Лука 18, 13).

Нашата Света Црква, браќа и сестри, како мајка, пред да почне Велигденскиот пост, т.е. само на три седмици до постот, грижливо нè воведува во суштината и значењето на Велигденскиот пост, дека постот не е цел во нашиот живот, туку дека постот е средство со кое ние треба да влијаеме врз нашето срце, врз нашите лоши чувства, мисли, похоти, страсти и фантазии, кои се во нашиот ум и срце, и дека сето тоа треба да го отфламе. Затоа треба да се потрудиме, да ги примаме само добрите: мисли и помисли, желби, чувства и однесувања и добрите дела, бидејќи само така можеме да се спасиме.

Гордоста, возљубени браќа и сестри, è најпогубното нешто за човечката душа, а за тоа ни говори и Светото Писмо. Нема човек кој што не згрешил и кој не е во гревови, освен Единиот Бог и Спасител наш Исус Христос. Ете, дури и Мајката Божја, Пресвета Богородица, иако немала свои лични гревови, во себе го носела гревот на нашите прародители Адам и Ева, но заради тоа што немала свои лични гревови, се удостоила да Го прими во својата Света утроба Самиот Син Божји, Логосот Божји, Месијата, Спасителот наш Исус Христос.

Дека гордоста е страшна и опасна и дека сите ние (луѓето) сме во гревовна состојба, говори и Светиот Јован Богослов, кој вели: „Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас“ (1. Јов. 1, 8).

Поради гревовната состојба на луѓето, кои до таа мера паднале во грев, така што Господ не можел да се смилува, па затоа во времето на праведниот Ное, пуштил сеопшт потоп, зашто само Ное со своето семејство бил праведен човек и само тој со семејството се спасил во бродот, што е откриен на планината Арарат.

Браќа и сестри, исто така и оние што мислеле дека можат да прават смртни и страшни гревови, и дека нема да бидат казнети, се измамиле. Како пример ги имаме градовите Содом и Гомор, кои биле уништени, а таму денеска е мртвото море, во кое нема никаков живот, затоа што немало праведен човек, освен праведниот Лот со своето семејство. Праведниот Авраам го молел Господа да ги поштеди градовите Содом и Гомор, а Господ му рекол: „Ако во градовите Содом и Гомор има сто праведници, ќе го запазам градот, па и педесет, и дваесет,  дури и десет мина“ (сп. 1. Мој. 18, 26). Па така, одлуката Божја била дека градовите Содом и Гомор требало да бидат уништени, а денеска на нивното место се наоѓа Мртвото море, во кое нема никаков живот, за да бидат доказ дека за гревовната состојба на луѓето, казната е смрт.

Ете, веќе кога зборуваме за тоа дека гордоста е опасна работа, да си спомнеме и за силниот Голијат како ги убиваше сите борци, кои со него се бореа, бидејќи беше огромен по својот раст, но беше поразен од малечкиот овчар Давида, кој што со праќата своја со камен го удри во челото и го уби, а овој (Давид) едвај го подигна мечот, со кој Голијат ги убиваше луѓето и му ја пресече главата. Гледате ли до каде оди гордоста!

Горд беше и царот Саул, кој отиде кај врачарката во Ендор, за да му каже што ќе биде со неговото царство, па заврши со самоубиство.

Спасението е во смирението, бидејќи без смирение нема спасение. Само смирен и трпелив човек може да очекува спасение, а за тоа имаме прекрасни примери, и во Стариот, и во Новиот Завет. Како пример ќе го земеме Светиот праведен со Јов, кој рекол: „Ако зборувам дека сум нешто, мојот јазик ќе ме прекори за тоа“. За тоа дека човекот не добро да се гордее, туку треба да биде смирен, говори и Светиот пророк Давид, кој вели: „Дај ми срце смирено Боже“ (сп. Пасл. 50, 10). Ете, такво смирение било потребно.

Смирен во своето однесување, бил и Светиот славен пророк Мојсеј, кој бил еден од најсмирените и најкротките луѓе, иако по тело бил жив, темпераментен и силен, но смирен по дух. Смирен бил и Светиот Славен Пророк, Претеча и Крстител Јован Крстител, кој рекол дека на Господа Исуса Христа не е достоен да Му ги одврзе ни ремењата на Неговите обувки. Смирен бил и Светиот апостол Павле и Светиот апостол Петар.

Свети апостол Павле вели дека е прв меѓу грешниците и дека не е достоен да се нарече апостол Божји, оти ја гонел Црквата Божја. А Свети апостол Петар, во свое време т.е. кога видел како Спасителот Господ Исус Христос ја смирува бурата на езерото, и особено за богатиот улов на рибите, бидејќи се чувствувал грешен, му се обратил на Господа со зборовите: „Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!” (Лука 5, 8), а Господ му вели дека ќе го направи да биде ловец на луѓе.

Ѓаволот, браќа и сестри, е измамник од искони, кој ги измамил и нашите прародители Адам и Ева, велејќи им дека ќе бидат богови, па дури и погоре од Бога, ако јадат од забранетиот плод.

Па токму затоа, Светиот апостол Павле ќе рече: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“ (сп. Рим. 5, 12). Ете, тоа е и суштината на денешното Свето Евангелие, кое ни укажува на тоа дека не треба да бидеме горделиви, како оној фарисеј, кој велел: „Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник“ (сп. Лука 18, 11). А и ние не сме подалеку од него, иако доаѓаме во црквата, сепак велиме: „Види го оној каков е, се облекол не пристојно или не се исчешлал, не се измил убаво или незнам што, заборавајќи дека само тој си знае каков товар носи, кога дошол во Црквата, како цариникот, кој паднал на колена, се биел во градите и барал прошка за гревовите.

И ние, возљубени браќа и сестри, страдаме од две големи работи, од два големи грева, а тоа се високоумието, кога за себе виско мислиме и велиме дека никој не е како нас, дека ние сме подобри од сите, попаметни, поучени, поснаодливи, и сето тоа си го припишуваме на себе, заборавајќи дека Господ Исус Христос рекол: „Ништо не можете да правите без Мене“ (сп. Јован 15, 5). Исто така, ние не треба да забораваме дека сме прав и пепел, како што читаме во една стихира на опелото. Ние сме ништожни пред Бога, па затоа смо тогаш, кога ќе се унижиме, можеме да се возвисиме. А најголем пример за тоа имаме во Христа нашиот Бог и Спасител, Кој како човек, не го сметал за грабеж тоа да се изедначи со Отецот по Божество, зашто е Син Божји, еднаков по природа и суштина со Отецот и Светиот Дух.

Христос нашиот Бог и Спасител, толку многу се смирил, така што благоволил од преголема љубов кон нас грешните да слезе на земјата и да прими човечко тело и во сè да се изедначи со нас луѓето, освен во гревот. Христос Спасителот поживеал со луѓето, пострадал, бил биен, тепан, плукан, неправедно осуден на смрт, трнов венец Му ставиле врз главата, Крстот Му Го дале да го носи на Голгота, на кој бил распнат и ја пролеал ја Својата Света Крв, со која нè избавил од гревот и смртта. Но, воскреснал од мртвите по три дена и ја вознесол на небесата нашата падната природа, за да ја освети и прослави, седејќи одесно на Бога Отецот.

Ете, каков пример ни дал Господ Исус Христос, Синот Божји, Кој доброволно осиромашил заради нас, се понижил да биде слуга, да им ги мие нозете на Неговите ученици – Апостолите. Ете, Он покажувајќи ни прекрасен пример ни вели: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“ (сп. Мат. 11, 28-29).

Господ Исус Христос ни покажува начин како да постапиме за да се спасиме. Па имајќи го сето тоа во предвид, во оваа недела на митарот и фарисејот, не ни останува ништо друго, освен да поченеме од денес, од сега далбоко да навлегуваме во нашите умови и да не дозволуваме во нашиот ум да не влегуваат никакви грешни мисли, да не дозволуваме тие грешни мисли, ако веќе влегле, да станат побуди и страсти, зашто помислата е всушност мисла со слика, а кога ние недај Боже, ќе почнеме да си разговараме со грешните мисли и помисли, тогаш создаваме фантазија, си вообразуваме, си правиме филмови, а тоа е најгрешната состојба на човекот, бидејќи сите тие мисли, помисли и фантазии, не се задржуваат во умот, туку слегуваат во срцето и стануваат грешни желби, чувства, похоти, страсти и преминуваат во грешни дела. Затоа (ние) треба да си поставиме стражар на својот ум, за секоја мисла што ќе дојде, ако не е добра, веднаш да ја отфрлиме. Некој ќе рече: „Па како можам да ја отфрлам грешната мисла, кога таа на некој начин ме заробила?“ Зарем кога ќе се приближиме до огинот и кога ќе видеме дека е жешко, не ја тргаме ли раката, ногата, или лицето, оти е жешко, а кога треба за умот да размислуваме, тогаш ние велиме: „тоа не е ништо“, зашто ѓаволот така нè учи, дека не можела да се отфрли некоја грешна мисла, желба, похот или страст. Може сè да се отфрли, само треба одлука да се донесе и да се рече ова не го правам, оти знаеме дека и децата кога знаат што е лошо, не го прават тоа, а возрасните, го прават тоа. Зошто? Затоа што дозволиле полека ѓаволот да почне да владее со нив, а ако со нас почне да владее ѓаволот, тогаш тој ќе се всели во нас како во Јуда, и после тоа, ние не управуваме со себе, туку ѓаволот управува со нас.

Еден свет човек вели вака: „Жалам за самоубијците, затоа што заборавиле дека мислата за да се самоубијат, е од ѓаволот“. Сите грешни мисли и желби, се од ѓаволот.  Сè што е лошо не е наше, туку е од ѓаволот, а сè што е добро, е од Бога. Наша е одлуката, браќа и сестри, дали ќе го прифатиме доброто, или ќе го прифатиме лошото.

Да се помолиме, преку молитвите и застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица и на Сите Свети, Господ да нè помилува и да нè спаси.

Па така, браќа и сестри, по примерот на митарот, и ние да речеме: „Боже, очисти ме мене грешниот и помилувај ме“ (сп. Лука 18, 13). Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар