Успение на Пресвета Богородица – Света Архиерејска Литургија во Јанковец

На 28.08.2021 г., кога го празнуваме Успението на Мајката Божја, Пресвета Богородица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на игуменот Спиридон (Поповски) и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, во Јанковец.

На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Апостоли од сите страни, дојдете во Гетсиманија да го погребете моето тело, а Ти Сине и Боже мој, прими го духот мој!“

Браќа и сестри, овие зборови од светилниот на утрената богослужба на Успение на Мајката Божја, Пресвета Богородица, говорат за тоа како Мајката Божја, подготвено го очекува нејзиното Успение.

Имено, од животот на луѓето, знаеме дека кога се говори за смртта, нема човек, кој нема да се натажи и да пролее безброј солзи, заради почивката на саканите и милите, било тоа да се деца, односно девојчиња и момчиња или, пак, возрасни луѓе т.е. старци и старици. Кога ќе се спомне смртта, сите ние сме премногу чувствителни, а за тоа се говори и во една песна на опелото, во која се вели: „Плачам и редам, кога помислувам на смртта“. Ете, сето тоа говори дека нема умирачка, во која луѓето не се натажени и нè ронат солзи. Но има еден празник, на кој не се ронат солзи, туку сите се радуваат, а тоа е денешниот празник Успение на Пресвета Богородица. Зошто? Затоа што Пресвета Богородица не умрела, во смисла нејзиното тело да се распаднало, како што се распаѓа телото на секој човек, туку нејзиното умирање го нарекуваме Успение, а Успение значи заспивање или поточно преминување од овој во оној свет, со телото.

Успението на Мајката Божја, не можело да биде поинаку, зашто Логосот, Синот Божји, Христос Спасителот, Кој од Отецот предвечно се раѓа, по благоволението на Отецот, доброволно посакал да се воплоти заради нас луѓето и заради нашето спасение и да стане човек, во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот, за да нè избави од гревот и смртта и повторно да нè врати во заедница со Бога. Сето тоа не можело да стане поинаку, освен да се најде во светот суштество, кое не е само чисто, туку и пречисто. Ете, затоа Пресвета Богородица уште се нарекува Пречиста.

Сите ние знаеме дека Мајката Божја, Пресвета Богородица, во сите црковни песни е опеана како: пречиста, најчесна и најдостоинствена, зашто таа е изворот на светлината и вместилиште на Невместливиот. Пресвета Богородица, е поширока од небесата, која не може да Го смести Христа, ама Пресвета Богородица, го сместила во својата Света утроба.

Пресвета Богородица, за Апостолите е пофалба, за мачениците, мажественост, за оние кои се во бурите од овој живот, пристаниште, за ожалостените е утеха, а за сираците, мајка. Пресвета Богородица, е мајка и за целиот свет, зашто кога Господ Исус Христос од Крстот му ја предал Пресвета Богородица, на Свети Јован Богослов, му рекол: „Синко, еве ти Мајка“(сп. Јован 19, 27), а нејзе: „Мајко еве ти Син“ (сп. Јован 19, 26). Свети Јован Богослов, го претставува светот, па така сите луѓе во целиот свет, од постанокот, па до крајот на светот, ја имаат Пресвета Богородица за своја мајка, која се грижи за сите нас.

Во тропарот на нејзиното Успение, ние пееме дека таа со Успението, не го оставила светот, иако е во Небесниот Ерусалим со Христа нашиот Бог и Спасител, таа истовремено е присутна и тука со нас. Пресвета Богородица, е повеќе присутна на земјата, отколку на небото, според кажувањето на преподобниот Андреј Јуродивиот, кој бил однесен во Царството Небесно, каде што ги видел сите убавини, Апостлите и сите светители, но не ја видел Мајката Божја. Кога прашал каде е Пресвета Богородица, Му рекле: „Таа е на земјата, каде постојано се грижи за сите луѓе, кои имаат потреба од нејзината помош“.

Пресвета Богородица, браќа и сестри, не е зачната од телесна похот, туку со многубројни молитви од страна на нејзините бездетни родители, Светите Јоаким и Ана, за Господ да им даде чедо. Пресвета Богородица, е родена преку горешти молитви, молби и прозби. Си споменуваме за тоа како Пресвета Богородица, откако се родила, во третата година била однесена во храмот Божји, каде во своите раце ја примил светиот старец Симеон, кој и рекол: „И на тебе самата меч душата твоја ќе ти ја прободе“ (сп. Лука 2, 35) т.е. дека како со меч ќе биде прободена при сите страдања на Господа Исуса Христа. Нејзиното срце било прободувано како со меч, браќа и сестри, и кога Ирод ја барал душата на Богомладенецот, па таа заедно со Јосиф, морала да бега во Египет, за да Го спасат Богомладенецот. Си споменуваме, исто така, како Пресвета Богородица, заедно со Јосифа, Го барала Христа, кога Тој им загинал кога тие се враќале од Ерусалим во Назарет, Кого потоа Го нашле во храмот како ги појаснува писмата и пророштвата на пророците.

Пресвета Богородица, браќа и сестри, секогаш била со Христа Спасителот и ги поднесувала сите навреди упатувани кон неа и кон Него, од страна на книжниците, фарисеите и старешините Јудејски, кои постојано Го клеветеле Христа, а потоа и неправедно Го осудиле на смрт, откако ќе биде биен по плеќите, шамаран по образите, плукан, на главата трнов венец да Му стават и неправедно на Крст ќе Го распнат на Голгота.. Ете, тогаш се исполниле зборовите на Светиот праведен старец Симеон, кој вели: „Меч ќе ти ја прободе твојата душа“ (сп. Лука 2, 35).

По Христовото Воскресение од мртвите, Мајката Божја, Пресвета Богородица, има друг живот т.е. радосен живот, затоа што нејзиниот Син и наш Бог, Воскреснувајќи од мртвите, со Својата смрт, ја победи смртта, а со Воскресението ни покажа дека Он е изворот на животот, а тој извор на животот, го примила Пресвета Богородица, во својата Света утроба, па затоа и се нарекува дека е извор на животот.

После сите овие нешта, Пресвета Богородица, е присутна со Апостолите на сите места, бидејќи е предадена на Свети Јован Богослов, ученикот, кого што Христос нашиот Бог и Спасител, најмногу го сакал. Пресвета Богородица, браќа и сестри, постојано го придружувала во неговата мисија во Ефес, каде што Мајката Божја, била најпочитувана.

На Пресвета Богородица, исто како и Апостолите, преку ждрепка и било одредено место каде да го проповеда Божјото Слово. Нејзе ждрепката и паднала во Македонија т.е. на Света Гора, која се нарекува земја на Пресвета Богородица. Таму нема игумени, бидејќи игуменија е Пресвета Богородица.

И така, Пресвета Богородица, по Воскресението на Христа нашиот Бог и Спасител, ги посетувала сите места каде што Христос лекувал болни од секакви болести, но и местата каде што бил измачуван, тепан, биен, каде што бил распнат на Голгота, но и местото каде што Воскреснал, каде по Воскресението, според Светото Предание, најнапред и се јавувал на Пресвета Богородица, потоа на Жените Мироносици, на Апостолите и.т.н.

Пресвета Богородица, била присутна и на Неговото Вознесение на Маслиновата (Елеонската) Гора, но била присутна и кога Ерусалим бил разорен според Христовото пророштво, кое Христос го изрекол при влегувањето во Ерусалим, кога рекол: „Ерусалиме, Ерусалиме, кој си се воздигнал над сите градови, до темели ќе бидеш разрушен“ (сп. Матеј 23, 27). Па така, ни камен на камен не останало од Ерусалим, според Христовото претскажување, а тоа се случило во седумдесеттата година по Христовото раѓање, кога римските управители Веспасијан и Тит, до темели го разрушиле Ерусалим, а потоа Елие (војсководецот римски), врз рушевините го изградил градчето Елија Капитулина.

Пресвета Богородица, како што читаме во Светото Писмо, длабоко во своето срце ги слагала зборовите на Христа нашиот Бог и Спасител, па затоа во неа се вселил Невместивиот. После Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, Пресвета Богородица, е најпочитуваното суштество на земјата, која е почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите.

Од денешното Свето Евангелие, браќа и сестри, слушнавме дека кога Христос бил во домот на Марта и Марија, сестрите на Лазара, кого Христос го  воскреснал од мртвите, ете, во тој дом Марта се грижела како да Му угоди на Господа со убави јадења, а Марија, пак, паднала пред Неговите нозе, слушајќи го секој збор што излегувал од Неговата. Тогаш Христос и се обратил на Марта со збровите: „Марто Марто ти се грижиш и се трудиш за многу работи ама само едно е потребно, Марија го избра добриот дел кој нема да и се одземе“ (сп. Лука 10, 38-42).

Така браќа и сестри, и ние треба примерот на Марија да го следиме. Имено, тој дел што нема да ни се одземе, е Евангелието Христово, кое Христос ни го предал преку четирите Евангелисти: Матеј, Марко, Лука и Јован, но и преку Посланијата на Светите апостоли: Петар, Павле, Јуда, Јован и другите.

Возљубени браќа и сестри, знаеме ли како треба ние да го празнуваме овој празник т.е. да го избереме оној дел, кој нам нема да ни се одземе, а делот што нема да ни се одземе, е животот според Христа нашиот Бог и Спасител, Кој ни вели: „Не оние што велат, Господи, Господи, ќе се спасат, туку оние кои ја исполнуваат Мојата волја“ (сп. Мат. 7, 21). Што значи, ако ние ги исполнуваме Божјите Заповеди, ќе се спасиме. Христос нашиот Бог и Спасител, за нашето спасение слегол од небесата на земјата, се воплотил и станал човек, во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот. За нашето спасение, Мајката Божја, Пресвета Богородица, по своето Успение, се вознела на небесата, но не го напуштила светот и постојано е со нас. Затоа ние, браќа и сестри, во неа треба да го гледаме она што го гледале светите. Светиот пророк Мојсеј, Пресвета Богородица, ја видел во капината, која гори на Синај, ама не согорува. Светиот пророк Езекил, ја видел како врата, низ која минува вечниот Живот, а тоа е Христос нашиот Бог и Спасител.

Светиот Јаков, пак, ја видел Пресвета Богородица, како скала, која ги поврзува земјата и небото, по која се качуваат и слегуваат Ангели. И сите други Свети, Пресвета Богородица, ја виделе како мост, преку кој се минува од овој во оној свет.

По нејзините Свети молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар