Недела на Жените Мироносици – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола

На 12.05.2019 г., во Третата недела по Воскресението Христово, посветена на Светите Жени Мироносици, кога го празнуваме споменот на: Свети Василиј ОстрошкиСветите девет маченици во КизикПреподобен Мемнон Чудотворец и Света Тамара Грузиска, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски и Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во Соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола. 

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Не бојте се! Вие Го барате Исуса Назареецот, Распнатиот. Он воскресна, не е овде. Еве го местото каде што беше положен. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петра, дека Он пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол” (Марко 16, 6-7).

Браќа и сестри, оваа Трета недела по Велигден, е посветена на Жените Мироносици, кои го придружувале Христа во најтешките моменти од Неговиот Живот. Овие свети жени го следеле Христа нашиот Спасител, кога Он бил малтретиран, биен, шамаран, кога невино бил осуден на смрт, и кога на главата му ставиле трнов венец, а го следеле и при Неговото распнување на Крст на Голгота.

Овие свети жени длабоко тагуваа за сите овие настани и трагедии кои му се случиле на нашиот Спасител. Овие достојни следбенички го следеа Христа, и при Неговото симнување од Крстот, од страна на Јосиф и Никодим, а беа присутни и во миговите кога го полагаа во гробот.

Ете, кога изминуваше саботата, овие жени отидоа и купија скапоцено миро, за да го помажат Телото на Господа Исуса Христа, бидејќи според еврејскиот обичај, мртвите биле помажувани со миро и мириси. Врз праштаницата во која бил обвиткан Христос, скапоцено миро излил и праведниот Јосиф од Ариматеја, при полагањето на Христа во гробот.

Па така, ако Апостолите, кои се физички посилни од Жените Мироносици, и ако се знае дека мажите се посилни од жените, тогаш во овој случај се случи обратното, односно се случи она за кое прорекол Спасителот Христос: „Ќе Го поразам пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат“ (Мат. 26, 31). Овие зборови говорат дека Христос нашиот Бог и Спасител ќе биде распнат, и дека поради страв од јудеите, сите апостоли ќе се разбегаат, освен Свети Јован Богослов, кој останал под Крстот. Само Жените Мироносици останаа да го следат Христа до последно.

Се поставува прашањето, каква била силата, и кој бил мотивот, овие жени, кои се телесно слаби, но силни по дух, да направат вакви големи подвизи? Тие, браќа и сестри, рано наутро тргнале кон гробот каде што Христос бил положен, за да го помажат Неговото Свето Тело со мириси, и кога оделе кон гробот разговарале помеѓу себе и велеле: „Кој ќе ни го одвали каменот од вратата на гробот? (Марко 16, 3). Гробовите кај евреите, браќа и сестри, биле вдлабувани во карпа, и во нив се влегувало низ врата. Каменот од Христовиот гроб бил многу голем и тежок, и затоа кога жените дошле до гробот и виделе дека горбниот камен е оттргнат, и дека печатите не се скршени, влегле во гробот, и ангел Господов им рекол: „Не бојте се! Вие Го барате Исуса Назареецот, Распнатиот. Он воскресна, не е овде. Еве го местото каде што беше положен. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петра, дека Он пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол” (Марко 16, 6-7).

Христос, браќа и сестри, им се јавил на многумина луѓе, Он се јавил на петстотини души, потоа се јавил на Апостолите без Тома, и уште еднаш кога со нив бил и Тома, кога Тома го искажал своето верување во Христа. Понатаму Христос им се јавува и на двајцата патници кои патувале за селото Емаус, односно на апостолите Лука и Клеопа. Кога Христос со нив бил на трпеза, го благословил лебот и виното, односно ја извршил Светата Божествена Литургија, и тогаш тие го препознале Христа, но Христос исчезнал, бидејќи немало потреба од Неговото присуство. Благословениот Леб и Вино, односно Телото и Крвта Христови, вистински го претставуваат Христа нашиот Бог и Спасител.

Повторно се поставува прашањето, која била силата, кој бил мотивот, за толку да се жртвуваат овие Свети Жени? Љубовта, браќа и сестри, љубовта кон Христа нашиот Бог и Спасител. Таму каде што има љубов, таму нема страв. Погледнете ги на пример животните, кои имаат љубов кон своите новороденчиња, тие и животот свој го жртвуваат само за да ги спасат саканите. Така, и овие Свети Жени, имајќи преголема љубов кон Господа Исуса Христа, не почувствувале никаков страв.

А Светите Апостолите, ја немале оваа храброст, туку заклучени седеле во една соба, поради страв од Јудеите. Всушност, кај Жените Мироносици победила љубовта кон Господа Исуса Христа.

Кои биле Жените Мироносици?

Евангелистите спомнуваат повеќе Жени Мироносици, од кои прва се спомнува Марјиа Магдалина, од која Христос истерал седум лоши демони. Марија Магдалина била блудница, но откако се покајала, Христос и ги простил гревовите, и таа врз Неговите нозе излеала миро, и го подготвила за смрт и погребение. Втората Жена Мироносица е Саломија, а по неа се спомнува и Јунија, која била роднина на Светиот апостол Павле, а се спомнува и Јоана, жената на Хуз, кој бел надзорник и управник во домот на царот Ирод, Меѓу овие Жени Мисроносици се и сестрите Лазареви, Марта и Марија, а меѓу нив имало и многу други свети жени, кои не се споменуваат во Светото Писмо.

Овие свети жени, заслужуваат голема почит, бидејќи покажале невидена храброст, и ни укажале како треба да веруваме во Христа нашиот Бог, во Неговото Свето Воскресение, кое е смислата на нашето верување. Христовото Воскресение, е гаранција и за нашето воскресение, кога Христос повторно ќе дојде на земјата, за да им суди на живите и мртвите.

Верата на Жените Мироносици, е прекрасен пример за нас грешните и недостојните, како вистински треба да го следиме Христа, за да го наследиме Царството Небесно.

Марија Магдалина, која прва го видела Христа Воскреснат, после Мајката Божја, отишла во Рим, кај царот Тибериј, и му однесла јајце и го поздравила со зборовите: Христос Воскресна! Потоа го потсетила, и му укажала дека Христос е вистински Бог и Човек, и дека како Богочовек воскресна од мртвите, и дека ќе им суди на живите и на мртвите. Од Рим, Марија Магдалина дошла во Ефес, за да му помогне на Свети Јован Богослов во неговата апостолска мисија, и таму во Ефес, денешна Турција, го завршила својот живот.

Сите Жени Мироносици, достојно го завршиле животот, сведочејќи го Христа нашиот Бог и Спасител. Тие насекаде го проповедале Светото Евангелие, и затоа нивните имиња никогаш нема да престанат да се споменуваат.

Браќа и сестри, исто така, имаме и голем број примери меѓу жените во христијанската Црква, што ги следеле овие Светите Мироносици.

Таков пример, е Света Ирина, која го проповедала Христовото Воскресение во три градови. Првиот град е Мегедон, и тука во овој град, проповедајќи ја христијанската вера, обратила осумдесет илјади луѓе. Вториот град во кој го проповедала Христа е градот Галипол, каде сто илјади луѓе обратила во верата. Света Ирина, проповедала и во други градови, и сите оние што поверувале во Христа преку нејзиниот пример, ги спасиле своите души.

Друга позната жена која ги следела Мироносиците, е Светата царица Елена, мајката на цар Константин, која заради љубов кон Христа, ги посетила сите свети места, каде што Христос, се родил, живеел, растел, проповедал, лекувал, страдал и.т.н.

Исто така, примерот на Жените Мироносици, бил следен и од мајките на големите учители и столбови на Црквата Христова, од мајката на Свети Јован Златоуст, Антуса, од мајката на Свети Григориј, Нона, и од мајката на Свети Василиј, Емилија. Овие Свети Жени, направиле вистински подвиг со тоа што, тие воспитале деца и внуци, од кои голем дел од нив, потоа станале светители, а особено овие тројца столбови на Црквата Христова.

Ваков подвиг направиле и други Свети Жени, меѓу кои ќе ја спомнеме Света Нина, просветителката на Грузија, и Света Марија Египетска, која од блудница стана образец на покајанието, и затоа нејзе и е посветена Петтата недела од чесниот Велигденски пост.

И така со ред, ние имаме пример на безброј други жени, како што е  и Света Олга, руската кнегиња, која е образец на жените што го просветиле Рускиот народ, и Света Лудмила просветителката на Чешкиот народ.

И меѓу нас и нашиот народ, браќа и сестри, имало Свети Жени, кои ревносно го проповедале Христа, и ни покажале како треба да се слави Христовото Воскресение. Меѓу тие жени ќе си спомнеме за Преподобна Параскева, која се подвизавала во Јорданската пустина,  и за Света Злата Мегленска, која својот живот го жртвувала за Христа нашиот Бог и Спасител.

Сега се поставува прашањето, каде е денес современата Македонка, и дали го следи примерот на Жените Мироносици? Во денешно време, има многу малку жени Македонки, кои ги следат Жените Мироносици.

Нашата должноста ни наложува да укажуваме, дека секоја Македонка, и не само Македонка, туку и секоја друга православна христијанка, која се црквува во нашата Света Македонска Православна Црква, а и пошироко во сите Помесни Православни Цркви, дека е должна по примерот на Светите Жени Мироносици, да го проповеда Христовото Воскресение насекаде. Некои веднаш ќе речат, каде да го проповедаме Христовото Воскресение, кога немаме мегдан. Има, браќа и сестри, а најсигурно и најзначително место, каде треба да се проповеда Христа нашиот Бог и Спасител е семејството. Секоја мајка која родила деца, треба уште во текот на нејзината бременост да верува во Бога, да доаѓа во храмот, и да се моли на Христос нашиот Бог и Спасител.

Исто така, кога ќе се родат децата, треба навреме да се крстат, а првите зборови кои треба да им се кажат, треба да бидат зборовите од светите молитви, зборовите од Господовата молитва „Отче наш“, која децата веднаш ќе ја примат и прифатат, бидејќи тие се како неиспишана таблица, а на неиспишаната таблица, што и да напишете, сè ќе биде забележано. Па така, сè она што ќе им се каже на децата, сè кај нив ќе биде забележано. Ако лошо зборувате, лоши деца ќе создадете, а ако зборувате добро, и добро правите добри деца ќе создадете, и нема да се грижите кога ќе остарете, дека ќе бидете напуштени и заборавени. Затоа должноста на секоја православна жена во нашата Света Црква, е да го проповеда Христовото Воскресение, најнапред во својот дом, а потоа и насекаде.

Светиот апостол Павле вели: „Сакам жените, да се облечени пристојно, со срамежливост и чесност да се украсуваат, не со плетенки, ни со злато, или со бисери, или со скапоцени облеки, туку со добри дела, како што им прилега на жени, што ѝ се посветуваат на побожноста (1. Тим. 2, 9, 10). Ако жените постапуваат според овие апостолски зборови, тогаш тие ќе станат помили и за своите деца, и за своите мажи,  Ние не треба да се дотеруваме за другите, туку треба да се дотеруваме за Христа, и за Мајката Божја, и ним да им угодиме, за да можеме да го заслужиме Царството Небесно. Амин!

Христос Воскресна! Навистина Воскресна!

Митрополит Преспанско-прлагониски г. Петар