Празнична Вечерна во манастирот „Свети Јован Крстител“ – Германски гробишта, во Битола

На 06.07.2019 г, во предвечерието кога го славиме раѓањето на Светиот пророк и Крстител Господов Јован, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, отслужи Празнична Вечерна богослужба во манастирот „Свети Јован Крстител“, во Битола.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Нема поголем роден од жена од Јована Крстител, браќа и сестри! Вака Господ Исус Христос нашиот Спасител вели за него. А всушност кој е Свети Јован Крстител? Мајката на Свети Јован, Света Елисавета, била тетка на Пресвета Богородица, а неговиот татко е пророкот и првосвештеник, по име Захариј. Тие немале деца и се молеле постојано усрдно на Бога, да им подари дете, и ете во стари години кога веќе според природните можности не е можно родителите да родат деца, ете Господ ја услишал нивната молитва, и при една прилика кога Светиот Захариј влегувал во храмот да принесе дар, во најсветиот дел од храмот наречен Светиња на Светињите,  каде што само еднаш имал право да влегува првосвештеникот, ангелот Божји му се јавил, и му соопштил радосна вест дека ќе добијат син и да му стават име Јован што значи – Божја благодат- но Захариј не можел да поверува во тоа затоа што бил старец, а и неговата жена Елисавета била во одминати години но затоа го прекорил ангелот и му рекол дека ќе онеме додека не се роди неговиот син и му стават име Јован. Така и се случило, кога се родил Свети Јован Претеча и Крстител уште неговиот татко не можел да говори и кога веќе расправале како ќе му биде името тогаш тој со знаци покажал да му донесат табла и на неа напишал – името ќе му биде Јован. Во тој момент му се одврзал јазикот и проговорил. И ете се исполнило пророштвото дека Свети Јован пророкот и Претеча и Крстител ќе биде ангел во тело како што пророкувал старозаветниот пророк Малахиј, а исто така дека ќе биде голем пророк Свети Јован Крстител, впрочем, браќа и сестри, тој е последниот старозаветен пророк. Неговите родители многу рано починале па така тој уште од раното свое детство се подвизувал, заминал да живее во пустина, неговата храна бил див мед и скакулци. Во пештерите, во ладните пештери, во жешките денови по пустињите така го минувал својот живот се до времето кога дошло да проповеда како што било веќе претскажано за него и тој на цел глас викал на луѓето – Покајте се зашто се приближи царството небесно! Ги поучувал да дојдат и да примат крштение покајно, а за Господа Исуса Христа рекол дека Тој ќе ги крсти со Дух Свети и со оган. И така Свети Јован Крстител никого не поштедувал кој не ги исполнувал Божјите заповеди. Кога го прашувале војниците што треба да прават, тој им рекол да бидат задоволни со својата плата, а на оние другите им велел дека кој има две кошули нека даде на оној што нема. Ги прекорувал не само фарисеите и садукеите туку и самиот цар Ирод кој ја зел незаконитата жена Иродијада која била жена на неговиот брат, за кое нешто кога се случил оној пир, онаа гозба со старешините и војводите негови и кога му угодила Саломија и и ветил дека ќе и даде се што ќе побара па ако треба и половина од неговото царство но таа откако се посоветувала со мајка си, ја побарала главата на Свети Јована Крстител и тоа царот го направил заради кажаното претходно бидејќи царскиот збор не можел да го порекне. Но така како што била отсечена главата на Свети Јована Крстител на ист начин или на сличен начин била отсечена и главата на Саломија на реката Сикорис, во Толедо каде што биле протерани во прогонство и Ирод заедно со Иродијада и Саломија, кога таа излегла еден ден на реката во зимско време се скршил мразот и две санти лед и ја пресекле главата а човек што минувал тука се сожалил ја ставил на табла главата и и ја предал на нејзината мајка. Браќа и сестри, Свети Јован Крстител е еден од најголемите заштитници на светињата брак, затоа и животот свој го положил затоа што го изобличувал и Ирода и Иродијада за прекршувањето на Божјата заповед за земање на жената на неговиот брат односно за обесветување на најголемата светиња бракот.

Браќа и сестри, ете таков бил Светиот славен Пророк и Претеча Јован Крстител и нашата Света Црква затоа и му дала нему достојно место вднаш до Пресвета Богородица, местото на Свети Јована Крстител се наоѓа во диптихот на нашите Свети, затоа ние и се молиме Свети Јован Претеча и Крстител секогаш во сите молитви, а и определил Господ, определила нашата Света Црква да има и свој ден во седмицата, тоа е вторник кога нашата Света Црква се обраќа посебно молитвено до Свети Јована Претеча и Крстител. Знаејќи дека нашиот народ со особена почит и респект се однесува кон овој Божји угодник и ние, браќа и сестри, да се помолиме на Свети Јована Крстител да биде заштитник особено на оние кои го почитуваат неговиот празник. Да се помолиме преку неговите Свети молитви Господ да го испрати својот свет и спасоносен благослов на сите оние кои што имаат потреба, болните нека ги подигне од нивните болнички постели, оние што се ожалостени, натажени, осамени и напуштени нека ги утеши и на сите нека им даде мир, здравје и спасение. Амин!

Честит нека е празникот и нека е за многу години и честито нека е името на оние што го носат името на Свети Јована Претеча и Крстител. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар