Недела на Сите Свети – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомачени Димитриј“, во Буково

На 27.06.2021 г, во Неделата посветена на Сите Свети, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на  протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов,  протоереите Златко Костовски, Цветко Тасески, ерејот Крсте Тасески и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, во село Буково.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Кој ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец, Кој е на небесата“(сп. Мат. 10, 32), вели Спасителот наш Господ Исус Христос, во денешното Свето литургиско Евангелие.

Оваа недела, браќа и сестри, е недела на Сите Свети. Имено, по Педесетница или Духовден, Светата Црква оваа недела ја определила да биде посветена на Сите Свети, зашто не се знае бројот на светителите во нашата Света Православна Црква, па за да не се случи некои да не бидат спомнати и да не ги прославуваме, зашто има многу светители кои Црквата не ги канонизирала, бидејќи во разни времиња Црквата немала увид за сите оние што пострадале за нашата Света Православна Вера, кои имале вера во Бога, во воскресението и вечниот живот, а ги положиле своите живот и за нашата Света Православна Вера и за Татковината.

Па оттаму, секако дека и меѓу нас има некои Свети луѓе, кои ние не ги знаеме, зашто се кријат и не сакаат да бидат славени и прославувани.

Но нашата Света Православна Црква, на оние кои што пострадале за верата, им дала соодветни епитети, според тоа како верувале и како ја исповедале нашата вера.

Имено, меѓу Светите, ние во Стариот Завет ги имаме, Светите пророци, Светите праведници, како што е Светиот праведен Јов, Светите патријарси, како што се: Авраам, Исак и Јаков; ги имаме судиите и пророците т.е. четворицата големи пророци и дванаесетте мали пророци, и многу други Свети и праведни луѓе во Стариот Завет. А на границата меѓу Стариот и Новиот Завет, го имаме најголемиот светител роден од жена, Светиот праведен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован. Потоа ги имаме праведните богоотци Јоаким и Ана, родителите на Пресвета Богородица, потоа Светите Захариј и Елисавета, родителите на Свети Јован Крстител, и многу други Свети во Новиот Завет, меѓу кои се и Светите Апостоли.

Во раната Христова Црква, ги имаме мачениците за нашата Света Православна Вера, кои своите животи ги положија за Христа нашиот Бог и Спасител, чии број не се знае, а еден богослов од раната Христова Црква Тертулијан ќе рече: „Крвта на мачениците, која се пролевала во потоци и реки, станала семе за нови христијани“, зашто мачителите не успеале да го уништат христијанството со убивањето на христијаните, туку напротив, колку повеќе христијани биле убивани, толку поголем бил бројот на христијаните, зашто во раната Христова Црква, христијаните со пеење на песни и псалми оделе во смрт, бидејќи ги презреле своите земни градови и татковини, за Небесниот град Ерусалим и за Небесната Татковина Царството Небесно, знаејќи дека тукашниот живот на земјата, е за да го спечалиме вечниот живот. Во овој времен живот, се печали вечниот живот.

Па така, тие направиле сè за да го спечалат Царството Небесно. Меѓу нив т.е. меѓу оние кои верувале во Бога, се исто така и исповедниците, кои ја исповедале нашата Света Православна Вера, потоа преподобните, а тоа се светители кои толку на Бога Му се предале, се уподобиле, да бидат онакви како што бил Адам и нашата прамајка Ева пред да згрешат, односно се уподобиле на Бога со својот живот на земјата преку благодатта Божја, зашто преку неа ние стануваме богови по благодат, а не по суштина.

Понатаму, исто така, има и многу други светители, кои имаат други епитети. Меѓу светителите имало и цареви, како што е славниот цар Константин, кој и дал слобода на нашата Света Православна Вера со неговата мајка Света Елена, која го просветлила Западниот дел на Црквата Христова, а во Источниот дел, Му подигнала храмови на Спасителот наш Господа Исуса Христа, на местата каде што Христос пострадал и Воскреснал од мртвите. Меѓу светите цареви е и Светиот цар Јустинијан, од нашиот Македонски род, кој бил роден во селото Таор или Таврисион (кај Скопје), кој бил цар на тогашната Ромејска држава, кој ја основал и нашата Света Црква како автокефална во тоа време, со име Јустинијана Прва. Потоа, секако меѓу големите светители, се и рамноапостолните Кирил и Методиј и нивните Свети ученици Климент и Наум, Охридските чудотворци, Сава, Горазд и Ангелариј. Исто така, меѓу светителите има и многу ѓакони, свештеници и преподобни луѓе, кои пострадале за нашата Света Православна Вера.

И кога тоа го знаеме, браќа и сестри, треба достојна почит да им оддадеме на сите светители од сите времиња, зашто оние кои во Стариот Завет, се спасиле преку верата во Месијата. Во Новиот Завет, браќа и сестри, кога се исполнило времето, Синот Божји, излегол од прегратките на нашиот Отец небесен, се вселил во утробата на Пресвета Богородица и станал човек, во сè еднаков на нас луѓето, освен во гревот, за да ни го открие нам постоењето на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Па така, браќа и сестри, ние на земјата, не можеме да се спасиме поинаку, освен преку покајание, па затоа и Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител на Христа нашиот Спасител, ја започнува проповедта со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 3, 2). Потоа, со истите зборови и Христос нашиот Бог и Спасител, ја започнува Својата проповед:  „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 4, 17). Без покајание, односно без промена на нашиот живот од лош во добар, од нечесн, во чесен живот, од недостоен, во достоен, без преобразба на луѓето, нема спасение. Затоа, ние треба да се угледаме на Сите Светители од сите времиња и да си најдеме и ние по некој образец од светителите според нашиот карактер, според нашиот начин на однесување и живеење, во смисла дали повеќе сакаме страдања или повеќе сакаме да се уподобуваме на светителите, дали сакаме повеќе трпение или послушност, како што биле послушни Сите Свети, зашто преку непослушноста на Ева, дојде гревот во светот, а преку гревот и смртта. Но, браќа и сестри, преку послушноста на втората Ева, Пресвета Богородица, дојде Спасителот наш Господа Исус Христос, Кој со Неговото страдање, Воскресение и Вознесение на небесата, повторно ни го отвори патот кон спасението.

Затоа, браќа и сестри, Господ рекол дека кој Ме исповеда Мене пред луѓето и Ме признае пред луѓето, ќе го признаам и јас него пред Мојот Отец Небесен. А кој не Ме признае Мене пред луѓето, нема и јас да го признаам него пред Мојот Отец Небесен. Што значи тоа? Тоа значи дека треба да имаме вистинска, чиста и кристална вера, како што ни ја дал Христоа нашиот Бог и Спасител, преку Светите Апостоли, а овие ја проповедале и пренеле на нивните наследнци епископите, кои исто така преку благословот, ја даваат на свештениците. И тие се оние што го проповедаат словото Божјо.

Па затоа ние, браќа и сестри, ако немеме вистинска вера во Бога, која ние ќе ја исповедаме само со устите, а со срцата наши ќе бидеме сè подалеку од неа, тогаш нема да се спасиме. Верата треба да биде потврдена и со дела, а за оние кои се обожле, кои се осветиле, ним не им требаат добри дела, бидејќи тие Го гледаат Бога т.е. се усовршиле до тој степен, како што (за себе) вели Светиот апостол Павле: „Не живеам јас, туку Христос живее во мене“ (сп. Гал. 2, 20).

Затоа и Светиот апостол Павле, имал храброст да им каже на своите верни чеда, велејќи им: „Угледајте се на мене, како што и јас се угледав на Христа“ (сп. 1. Кор. 11, 1). А исто така во Светото Писмо е кажано: „Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (сп. Евр. 13, 7).

Што значи треба да се угледаме на оние кои што врата своја ја потврдиле не само со зборови, туку и со својот живот и дела, како што се Светите Апостоли, од кои седуммина од нив на Крст биле распнати, а другите на разни начини го завршиле својот живот во страдања и потешкотии.

И затоа, Светиот апостол Павле вели дека ние, браќа и сестри, заради Христа нашиот Бог и Спасител, и гладуваме, и жеднееме, и голи одиме, и по пустините скитаме, и гонети сме, а кога нè гонат и понижуваат, ние ги благословуваме и се молиме на Бога за нашите непријатели (види Евер. 11, 36-37), како што Светите маченици се молеле за оние што нив ги убивале, или како Христос нашиот Бог и Спасител, Кој дал прекрасен пример како треба да се молиме за непријателите со зборовите: „Прости им Отче, зашто незнаат што прават“ (сп. Лука 23, 24). Ете, таква треба да биде нашата вера, браќа и сестри.

Но верата мора да биде проследена и со љубов кон Бога, а таа љубов треба да биде совршена, бидејќи нашиот живот е живот во Христа нашиот Бог и Спасител, како што Светиот апостол Павле вели: „Живееме ли, умираме ли, Христови сме“(сп. Рим. 14, 7-8). Тогаш сме вистински христијани, кога секогаш Христа го имаме во своите души и срца.

Од таму, должноста на сите нас, е да ја потврдиме нашата вера, како што Свети апостол Петар, кога Господ наш Исуса Христа ги прашал Апостолите за кого Ме сметаат Мене Луѓето, едните рекле за Свети пророк Јован, други за Илија или Еремија, а некои рекле за некој пророците, но Свети апостол Петар од името на сите Апостоли извикал со силен глас: „Ти си Христос, Син на живиот Бог!“ (Мат. 16, 16), на што Христос му возвратил со зборовите: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата“ (Мат. 16, 17).

Ете, таква била исповедта на Свети апостол Петар, браќа и сестри, и таква била неговата вера, кога Му рекол на Христа дека е подготвен за Него секогаш и животот да го даде, но Христос му кажал дека ќе дојде време кога тој три пати ќе се одрече од Него. Свети апостол Петар, браќа и сестри, не се одрекол од Христа, затоа што не Го сакал, тука затоа што сакал да види како ќе биде крај Неговото судење кај Ана и Кајафа. Ете, кога го прашале да не и тој еден од Неговите ученици, Свети апостол Петар се одрекол од Христа велејќи: „Не, не Го познавам Човекот“ (сп. Мат. 26, 74), сакајќи до крај да види како ќе биде крајот на неговиот живот, а на третото прашање да не е негов ученик, тој три пати се одрекол од Христа, односно рекол дека не Го познава, а веднаш потоа петел запеал. Кога Христос излегувал од судницата кај Ана и Кајафа, само еден поглед Христов бил доволен Свети апостол Петар да се покае и горко да заплаче, а епископот римски Климент вели дека Свети апостол Петар секогаш кога ќе слушнел петел да пее, горко плачел.

А нашата вера и љубов во Бога, треба да биде изразена, онака како што ние учиме од Светото Писмо, според Христовите зборови, кога Он им се обратил на Апостолите велејќи им: „По тоа ќе ве познаат вас дека сте Мои Ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (сп. Јован 13, 35). И ние православните христијани, ако имаме љубов помеѓу себе, тогаш сме вистински христијани, а ако немаме љубов помеѓу себе, тогаш не можеме ни Бога да Го љубиме, зашто Господ преку устата на Свети Јован Богослов вели: „Како можете да Го саката Бога, Кого не го гледате, а го мразите ближниот свој, кого го гледате“ (сп. 1. Јов. 4, 20). Значи прво љубовта кон ближниот треба да биде покажана, а потоа и љубовта кон Христа нашиот Бог и Спасител, од Кого зависи нашето постоење.

И така, ако преку љубовта кон Бога и ближниот, ние се спасуваме. Но Господ во двете најголеми заповеди вели: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила, со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (сп. Лука 10, 27). “. Што значи, оној што Го љуби Бога и ближниот, тој е вистинскиот христијанин. Спасителот на друго место вели: „Кој сака повеќе татко или мајка, браќа или сестри, жена или деца, куќа или имот, тој не е достоен за Мене“(сп. Мат. 10, 37). Не рекол Господ кој сака, туку рекол кој повеќе сака. Не е забранета љубовта кон таткото и мајката, кон браќата и сестрите, кон жената, кон децата, кон имотот, но таа љубов не смее да биде првостепена, туку второстепена, во споредба со љубовта која мора да ја имаме кон Бога, бидејќи Господ е нашиот создател и нашиот живот. Господ вели: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот“ (сп. Јован 14, 6). Нема друг пат, нема друга вистина и друг живот, освен Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Па затоа, браќа и сестри, љубовта не е забранета кон другите нешта, но таа е второстепена или незначајна во однос на љубовта кон Бога, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Па така, во тој дух, исто така да не заборавиме да кажеме дека доколку ние сакаме да се спасиме, должни сме да ги исполнуваме Божјите заповеди. Ние славејќи ги Сите Свети, да си спомнеме дека сме земја и во земја ќе се вратиме, како што вели Светото Писмо, а исто така и во песните на опелото велиме: „Земја сме и во земја ќе се вратиме“. Зашто човекот, браќа и сестри, по тело е од земја создаден и во земјата своја ќе се врати, а душата која е од Бога дадена, при Бога ќе се врати, но на Страшниот Христов Суд, кога на сите ќе им се суди според делата, човекот и со душата, и со телото ќе застане пред Христа. Како што апостолите Го прашале Господа Исуса Христа што ќе биде со нас на крајот од светот, оти оставивме сè т.е. и куќи, и жени, и деца, и тргнавме по Тебе Господи, а Господ им вели: „Ќе седите на престолот на дванаесетте племиња и ќе им судите“.

Ете, како што Христос ќе им суди на сите луѓе од постанокот, па сè до крајот на светот на оваа земја, така и Апостолите ќе им судат на дванаесетте племиња, бидејќи го проповедале словото Божјо, најнапред на јудејците.

Оние, кои не постапиле според проповедта на Светите Апостоли, која е изложена во Светото Евангелие, кое се чита на Светата Божествена Литургија и на сите други Свети богослужби, тие луѓе не можат да се оправдаат, бидејќи не можат да речат дека не го слушнале словото Божјо, зашто Господ на Светите Апостоли им рекол да го проповедаат словото Божјо на сите народи. Дури ни еден човек да  нема во храмот Божји, ѕидовите ќе бидат сведоци дека вие сте Го проповедате Христа нашиот Бог и Спасител. Денеска нема човек во светот, кој не слушнал за нашата Света Православна Вера, па така, никој не ќе може да се оправда на оној свет дека не знаел за Христа нашиот Бог и Спасител, Кој ни ја открил нашата Света Православна Вера, Кого Апостолите Го проповедале Неговото Светот Евангелие на целиот свет.

Денеска, браќа и сестри, насекаде низ светот на разни начини т.е. преку најсовремените средства како што се: телевизијата, радиото, социјалните мрежи, фејзбукот, насекаде стигнува веста за постоењето на Светата Православна Вера и Црква. Денеска насекаде во целиот свет се проповеда Евангелието на Христа нашиот Бог и Спасител.

Ете, токму затоа ќе немаме оправдување дека не сме знаеле за верата, како што некои сакаат да се оправдаат, па велат: „Ние не го знаеме законот Божја, па затоа ќе ни биде простено“. Не, браќа и сестри, ние сме должни да го знаеме Законот Божји, оти триста глупости учиме, научуваме, и знаеме, ама кога ќе треба да си ја научиме нашата Света Православна Вера, сатаната ни вели: „Не слушајте го тоа, не верувајте во тоа“. Сатаната вели: „Не верувајте и во мене дека постојам“, за да можете да паднете во неговите (на сатаната) примки и да го загубите Царството Небесно.

Затоа да се помолиме на Сите Свети и на нашите наставници, како што вели Светото Писмо: „Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (сп. Евр. 13, 7). Амин!

Честит нека е празникот и за многу години!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар