За десетина години и нејзе ќе и служат молебни!

Во параклисот на Света Ксенија на Смоленските гробишта во Санкт-Петербург често можете да го чуете прашањето: „Кажeте ни, што ќе се слави на 6 јуни, вториот роденден на Света Ксенија?“ Се разбира, таа нема „втор“ роденден, но на некој начин денот на нејзиното прославување, Светата Црква го смета како ден на нејзиното второ раѓање. Така, во 1988 година, на 6 јуни, во Црквата се роди уште една голема светителка – Света Ксенија Петроградска.

Раскажува Марина Захарчук

Кон крајот на 1970-те години, кога јас студирав на Ленинградскиот Државен Универзитет, си поставив за цел да ги посетам сите храмови во Ленинград. Така еднаш отидов на Смоленските гробишта, кои така се нарекуваат според името на Црквата. За време на богослужбата, а посебно на панихидите, мене ме восхити повторувањето на името на „Блажена Ксенија“, во записките за покој, оставени од верниците.

Излегувајќи од храмот, отидов да се прошетам низ заснежените гробишта и наеднаш се најдов пред еден параклис кој беше заклучен. Околу параклисот немаше никој. По кратко време кога се подготвував да заминам, одеднаш од параклисот излезе стара жена во стара износена облека.

Каков е овој параклис? – со овие зборови и се обратив на бабичката.

Тука, девојче, е погребана Света Ксенија, помоли и се.

Света? Тогаш зошто верниците се молат за покој на нејзината душа? Всушност на светите им служат молебни.

За десетина години и нејзе ќе и служат молебни, – одговори старицата, и додека јас го разгледував параклисот, таа ненадејно исчезна, како што и ненадејно се појави.

Овој настан се случи во зимата во 1978 година. Се спомнувам за таа средба од пред десет години, кога Соборот на Руската Православна Црква, кој се одржа во летото во 1988 година, во пресрте на 1000 – годишнината од покрстувањето на Рускиот народ, ја канонизира Света Ксенија и ја присоедини кон соборот на Светите.

Молитва кон Света Ксенија

О, Света блажена мајко Ксенија! Под закрилата на Севишниот си живеела, пратена и закрепнувана од Богомајката. Глад и жед, студ и жега, навреди и гонења си претрпела, дар на прозорливост и чудотворство од Бога си добила и под заштитата на Семоќниот, спокој си нашла. Светата Црква сега, како благомиризлив цвет те прославува. Стоејќи на местото на твоето погребение, пред твојот свет лик, како на жива, тебе, која си со нас, ти се молиме: Прими ги молитвите наши и принеси ги на Престолот на милосрдниот Отец Небесен, и имајќи смелост пред Него, испроси вечно спасение за оние, кои кон тебе прибегнуваат; дарежлив благослов за добрите дела и намери наши и избавување од секакви неволји и жалости. Застапи се за нас, грешните и недостојните, со твоите молитви пред престолот на Семилостивиот Спасител наш. Помогни, света блажена мајко Ксенија, дечињата со светлоста на Свеотото Крштение да се озарат и со печатот на Светиот Дух да се запечатат, момците и девојките во вера, чистота и богобојазливо воспитување да живеат и успех во учењето да имаат. Болните и слабите да оздрават и испрати им семејна љубов и слога. Монасите да се  удостојат со добар подвиг да се подвизуваат и од навреди сочувај ги! Пастирите во силата на Светиот Дух зацврсти ги, сочувај го народот и земјата наша во мир и спокојство и сожали се на оние, кои на смртниот час се лишени од причестувањето со Светите Тајни Христови. Ти си наша надеж и потпора, брзо услишување и избавување, тебе благодарност ти принесуваме и со тебе Го славиме Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин!