Задушница – Света Архиерејска Заупокоена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 19.06.2021 г., во саботата пред Духовден, кога молитвено си спомнуваме за сите упокоени наши отци, браќа и сестри, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света  Заупокоена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.

После Божествената Литургија, беше отслужена Панихида за упокоените во верата праотци, отци, мајки, браќа и сестри наши, со надеж на Воскресение и вечен живот.

Бог да си спомне и за сите знајни и незнајни чеда на Светата Православна Црква, кои имаат потреба од нашите молитви.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов. Бог не е Бог на мртвите, туку на живите” (сп. Мат. 22, 32).

Овие патријарси, браќа и сестри, живееле многу стотици години пред Христа, пред Неговото воплотување и раѓање во тело. И ете, за овие мртви (починати) луѓе, Господ вели дека се живи и дека Он не е Бог на мртвите, туку дека е Бог на живите.

Веднаш се поставува прашањето, кои се живи, а кои се мртви?

Мртви, не се оние што умреле и кои се телесно отсутни, мртви се оние што се заборавени и кои не се во заедница со Бога. Самиот ангел Божји, преку устата на Светиот Евангелист Јован, преку кого говори Господ за една (апокалиптична) Црква, а Црквата се верните со свештенството и епископот на таа Црква, кому Господ му вели: „Иако си жив, знам дека си мртов, зашто ги знам твоите дела“ (Откр. 3, 1), што значи Господ кажува кои се живи, а кои се мртви, без оглед во каква положба тие се наоѓаат. Можат да бидат на највисока положба, а да се мртви, а можат да бидат и слуги, а да се живи. Што значи, Господ според делата определува кои се живи, а кои се мртви.

И токму во тој дух, ние денеска, кога нашата Света Православна Црква определила три пати во годината да се прават посебни молитви и молења, а тоа не значи дека ние не треба да се молиме секој ден и на секоја Божествена Литургија и за покојните. Значи  не само за живите во овој свет, туку и за починатите се молиме, за кои како што слушнавме Христос рекол дека тие, иако можеби се починати, сепак се живи, и обратно, и некои од живите, иако се живи телесно, мртви се духовно.

Човекот е психофизичко суштество, составен е од тело и од душа, и токму заради тоа, браќа и сестри, ние сме должни правилно да се однесуваме, зашто во животот наш должноста е да ги исполнуваме Божјите Заповеди. Затоа Господ и рекол: „Моја мајка, Мои браќа и Мои сестри, се оние што ги исполнуваат Моите Заповеди“ (сп. Мат. 12, 47-48). Па така и ние денеска, сме собрани во овој Свет храм, за да се помолиме за покој на душите на починатите наши сакани, браќа и сестри, и сите од века претставени пред Бога, било тоа да се архиереи, свештеници, свештеномонаси, монаси, ѓакони или православни христијани.

Браќа и сестри, затоа укажуваме на обврската на секој од нас дека треба да се грижиме и да се молиме за покој на душите на починатите, браќа и сестри, кои почиваат тука и насекаде во светот.

Треба да се молиме секогаш за нив, навечер, наутро и напладне. Треба да се молиме особено на Божествените Литургии. Правилно постапуваат оние, кои како постарите жени што носат литургија или поточно речено просфора во храмот и ја предаваат на свештениците, т.е. на оној свештеник што ќе служи Божествена Литургија, за од неа да извади честички. Свештеникот од просфората најнапред го вади Телото на Христа нашиот Бог и Спасител, именувано Агнец Божји, што го претставува Христа нашиот Бог и Спасител, а потоа вади честичка за Пресвета Богородица, за Ангелите, за Свети Јован Крстите, за апостолите, светителите, за мачениците, за исповедниците и конечно вади честичка за оној светител на кого се служи Божествената Литургија. Па така, кога ние се молиме во храмот, ние се молиме, за живите и во овој свет, а исто така и за починатите, кои се преселиле во оној свет. И така, свештеникот кога ги вади честичките за време на првиот дел од Литургијата, кој се именува Проскомидија, ги спомнува по ред живите, а исто така ги спомнува и покојните. Тоа всушност говори дека Црквата е една, браќа и сестри, само се разликува по тоа дали е во овој свет, кој е преоден, или во оној свет, кој е вечен.

Црквата во овој свет се именува воинствена Црква, која се бори со сатаната и со неговите ангели (демоните), а Небесната Црква се именува торжествената, и неа ја сочинуваат Света Троица, Мајката Божја, Ангелите, Свети Јован Крстител, Апостолите и Сите Свети, браќа и сестри, а исто така и сите починати од века православни христијани, кои се крстени и кои живееле во согласност со учењето на нашата Света Црква.

Да не заборавиме дека во денешното Евангелие, што ги читавме на парастасот, се говореше за Лебот Небесен, за Кој Христос вели: „Јас сум Лебот што слегна од небото“ (сп. Јован 6, 48).

Кој е лебот што слезе од небото? Лебот што слезе од небото е Христос нашиот Бог и Спасител, Синот Божји, Кој слезе од небото, т.е. од прегратките на Отецот. Он беше совршен Дух, но заради нас грешните, се понижи Себеси, да прими наше тромо човечко тело и во сè да се изедначи со нас луѓето, освен во гревот, за да нè спаси нас, односно да нè избави од гревот и смртта и повторно да нè врати во единство со Бога.

Па затоа, браќа и сестри, на овој ден, кога служиме Божествена Литургија, не треба само неколкумина да се причестат како што беше случајот денеска, туку сите вие треба да се подготвите и да се причестите на денешниот ден.

Оставете ги тие бабини приказни, од кои некои потоа прават суеверни работи, кои немаат никаква врска со верата. Тие велат, на задушница не требало да се причестуваат луѓето. Напротив, ако ги сакаме нашите покојни и ако вистински ги љубиме, ние денес треба да се причестиме, бидејќи и тие се причестуваат. Ако ние не се причестиме со нив, не сме заедно со нив, односно ние се лишуваме од нивната љубов, сме се лишуваме да бидеме заедно со нив, а цело време кажуваме колку ги сакаме.

Ако вистински ги сакаме нашите покојни, ние ќе дојдеме прво овде, на Литургијата, на заедничката молитва, бидејќи е кажано дека сè што ќе побараме во името на Господ за спасение на душите, ќе ни биде дадено, а ете, ние денеска тоа не го правиме.

Денеска, поголемиот број од православните христијани се на гробиштата, каде што не е забрането да се оди, ама таму се оди по Божествената Литургија. Треба да се дојде прво тука на Божествената Литургија и преку Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, да бидеме едно со нив. Исто така и да се подготвиме за таму, за Царството небесно, зашто овде сме гости. Порано или подоцна сите ние ќе го завршиме нашиот живот и ќе треба да отидеме таму.

Да не заборавиме дека тука на Божествената Литургија, на Светиот Престол, кога ѓаконот, свештеникот или епископот, ги собираат токму оние честички за кои зборувавме, кои се вадат, и за живите, и за покојните на Проскомидијата, свештеникот, ѓаконот или епископот ги полага во Путирот и вели: „Отмый, Господи, грехи поминавшихся зде Кровию Твоею Честною, молитвами святых Твоих“ „Измиј ги Господ гревовите на сите тука спомнати (и живите, и починатите)“, со Твојата чесна Крв, Твоите свети.

Па така ако правилно ја разбереме нашата Православна Вера и Црква, ако ги знаеме нештата, ако си ја знаеме верата и живееме според неа, ние ќе го наследиме Царството Небесно и ќе бидеме учесници во Осмиот Ден, во Вечниот Живот, а ако не си ја научиме верата и не живееме според неа, нема да има спасение и живот во Царството Небесно. Амин!

Бог да ги прости покојните и да им подари рајска населба, а нам, браќа и сестри, мир и утеха. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар