Свети Наум Охридски – Света Архиерејска Божествена Литургија во Охрид

На 03.07.2019 г., кога го празнувавме споменот на Светиот Наум Охридски, Чудотворец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар,  во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов и Тоди Јован (од Албанската православна црква), свештениците Димче Азески, Љупчо Бакрачески и Александар Димоски, еромонахот Ефросиниј и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот Свети Наум, во Охрид.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Амин!

Високопреосвештени Владико, Високопреподобен архимандрите, Високопречесни отци, браќа и сестри!

„Така да се просветли вашата светлина пред луѓето и да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата“ (сп. Мат.5, 16).

Вака, браќа и сестри, на почетокот од Литургијата, ѓаконот се обраќа до Архиерејот, кој на Светата богослужба и во неговата Епархија ја претставува Црквата.

Овие зборови се однесуваат и на сите луѓе, односно и на свештенослужителите, и на свештеномонасите и монасите, а исто така, и на верниците.

Треба да свети нашата светлина пред луѓето, за луѓето да ги видат нашите добри дела и да го прослават нашиот Отец, Кој е на небесата.

И денешниот славеник, преподобниот наш отец, Свети Наум Охридскиот Чудотворец, кој заради Бога, односно заради Христа нашиот Бог и Спасител, се откажал од своето семејство, за целосно да му се посвети на Бога.

За Свети Наума, ние не знаеме, кои биле неговите родители, кои биле неговите најблиски, бидејќи при монашкиот постриг, монасите се откажуваат од своите роднини, родители и блиски, не за нешто друго, туку за сите луѓе да станат нивни најблиски, односно да ги изедначат своите родители, со сите старци и родители, или со други зборови кажано, сите луѓе на монасите и на монахињите, да им станат, браќа и сестри, во Господа наш Исуса Христа.

Токму тоа го направил и денешниот славеник, Свети Наум, Охридскиот Чудотворец.

Кога ги прославуваме светителите, ние, треба да знаеме дека нивниот живот, нивните постапки, нивното живеење, нивното однесување и сè што правеле во животот, правеле онака како што заповедал Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој рекол: „Бидете свети, како што е свет вашиот Отец, Кој е на небесата“ (сп. Мат. 5, 48). Па заради тоа, овие Божји луѓе, Божји угодници и светители на нашата Света Православна Црква, најнапред се откажале од својата волја.

Што значи тоа, некој да се откаже од својата волја? Тоа значи, да се откаже од похотите, од страстите, од грешните желби, грешните чувства, грешните однесувања и грешните дела. Ние денес за тоа слушнавме и во Светото Евангелие и во Светиот Апостол, имено дека откажувањето на луѓето од себеси значи; тие да не им угодуваат на своите похоти, желби и страсти, туку да му угодуваат на Бога. Па затоа, оние што на Бога му угодуваат, тие немаат свои желби и посебни цели во овој свет, бидејќи нивната цел е Царството Небесно. Па така и на Свети Наума, неговите желби, однесувања и преокупации во животот, му биле исклучиво да му угоди на Бога, со цел да го здобие Царството Небесно.

Светителите, се луѓе како нас, но тие, нешто повеќе од нас се потрудиле, како што велат Светите Кирил и Методиј. Тие повеќе го засакале Бога, и повеќе се откажале од сè што е земно, материјално и преодно, па затоа му угодиле на Бога. А оние што ќе му угодат на Бога, нив Господ не ги заборава.

Па ете, и ние во нашиот живот, ако сакаме да се угледаме на светителите, а посебно на денешниот славеник Свети Наум, треба да погледнеме, како тој го минувал својот живот. Свети Наум, својот живот го минувал во пост, во подвизи, во постојана молитва, во постојано угодување на Бога, во постојано бдение и во постојано насочување на своите мисли и чувства кон Бога.

Кога зборуваме за преподобните, како што е Светиот Наум, Охридскиот Чудотворец, треба да сфатиме дека тоа се луѓе кои се стремеле да го здобијат подобието што го имале нашите прародители Адам и Ева во рајот, пред да го направат првородниот грев, односно пред да ја прекршат Божјата Заповед, која им била кажана, дека не треба да јадат од забранетиот плод.

Како всушност живееле нашите прародители пред да згрешат? Нашите прародители, сите свои мисли ги имале насочено кон Бога. Никакви други мисли немало во нивните умови, освен мислите кон Бога, и токму затоа Господ ги возљубил и тие биле во постојана врска и постојан духовен разговор со Бога. Па затоа, и овие преподобни Отци како Свети Наум, се луѓето, кои постојано ги насочувале своите мисли кон Бога. Тие не дозволувале мислите да им шетаат наваму или натаму, како што нам ни шетаат, дури и на Божествената Литургија, туку точно и правилно ги насочувале кон Бога. Исто така, на тој начин, тие се здобивале со вистинското знаење, а вистинското знаење е знаењето на верата, дека нашата вера, е вера во Еден Троичен Бог, Отец, и Син и Дух Свет. Правилното учење за верата,  нам ние е изложено во Символот на Верата.

Ако ние сакаме правилно да ги следиме Светите, како што е преподобниот Наум, Охридскиот Чудотворец, ние треба да си ја познаваме нашата вера. Ние никогаш не можеме да научиме сè за верата, но според можностите што ни се дадени, според нашите умствени способности, односно според чувствата и желбите, она што ќе научиме за верата, тоа треба да го преточиме во животот, односно знаењето за верата да биде живо според верата и истото да го примениме во животот.

Понатаму се вели, дека овие Божји угодници, ги очистиле своите срца и души, од секакви грешни мисли и помисли. Тие не дозволувале од нивните усти да излезе никаков лош збор, а ние постојано, не само што слушаме, туку употребуваме празни, нечесни и недостојни зборови. Па така, ако ние не ги следиме светите  во зборувањето, жевеењето, подвизите и молитвите, тогаш ние, браќа и сестри, не ги славиме правилно како што треба да ги славиме.

Од таму, должноста на секој православен христијанин è, да го очисти своето срце од секаква душевна и телесна нечистотија. Понатаму, волјата наша треба да ја насочиме во исполнување на Божјите Заповеди, зашто Господ рекол: „Не оној кој вели: Господи, Господи, ќе се спаси, туку оној што ги исполнува Моите Заповеди“ (сп. Мат, 7, 21).

Браќа и сестри, ние знаеме кои се Десетте старозаветни Заповеди и другите новозаветни Заповеди, а и оние двете најголеми Заповеди, кои ги кажал Господ кога бил искушуван, од оној млад човек (законик), кој го запрашал Господа: „Што треба да направам за да имам живот вечен“ (сп. Мат. 19, 16). Господ му рекол: „Возљуби го Господа Бога, со сето свое срце, со сиот свој ум, со сите свои сили и со сите свои помисли; и ближниот како себеси“ (сп. Лука 10, 27). Ете, ако ние ги исполнуваме Божјите Заповеди, тогаш ние и ќе се спасиме, браќа и сестри. Но исто така, не може некој да рече, дека е вистински христијанин, ако нема смирение.

Што е смирението? Смирението е, кога ние себеси ќе се поставиме во состојба како најгрешни луѓе, како тоа што го правеле и светителите, како што тоа го говори и Светот апостол Павле, кој вели за себе, дека бил најгрешниот човек од сите луѓе и дека не бил достоен да се нарече Христов апостол, оти ја гонел Црквата Божја, пред да стане христијанин. Но отпосле, откако поверувал во Христа и се крстил, станал најревносниот апостол од сите Апостоли.

Еве во тој дух, смирение покажале и другите Свети Отци, кои ги следеле Светите Апостоли, како Светиот апостол Павле, кој бил апостол на многубошците.

Смирените луѓе, ништо не сметале за свое, како што денес слушнавме од Светото Евангелие, во кое се вели: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството Небесно“ (сп. Мат. 5, 3). Бедни по дух се луѓето, кои ништо не сметаат за свое, туку сè што имаат го сметаат за дар Божји, преку кој тие треба да покажат дека се Божји чеда и наследници на Царството Небесно.

Смирението се покажува и преку трпението, а трпението е борба со искушенијата, кои доаѓаат врз нас. Какви и да се искушенијата, ние, браќа и сестри, всушност треба со нив да се бориме и да не покажуваме дека сè што имаме ние,  е според нашата заслуга.

Како пример на трпението, нам од Стариот Завет ни се дава, најбогатиот човек, односно праведниот и многустрадален Јов, кој бил не само најбогат, туку и најмилостив, зашто сите кои имале потреба од неговото богатство, тој несебично со него му помагал на секој патник и намерник, го примал во својот дом, го угостувал и.т.н.

Кога Светиот праведен Јов почнал да ги губи сите оние нешта што му ги дал Господ, односно материјалното богатство, тој никогаш не жалел за тоа, како што денес многумина од нас жалат, а некои дури и се самоубиваат. За овие нешта имавме безброј случаеви, кога на многумина во банките им пропаднаа парите или имотите, и се самоубиваат.

Ете, праведниот Јов, кој бил најбогат човек во Стариот Завет, сè изгубил, бидејќи сатаната му позавидел и сè му зел, по Божја промисла, односно му ги зел и неговите десет деца т.е. седумте синови и трите ќерки, и не похулил на Бога. Кога светиот праведен Јов, бил наговаран од неговата жена и од негоите четворица пријатели, да похули на Бога, односно да каже некој лош збор против Бога, тој им велел: „Кога Господ ни даваше, ние тогаш го благословувавме, а сега ли да хулиме на Него?. Господ даде, Господ зеде. Нека е благословено името Господово!“ (сп. Јов 1, 21).

Ако и ние така велиме, браќа и сестри, кога ќе загубиме било што од она што го имаме, тогаш навистина сме на правиот пат, бидејќи имаме правилен однос кон богатството, бидејќи богатствата и сè што поседуваме, не треба да бидат наша цел во животот или да ни бидат некој измислен Бог, туку тие треба да ги користиме како средствата преку кои ние се спасуваме. Штом ние ќе загубиме нешто, тоа всушност не требало да биде наше и затоа да велиме и ние како што велел праведниот Јов: „Господ даде, Господ зеде. Нека е благословено името Господово!“ (сп. Јов 1, 21).

Трпението на Светиот праведен Јов, браќа и сестри, било толку големо, што дури и кога врз него легнала најтешката болест, односно лепрата, и кога бил одделен од народот, а покрај него луѓето минувале без да се доближуваат. Него го посетувале и убедувале пријателите и сопругата, да похули на Бога и да умре, но тој не похулил. Токму затоа Господ му го вратил сето богатство, му дал уште десет деца, седум синови и три ќерки, и на тој начин покажал дека ако ние бидеме милостиви, дарежливи и чисти, ако Бога го сакаме најмногу од сè и ако го сакаме ближниот како себеси и ако имаме силна вера во Бога, тогаш ќе можеме да речеме како многустрадалниот Јов: „Ако и оваа моја кожа се расчини и распадне, јас пак во истата ќе го видам Бога“. Тоа била неговата силна вера во воскресението на мртвите.

Познавав еден човек, кој во најтешкиот момент од животот се однесуваше многу смирено и трпеливо, кога еден близок човек му упатуваше најголеми навреди, колнејќи го во детето сираче со клетва, сите парите за стоката што му ги дал, да ги даде за гроб, односно за сандук за сирачето. А човекот во тоа време ја точеше секирата и збор не прозборе, туку занеме и покажа невидено трпение. Тој пример и дене денес го имам пред себе, како пример на големо трпение, и смирение.

Колку мајки има меѓу нас, кои покажуваат трпение, кога децата ќе згрешат? Настојуваат ли некои да не ги искараат или истепаат. Не. Ние, и повеќето од мајките веднаш се вознемируваат, колнат и ги проколнуваат своите најмили деца.

Познавам една мајка, која кога ќе и згрешеа нејзините деца, наместо клетва велеше: „Господ да ве благослови!“ Таа мајка, обратно се однесуваше, од мајките што колнат.

Ако и ние постапуваме, како оној татко, кој прими најтешки навреди, во момент на најтешки однесувања и чувства за своето дете сираче, и ако постапуваме, како онаа мајка, која, кога ќе и згрешеа децата и ќе направеа некој зулум, наместо да ги проколне, викаше „Господ да ве благослови“, тогаш, браќа и сестри, ќе можеме да кажеме, дека сме на пат да живееме вистински христијански живот, во согласност со учењето на нашата Света Црква.

И во денешно време, има, браќа и сестри, трпеливи луѓе, мажи и жени, кои правилно ја практикуваат во животот нашата Света Православна Вера.

Па ете, овие неколку примери, нека ни бидат нам како образец на нашето однесување во нашиот живот.

Светиот преподобен наш отец Наум, Охридскиот Чудотворец, покажал такво трпение, таква смиреност, таков живот, такви подвизи, такво однесување и такви чуда, што и мечката што го изела волот, успеал да ја впрегне во јаремот за да ора. Тоа го направил не со својата моќ и сила, туку преку неговите силни молитви и застапништво пред Бога. Всушност Господ, браќа и сестри, ги прави чудата.

И ние да се помолиме на Свети Наума, кој е патрон на оваа Света обител, по неговите Свети молитви, Господ да ги просветли и нашите умови, да ги очисти нашите срца од секаква душевна и телесна нечистотија, да ја поттикне нашата волја, за да можеме да ги извршуваме Божјите Заповеди и да го прославиме Бога, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Амин! Нека е честит празникот и за многу години!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар