Недела на Самарјанката – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 30.05.2021 г., во Петтата недела по Воскресението Христово, посветена на Самарјанката, кога го празнуваме споменот на Светиот апостол Андроник, Светиот маченик Солохон и Свети Стефан, патријарх Цариградски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола. 

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што тече во живот вечен“ (сп. Јован 4, 13-14).

Оваа Петта недела по Христовото Воскресение, браќа и сестри, е посветена на жената Самарјанка, која како што слушнавме од денешното Свето Литургиско Евангелие, дошла на изворот или бунарот на патирјархот Јаков, кој уште се именува како Јаковов извор или бунар да полни вода со својата стомна. Таму жената Самарјанка сретнала непознат човек, а тоа била Спасителот наш Господа Исус Христос, Кој по Пасха со Своите Ученици тргнал за Галилеја.

Обично Јудејците не минувале низ Самарија и покрај Самарија, зашто насекаде било познато непријателството меѓу Самарјаните и Јудејците.

Самарјаните се народ измешан, кои во времето на Асирскиот цар Сенахирим, дел од нив биле донесени во Самарија, каде имало и Мидијци, и Персијци. Верата во Единиот Бог, која Јудејците ја проповедале, Самарјаните ја имале измешано со идолопоклоничката вера на Персијанците и Мидијците, па токму заради тоа, тој народ бил презрен од Јудејците, а меѓу нив исто така имало постојана омраза и непријателство. Поради тоа, сите ја одбегнувале Самарија и Сихар, градот во чија болизина бил изворот или бунарот на Јакова.

Тука Господ, браќа и сестри, дошол со Апостолите, кои отишле во градот да купат нешто за јадење. Кога жената Самарјанка дошла на бунарот, Христос и се обратил и ѝ рекол: „Дај ми да пијам“ (сп. Јован 4, 7), а таа гледајќи ја Неговата облека на Јудеец, му рекла: „Како Ти, бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш? Знаеш ли дека ние не се мешаме со вас Јудејците?“ (сп. Јован 4, 9).  А Господ и вели: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: Дај Ми да пијам – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива” (сп. Jован 4, 10). Тогаш таа му кажала дека тие не се мешаат со Јудејците, а Господ и вели да оди во градот и да го земе својот маж, а таа му вели: „Немам маж“ (сп. Јован 4, 17), а Господ и вели: „Навистина, петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж“ (сп. Јован 4, 17). Тогаш жената сфатила дека овој не е обичен човек, туку дека е свет пророк, па затоа му вели: „Знаеме дека треба да дојде Месијата“ (сп. Јован 4, 25), но Он вели: „Јас Сум Месијата“ (сп. Јован 4, 26). Потоа Господ Исус Христос и го раскажал нејзиниот живот, а таа тогаш Го запрашала Господа Исуса Христа, каде треба и како треба да се молат т.е. дали на планината Гаризим, каде имале изградено храм, кој царот Јован Хиркан им го срушил, или во Ерусалим?  Гoспод и вели: „Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот. Иде времето и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина“ (сп. Јован 21-23).

Потоа, откако Господ и раскажал сè и ја поучил во верата, жената Самарјанка, ја примила Божјата благодат и се преобразила, ја оставила стомната и отрчала во градот и им рекла на нејзините сограѓани: „Дојдете, видете Го човекот, Кој ми кажа сè што сум направила. Да  не е Он Христос?“ (сп. Јован 4, 29).

Пред тоа, кога Светите Апостоли стигнале тука и ја виделе жената Самарјанка како разговара со Господа, ништо не му приговориле на Господа Исуса Христа. После сето ова, Господа Исус Христос, бил поканет од Самарјаните да дојде во нивниот град, каде престојувал два дена.

Да направиме една споредба со луѓето од Гергесинската земја, на кои Христос им излекува двајца бесеомачни луѓе, кои живееле во гробиштата, па кога свињарите им соопштиле дека Христос им ги излекувал бесомачениците, тие му рекле на Господа: „Оди си од нас Господи“ (Лука 8, 37), а Самарјаните го направиле обратното т.е. Го повикале Господа, Кој два дена им проповедал во нивниот град.

Возљубени, браќа и сестри, оваа недела се совпаѓа и со празникот Преполовение, кој е на половината меѓу двата големи празника Велигден и Духовден. Во тропарот на празникот Преполовение пееме: „Преполовиившуся праазднику, жаждущую душу мою благочестия напой водами, яко всем, Спасе, возопил еси: жаждай да грядет ко Мне и да пиет“ т.е. „Се преполови празникот, мојата жедна душа, напој ја со водата на благочестието, затоа што Ти си кажал: „Кој е жеден, да дојде при Мене и да пие… Ете, Господ со Својата проповед, на Самарјаните им ја дал живата вода.

Која е живата вода, браќа и сестри? Живата вода, е науката на Спасителот наш Господа Исуса Христа. Тоа е Неговата Света благодат, тоа е Светлината од Светлината, Христос нашиот Бог и Спасител, тоа е онаа благодат т.е. благодатта на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, преку која ние ја преобразуваме нашата човечка падната природа т.е. од грешни стануваме свети, од недостојни, достојни, од нечесни, чесни, односно од оние кои се постојано во гревови, стануваме луѓе кои се ослободуваат од своите гревови.

Токму за таа благодат и говори Спасителот наш Господ Исус Христос на жената Самарјанка дека ќе и даде жива вода, која тече во живот вечен. Таа благодат, која Господ и ја дал на жената Самарјанка, која била блудница т.е. голема грешница, ја преобразила од грешница и блудница да стане Света жена и да го проповеда Словото Божјо на многу места во светот т.е. во Африка, Сицилија, Италија, Мала Азија и секако и во тогашната Светска престолнина во Рим, со нејзините синови, и сестри.

Името на жената самарјанка, е Фотина, кое се преведува како  Светлозрачна или Светлана. Оваа света жена, заедно со нејзините пет сестри, животот го завршила маченички, проповедувајќи го словото Божјо, а Смирјаните во денешен Измир, и подигнале храм на Света Фотина, за нејзината маченичка жртва, што ја принела за Спасителот наш Господа Исуса Христа. Света Фотина била одрана и фрлена во бунар, т.е. во истиот бунар, каде што своевремено црпела материјална вода. Еве, сега таа пак во бунар станува Света жена, преку благодатта на Спасителот наш Господа Исуса Христа.

Не е на одмет да кажеме дека токму оваа Света жена ја препознала сезнајноста на Спасителот, бидејќи кога Христос и кажал дека таа иако имала петмина мажи, сега тој што го има не и е маж, таа сфатила дека не станува збор за обичен човек, туку за Свет пророк, кој  сè знае, па затоа таа во Него, Го препознала Самиот Месија, Спасителот наш Господа Исуса Христа.

И ете, токму затоа, браќа и сестри, таа својот живот целосно Му Го посветила на Бога и станала светителка на нашата Света Православна Црква. Исто така е битно да нагласиме дека Господ и објаснил и ѝ кажал нејзе дека молитвата, е многу битна работа, но не секоја молитва, туку само онаа молитва која е искрена и извира со вера од длабочината на нашите души и срца. Таа молитвата, е Христовата молитвата на умот и срцето или умносрдечната молитва, која гласи: Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај ме грешниот! Оваа молитва ги содржи сите суштински работи што треба да ги кажеме кога ние се молиме. Сите оние што ја  говореле во себе оваа молитва, нивните срца биле постојано исполнети со името на Христа нашиот Бог и Спасител.

Па затоа, да си спомнеме дека еден светител од раната црква Христова, Свети Игнатиј, кога бил фрлен пред ѕверовите во арената во Рим и растргнат од лавовите, останало само неговото срцето, кое кога го пресекле, на него ги виделе зборовите: Исус Христос. Тоа било доказ дека во неговото срце постојано одзвонувале зборовите на оваа Света молитва: Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај ме грешниот!

Исто така, браќа и сестри, молитвата треба да биде искрена. Искреноста се состои во тоа, не само површно со зборови да Го славиме Бога, туку длабоко во срцето и душата. Значи срцето треба да биде блиску до Господа наш Исуса Христа и тоа е најбитното.

Жената Самарјанка, откако го примила учењето на Господа Исуса Христа т.е. Неговото Свето Евангелие и Неговата проповед, таа веќе не живеела за себе, туку за Христа нашиот Бог и Спасител, како што и самиот Свети апостол Павел, кој пред да стане христијанин, бил гонител на Црквата Христова т.е. ги гонел христијаните, но кога тргнал за Дамаск, уште пожестоко да ги гони христијаните, по патот за Дамаск го турнала од коњот силна Светлина, која Свети апостол Павле ја препознал, не како обична создадена, туку како несоздадена Светлина, во која Го препознал Христа нашиот Бог и Спасител, Кого Го исповедаме во Символот на нашата Вера дека Он е Светлина од Светлина, Бог вистински од Бога вистински. Од тогаш Свети апостол Павле, нема да говори за вера, која е со добри дела, туку за вера совршена, а таа совршена вера се потврдува преку Боговидението, бидејќи тој самиот го видел Бога, Синот Божји, Спасителот Господа Исуса Христа, како што жената Самарјанка, во Христа не препознала обичен човек, туку Го препознала Самиот Син Божји, Месијата, Господа Исуса Христа.

И така, таа го проповедала словото Божјо како што кажавме на многу места, а својата вера ја запечатила со својот живот т.е. пострадала за Христа нашиот Бог и Спасител. И веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри, каде е нашата современа жена Македонка и другите жени во нашата Света Православна Црква, и општо во православието? Дали денес жените сакаат да го следат примерот на Светата Фотина, која од најголема грешница, станала светителка и го проповедала словото Божјо? Некои ќе речат дека тоа е тешко да се постигне. Но ете видовте дека од најголема грешница, станала голема светителка, зашто нема човек што се родил на земјата, а да не згрешил, освен Мајката Божја, која не направила лични гревови, но го носела првородниот грев.

Па така, нека им биде оваа Света жена, образец и пример на жените Македонки и другите во нашата Света Православна Црква, како таа го  проповедала Евангелието Христово во Африка, Италија, Рим, Мала Азија, Ефес и Смирна, каде и изградиле и храм.

Нека почне жената Македонката и другите жени во нашата Света Православна Црква да го проповедаат Евангелието, најнапред во своите домови, меѓу своите чеда, меѓу децата, а ако доволно не ја знаат верата, денес имаме многу помагала за верата, имаме прекрасни книги, кои ги издава нашата Епархија, но и другите Епархии во нашата Света Православна Црква, преку кои можат да го научат Христовото Евангелие, под раководство на својот духовник, кој правилно ќе ги упатува во верата. Само на таков начин, во нашиот живот ќе можеме да направиме коренита преобразба, како што направила жената Самарјанка и да ја посакаме живата вода од Христа нашиот Бог и Спасител, која тече во живот вечен. Таа жива вода е Божјата благодат, која ни се дава преку Светите тајни, почнувајќи од Крштението, заклучно со Тајната над сите Тајни, Светата Тајна Евхаристија – Причесната, а исто така и преку подвизите, постот и молитвите.

Токму преку таа благодат Божја, преку таа несоздадена енергија, ние се преобразуваме и стануваме, од нечисти, чисти, од недостојни, достојни и од грешни, свети. Но да не заборавиме дека нашата Светост, е по образецот на многу светители, почнувајќи од Мајката Божја, од ангелите и другите светители.

Ние како пееме на Божествената Литургија? Има една црковна песна во која велиме: „Свитињата е на Светите“, односно свештеникот или архиерејот, подигнувајќи Го Телото Христово, односно Агнецот, Кој е Христос нашиот Бог и Спасител, вели: Светињата, односно Телото Христово, е за Светите, односно за оние што се подготвиле да ја примат Причесната, а Причесната е Самиот Спасител наш Господ Исус Христос. Ама верниците веднаш протестираат и велат: „Единствен Свет е Христос“, што значи нема посвет од Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Ние сме Свети, само ако ја примаме светлината од Самото Сонцето на Правдата, Христос нашиот Бог и Спасител.

По молитвите на Света Фотина, на која денес споменот и го празнуваме, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Христос Воскресе! Навистина Воскресе!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар