Чудо на Свети Ефрем Нови

Исцеление на еден наркоман

Беше пладне, обичен шумен пладневен ден, во центарот на Атина. Луѓето стоеја построени во ред на такси постојката на плоштадот Омони.

– До Какука, ве молам!

– Со задоволство, – одговорив. Тоа беше целиот разговор, за време на патувањето, бидејќи изгледот и интонацијата од гласот на патникот, не покажувше никакво расположение за разговор. Тој се симна на проспектот Вејка, и буквално на неколку метри потоа, нечија рака ме сопре.

Новиот патник имаше околу 25-27 години, со просечна градба, и со куфер во рацете. Го ставив неговиот куфер во багажникот, а тој за тоа време седна на предното седиште.

– Каде одиме?

До Ифки, ве молам, но не до островот, туку до медицинскиот центар за детоксикација „Ифки“, – прозвучи одговор, што ме збуни на неколку секунди.

Одговорот на младиот човек беше за мене целосно неочекуван, бидејќи ништо од неговиот надворешен изглед (очите, гласот, поведението и облеката), не ја навестуваа во него погубната страст од зависност кон дрога. Многу различни чувства (жал, сочувство, симпатија), се сменија во мене, принудувајќи го моето срце да чука силно од загриженост; мене ми беше многу жал за ова Божјо создание, кое западнало во оваа смртоносна стапица. Но се обидов да ги смирам своите чувства, бидејќи сакав да дознаам, на кој начин тој стигнал до таа опасна линија, зошто и јас имам свои деца, кои за кратко ќе станат полнолетни.

После краткиот разговор, го запрашав Павле (така се викаше младиот човек), секако, ако тие спомени нема да го вознемират, да ми раскаже за својот живот.

Павле со леснотија одговори на моето барање.

– На почеток сакам да кажам, – рече тој, – дека веќе два месеци не употребувам никакви наркотични средства, и се чувствувам себеси како обичен човек. Повеќе немам никаква желба, повторно да го трујам својот организам со тој отров, но таа рамнодушност кон него, јас не ја препишувам на својот труд и напор, туку на чудесното вмешување на Бога, и Неговите светии во мојот живот. Но, јас би сакал тебе да ти раскажам се по ред…

Јас се родив, и до осмата година живеев во Атина, во реонот Кукаки, таму, каде што ти ме качи во таксито. Јас сум единствен син на моите родители, кои патолошки ме сакаат, не мешајќи се во изборот на моите навики и страсти кои сакав да ги правам. Кога наполнив осум години, родителите се преселија во Америка. Таму со помош на роднините добија работа, а мене ме запишаа во школо.

Јас растев, а заедно со мене растеа и моите желби и страсти. Како последица на мојот карактер, многу лесно западнав во лошо друштво и многу рано почнав да употребувам марихуана и хашиш. Поминуваа годините, а мене и другарите од нашата компанија, престанаа да не задоволуваат „лесните“ наркотични средства. Тогаш сите ние со леснотија преминавме на „потешки“, наоѓајќи ги во истата средина, и кај истите дилери. Тие, како што потоа испадна, беа многу поскапи, но бидејќи не работев, почнав да крадам пари од родителите. Дозата се зголемуваше, а родителите почнаа да разбираат што се случува. Имаше случки, кога јас насила земав од нив пари. Бев свесен, дека летам во бездната, но да се вратам во нормалниот живот немав никакви сили. Моите родители се обраќаа за помош кај доктори и психолози, со надеж да ми помогнат, но се беше залудно, никаква искра од светлина немаше во мојот мрачен живот. Некој од психолозите им имаше речено на моите родители, дека ако не успеам да ја оставам таа средина во кој се наоѓам, годините од мојот преостанат живот можам да се избројат на прсти.

Еднаш, кога се наоѓав дома во очајна состојба, ми се јави еден чуден посетител. Ништо слично во својот живот немав видено. Тој беше со среден раст, со округли злобни очи, покриени со долга црна коса. Со рогови и опашка. Имаше груб механички глас, а зборуваше толку дрски и самоуверено, што не оставаше можност да му се спротивставам.

Тој започна во детали да го прераскажува целиот мој живот, од моментот кога се родив сè до тој ден, а јас имав можност само да повторувам по него: „Да… Да…“

– Ете, ти веќе сè имаш испробано, – ми рече на крајот.

Ништо повеќе не ти преостанува, освен да дојдеш кај мене…

Јас збунето го прашав:

– Како да го направам тоа?

– Влези и седни во автомобилот, и со голема брзина вози по автопатот, и на таа и таа кривина од автопатот, јас ќе те чекам.

Таа траса од патот е права до одредено место, a веднаш потоа има остра кривина, и сите кои возат со голема брзина, удираат во оградата од фармата која таму се наоѓа, не можејќи да го сопрат автомобилот. Имав слушано дека на тоа место се случуваат многу несреќи, но сепак постапив како што ми рече. И секако, со полна брзина удрив во оградата. Автомобилот беше многу оштетен, а мене ме извлекоа со мали повреди. После укажаната медицинска помош, се вратив дома.

Околу десет дена подоцна, кога бев дома, повторно ми се јави истиот посетител и ми рече:

– Ти, сепак ништо не успеа.

Јас седев скаменет, и само ова можев да го изговорам:

– Што друго треба да направам?

– Земи тројна доза, од тоа што го употребуваш, и сигурно ќе дојдеш кај мене.

Тој исчезна, а јас не успеав да го прашам, ни кој е тој, ни како успеал да влезе во мојот дом.

Потоа јас веднаш почнав да го исполнувам планот кој ми го предложи. Купив тројна доза, и се обидов да ја взбригам во моите избоцкани вени. Бидејќи дозата беше смртоносна, јас после неколку секунди паднав на подот. Не можам да се сетам, каде бев, и дали воопшто бев жив, но помнам, дека наеднаш видов висок монах во расо, а на неговата скуфија (монашка капа), имаше изобразено црвен крст.

– Не плаши се, – ми рече тој мене, – ќе преживееш. Кога ќе се вратиш во Грција, дојди кај мене дома. Јас се викам Ефрем.

Ги отворив очите и станав, како да не ја имав примено таа смртоносна порција со отров. После тоа, ми се појави желба да се вратам во Грција, а за тоа и кажав на мајка ми. Таа, секако, многу се израдува, бидејќи таа со мојот татко, многупати се обидуваа да ме оттргнат од лошата средина и друштво, и да ме вратат во Грција, но не им успеваше.

И раскажав на мајка ми сè што се случи со мене, и таа посака да ме придружува. Кога стигнавме во Грција, ние отидовме во реонот, каде што порано живеевме, и се обративме кај месниот свештеник, раскажувајќи му за тоа што се случи. Од него дознав, кој беше тој чуден гостин и што сакаше тој од мене. Тоа беше ѓаволот, и тоа што тој го бараше од мене, – беше мојата бесмртна душа.

Му благодарам на Бога од сета длабочина на мојата душа и свеста за спасението од смртта. После исповедта и постот, после неколку недели свештеникот ми допушти да се Причестам. Во храмот на една икона, јас го видов  изобразен ликот на светиот преподобномаченик Ефрем Нови и разбрав, дека имено тој ме избави од смртта и од опасната страст.

Потоа отидов во Неа Мори, каде што се подвизувал преподобниот, и таму закажав благодарствен молебен кон светителот. Сега јас одам во Центарот, за да бидам подалеку од светот и да се проверам себеси, дали навистина сум целосно излекуван.

Извор: http://pravoslavie.ru/74240.html