Какви искушенија постојат?

Постојат шест видови искушенија: искушенија што доаѓаат одозгора, одоздола, од напред, од назад, од лево и од десно. За последната форма на искушение, ќе ви раскажам на крајот од овој разговор.

Искушението што доаѓа одозгора, – е кога ти сакаш да знаеш повеќе отколку што можеш да разбереш, т.е. се обидуваш да знаеш повеќе од тоа што ти е дадено.

Со вакво искушение, еднаш се борел блажен Августин, но Ангел Божји го вразумил. Блажен Августин сакал да напише книга за Света Троица, каква што никој до тогаш не напишал! Па така, размислувајќи за тоа, еден ден дошол на брегот од морето и видел како едно мало дете, користејќи ги дланките, собира вода од морето и ја истура во песочна дупка.

– Што правиш? – го запрашал блажен Августин.

Детето одговорило: Сакам да ja истурам водата од морето во оваа дупка.

– Прекрасно! И како ќе го направиш тоа?

– А ти, на каков начин мислиш да го собереш во својот ум Бога, Кој го создал морето?

Значи, искушението што доаѓа од горе, те наведува да сакаш да разбереш и дознаеш повеќе отколку што ти е дадено.

Искушението, кое доаѓа одоздола, е кога ти не го правиш она што се бара од тебе. Во искушението, кое доаѓа одоздола, ти седиш и не помислуваш да полеташ со своите „крилја“. Тие ти се дадени, но ти нив не ги користиш. Не е доволно само да имаш „крила“, туку треба нив да ги користиш. Искушението што доаѓа одоздола, – е кога всушност ти ништо не правиш.

Искушението што доаѓа од назад, –  е сеќавање на минатото: ти си спомнуваш за некои настани и ги воскреснуваш во умот.

Но, тие не се толку опасни, како искушенијата што доаѓаат од напред, од искушенијата што се пред твоите очи. Ти нив ги гледаш, размислуваш дека тие постојат во реалниот живот, но во нив никогаш нема живот. Но бидејќи ти сакаш да создадеш нова личност, ти почнуваш нив да ги копираш…

Искушението кое доаѓа од лево, – се ересите. Многу работи се насочени против правилата на Црквата во врска со нашето спасение. Но Самиот Спасител вели: „Не отстапувајте ни една јота од Моите Заповеди!“

За на крајот од разговорот, јас го оставив искушението што доаѓа од десно и кое всушност е најопасно. Да речеме, ти си мислиш дека живееш добар духовен живот и дека тоа е точно. Но, во реалноста, твојот духовен живот е погрешен.

Ќе ви раскажам една приказна.

Јас бев монах во манастирот Сихастрија, каде му помогнав на еден брат, а потоа ме ракоположија во свештенички чин. Еднаш, кога беше потребно да извршам едно послушание, јас дојдов во овој манастир и го прашав игуменот:

– Како е нашиот брат Н.?

– „Ох, отче“, одговори игуменот, – тој прими монашки постриг и стана многу добар монах. Сега е архондар (гостилничар) во манастирот. Но, тој има една слабост. Кога ќе застане на молитва, не можеме да го придвижиме, дури и ако биеме со камбаните. Што и да правиме, сето тоа е залудно … Тој се повлекува во својата келија и се заклучува. Од прозорецот се гледа како на колена ревносно се моли. Доаѓаат поклоници, а игуменот не знае што да им понуди да јадат. Нема подготвени соби за нив… Нашиот брат не се грижи за своето послушание, бидејќи сеуште не ги завршил своите молитви. Што ќе кажете на сето ова?! Проблемот беше решен од друг монах, кој го скрши неговиот прозорец, влезе во ќелијата на тој брат и го удри неколку пати по образот. Потоа овој монах дојде кај мене и ме праша дали постапил правилно. И, знаете, му реков дека направил вистинска работа!

Мислам дека она што му се случи на нашиот гостилничар беше искушение.

Драги мои, не оптеретувајте никого со вашата духовна работа. Впрочем, мора да живееме во хармонија. Ако ми беше побарано да опишам едно културно општество во еден збор, јас би го рекол ова:

– Хармонија!

Освен тоа, ако побараат од мене со еден збор да го искажам значењето на Светото Писмо, после толку стотици години и после толку многу дискусии, ќе одговорам:

– Хармонија!

Архимандрит Арсениј (Папачок)

Извор: http://www.pravoslavie.ru