Велики Понеделник

Јаков, Јосиф и неговите браќа

Деновите во Великата седмица уште од древност се посветени од страна на Црквата на посебни настани, и затоа се нарекуваат Велики денови.

Во Богослужението во овој свет и Велик Понеделник, Светата Црква ги повикува верниците да го следат Христос, да се распнат со Него, да умрат заради Него, за да се насладуваат и живеат со Него. Во таинственото созерцание, Црквата зближувајќи ги настаните од Стариот и Новиот Завет, ни ги покажува идните невини страдања на Спасителот во старозаветниот праобраз со целомудрениот Јосиф, кој заради зависта на браќата невино бил продаден и понижен. „Јосиф“, – се говори во Синаксарот, – „е праобраз (икона) Христова, бидејќи и на Христа Му позавидеа неговите едноплеменици Јудеи, и од ученик е продаден за триесет сребреника, и затворен во еден мрачен и темен ров – гроб, и оттаму излезе со своја власт, за да владее со Египет, односно над секој грев што го победува до крај. Он владее со целиот свет и човекољубиво не искупува нас преку таинствено давање на пченица, бидејќи Самиот се дава за нас и нè храни со небесниот леб – со своето живоносно тело. Ете, од овие причини, прекрасниот (убавиот) Јосиф е поместен овде.“

Од евангелските настани Светата Црквата си спомнува и за исушената бесплодна смоква. Исушената смоква, според зборовите од Евангелието била силна и значајна проповед за апостолите, за силата на верата и молитвата, без кои човекот пред Бога е духовно мртов. Бесплодната смоква според црковното учење го представува собранието на Евреите, во кое Спасителот Христос не нашол вистински плод, туку само лицемерна сенка на законот, која ја изобличувал. Исто така, таа смоква ја изобразува и секоја душа, која не принесува плодови на покајание. Покрај расказот за исушената смоква, утринското Евангелие во овој ден нe поучува нас и со параболата за неправедните лозари, кои на почетокот го убиле слугата на својот господар кој бил испратен кај лозарите, а потоа и синот на господарот. Во оваа парабола не треба да го занемариме и да не го видиме страшното осудување на христијаните, кои смело ги нарушуваат апостолските и светоотечки заповеди, и со своите гревови продолжуваат да го распнуваат Синот Божји. Во Литургиското Евангелие, Светата Црква ни напоменува и за судбината на богоотстапниот Јудејски народ и крајот на светот, како што тие биле изобразени од Спасителот Христос. Но сепак и покрај овие големите и разновидни несреќи и знаци за разурнувањето на Ерусалим и крајот на светот, Црквата ги повикува верниците  на великодушност, непристрасност, трпение, молитва и духовно бдение, и ги утешуваат со ветувањето дадено од Спасителот за распространување на Евангелието по целиот свет и прекин на несреќите „заради избраните“.

Од богослужението во Великиот Понеделник

Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е оној слуга што ќе биде најден како бдее, а недостоен ќе биде оној што ќе го најде да дреме. Затоа внимавај, душо моја, сонот да не те притисне, и на смрт да не бидеш предадена, и вратите на Царството да не се затворат пред тебе, туку разбуди се повикувајќи: Свет, Свет, Свет Си, Боже, по молитвите Богородица, помилуј нè.

(Тропар )

Твојата свадбена одаја ја гледам украсена, Спасителу мој, и немам облека за да влезам во неа. Просветли ја облеката на мојата душа. Дарителу на светлина, и спаси ме.

(Светилен )