Втор Акатист кон Мајката Божја, Пресвета Богородица

На 13.03.2020 г., во вториот петок од Великиот пост, Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Зоран Димовски, Атанас Лажовски, Николче Димовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Мало повечерие со читање на втората статија од Акатистот кон Пресвета Богородица, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

По отслужувањето на втората статија од Акатистот кон Мајката Божја, Пресвета Богородица, Митрополитот г. Петар, кон верниот народ се обрати со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Многу може да помогне молитвата на мајката, која се упатува кон синот“.

Браќа и сестри, еве, денес оваа вечер, вториот петок од Велигденскиот пост, отслужвме богослужба кон Мајката Божја, која се именува Акатист.

Во Акатистот што го отслуживме, слушнавме како Црквата Божја, укажува на тоа дека Мајката Божја, Пресвета Богородица, се моли за сите свои чеда тука на земјата, и одтаму кога ние имаме многу маки, страдања, искушенија, незгоди, болести и жалости, треба некому да му се обратиме за помош, а најпожелно е да и се обраќаме за помош на Мајката Божја, Пресвета Богородица, која е застапница за нас христијаните пред престолот на Севишниот Бог, нејзиниот Син и наш Спасител, Господ Исус Христос.

Да си спомнеме само како Спасителот наш Господ Исус Христос, кога немало доволно вино на свадбата во Кана Галилејска, на барање од Неговата Мајка, Пресвета Богородица, која била загрижена за сватовите, гостите и за сите оние кои биле таму дека немало повеќе вино, Му се обратила на Христа, нејзиниот Син и наш Бог и Спасител, со зборовите: „Немаат вино“ (сп. Јован 2, 3). Спаситлот Господ Исус Христос не можел да ја одмине молитвата на Својата Мајка, па затоа направил чудо, а тоа е всушност и првото чудо што Христос Спасителот го направил кога бил на земјата како човек, односно Богочовек. И ете, Спасителот Хростос ја претворил водата во вино, а оние што вкусиле од тоа вино, односно старосватот и другите, рекле: „Обично кога домаќинот принесува вино, најнапред го принесува доброто вино, а, кога ќе се поднапијат гостите, тогаш полошото“ (сп. Јован 2, 10), но овде било обратно, бидејќи подоброто вино било она што било претворено од вода во вино, од Спасителот наш Господа Исуса Христа.

Ете, Христос Спасителот и понатаму правел добри дела, по застапништвото и молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица. А и ние, браќа и сестри, знаеме дека кога сме во маки и потешкотии, обично уште како деца сме се обраќале кон нашите мајки со зборовите: мајко, мамо, мајчице, со цел да измолиме од мајката она што го бараме, па затоа зборот мајка, е можеби и најубавиот, најмекиот и најсаканиот збор, па затоа ние треба да го негуваме тој збор, молејќи и се на Мајката Божја, Пресвета Богородица, која е наша застапница пред Севишниот.

Па ете, Мајката Божја, не ги оставила ни Апостолите, бидејќи во третиот ден по нејзиното Успение, им се јавила на Апостолите и ги охрабрила во нивната апостолска мисија, што тие ја добиле од Господа наш Исуса Христа, кога биле испратени во светот да го проповедаат Словото Божјо, односно Евангелието на нашиот Спасител Господ Исус Христос.

Мајката Божја, постојано се грижела за својот Син, дури и во последните часови од Неговиот живот на земјата, кога Он пострадал. Обично се знае дека жените се понежниот пол и тие сметаме дека се помалку издржливи во страдањата, искушенијата и болките, но се покажало обратното. Кога Спасителот Господ Исус Христос бил носен на Голгота, кога Му бил даден Крстот да Го носи на Своите плеќи, кога таму заради нас и заради нашето спасение бил распнат на Крст, ете, од Крстот, Спсителот и се обраќа на Својата и наша Мајка, Пресвета Богородица и ѝ вели: „Мајко, еве ти Син“, покажувајќи на Свети Јован Богослов, неговиот ученик, кој најмногу го сакал, а нему му рекол: „Синко, еве ти мајка“, и одтогаш се вели дека Свети Јован ја зел Мајката Божја при себе, како своја мајка, до крајот на нејзиниот живот. Па така, браќа и сестри, Мајката Божја, секогаш се застапува за нас грешните и недостојните.

При една прилика еден свет човек и подвижник, Свети Андреј јуродивиот, кој со духот бил однесен во небесните предели, а водачот што го водел таму, му ги покажал сите убавини во Царството Небесно. Таму Свети Андреј ги видел Апостолите и сите светители, но не ја видел Мајката Божја, па затоа го замолил водачот да му каже каде е Мајката Божја, а тој му одговорил: „Мајката Божја е на земјата и ги собира солзите на оние што плачат и ѝ се молат. Таа нив ги утешува, се застапува и се моли за нив, и ги спасува преку своите молитви, молејќи го Синот Нејзин и наш Спасител, Господ Исус Христос“.

Па од таму, браќа и сестри, нашата должност е да се молиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, во останатиот дел од Велигденскиот пост, кога имаме големи искушенија, страдања и потешкотии, кога ете, како што ни е познато на сите, има еден смртоносен вирус, кој низ целиот свет станува закана, а особено за луѓето што се во напредната возраст, кој ете, ни е пратен како искушение, за да се види нашата вера, дали ние, браќа и сестри, навистина веруваме дека Господ во сите страдање, маки и искушенија, може да нѐ избави преку застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица.

Преку молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилуј нѐ и спаси нѐ нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар