Богојавление – Света Архиерејска Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 19.01.2021 г., празнувајќи го Богојавлението Господово, кога Спасителот наш Господ Исус Христос се крсти во реката Јордан, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола.

После Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар го отслужи чинот на Големиот водосвет.

 

Во името на Отецот  и Синот и Светиот Дух!

„Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (сп. Мат. 3, 17).

Пред извесно време, односно на дваесет и петти декември по стариот стил, го прославивме големиот и спасоносен празник, јавувањето на Бога во тело т.е. појавувањето на Христа, Логосот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, а во тело се роди од Пресвета Богородица.

Ова Негово јавување, браќа и сестри, беше објавено од Ангелите во Витлеем, кои пееја: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја” (сп. Лука. 2, 14). Пастирите се чудеа на Неговото Раѓање, а пештерата беше Неговиот дом, каде беше положен во јасли. За Христовото раѓање, ние многу не знаеме, како што не знаеме и за Неговиот живот, почнувајќи од детството, па сè до денот на Неговото Крштение на реката Јордан.

Како што слушнавме од денешното Свето Литургиско Евангелие, Христос дојде од Галилеја на реката Јордан, за да се крсти од Јована, кој крштеваше со покајно крштение за прошка на гревовите. Неговите зборови беа: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат. 3, 2). И самиот Свети Јован, не Го познаваше доволно Христа Спасителот пред да биде крстен, освен онаа нивна средба во утробите на мајките, кога Пресвета Богородица се сретна со Света Елисавета, кога младенците заиграа во нивните утроби. Од тогаш натаму, Свети Јован, не Го знаеше Христa Спасителот. Самиот Свети Јован Крстител вели: Јас Него не Го познавав, ама Оној што Ме испрати, т.е. Отецот Небесен, ми рече: „Врз Кого видиш да слегува Духот и да останува над Него, Он е, Кој ќе крштева со Дух Свети и оган“ (сп. Јован 1, 33). Тогаш, кога Свети Јован дошол на реката Јордан за да Го крсти Господа Исуса Христа, почнал да се противи со зборовите: „Не јас, туку Ти треба мене да ме крстиш“ (сп. Мат. 3, 14), а Христос му вели: „Остави го сега тоа Јоване, бидејќи ние сега треба да ја исполниме секоја правда“ (сп. Мат. 3, 15).

Христос, браќа и сестри,  дошол на земјата, за да ги исполни законите и да ни покаже пример дека и ние треба да ги исполнуваме Законите и Неговите Заповеди, бидејќи Он за оние кои ги исполнуваат Неговите Заповеди, вели: „Оние кои ги изполнуваат Моите Заповеди, се Моја мајка, Мои браќа и  Мои сестри“ (сп. Мат. 12, 47-48). И еве, кога Свети Јован пристапил кон Христа за да Го крсти, рекол: „Еве Го Јагнето Божјо, кое врз Себе ги зема гревовите на светот“ (сп. Јован 1, 29).

И веднаш потоа се слушнал силен глас од небесата: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (сп. Мат. 3, 17), говорејќи за Христа нашиот Бог и Спасител.

И веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри, зашто Христос се крстил на реката Јордан?

Спасителот Христос, се крстил, не заради себе, туку заради нас грешните и недостојните, како што посочува Свети Јован велејќи: „Ова е јагнето Божјо, кое ги зеде гревовите на светот“ (сп. Јован 1, 29). Христос, со Своето Крштение, ги зеде гревовите на сите луѓе, од постанокот, па до крајот на светот. Ете, токму заради тоа се крсти, а и за да ги освети сите води за време на Неговото Крштение, па затоа на денешен дена сите води се осветуваат, бидејќи Бог ги осветува сите води.

Ете, токму затоа Христос се крсти, чие што Раѓање, како што кажавме, не беше забележително, во однос на Неговото Крштение. Всушност, Неговата царска, првосвештеничка и пророчка служба, на дело се појавуваат по Неговото Крштение, бидејќи од тогаш, од Неговата триесетта година, Христос почнува да го проповеда Словото Божјо, со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 4, 17).

Овие зборови, требало силно да одекнат во душите на присутните но и во нашите души и тела, бидејќи токму заради тоа дојде Христос, за ние да се покаеме и повторно да се вратиме во заедница со Бога, која сме ја изгубиле, кога нашите прародители Адам и Ева, ја прекршиле единствената Божја Заповед, јадејќи од забранетиот плод. Токму затоа Свети апостол Павле: „Адам згреши и умре, а преку Адама, и ние, како негови потомци, грешиме и умираме“ (сп. Рим. 5, 12). Но дојде Вториот Адам, а Вториот Адам, е Христос нашиот Бог и Спасител, Кој ја уништи смртта со Својата смрт, а потоа Воскресна од мртвите и се Вознесе на небесата. Ете, затоа Христос доаѓа во светот.

Епифаниј Кипарски вели дека на празникот Богојавление, се осветуваат сите води, и укажува на тоа дека и ние треба да го следиме Христовиот пример. Ако Христос заради нас се крстил во реката Јордан, за да врз себе да ги земе нашите гревови, тогаш и ние треба да се крстиме со Неговото Крштение, за да се очистиме од гревовите.

Како што Христос се Крстил и ги зел нашите гревови, така и ние кога се крштеваме т.е. кога влегуваме во водата, умираме за нашите гревови.

Овој ден уште се нарекува и просветление. Што значи зборот просветление? Просветление или просветување значи просветлување на умот. Кога Адам згрешил, неговиот ум се помрачил, браќа и сестри, па затоа требало да се просветли, односно повторно да се врати во таа состојба, како што бил пред да згреши, кога Го гледал Бога. Адам кога зрешил, не можел да Го гледа Бога со својот ум, а и ние кога грешиме, не можеме да Го гледаме Бога, бидејќи ни се помрачува умот. За повторно да Го гледаме Бога, треба да се просветли нашиот ум, а тоа значи најнапред да ги очистиме срцата од грешните желби, грешните чувства, грешните похоти и страсти.

Кога тоа ќе се случи, тогаш треба да го просветлиме нашиот ум, а просветлувањето на умот, е да не дозволиме со помош нашата совест, во умот да влегуваат грешни мисли, грешни помисли и фантазии, кои ние постојани ги имаме. Ете, тоа значи просветлувањето.

Денеска ние на Божествената Литургија, место „Свети Боже“, ја пеевме песната: „Вие во Христа што се крстивте, во Христа се облековте“.

Ете, тоа е вистината дека во раната Црква оние што се подготувале да го примат крштението, прво ја учеле верата и истата ја практикувале.

Дали ние денеска, тоа што сме го научиле за нашата Света Православна Вера, го практикуваме? Не, браќа и сестри, ние многу повеќе знаеме за Бога, отколку што го практикуваме. И тука е нашиот проблем. Ние велиме дека имаме многу просветни работници, но колку од тие просветни работници знаат за верата, онака како што треба да се знае. За жал, многумина дури доктори на науки не ги знаат основните вистини за верата. Тоа е нашиот срам што по две илјади години од просветлувањето на нашиот Македонски народ, од крштението на првата христијанка во Европа, Света Лидија, ние сеуште не си ја знаеме верата. Погледнете ги муслиманите, како тие си ја практикуваат верата, а ние не си ја практикуваме верата. Тоа е нашиот проблем.

Да си спомнеме на христијаните од првите векови, како тие си ја сакале верата, кои за ништо друго не зборувале, освен за нашата Света Православна Вера. И неа ја бранеле, не само со зборови, туку со своите животи.

Во Црквата Христова, за време на гонењата, милиони христијани загинале, бранејќи ја верата. Тие, браќа и сестри, во смрт оделе пеејќи црковни песни и псалми.  Да си спомнеме на случајот со Ориген, кој кога се бањал, слушнал како мачениците со пеење на песни и псалми одат на маченичка смрт, па и тој истрчал од капатилото необлечен, за да им се придружи, бидејќи бил многу занесен од желбата со својот живот да ја одбрани нашата Света Православна Вера. А ние денеска велиме дека сме христијани, но ако малку почувствуваме некое страдање или мака, веднаш се откажуваме од верата или премолчуваме дека сме христијани.

Сега, пак, кога ни дојде и оваа опака болест т.е. вирусот Kovid-19, сите ние некако се плашиме да не нè фати болеста или не дај Боже телесно да умреме, но никако да помислиме дека можеби и сигурно е полошо да не умреме духовно.  Телесната смрт, браќа и сестри, ќе дојде порано или подоцна, ама ако дојде духовната смрт, тогаш ни нема спасение.

И слушаме секакви приказни за тоа, како ние православните христијани, сме се причестувале од едно лажиче. Срам да им е на тие, кои тоа го дискутираат, па дури да станува збор за владици, свештеници, ѓакони или, пак,  верници, сите тие треба да се одлачат од Црквата, зашто не го разликуваат Телото Христово од обичниот леб и Крвта Христова, од обичното вино. Тие што не ги разликуваат Телото и Крвта Христови, од обичниот леб и вино, нека не се причестуваат, бидејќи немаат вера, сè додека не се покајат и не поверуваат дека ние преку Причесната ги примаме Телото и Крвта на Христа Спасителот.

Нека не се осмелуваат неверниците да кажуваат колку биле загрижени за нас, кои што се причестуваме. Всушност, ние сме загрижени за нив, бидејќи ништо незнаат за верата, а сигурно се крстени. Прашувам, каде им е нивната вера, што проповедаат тие и што кажуваат? Проповедаат, она што им го шепоти сатаната.

Никому на ум да не му падне мислата дека преку Телото и Крвта Христови, може некој да се зарази, зашто Христос е Лекарот над лекарите, Кој лекува од секаква блест.

Затоа, браќа и сестри, кога пристапувате кон Причесната, пристапувајте според зборовите на Свети апостол Павле: „Јас сум првиот меѓу грешниците“, и „простете им на сите што ви згрешиле и побарајте прошка од секого на кој вие сте му згрешиле“.

И така, како што рековме дека и самиот Свети апостол Павле вели дека е првиот меѓу грешниците, и секој од нас нека рече: „Јас сум првиот од грешниците“, за да ни бидат простени гревовите, за потоа да го примиме во нашите души и тела, Телото и Крвта Христови т.е. Самиот Христос нашиот Бог о Спасител, Кој ќе нè очисти од секаква душевна и телесна нечистотија.

Браќа и сестри, денеска е голем ден. Денес е ден на спасението и на просветувањето, кога Троичниот Бог се јавил на реката Јордан т.е. Отецот од небесата со силен глас рекол: „Овој е Мојот возљубен Син, за Христа, Кој се крштевал, а над Него, Светиот Дух во вид на гулаб, надлетувал и ги испраќал Своите зраци, а тоа е полнотата на благодатта Божја, тоа се Божествените несоздадени енергии или Светлината, за која ние во Символот на Верата, велиме за Христа нашиот Бог и Спасител, а тоа се однесува и на Светиот Дух, дека и Он е Светлина од светлина, Бог вистински од Бога вистински, зашто Отецот е Отецот на Светлините, а Светлина е и Синот и Светиот Дух.

И ете, на овој ден, благоволи да се јави Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Нашата вера, браќа и сестри, не е вера во некој апстрактен бог, кој што е таму некаде на небото и нема никаква врска со нас кои сме на земјата. Тоа е само кај религии, кои мислат дека таму некаде е бог, а ние сме на земјата, за да правиме некакви служби, за да ни се приближи. Не! Нашиот Бог, нам постојано ни се открива и јавува, како што ни се јави и на денешен ден. Ете, Троичниот Бог нам ни се јави, а ние само треба да бидеме подготвени за Неговото јавување. Како што со оштетени очи, сонцето не се гледа, така и неподготвените христијани, не можат да Го видат Бога, без очистени срца и просветлени умови. За да Го видиме Бога, ние треба прво да ги очистиме срцата и да ги просветлиме умовите. Ние Бога особено Го чувствуваме на Божествената Литургија, кога се причестуваме, примајќи Го Неговото Свето Тело и Неговата Света Крв.

Да се помолиме, браќа и сестри, сите нас Господ да нè просветли преку Божјата благодат, која нам ни се дава преку Светите Тајни на Црквата и подвизите, за да го задобиеме Царството Небесно.

Бог се јави! Навистина се јави!

За многу години нека ни е празникот!

(Аудио) «Празнична аудио проповед на Митрополитот г. Петар»