Што е тоа млакост?

Основа за пронаоѓање на овој термин се зборовите на Господа Исуса Христа, изговорени од Него во Откровението на Светиот апостол и евангелист Јован Богослов: „Ги знам делата твои: ти не си ни студен, ни жежок; о, да беше студен или жежок! Така, бидејќи си млак, и не жежок, ниту студен, ќе те изблуам од устата Своја.“ (Откр. 3, 15-16).

Зошто Спасителот е толку строг кон млакоста? Млакоста – е обид да ги соединиме Бога и сатаната, Христа и Велиара. Обид да ги соединиме небото и адот, заради сопствената удобност, за да продолжиме да живееме во калта на своите гревови и страсти со поспана совест.

Да го разгледаме накратко падот на првите луѓе. Човекот се одтргна од Бога и се вљубил во материјалното. Неговата главна задача, поставена пред него од Севишниот, беше обожувањето, односно приближувањето кон Бога, вечно искачување кон Бога. Наместо тоа, човекот се оттргна од Господа и почна да се движи надолу, за да се вљуби во материјалниот свет, кој за него е извор на задоволство, односно средство за задоволување на гревот.

За млакиот човек, таа љубов кон материјалниот свет е срцевина на гревот, негово јадро. Тој е подготвен да го предаде Бога, повторно да го распне Спасителот, за недопрен да остане неговиот мал и удобен свет. Таквиот човек, надворешно може да биде многу набожен, но кога ќе дојде време на избор, резултатот ќе биде очигледен: предавство на Бога, заради неговата пријатна оаза. Најважното и најстрашно слепило на таквиот човек, е тоа што тој не сака да разбере, дека кога тогаш, тој сепак ќе ја изгуби својата оаза, која без Господа не е оаза, туку мочуриште, во кое одамна живеат чудовишта, кои се подготвени да ја проголтаат човечката душа.

Како пример за анатомијата на гревот, се старозаветните градови Содом и Гомор. Овие богати градови, се наоѓале врз поле со нафта, која била ценета и во древноста. Од неа правеле градежен материјал – битумен. Поради својата удобност и богатство, содомистите заборавиле на Бога. Он повеќе не им бил потребен. И во нив почнал да се развива гревот. Тие станале бездушни и себични, живеејќи живот само за себеси. Длабочината на нивниот пад е содомијата. И после тоа – Бог ги уништил нивните градови.

Од примерот на градовите Содом и Гомор, е видно дека млакоста е средина преку кое се раѓа гревот, односно таа исконска супа (како што велат биолозите-еволуционисти), каде што се раѓа животот на гревот.

Имено, затоа Спасителот во Откровението, ја разработува темата за млакоста, за да го опомени болниот за нејзиното слепило: „Те советувам да си купиш од Мене злато, низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бело облекло, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја, и со очна маст намачкај ги очите твои, за да гледаш. Кои Јас ги сакам, нив ги карам и казнувам. И така, биди ревностен и покај се“ (Откр. 3, 17-18).

За тоа, каков удел има млакоста, јасно ни говори житието на преподобен Макариј Египетски, преку устата на еден мртовец: „Еднаш поминувајќи низ пустината авва Макариј наиде на череп од некој мртовец фрлен на земја, па кога го помрдна со стапот, тој проговори. Авва Макриј го праша: „Кој си ти?“ Черепот му одговори: „Јас сум првосвештеник на идолите и идолопоклониците кои беа на ово место; а ти си Макариј духоносецот, кој кога ги сожалува оние кои се наоѓаат во пеколот и кога ќе се помоли за нив, малку се утешуваат.“ Старецот го праша: „Во што е утехата, а во што е казната? Черепот му одговори: „Колку што е оддалечено небото од земјата, толкав е огнот под нас додека стоиме насред оган, од нозете до главата; и не може никој со никого да се види лице во лице, туку лицето на секого е затскриено со грбот на другиот. А ти кога се молиш за нас, тогаш малку се гледа лицето на другиот. Во тоа е утехата.“ Заплака старецот и рече: „Тешко на денот во кој се роди човекот, ако во тоа му е утехата од казната.“ Го праша старецот: „Има ли други поголеми маки?“ Черепот му одговори: „Ние, како оние кои не знаевме за Бог, барем малку сме поштедени; додека оние кои знаеја за Бог, но се откажаа од Него, се наоѓаат под нас.“ И земајќи го черепот, Старецот го закопа“.

Од својот свештенички опит ќе кажам, дека е тешко да се разговара со луѓе кои се млаки. Полесно е да се разговара со очигледни грешници. Често човекот, кој е обременет од тешки гревови, бара исцеление и има надеж во Бога. На пример малаките луѓе често говорат на погреб: „Отче, отслужи побрзо, бидејќи треба да одиме на ручек во трпезарија“. Или те брзаат на крштевка. Нему не му е важна Светата Тајна, важно му е да влези во традицијата како и сите, а понатаму ќе си го продолжи живот на свој начин. А ти како свештеник, гледаш на таа ужасна празнина, прекриена со безбожност, и не можеш да допреш до човечката душа, бидејќи Бог нејзе не и е потребен.

Да се задумаме над зборовите на Спасителот Христос, браќа и сестри! Да ги помажеме со Евангелска очна маст своите очи, да ги купиме од Бога златните Тајни, очистени со огнот на Светиот Дух, да се облечеме во бели облеки со побожен, праведен, доблесен и чист живот, дедека не е доцна, дедека чудовиштата издигнати од нас во сопственото мочуриште, нè не проголтаат.

Свештеник Андреј Чиженко

Извор: http://pravlife.org