Втор ден Духовден – Света Архиерејска Литургија во село Ореовец

На 17.06.2019 г., на Втор ден Духовден, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослушение на протоереј-ставрофор Благоја Станкоски, протоерејот Темелко Блажески и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски,  отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, во село Ореовец – Прилеп. 

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам“ (Јован 16, 7), им рекол Спасителот Господ Исус Христос на Своите ученици.

Браќа и сестри, знаеме дека со паѓањето во грев на нашите прародители Адам и Ева, паднала во грев и човечката природа и никој од луѓето не можел да ја подигне, освен Самиот Бог, во конкретниов случај тоа е –  Второто Лице на Света Троица, Синот Божји, Кој по благоволението на Отецот, доброволно излезе од прегратките на Отецот, слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Дева Марија и стана човек, за да поживее на земјата со луѓето и да им ја открие вистината за постоењето на Бога и спасението.

Синот Божји, според преголемата љубовта која ја покажал кон нас луѓето, доброволно страдал, бил биен по плеќите, шамаран, плукан, на главата носел трнов венец, бил неправедно осуден со најсрамната смрт во тоа време, со смрт на Крст, каде ја пролеал Својата Света Крв, бил погребан и на крај според Своето ветување Воскреснал во третиот ден од мртвите.

По Воскресението нашиот Спасител најнапред и се јавил на Неговата Пречиста Мајка, Пресвета Богородица, а потоа и на Марија Магдалина, на Жените Мироносици, на Светите Апостоли Петар и Јован, на Апостолите без Тома и со Тома, на двајцата патници Лука и Клеопа, на петстотини браќа во Галилеја и конечно по четириесет дена се Вознел на небесата, за да ја вознесе и нашата падната човечка природа и да ја обожи и прослави, седнувајќи од десно на Бога и Отецот.

Апостолите, браќа и сестри, не можеле да го замислат заминувањето на Синот Божји од нив, но Спасителот им рекол дека нема да ги остави сираци, односно им рекол да останат во Ерусалим сè додека не се облечат со сила одозгора.

Која е таа сила одозгора во која требало да се облечат апостолите? Таа сила е – слегувањето на Светиот Дух врз нив во педесеттиот ден. Ова е последниот празник од Христовото Воскресение, зашто со овој празник (Духовден), завршува циклусот на Велигденските празници.

Спасителот Господ Исус Христос им рекол на Светите Апостоли дека нема да ги остави сираци, односно им рекол дека пак ќе биде со нив.

Спасителот Христос со Своето Тело се Вознел на небесата, но овде на земјата Он ја востановил Светата Тајна Евхаристија, која е всушност Неговото Свето Тело, што тука на Божествената Литургија, на Евхаристискиот Канон, благословениот леб и благословеното вино се претвораат во Тело и Крв Христови. Преку примањето на Светите Дарови, Христос нашиот Бог и Спасител  не просветлува и осветува и не прави од недостојни достојни, од нечесни чесни и од несвети свети.

Нашите тела, браќа и сестри, се создадени да бидат храм на Светиот Дух. Кој е тој Свет Дух, браќа и сестри?

Светиот Дух е истиот тој Свет Дух, Кој кога беше создаден светот, лебдеше над земјата и ја загреваше, односно ја оживотворуваше, за од неа да произлезат сите билки и растенија и сè друго што е создадено на земјата.

На крајот Господ од преголема љубов го создава и човекот според својот лик (образ) и подобие. Ликот Божји во човекот е всушност неговата душа која има три елементи, а тоа се: умот, срцето и волјата. Како што Отецот е Безначален, така и умот на човечката душа на некој начин и кореспондира на Отецот; Како што Синот се раѓа од Отецот, така и разумот се раѓа од умот; и како што Светиот Дух излегува од Отецот, така и влојата на луѓето излегува од умот, за луѓето да можат, она што умот ќе го каже и срцето ќе го почувствува, волјата тоа да го изврши и направи.

Па така, браќа и сестри, Светиот Дух беше присутен во Стариот Завет. Преку Светито Дух, проповедаа старозаветните пророци, патријарси и сите од Бога избрани луѓе, како што се на пример судиите. Преку Светиот Дух исто така пророкуваа и Светите Пророци, а проповедаа и Светите Апостоли, и затоа се вели дека преку Светито Дух говореа, како во Стариот, така и во Новиот Завет, од Бога избраните свети луѓе.

Светиот Дух во Новиот Завет, конкретно се поројавува при зачнувањето на Спасителот наш Господ Исус Христос, од страна на Мајката Божја, Пресвета Богородица. Испратениот од Бога Архангел Гаврил и се обраќа на Мајката Божја со зборовите: „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји“ (Лука 1, 35).

Од овие стихови дознаваме дека Светиот Дух е причинителот за зачнувањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Кај некои Свети Отци се вели дека Светиот Дух е мажот на Мајката Божја, Пресвета Богородица, бидејќи преку Него беше зачнат Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.

Светиот Дух е исто така присутен и при крштението на Спасителот Господ Исус Христос на реката Јордан. За овој настан во Светото Евангелие се вели: „ И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата, и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ (Мат. 3, 16-17).

Од овие примери, браќа и сестри, гледаме дека Светиот Дух е присутен и во Новиот Завет, исто како што е присутен и во Стариот Завет, но Светиот Дух во Новиот Завет има посебна улога, со Неговото испраќањето од Отецот преку Синот.

Светиот Дух, браќа и сестри, ни е испратен преку Синот, зашто Синот Божји, Христос нашиот Спасител им рече на апостолите дека ако не се Вознесе, нема да им го испрати Утешителот, Духот на Вистината, Кој од Отецот излегува.

Тоа е учењето на нашата Света Црква, дека Светиот Дух излегува од Отецот, а истото е запишано и во Никео-цариградскиот симбол на верата. Но за жал некаде во VI век, Римокатоличката Црква направила една грешка, кога погрешно почнала да учи дека Светиот Дух излегува и од Синот. На тој начин Римокатоличката Црква го изменила учењето на Црквата, кое нам ни е пренесено од Самиот Спасител Господ Исус Христос.

Господ Исус Христос никаде не рекол дека од Него излгува Светиот Дух. Спасителот им рекол на апостолите: „Кого ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината, Кој од Отецот излегува“ (Јован 15, 26). Ете, кога луѓето ќе почнат да мудруваат со својот ум за она што Господ го кажал, секогаш се отклонуваат од Вистината.

Ова погрешно учење на Римокатоличкатта Црква масовно почнало да се шири на Запад, а било подржувано и од самите папи.

Филиоквето како учење за првпат се појавило во Шпанија, во Толедо, и со ова учење Римокатоличката Црква сакала да ги придобие, односно да ги приклучи кон нив Аријаните, кои погрешно учеле за Господа Исуса Христа, дена Он не е рамен на Отецот.

Во средината на VI век, ова учење се раширило и во Галија, односно денешна Франција, каде Симболот на верата со додатокот дека Светиот Дух излегува и од Синот, почнал да се употребува и на литургиите.

Прв од папите кој се спротивставил на ова учење е папата Лав III, кој упорно се борел против ова погрешно учење. Папата Лав III со своето залагање наредил на две сребрени таблици да се вреже текстот на Никео-цариградскиот Симбол на верата без филиокве и да се смести во храмот „Свети Петар“.

Во одбрана на вистинското учење дека Светиот Дух излегува само од Отецот, а не и од Синот, биле свикани два собора во времето цариградскиот патријарх Фотиј. Едниот собор бил свикан во 867, а другиот во 879 година, и на овие собори ова погрешно учење било осудено. Но  папата Бенедикт VIII  во 1014 година, ова погрешно учење конечно го вовел во Симболот на верата на Римокатоличката Црква и таа одтогаш не отстапила од ова погрешно учење.

Нашата Света Црква, која го прославува овој голем и спасоносен празник Духовден, Кој е посветен на Светиот Дух, Третото Лице на Света Троица, има за своја обврска, правилно, чисто и неповредено да го запази учењето на Света Црква, бидејќи во Светото Писмо е речено: „Оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, најмал ќе се нарече во царството небесно“ (Мат. 5, 19).

Светиот Дух е Оној, браќа и сестри, за кого говори Спасителот Господ Исус Христос дека оние што во Него ќе поверуваат, Он ќе им го даде Светиот Дух и од нив ќе потече река на жива вода. Реката на живата вода е Светиот Дух, односно од Него е благодатта Божја што нам ни се дава преку Светите Тајни: Крштение, Миропомазание, Евхаристија, Свештенство, Брак, Покајание, Маслосвет и Причесната.

Преку овие Свети Тајни изобилно се излева Светиот Дух и токму затоа старозаветниот пророк Јоил вели: „И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија“ (Јоил 2, 28).

Светиот Дух, браќа и сестри, се излева и ден денес во Светата Црква врз архиереите, врз свештеномонасите, врз свештениците, врз ѓаконите и врз сите врени чеда на Црквата. Преку Светиот Дух ние живееме и постоиме, бидејќи по Вознесението на Спасителот Христос, улогата на земјата ја има Светиот Дух преку Кого сѐ се осветува.

Да се помолиме на Спасителот Господ Исус Христос, за Он по застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите апостоли и на сите Свети да не помилува и спаси. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар