Архиерејска Божествена Литургија во храмот „Света Великомаченица Недела“ – Битола

На 20.07.2019 г., кога го празниваме споменот на Светата Великомаченичка Киријакија (Недела), Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски, Стеван Здравески, Димитар Михајловски и ѓаконите Златко Крстевски, Крсте Тасески и Александар Маргулевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Великомаченица Недела, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

После Божествената Литургија, верниот народ се поклони пред моштите на Светиот Николај Мирликиски Чудотворец.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Не бојте се од оној кој може да го убие телото, а на душата не може да и напакости; туку бојте се од Оној, Кој може и душата и телото да ги фрли во пеколот!“ (Мат. 10, 28).

Браќа и сестри, денес ја прославуваме Светата Великомаченица Недела, која е светителка од нашиот Православен род. Света Недела живеела во втората половина на третиот век. Нејзините родители биле неплодни, но биле многу благочестиви и постојано се молеле на Бога, за Господ да им даде чедо, а молбите им биле упатени со намера, тоа чедо што Господ ќе им го даде, да му го посветат на Бога. Така нејзиниот татко Доротеј и нејзината мајка Евсевија, уште од најмала возраст ја воспитувале Света Недела во духот на Православната вера. Овие благочестиви сопружници, својата вера во Христа нашиот Бог и Спасител ја потврдиле не само со своите зборови, туку и со својот живот, бидејќи маченички пострадале во градот Милитини, и не се откажале од Христа нашиот Бог и Спасител.

Света Недела, браќа и сестри, уште од своето детство била најпримерна со својот живот, односно не била како распуштените деца, кои и денеска многумина родители така ги воспитуваат. За жал, многумина од родителите, уште од детството ги упатуваат своите деца на погрешен пат и не ги носат во храмовите, како што денес многу мајки во овој храм ги донеле своите деца.

Родителите на своите деца треба да им ги кажуваат основните работи за нашата Света Православна вера, односно да им ги објаснат иконите што се на иконостасот, која е иконата на Спасителот Господ Исус Христос, која е иконата на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Свети Јован Крстител, на Света Недела и сите останати икони, а и тие што ги целиваме, браќа и сестри.

Родителите на своите деца треба да им објаснат, што се случува за време на Светата Литургија, односно дека Светата Литургија е принос или служба која му се служи на Бога. На Светата Литургија, она што Господ нам ни го дава, ние Нему му го возвраќаме. Основните нешта кои му се потребни на човекот, се лебот и виното, и токму затоа тие се земени, на Светата Божествена Литургија да бидат како материја, која се осветува и станува: Лебот Тело Христово, а Виното Крв Христова. Тоа е Причесната, браќа и сестри. Затоа татковците и мајките, бабите и дедовците, сето ова треба да им го кажуваат на своите деца.

Забележувам кога причестувам, дека некои мајки, татковци и баби, кога го причестуваат детето, му велат: „Земи, тоа е винце или сокче!“. Не, браќа и сестри, учете ги правилно децата, дека тоа што го примаат, не е винце или сокче, туку дека тоа е Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, или поедноставно тоа е Христос нашиот Бог, Кој е Благ.

Исто така, браќа и сестри, оваа Божја угодничка Света Недела, била телесно прекрасна девојка, но уште попрекрасна била со нејзината душа, со нејзините добродетели, бидејќи таа не знаела да лаже, како што денеска лажат возрасните и никако не можат да се ослободат од лагата, а татко на лагата е ѓаволот. Тој што лаже е син на ѓаволот.

Нашиот народ вели: „Кој лаже, тој и краде“. Можеби не јавно, но тајно сигурно. Затоа, браќа и сестри, оваа Божја угодничка, ништо други не сакала, туку уште од детството му се посветила на Христа, нашиот Бог и Спасител, и рекла дека ќе биде Негова невеста. И ете, кога многумина посакале да им биде жена, таа ги одбивала и велела дека има свој жених, а нејзиниот Жених е Христос нашиот Бог и Спасител.

Ете, токму заради Христа била подготвена и да пострада во времето на најкрволочниот цар Диоклицијан, во чие време се случувале најстрашните прогони и убиства христијаните. Еден богослов од тоа време ќе рече дека „потоци и реки од крв се леела од христијаните, кои не се откажувале од нашата Света Православна вера“, односно од верата во Троичниот Бог, од Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Кога Света Недела била изведена пред мачителите и ја измачувале, на разни начини таа не се плашела, туку говорела: „Ако ми се заканувате дека ќе ме фрлите во оган, за пример ги имам трите момчиња, кои биле фрлени во печката огнена“, и на кои ништо не им направила огнената стихија во печката, бидејќи Господ им пуштил роса, која ги заштитувала од огинот. Кога и се заканувале дека ќе ја убијат, Света Недела им велела, дека го има за пример Светиот славен Пророк и Претеча Јован Крстител, а кога и се заканувале дека ќе биде фрлена во морето, таа им говорела дека го има за пример Светиот пророк Јона. Света Недела на мачителите им говорела дека ако и се закануваат со било што, таа ќе им приведе уште многу други примери од нашата свештена историја.

Па ете, браќа и сестри, оваа Божја угодничка, Света Недела, на која денес споменот и го празнуваме, не се исплашила од заканите и маките на кои била подложена, туку со молитва храбро ги поднела сите маки, а на крајот откако мачителите ја виделе нејзината цврста вера во Христа нашиот Бог и Спасител, со меч и ја отсекле нејзината глава.

Ете, браќа и сестри, кога ги прославуваме светите на нашата Света Црква, а денес ја прославуваме Света Недела, ние треба да се угледаме на неа. Некои ќе речат дека тоа биле далечни времиња, но денес од нас никој не бара како Света Недела и другите Свети маченици да бидеме изложени на страдања, бидејќи денеска ние имаме слобода. Денес ние, браќа и сестри, имаме слобода, која е опасна слобода, бидејќи ни се нуди сè она што е нечесно и недостојно.

Денеска во името на таа слобода, во името на слободното и либерално однесување, на луѓето им се вели дека сè е слободно, дека е слободно да се јаде, а и да се прејадува, дека е слободно да се пие, и да се опива, дека е слободно луѓето да се караат, тепаат и убиваат. Слободата, браќа и сестри, е дозволена во негативна смисла на зборот, заборавајќи на зборовите на Светиот апостол Павле кој вели: „Сè ми е дозволено, но не ми сè од полза” (1. Кор. 10, 23). Господ, браќа и сестри, ништо со сила не нè принудува да правиме, туку Он ни дава слобода, но ние треба да знаеме, дека за секоја слобода следува одговорност. Секој што е слободен, тој е и одговорен.

Што треба да правиме ние православните христијани во денешно време, за да се заштитиме, кога станува збор за духовните нешта? Прво и осново што треба да разбереме и сфатиме, е тоа дека ние не треба да  прифаќаме ништо што ни доаѓа од запад, туку да го прифаќаме само она што ни доаѓа од исток. Запад во однос на духовното, ништо добро не ни нуди, освен дисциплината. Ние можеме да ја прифатиме дисциплината од Запад, но искреноста и чесноста од исток треба уште повеќе да ги прифатиме, бидејќи ние сме Источна Православна Црква. Кога велам на Исток, мислам на Православната Црква, на нејзините учења, на учењето на Христа нашиот Бог и Спасител, кое е чисто и непроменето.

Токму затоа ние велиме, дека она што е источното, а тоа е Православното, тоа е она кое нас ќе нè спаси. Имаме сознанија, дека врвни политичари од Запад, велат дека најголема закана за западот била Православната Црква. Замислете, браќа и сестри, учењето кое ни го предал Самиот Спасител Господ Исус Христос, кое е чисто, свето и достоинствено, претставува закана за Западот, односно дека ќе ги направи западњаците да бидат чесни и искрени луѓе, да не лажат, да не крадат, да не донесуваат закони со кои ќе се убиваат децата во утробите на мајките и.т.н.

Сите ние сме сведоци, кои се интересите на тие луѓе, а нивните интереси се: нафтата и гасот и источните земји! Затоа во Сирија, Либија и Авганистан се водат војни! Заради тоа се војните на Исток, односно заради интересите на големите сили.

Што ни преостанува нам? Нам ни преостанува да знаеме кое е вистинското учење, а вистинското учење е Христовото учење, кое во Православната Црква се чува чисто и неосквернето.

Па така, празнувајќи го споменот на Света Недела, на која нашата Света Црква и посветува храмови и манастири во целиот свет, да се трудиме нејзиниот живот да го имаме како образец кој треба да го следиме. Во тој дух, браќа и сестри, да се помолиме, Света Недела да ни биде и понатаму образец, бидејќи ако таа нејзиното тело го направила Свет храм, храм на Светиот Дух, за кое говори Светиот апостол Павле кога вели: „ зар не знаете дека вашите тела се храмови на Светиот Дух“ (1. Кор. 6, 19), а тоа значи да не се валкаат телата со нечесни работи, да не се валкаат умовите со грешни мисли, помисли и фантазии, да не се валкаат нашите срца со грешни чувства, желби, похоти, страсти и дела. Од сите овие нешта, Света Недела се запазила, па затоа да ги следиме нејзините постапки и дела и да настојуваме да ја имаме за наш образец.

Ќе кажам уште еден пример, на еден родител кој ми исповеда една работа, односно дека неговата ќерка во училиштето во кое учи, не можела да си најде другарка која живее набожен, чесен и достоинствен живот. Нејзиниот родител и говорел: „Зар при толку ученички во училиштето, нема ни една“. А девојчето му одговарало: „најди ја тато, и од неа нема да се одделам!“

Ете, до каде стигнавме ние православните! Вие, мајките и татковците, бабите и дедовците, сестрите и браќата, следете ги постојано животот, постапките и делата на вашите и наши чеда, ако сакаме да имаме светла иднина. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар