Животот не е тажен, прекрасен е!

Протосингел Хризостом (Чучу) се подвизувал во романскиот манастир Путна, кој со право се нарекува романскиот Ерусалим и каде што луѓето од целата земја доаѓаат за духовна грижа и совет. Во овој говор, отецот раскажува за љубовта и вљубувањето, создавањето и зачувувањето на семејството и им дава совети на оние кои се борат со блудната страст.
– Оче, што ќе кажете за однесувањето помеѓу умот и срцето? Кој од нив треба да раководи?
– Јас имам пријател кој работеше во Службата за заштита и безбедност и беше во составот на обезбедувањето на неколку романски претседатели. Го прашав: “Што правите кога претседателот отстапува од планираната маршрута?” Тој одговори, дека тоа се случува толку често, дека не им останува да сторат ништо, всушност не го запираат. Но кога тоа се случува, тие се будни, ги предупредуваат сите, и во моментот кога ќе видат опасност – на пример некој донесол некаков предмет или сака да направи нешто – тие се фрлаат кон претседателот и го доведуваат до место кое го сметаат за безбедно. Тогаш тој ништо не може да им каже, тој веќе не е претседател во таа минута.
Сличо вака, стојат, работите со умот и срцето: срцето е претседателот, а умот телохранителот. Нашето срце не раководи, бидејќи Спасителот вели дека, срцето е нашето богатство, и Божјото Царство живее во нас (Лк. 6:45; 17:21). Тоа не раководи, го води нашиот живот, настојува. Тоа е двигател, кој ни дава ревност и храброст да се движиме напред. Но умот мора да биде на стража. Во моментот, кога срцето отстапува од патот и е во опасност, улогите се менуваат: умот го зема лидерството, а срцето мора да се покорува. Не, обратно! Затоа треба да научите да го истражувате своето срце и да го познаватете, да ги проучите неговите аргументи. Инаку нашиот живот ќе стане бесценет и тажен. А животот не е тажен, прекрасен е!
– Дали љубовта и вљубувањето се еднакви?
– Кога бев во Воената школа, имавме професор, офицер кој ни предаваше психопедагогија. Во еден момент, тој ни постави едно вакво прашање: “Што мислите, што се случува при вљубувањето? А јас ќе ви објаснам како стојат нештата!” И почна да објаснува. Додека ни објаснуваше, ние започнавме да се согласуваме, но на крај го замразивме, бидејќи тој побиваше сѐ што е прекрасно и возвишено во љубовта. Тој рече: “Процесот на вљубеност е математички процес. Се среќаваш со девојка и во неа предизвикуваш одредени чувства. Искуството се состои во тоа, да знаеш што предизвикува посилно или послабо чувство во неа. Ако имаш можност да внесеш некои последователни чувства во неа, тогаш девојката ќе сфати дека е вљубена во тебе и дека таа веќе не ќе може без тебе. ”
Ми требаше многу време да разберам каде греши. Тоа не е вистинска љубов. Тоа е хемиски, психолошки процес, нарекувајте го како сакате. Во секој случај, тој е телесен и ништо повеќе. Ти чувствуваш, дека имаш потреба од некој, затоа што тој направил нешто за тебе.
Телесниот ппроцес на вљубеност, не може да го направи првиот чекор, да го положи првиот тест за доверба. За да се пречекори прагот на довербата, а тоа е многу тешко, треба од многу нешта да се откажеш, а да очекуваш нешто за возврат.
Ако некој ти дозволи да го сакаш – тоа е големо чудо. Искористете го тој момент, не го испуштајте, обидете се да љубите што е можно повеќе, а срцето само ќе го најде патот до другото срце. Ова повеќе не е хемиски процес, механички, математички, па дури и метафизички – тоа е Божествен процес: срцето го наоѓа својот пат до другото срце.
– Како да знам дека навистина го сакам оној со кој што сум?
– Еден татко вака одговорил, на едно вакво зададено прашање: „Андреј, сакаш ли да знаеш дали ти навистина ја сакаш Марија? “,” Да! “,” Ти не сакаш да ја претвориш Марија во твоја играчка? “,” Не! ” , “Добро! Ако сакаш да го знаеш ова, ќе ти кажам вака: ако сакаш да ја возљубиш Марија, прави го тоа, што таа ќе ти рече!” Како сакаш да и покажеш на девојката дека ја сакаш, ако не покажеш дека ти е важна за тебе и ако не покажеш дека ѝ веруваш?
– Како да знам дали оваа жена со која сум сега е вистинска за мене? Како да се однесувам, какви чувства да имам кон неа?
– Овој практичен, конкретен совет што можам да ви го дадам е следново: кога имате љубовен порив кон некого, не брзајте да го покажете. Не фаќајте се за телефонот, не испраќајте пораки преку е-пошта; задржете го тој порив малку во своето срце да созрее, понесете го тој човек, таа мисла и видете што ќе се случи. Од него, нема да остане речиси ништо, бидејќи ќе исчезнат маса непотребни примеси.
Во љубовниот порив има, да ги именувам така, многу состојки, повеќе ли помалку телесни, повеќе или помалку психолошки, повеќе или помалку духовни. Тие се силно испреплетени едни со други и се многу заплеткани и се стремат да ве преземат насила. Дајте му на срцето избор, тоа да направи разлика; дајте му на своето срце, да ја покаже својата моќ на проникливост – тоа поседува огромна сила, дајте му да ја пројави!
На овој начин ќе го збогатите срцето, и ќе го сретнете тој човек таму (во срцето). Имено таму, во срцето, за кратко време ќе видите каква е состојбата на вашиот однос со таа личност. Наскоро ќе си речете: “Не, не вреди.” Или обратно, ако чувството расте или едноставно преплавува, тогаш, дури и да сте светец, сеедно, вие не можете да одолеете.
Сепак, оставете на срцето да одлучи за тоа, бидејќи таму, ти остануваш насамо со своето јас, тогаш срцето се претвора во огнена печка, која не трпи никаква излишна примеса. Таму се остварува односот на највисоко, во исто време на најголемо длабинско ниво, започнувајќи со моменталните нешта, чувствувајќи ги потребите на другиот, до личните духовни работи.
Постапувајќи така, вие ќе разберете, која љубов е вистинска. Ако ви се оддаде во својата сокриена, многу лична молитва, да се молите за некого, тогаш тој човек е важен за вас, за вашето срце.
– Како да го проучиме нашите срце?
– Тоа не е многу тешко. Застанете на молитва, пред Бога, без да правите ништо друго. Вие не мора да ја кажувате Исусовата молитва, да читате молебни, акатисти, ништо. Седнете во креветот, на столот, каде што се чувствувате пријатно, и останете така, без да правите ништо, но да бидете целосно уверени во присуството на Бога. Останете такви како што сте пред Божјето лице. Ако сакате да правите нешто – правете, но важно е да бидете пред Божјето лице. Поминете со себеси колку што е можно повеќе време, и срцето само ќе разговара со вас, ќе прашува, ќе покажува.
– Што да правиме со младите луѓе кои сакаат да живеат заедно пред да стапат во брак? Дали е тоа правилно?
– Одговорот е очевиден. Соживотот, ако се одстраниме од тоа, дека е тежок грев, нуди само некаков сурогат на односите. Со задоволувањето на телесните похоти, ние ја принудуваме душата да му биде послушна на телото, подобно на робинка, давајќи и улога на некој непотребен аксесоар. За каква љубов, за каква врска можеме да зборуваме овде? Не се задоволувајте со првото нешто што сте го запознале, особено вие, девојките. Не се откажувајте од вашето достоинство, не се омаловажувајте. Вие сте многу повеќе од сето тоа.
– Можам ли нешто да променам кај својот сакан човек?
– Не. Велам не, бидејќи ние обично сакаме само надворешни промени, а тоа е крајно штетно во односите, бидејќи не тера целосно да заборавиме за Божјиот образ во другиот, за тоа “нешто”, што го прави посебен. Ако ние го сакаме, нема да се обидуваме да промениме нешто во него. Митрополит Антониј Сурожки вели: “Љубовта не е слепа, а се карактеризира имено со тоа – со транспарентност, со гледање; таа гледа сè, особено недостатоците “.
Љубовта гледа сè, но има став како познавач на икони, кој пронашол многу стара и многу оштетена икона. Тој знае, и покрај неуспесите и дефектите, да го види изобразениот образ на оваа икона. Зад лошото, тој го гледа доброто и не само што го гледа, но е подготвен и својот живот да го положи за да ја реставрира таа икона.
Често кај мене доаѓаат брачни парови со проблеми, кои се навредуваат меѓусебно, до таму што веќе нема каде, се прекоруваат: таа – тој е многу груб и и се потсмева, тој – таа не слуша и премногу зборува и т. н Кога ќе се смирам, ги прашувам: “Кога се омажи за неа, нели знаеше дека таа е таква и таква?” “Да!” “Тогаш, зошто ја зеде? Да ја воспиташ или да ја сакаш? Ти ја зеде, бидејќи ти беше единствениот кој од зад сите недостатоци можеше да го видиш тој внатрешен образ, тоа прекрасно во неа, кое што никој друг не го видел! Ти си ја зел каква што е, не за нешто друго. Бидејќи таква каква што е, таа е најпрекрасна. Најпрекрасна за тебе, се разбира, затоа што ти си можел да го видиш тоа во неа. ”
Не го земаш некого за да го воспиташ, но да го сакаш таков како што е.
Сепак, постои една насока, во која не само што човек може да се смени, туку едноставно е обврзан да го стори тоа со иста љубов. Станува збор за словата на апостол Павле, кој вели: “неверен маж се освестува од жена која верува,” и обратно. Тоа значи ако промената се одвива, нека биде во насока на нашето осветување. И сè друго ќе си дојде само по себе …

 Протосингел Хризостом (Чучу)

Превод: Весна Апостоловски