Сретение Господово – Архиерејска Литургија во Битола

На 15.02.2018 г., кога го празнувавме празникот Сретение Господово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Божествена Литургија  во сослужение на повеќе  свештенослужители од епархијата, во соборниот храм Св. Димитриј во Битола. На Светата Литургија  верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

После Литургијата, беше одржано годишно Свештеничко собрание.

„На четириесетиот ден по Рождеството, Пресвета Дева Го донесе својот Божествен Син во Ерусалимскиот храм за, според Законот, да Го посвети на Бога и себеси да се очисти (3 Лев. 12, 2-7, 2 Лев. 13, 2). Иако ниту едното ниту другото не беше потребно, сепак, Законодавецот не сакаше никако да згреши кон Својот Закон, кој Тој го беше дал преку Својот слуга и пророк Мојсеја.

Во тоа време на чреда во храмот беше првосвештеникот Захарија, таткото на Јован Претеча. Тој ја стави Дева Марија не на местото за жени, туку на местото за девојки во храмот. Во тој момент, во храмот се појавија две чудни личности: старецот Симеон и Ана, ќерката Фанауилова.

Праведниот старец го зеде во своите раце Месијата и рече:

–  Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Господе, зашто очите мои го видоа спасението Твое.

И уште рече Симеон за Христа Младенецот:

– Еве, Овој е поставен за паѓање и издигнување на мнозина во Израел.

Ана, пак, која од младоста Му служеше на Бога во храмот со пост и молитва, и самата Го позна Месијата, па Го прослави Бога и на жителите Ерусалимски им објави за доаѓањето на Долгоочекуваниот.

А фарисеите, присутни во храмот, кои видоа и слушнаа сè, лути на Захарија што ја стави Дева Марија на местото за девојки, му го пренесоа сето тоа на цар Ирод. Убеден дека тоа е Новиот Цар, за Кој му зборувале астролозите од Исток, Ирод брзо прати да Го убијат Исуса. Но, во меѓувреме Божественото семејство беше избегало од градот и се упати кон Мисир, според упатството на Ангелот Божји.

Денот на Сретение е празнува од самиот почеток, но свеченото празнување на овој ден е особено востановено во 544 година, во времето на царот Јустинијан“.

(Од синаксарот на Сретение Господово)