Томина недела – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Битола

На 26.04.2020 г, во Неделата на Антипасха – Томина недела, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган  Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денеска, браќа и сестри, го празнуваме овој празник, кој е посветен на Светиот апостол Тома, кој уште меѓу нашиот народ е именуван како „Неверниот Тома“, а всушност станува збор за верник, кој сакал да има цврсти докази за својата вера во Господа Исуса Христа, односно докази за Неговото Свето и Светло Воскресение. Па токму кога другите Апостоли му кажале на Светиот апостол Тома дека Го виделе Господа Воскреснат, Свети апостол Тома им рекол: „Додека не ги видам раните и лузните од клинците на рацете и нозете Негови, и додека не ја ставам раката своја во ребрата Негови, (зашто ребрата на Господа Исуса Христа били прободени со копје од еден римски војник), нема да поверувам“ (сп. Јован 20, 25).

И ете, слушнавме од денешното Свето Литургиско Евангелие, односно вие што бевте присутни кога се читаше Светото Евангелие, слушнавте мошне добро што всушност се случило на овој ден, кога сите Апостоли биле собрани заедно и кога одеднаш низ затворените врати поминал со Своето продуховено Тело, Спасителот наш Господ Исус Христос, т.е. со истото она Тело, кое го Воскреснал од мртвите и со Него застанал на средина меѓу Апостолите и им рекол: „Мир вам“ (сп. Јован 20, 21).

Потоа Спасителот Христос му се обратил на Тома и му рекол: „Тома дојди и стави ги прстите твои во раните од клинците на рацете и нозете и стави ја раката твоја во ребрата Мои и повеќе не биди неверен туку биди верен!“ (сп. Јован 20, 27). Кога ги слушнал овие зборови од Господа Исуса Христа, Кој поминал низ затворените врати, тогаш Тома пристапил кон Господа Исуса Христа и со своите прсти ги допрел раните на рацете и нозете и ја ставил неговата рака во ребрата Негови и извикал со силен глас: „Господ мој и Бог мој“ (сп. Јован 20, 28), а Господ му рекол: „Тома ти затоа што виде поверува, но блажени се оние што не видоа, а поверуваа“ (сп. Јован 20, 29).

Овој настан, односно ова чудо и ова јавување на Господа Исуса Христа во присуство на Тома заедно со Апостолите, е едно од повеќето јавувања, зашто Господ им се јавувал на Апостолите и кога не бил Тома со нив.

Ете, откако Апостолите му кажале на Светиот апостол Тома сè како што спомнавме на почетокот, тој им рекол дека сè додека лично со своите прсти не ги допре раните и со својата рака не ги допре ребрата на Христа Спасителот нема да поверува. Ова сомнение и овој сомнеж на Светиот апостол Тома, браќа и сестри, не е сомнеж затоа што Тома не верувал во Господа Исуса Христа, туку напротив, Тома сакал лично и уште поконкретно да се увери во Христовото Воскресение. Тој копнеел по Христа Воскреснатиот, односно неговата душа била прилепена кон Него. Тој сакал средба и допир со Господа Исуса Христа, па токму затоа било тоа сомневање. И ете, токму заради тоа и се случило чудото, за разлика од оние други неверници, кои што всушност и го виделе Христовото Воскресение, како што биле стражарите кога Христос Воскреснал од гробот, како што биле книжниците, фарисеите, садукеите и старешините еврејски, кои знаејќи дека Христос по три дена ќе воскресне од мртвите, како што Он Самиот рекол, и не поверувале. Тие всушност ги потплатиле стражарите т.е. им дале мито, како што тоа денеска се вели кај современиот народ, а во турско време тоа се викало рушвет, односно им давале пари на тие луѓе да го скријат Христовото Воскресение, да не кажуваат дека Христос Воскреснал од мртвите. Тие им велеле, ако ги прашаат луѓето што се случило, да речат дека ноќе дошле Апостолите и го украле телот на Господа Исуса Христа. Тоа е разликата измеѓу оние неверници кои што не сакале да поверуваат, иако виделе и знаеле дека Христос Воскреснал. Тие не сакале да се слушне за Неговото Воскресение.

Истите тие луѓе, кога Господ Исус Христос го воскреснал Лазара, Неговиот пријател на Лазарева сабота, сакале да го убијат и Лазара и Него, затоа што заради тоа чудо, кое е претскажување за општото воскресение на сите луѓе, кога ќе биде крајот на светот или последниот Суд и последниот Ден, токму за да се скрие оваа вистина за Воскресението Христово, тие сакале да го убијат и Лазара и Господа Исуса Христа, бидејќи многумина заради тоа чудо поверувале во Господа Исуса Христа, а нив ги напуштиле.

Браќа и сестри, ние по Христовото Воскресение од мртвите, имаме некаде околу дванаесет јавувања на Христа Спасителот. Имено, според Светото Предание, а и во црковните песни пееме дека Пресвета Богородица, Мајката на Господа Исуса Христа, прва Го видела Него по Воскресението, иако тоа во Светото Писмо не е запишано, но во Светото Предание е присутно, зашто е кажано дека Светото Предание е рамно или еднакво во нашата Света Православна Црква на Светото Писмо, кое подоцна се запишува, како што се многу нешта запишани во Правилата на Вселенските и Помесните Собори, во учењата на Светите Отци, во Литургијата и сите други богослужби.

Тоа е всушност Светото Предание на нашата Света Црква, која таа го предава (на поколенијата) и го проверува, односно Црквата има раководно начело да утврди дали тоа што е присутно во самата Црква е вистинито или пак некои измислуваат нешто, како што денеска многу баби, жени, гледачи и бајачи, измислуваат еден куп работи, кои немаат никаква врска со вистинската вера на нашата Света Православна Црква. Тие всушност се подучени од ѓаволот, од сатаната и неговите ангели (демоните), зашто е кажано од Светите Отци дека кога го читаме Светото Писмо, со нас заедно и сатаната со неговите ангели (демоните) го читаат, за да ни внушат во умот некоја погрешна мисла за она што е напишано во Светото Писмо, во Светото Предание, во Литургиите, во учењето на Вселенските и Помесните Собори и учењето на Светите Отци.

Па ете, покрај јавувањето на Пресвета Богородица, по Воскресението, Господ Исус Христос и се јавил и на Света Марија Магдалена, која после тоа отишла во Рим и на царот му предала црвено јајце, кое е символ на Воскресението Христово и го поздравила со најрадосниот и најторжествениот поздрав: Христос Воскресе!

Браќа и сестри, потоа Спасителот им се јавил и на Светите Апостоли одделно, а и на многу други, кои кога не го нашле во гробот, односно кога влегле и виделе дека гробот е празен, поверувале во Христовото Воскресение.

Христовиот гроб на тој начин станал извор на животот, а не како што се мислело, а и денеска се мисли од многу луѓе иако христијани дека кога ќе ги погребеме покојните, сè се завршува. Не, браќа и сестри! Во тие гробови, во кои ги погребуваме нашите најмили, на крајот од светот кога Христос повторно ќе дојде, сите тие ќе воскреснат од мртвите и ќе бидат со истите тела, односно ќе бидат исти како Телото на Господа наш Исуса Христа по Воскресението. Сите луѓе ќе бидеме на иста возраст на која бил Господ Исус Христос, односно на триесет и три ипол години. И како што Христос поминал низ затворените врати, така и ние ќе можеме со нашите продуховени тела да минуваме низ врати, низ ѕидови и низ сè, оти природните закони на земјата веќе нема да важат за тие тела, зашто тогаш ќе се измени целата природа и сè ќе биде поинаку.

Браќа и сестри, потоа Господ Исус Христос се јавил и на двајца Апостоли и Ученици, кои оделе за селото Емаус и разговарале меѓу себе. Кон нив се придружил Спасителот Христос и им говорел за сите настани од почетокот на светот, а исто така и за она последното што се случило т.е. за Христовото Воскресение, но ним им биле заслепени  или помрежени телесните очи и не Го препознале Господа Исуса Христа. И кога дошле во селото Емаус, влегле во една просторија и таму седнал Господ заедно со нив и го благословил Лебот, односно ја направил Литургијата и Лебот станал Негово духовно Тело, а Виното Негова (духовна) Крв. И тие, кога Лебот станал Негово Тело и Виното, Крв Негова, наеднаш погледнале и Него Го снемало. Всушност немало повеќе потреба, Христос да биде присутен со нив, бидејќи станал присутен преку Неговото Тело и Неговата Крв, односно преку Причесната. Така и ние на секоја Божествена Литургија, на овој Свет Престол, каде што тука на Светиот Дискос е благословениот Леб, за време на Канонот на Евхаристијата, истиот се претвора во Негово Тело, под вид на Леб, и под вид на Вино, Виното се претвора во Негова Крв. И ние, ако со вера пристапуваме подготвени да Ги примиме Телото и Крвта Христови, го примаме Неговото вистинско Тело и Неговата вистинска Крв и стануваме Христови.

Ете, Христос тогаш влегува во нас и почнува да нè препородува, односно да нè преобразува. Тогаш умот ни станува Христов ум, волјата ни станува Христова волја, срцето ни станува нежно Христово срце, кое мисли божествено за сите Божествени работи.

Така е со сите вистинските христијани, кои доаѓаат на сите Божествени Литургии, и на тие Литургии, а секако и на другите богослужби целосни се предаваат на Бога и ги слушаат сите нешта што се пеат од страна на певците, како што денеска тука го слушаме прекрасното пеење на певецот, кој што е со нас.

На Светата Литургија ние ги слушаме зборовите Христови, преку устите на (нас) свештенослужителите, односно преку устата на Владиката, свештеникот и ѓаконот, но на сето тоа одговорот е ваш. Не смее да се служи Литургија, браќа и сестри, ако нема барем еден верник, зашто Црквата не е полна, кога нема верник во Црквата.

Ако има макар еден верник во Црквата, тогаш Литургија мора да се служи. Значи треба да разберете дека Литургијата ја сочинуваат сите верници заедно со свештениците, ѓаконите и Владиката, а во отсуство на Владиката, правото да ја служи Литургијата е дадено на свештеникот, но не на ѓаконите, кои се сослужители во Црквата, односно во храмот Божји.

И така, како што спомнавме Спасителот Господ Исус Христос се јавил дванаесет пати. Христос им се јавил на Апостолите во Галилеја, каде што имало петстотини Христови ученици, односно верен народ, кои Го виделе Господа Исуса Христа. Исто така, Господ Исус Христос му се јавил и на Свети апостол Петар за онаа негова грешка, за оној негов грев, кога тој се откажал и одрекол од Христа три пати, а кога петел запеал, тој си спомнал на зборовите Христови дека: „Додека петел не запее, три пати ќе се одречеш од Мене“ (сп. Марко 14, 30). Ете, сега Свети апостол Петар, три пати Го исповеда Христа нашиот Бог и Спсите и на прашањето: „Дали Ме љубиш Петре“ (сп. Јован 21, 15), кога му се обратил Христос, тогаш Свети апостол Петар рекол: „Да, Те љубам Господи“, а Христос Му рекол: „Паси ги овците Мои“ (сп. Јован 21, 15),, односно стадото мое, верниците Мои. Потоа и по втор пат му вели: „Ме љубиш ли Петре“, а тој вели: „Да, Господи те љубам“, а Христос Му вели: „Паси ги јагнињата Мои“, односно моите помали чеда т.е. дечињата. Потоа Господ по трет пат го прашува: „Ме љубиш ли Петре“, а тогаш Свети апостол Петар се нажалил и рекол: „Да Господи, Те љубам, знаеш Ти Господи дека Те љубам, Ти сè знаеш Господи“. Господ му рекол: „Паси ги овците Мои т.е. стадото мое“ (сп. Јован 21, 17), односно Моите верни чеда што сум ти ги дал да ги учиш за верата моја и.т.н.

Потоа Господ му рекол: „Додека беше млад ти сам се опашуваше, односно одеше каде што сакаш, но кога ќе остариш друг ќе те опаше“ (сп. Јован 21, 18), односно му кажува со каква смрт ќе заврши Свети апостол Петар, т.е. дека тој ќе биде распнат на Крст, исто како што и Господ бил распнат.

Пред да се случи тоа, односно кога настанале страшни гонења во Рим, Свети апостол Петар излегол од Рим сакајќи да го напушти, а Господ го сретнал и по тој настан е напишан оној роман од Хенрих Сјенкевич „Quo vadis, Domine?“ (Каде одиш Господи?). Свети апостол Петар, кога Го видел Христа дека му доаѓа во пресрет кај улицата „Via apia vekia“ Го прашал Христа „Quo vadis, Domine?“ (Каде одиш Господи?). Господ му вели: „Ќе одам во Рим повторно да страдам“, со други зборови оти ти не сакаш да страдаш за Мене, Јас уште еднаш ќе страдам за тебе. Свети апостол Петар се пострамил и се врати и посакал да биде распнат, но рекол „Не сум достоен да бидам распнат како Христос мојот Учител со главата на Крстот нагоре, туку обратно со главата надолу, а со нозете нагоре“.

Ете така, имало и други јавувања, вклучувајќи го и последното Негово јавување по Воскресението на Спасовден, кога пред Мајката Божја и Светите Апостоли, Господ Исус Христос им се јавил и се Вознесол на небесата во присуство на Ангели, кои рекле: „Што гледате луѓе Галилејци, овој Христос што сега се Вознесува на небесата“ (сп. Дела 1, 11), а тоа значи се Вознесува со Телото Човечко, зашто Тој како Бог примил човечко Тело, за да се изедначи со луѓето, со нас грешните во сè, освен во гревот, за да нè ослободи од гревот и смртта и повторно да нè врати во онаа состојба во која што бил Адам пред да згреши (заедно со Ева).

И ете така, Господ ја прославил нашата човечка природа на Небесата со Неговото Вознесение на Небесата и со седнувањето со Нашето Тело, со нашата човечка природа, оддесно на Бога Отецот. Па така завршуваат сите Христови јавувања, некаде дванаесет на број, во нашата Света Православна Црква, потврдени според Светото Писмо и Светото Предание.

На тој начин, браќа и сестри, се очекува ветувањето што Господ Исус Христос им го ветил на Своите Апостоли и Ученици дека нема да ги остави сираци, односно дека на Страшниот Суд Он ќе дојде, а дотогаш е присутен, преку Светата Тајна Причест. Но Он им рекол: „Ќе ви испратам друг Утешител, Духот на Вистината, Кој што исходи од Отецот“ (сп. Јован 15, 26). Тоа се случило на Педесеттиот ден по Христовото Воскресение, кога во присуство на огромен број народ, Светиот Дух слегол од небесата врз Светите Апостоли и врз сите присутни таму. Тогаш Свети апостол Петар ја одржал својата прва проповед и крстил три илјади души од оние сите што поверувале, а при друга прилика, пет илјади души, и така започнала Црквата Христова да живее.

Што е и која е Црквата Христова? Црквата Христова се сите верници, заедно со свештенството, монаштвото, со ѓаконите и со свештениците во која има и Епископ, односно Владика во една Епархија. Тоа е полнотата на Црквата Христова, тоа е големата Црква, а другите епархии заедно со ерархијата на една Помесна Црква како и сите други Помесни Цркви, се организирани на истиот тој принцип, само со цел да се контролира учењето на Црквата, за луѓето да не почнат, па дури и свештените лица и владици, како што било во историјата на Црквата погрешно да учат за верата. И тогаш, судовите на тие високи свештени лица, Архиереите во Помесните Цркви и на Вселенските Собори, одлучувале за секое погрешно учење, како што било учењето на свештеникот Ариј и на многу други свештени лица (епископи), кои погрешно учеле. Никој од нив не смеел да не биде казнет и неговото учење и да не биде осудено или проколнато, ако било погрешно, односно ако не било во согласност со учењето на Светата Соборна и Апостолска Црква.

По молитвите на Светиот апостол Тома, на кој денеска споменот му го празнуваме и според кој оваа недела се нарекува Томина недела, Господи Исусе Христе Сине Божји, и по молитвите на Твојата Света Мајка, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин! Христос Воскресе! Навистина Воскресе! За многу години нека е празникот.

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар