(ПРЕТ)ПОСЛЕДНИОТ ЖИТЕЛ НА ГОЛЕМ ГРАД

Според делото на Миливоје М. Јовановиќ

МОНАХ КАЛИСТ

Биографија

monah kalist            Добривоје Милуновиќ, подоцна монах Калист е роден 1896 година  во село Каоник, до Крушевац во Р. Србија. Потекнува од скромно, работничко, побожно семејство, особено мајка му. Како дете бил многу жив, темпераментен и бунтовен. Таквиот негов дух го следи низ целиот живот. Негова задача, покрај работата на воденицата, била секоја вечер, пред спиење, додека семејството било собрано на молитва, да прочита по една глава од Евангелието и нешто од Посланијата апостолски. Го испратиле да учи гимназија во Крушевац. Имал преголема желба и амбиција да стане угледен и уважен човек како свештеник, учител или државен чиновник. Најмногу му се допаѓало да биде свештеник, затоа што в црква, пред народот, пее и држи проповеди и дека луѓето го поздравуваат, му се поклонуваат  и му бакнуваат рака.

При крајот на 2 година му се случува еден немил инцидент, по кој се враќа во родното село, каде селаните го очекуваат со потсмев дека е неспособен за учење, дека е роден да биде воденичар или свињар. Носи одлука по никоја цена да не остане засекогаш во Каоник. Во меѓувреме се запознава со еден доктор, кој му кажал за една организација (не се работи за редовна војска, туку  специјална едница за извршување на специјални задачи) која спрема луѓе за ослободување на Србија и Македонија од Турците и дека ѝ се потребни млади луѓе. Навечер, откако сите ќе легнеле, останувал со часови пред славската икона, молејќи го Бога да му открие и покаже што да прави. Една ноќ после долга молитва, силен и заповеднички глас го пробудува и му вели: „Добривоје, излези и види!“ Прво помислил дека неговите браќа се шегуваат. Откако се уверил дека нема никој, излегол пред куќата наскалите, на средината во дворот  видел чун, кој се кренал вертикално на небо до облаците, па хоризонтално и се губел во далечините. Потоа гласот му рекол: „Гледаш ли Добривоје? Тоа значи дека ќе бидеш испратен во далечини,  дека ќе минеш многу држави, а ќе се вратиш кога ќе бидеш исцелен од раните, потполно здрав“. За видението му раскажал на јеромонахот Ефрем, кој му препорачал да го зачува видението за себе и да молчи.

 

Во овој период бил заљубен во Радмила Мирочевиќ, со која дури и се „вериле“ и си ветиле дека ќе се земат откако ќе станат полнолетни, но оваа љубов не била дозволена од неговите родители. Собрал сила и ѝ го кажал тоа на девојката, враќајќи и ги даровите и заминал оставајќи ја расплакана, разочарана. Како што кажува самиот, дури и по 70 години во градите нешто го болело, кога ќе се сетел на неправдата која ја направил на тоа прекрасно суштество. Неколку месеци по овој настан, разочаран,  без благослов од родителите, тој во 1912 г.  заминува во „комити“. Своите патила и патешествија во виорот на Балканските и Првата Светска војна најубаво ги опишува во писмото упатено до младите монаси во манастирот Жича, кои по некои недоразбирања сакаат да го „ омекнат“ старецот. Во писмото старецот пишува:

,,Христос посреди нас, отци и браќа. Дај Боже така да биде. Чув за вашата закана дека сакате да ме омекнете,  чесни отци, па сакам да ви кажам неколку зборови. Заради послушание,  спрема владиците и Неговата Светост патријархот Герман,  кои не ме пуштија во самотија,  туку ме одредија да ѕидам парохиски цркви,  го изгубив својот манастир и братството и во длабока старост едвај некако се сместив во Жича. Судејќи по вашите зборови,  јас сум игумен без смирние и памет. Затоа и сте одлучиле,  високочесни отци да ме опаметите и омекнете. Иако можете правнуци да ми бидете! Пред да преминете на дело, треба да го знаете ова: Ме ме мекнееше турскиот цар во 1912 година, а во 1913 година кралот бугарски, па Јосиф Фрањо 1914 година,  царот на покојната Австро-унгарска империја. А после  1915 година, германскиот император Виљем, кој нас Србите, со оној враг, генерал Мекензи и неговите културни разбојници нè протера од нашата земја преку Албанија!

Многу ме мекнееја и Швабите и Бугарите на солунскиот фронт, со митролези и топовски гранати и ме избушиja на единаесет места! Онаа далечна,  1916 г.,  кога се роди сегашниот наш епископ жички,  јас сум пренесен,  целиот во рани,  преку морето во Алжир,  во северна Африка. Кога раните ми зараснаа,  дојдов на Солунскиот фронт,  учевствував на неговиот пробив и со браќата ги протеравме Бугарите. А Унгарците ги бркавме сè до Сегедин. Дури 1919 година пуштен сум од војска дома.

26854759_2008366372514612_340355847_o

И во мир, после првата војна, продолжија да ме омекнуваат. Ги погребав татко ми и сестра ми,  Бугарите ги претепаа. А брат ми,  кој беше обесен затоа што го сруши железничкиот мост меѓу Џунис и Браина и така ги оневозможи Швабите да пренесат воен материјал на Солунскиот фронт, го пренесов на нашите гробишта во Каоник. После тоа,  1920 г., се одреков од животот и светот и стапив во манастир на Бога да му служам. И во Втората светска војна  трпев, и со тело и дух и разум, од нашите стари непријатели, како и од четниците и партизаните. Ама склон сум да поверувам, дека не бев доволно омекнат за осум години војување и шеесет и три години во монаштво (се подвизував меѓу мечки, волци и змии,  ѕидав цркви и манастири) штом вие чесни отци сте решиле да ме омекните. Си ја допуштам себе си мислата дека сте во право и затоа велам: „Калисте! Ајде во омекнувачница, децата нека те омекнуваат!“. . .

Цело време на бојното поле со себе ги носел светите книги и житија. Во болницата во Алжир, каде што е пренесен поради сериозноста на повредите,  докторите извршиле интервенции кои биле во нивна моќ. Во градите, во близина на срцето, имал куршум, за кој констатирале дека доколку хируршки го отстранат, до крајот на животот ќе остане неспособен. Размислил и одлучил да не се оперира, а куршумот останал како орден во неговите гради за цел живот. Во болницата се заветил на Пресвета Богородица,  по примерот на Св. Јован Дамаскин,  долго молејќи се,  дека ќе ѕида цркви или ќе помага при ѕидањето на цркви и ќе дава милостина на сиромашните. И навистина, Пресветата Богородица му овозможила да го исполни својот завет. Во 1920 година, по војната се враќа дома; куршумот во градите не му сметал. Млад,  здрав,  богат,  одликуван јунак и како таков, за девојките бил добра прилика. Во селото живеела Милунка,  кротка, смирена, скромна девојка,  за која мислел, штом реши да се жени,  неа ќе ја ожени. Но за жал,  Милунка изненадно се разболува од туберкулоза и умира. Пред смртниот час му рекла: „Знам, Добривое, дека ќе бидеш свештеник или монах. Те гледав в црква како со вера се молиш, затоа и така мислам. Тебе Добривое секогаш те сакав. Единствено тебе те сакам… Однекаде нешто ми зборува,  знам некако,  ти никогаш нема да се ожениш… Те преколнувам: моли го Бога за мене, за мојата душа. Не знам колку сум грешна; не знам што се случува со човекот кога ќе умре. Сеќавај се на мене, Добривое.  И моли се… “

Тој ден Милунка умира, Калист цел живот се моли за неа,  додека не дознае дека ѝ е подобро, по неговите молитви. Неговата младост поминува сред смртта на својот народ,  неговите другари,  девојки и неговото семејство. Големата животна сила и волја за живот го држеле исправен и не станал малодушен и очаен. Секоја вечер во селската црква,  се молел на Свети Јован Дамаскин и Свети Атанасиј Александриски да му помогнат и да му ја откријат волјата Господова.

sv naum manastir
Манастир Свети Наум Охридски

Во тоа време, во манастирот Свети Наум Охридски се случуваат многу чуда. И на Свети Наум се молел да го прими во својот манастир, доколку му е судено да биде монах. Некој побожен човек од неговото село му предложил да одат во Гњилане, слушнал дека оваа црква е голема светиња. Веднаш тргнале на пат. Во Гњилане, штом пристигнале во црквата, останале на молитва. Не поминало долго време, кога и двајцата забележале дека иконата на Света Богородица, на олтарот, се ниша лево-десно. Помислиле дека е земјотрес,  ама ништо друго во црквата, освен иконата не се нишало. Обзмени од страв и возбуда,  двајцата се договараат одма да одат во манастирот Свети Наум кај Охрид.

Божјата благодат што ја почувствувал во манастирот Св. Наум ја опишува како Светиот Дух во вид на гулаб да слетал на него. Му било јасно дека самиот Свети Наум го донел кај себе.  1920 г., во манастирот, меѓу другите, имало двајца руски монаси, триесет и седум искушеници и седумдесет и пет слуги. Манастирот поседувал две илјади хектари земја, стока, 2 километри од брегот на Охридското езеро, каде се ловело риба. Земјата ја работеле селаните и слугите. Првите денови бил љубезно примен. но штом му ја кажал својата намера на игуменот на манастирот, наишол на сомневање од негова страна. Го укорил дека е горд, остар и плаховит човек, но на крај го примил.

Искушеничкиот живот воопшто не му бил лесен. Наишол на голем потсмев од другите монаси, а од друга страна, борбата со бунтовникот во себе.  Но желбата да се покори на Божјата волја и да стане монах, била над сè.  Неговото одело,  чисто, испеглано, монасите го замениле со селска, искината наметка, закрпена со разни закрпи. Наместо чевли, добил  ѓонови од говедска кожа, а шеширот, откако го изгазиле, го ставиле на неговата глава со што добил изглед на страшило. На почетокот работел како свињар, потоа добил, на свое барање нова задача, која мислел дека ќе му е полесна,  да чува двајца луди луѓе, но се излажал. Присуствувал на многу исцеленија на болни луѓе во манасторот Св. Наум. Монасите ги лечеле со молитва,  осветено масло и гладување. Искушеничкиот живот во манастирот бил сосем спротивен од неговата претстава за монашки живот: молитва, самување, безмолвие.

Во 1921 година, за епископ е поставен Свети Николај Велимировиќ. Него го запознал на Солунскиот nikolai5фронт. По извесен период од искушеничките патешествија на Добривое, владиката Николај го зема кај себе да му помага и да му служи. Иако владиката Николај својата прозорливост ја криел, Добривое се уверил во неа по многу настани, кои ги гледал со своите очи. Го набљудувал и следел секој негов чекор и движење,  во намерата да сфати каков е тој човек. Мислел дека знае некој таен пат и начин за постигнување на духовни длабочини и дека тоа го крие од нив. Знаел што јаде што пие, како се моли, каде спие,  ама не знаел што прави кога ке остане сам во својата соба. Еден ден, додека владиката бил в град,  Добривое решил да ја задоволи својата љубопитност. Продупчил дупка во вратата,  извадил чвор и ставил шајка која лесно се вадела. Вечерта штом сите легнале,  отишол до собата на владиката. Но се сплеткал, чворот паднал на под, а врата се отворила и над себе ја видел главата на владиката. Како посрамено дете побегнал и цела ноќ преспал надвор. Владиката, секако, како на свое чедо му простил и му рекол: „Ти сакаш да бидеш монах Добривое. Ако си маж,  спремај се за јуначки подвиг!“ Добривое му возврајќа:„ Тука сум,  владико. Преживеав војна,  глад,  лудаци чував,  Жолтиот ѓавол го трпев,  па и тој подвиг за кој зборуваш, веројатно ќе го извршам“. Владиката Николај на тоа му одговорил: Лесно е, Добривое, со луѓето да се бориш и да трпиш кога се мора. Но,  сега,  сам со себе ќе се фатиш со костец; својата волја ќе ја испробаш и очеличиш. Имај го ова на ум: пред своето тело милијарди луѓе треперат, го галат, му се покоруваат. Спреми се!“

Шеснаесет дена ги поминуваат во најстрог пост, владиката без храна и вода,  хранејќи се од молитвате кон Бога, а Добривое вкусува по малку вода после шестиот ден. Иако неколку пати се обидел да избега, Добривое го издржува подвигот и така дознава што прави  владиката кога  е сам во соба. После краток период,  во манастирот Св. Наум прима монашки потстриг. Добривое Милуновиќ станува Калист Милуновиќ.

27141012_2024133067604609_1924522683_o

НА ПЕТРИНСКАТА ПЛАНИНА

Од владиката измолува благослов да оди во планина, но само на 1 година. Пред заминувањето,  од Охрид купил менгеле, ренде за дрво, секира, чекан и други алати за да среди пештера и да први крстиња од дрво. Понел и 2 ќебиња, облека, проино брашно, лонец и доста сапун. Есента, 1922 г. тргнува кон Петринската планина, молитвено да тихува. На планината наоѓа пространа, сончева и сува пештера, меѓу селата Велгошти и Болно. За три дена ја оспособил пештерата во која можел удобно да живее. Го молел Бога да му открие како да се прехранува. На Петринската планина, во Првата светска војна бил фронт,  местото околу неговата пештера го држеле Французите. Расфрланите сандуци за муниција,  шлемови ги употребувал како садови за вода и готвење. Собирал корења, сушел коприви и круши. На почетокот јадел еднаш на 3 дена, потоа еднаш неделно. Сè помалку чувствувал потреба за храна. Поради ваквиот начин на исхрана,  се појавила голема нечистотија и смрдеа на неговото тело, се капел по неколку пати на ден во потокот. Пештерата ја приспособил за нормален живот. Се молел надвор под ведро небо. Пронашол над пештерата една карпа, на голема висина, каде што бил заштитен од мечки и волци, а широката плоча го штитела од дожд. Од таа висина со часови и денови ја набљудувал природата околу себе, земјата, сонцето, ѕвездите… Се молел по цела ноќ, а потоа, по неколку часови како што самиот вели: „Осамен, духовниот човек нема со кој да разговара, па затоа сакал или не, непрекинато се моли. Се молев онолку колку што ми беше доволно да осетам радост во срцето“.

Се борел со искушенијата на телото, со старите навики, му недостигале блиските,  со Божја помош,  верба,  пост и молитва ги надминал. Иако далеку од луѓето,  на посебен начин знаел што се случува во светот. Пештерата била топла во зима, горел и оган, но му сметал снегот додека се молел на карпата, под ведро небо. Една ноќ, раскажува старецот, му било толку удобно под топлото и меко ќебе, заспал во сладок сон и се разбудил после шест. Сериозно се налутил на себе си, укорувајќи се: „Ако ти Калисте сакаш да ленствуваш и уживаш,  што си дошол на планина? Врати се во манастир, спиј на топол кревет, таму други ќе те будат. Или врати се во светот, па живеј и уживај!“ Го свиткал ќебето, онака војнички, го фрлил во потокот.

На пролет, Петринската планина оживува. Шумата разлистала, никнала трева, се разбудиле мечките, порастиле млади коприви… Сè имало во изобилство и за животните и за птиците,  па и за пустеник како него.  Чувствувал дека е физички појак и си одредил самиот поголеми подвизи. Само понекогаш,  многу ретко посакувал да види човек. Летото созреале дивите круши, имало едно стебло до неговата пештера. Калист чекал добро да созреат и да ги собере, но кога отишол до дрвото, пред него веќе бил запоседнат друг повреден домаќин од него – една голема мечка. Иако се исплашил, Калист сакал да ја запознае мечката. Наредниот ден, од стеблото до пештерата наредил круши. Мечката, откако видела дека на дрвото нема плодови и ги намирисала наредените круши, јадејќи ги една по една дошла до влезот на пештерата, каде што ја чекал Калист добро заштитен. Била претпазлива и исплашена, но полека ја зела крушата од раката на Калист. Му доаѓала на гости и наредните пет шест дена. Првите денови не излегувал од пештерата, ѕверот останува ѕвер, не може да му се верува. Потоа се спријателиле, мечката се однесувала како домашно животно. Иако ја засакал,  никогаш не сакал да ја гали или со неа да си игра. На животното треба да му се стави до знаење дека човекот е над него – раскажува старецот. Во околината имало и лисици и волци. Човекот може да припитоми и мечки и лисици, но волк не! Често се среќавал со волци,  но никогаш не го нападнале.

26827652_2008366665847916_1372942047_o

Прв пат почувствувал дека може да ги предосети настаните, кога еднаш, седејќи пред пештерата, еден глас му рекол брзо да се сокрие внатре. И навистина, слушнал гласови. Тоа биле ловци со кучиња. Не сакал да го видат, затоа што низ околината брзо ќе се прочуе дека во планината има пустиник, па би му доаѓале луѓе за помош, совет… Започнал однапред да претчуствува кога на него ќе наидело некое искушение, а тоа се случувало често и се спремал за одбрана на испробаниот начин. После големата борба,  на него слегувала голема благодат. Имал разни виденија. Жалел и се срамел од сè лошо што некогаш правел. Во моменти на молитвен занес, кога не знаел дали во тело или вон тело,  добивал заповед да остане уште во самотија,  далеку од луѓето. Најпрво се чудел како издржувал со недели да живее без леб и вода, за подоцна да сфати дека Божјата благодат,  радоста и светлината ја замениле секоја телесна потреба.

За две години, само два пати оди меѓу луѓето. Првиот пат,  во манастирот Свети Наум, да измоли од владиката уште една година во планината. Слушнал дека на островот на Преспанското Езеро преку зима има малку снег и брзо се топи. Привлечен од тоа, размислува да се пресели таму. Вториот пат, отишол наредната година. Владиката Николај испратил свештеник кој во младоста бил овчар на Петрино,  да го пронајде и да го носи во Охрид. Меѓутоа, свештеникот ја пронашол неговата пештера, но не и него. Му оставил јаболки, пита и едно писмо, во кое владиката му напишал: „Знам,  Калисте дека ти е убаво таму во планината и уживаш, но во манастирот те чекаат важни работи. Ти заповедам веднаш да дојдеш во Охрид!“ По црковните правила и заветот на послушание, морал одма да се оѕвие на својот старешина. Од друга страна, цврсто бил решен до крајот на животот да остане на планина,  на езеро и да оди повремено в црква да се причестува.

30771431_10155449365617283_1277340305_o

Девет дена се борел со себе си и најпосле  заминал во Охрид. Утредента се причестил и после Литургијата, владиката го одвел в олтар,  му облекол стихар и го произвел во ипоѓакон. Му рекол дека ќе треба да се одрекне од животот во планина и дека му е потребен во манастирот. Разочаран,  потиштен и лут, не знаел што да прави. Ноќта ја поминал молејќи се на пресвета Богородица. Утредента,  му кажал на Владиката дека имал видение, дека Југославија ќе ја завладеат комунистите  и дека тој,  Николај ќе отиде во далечна земја и во неа подоцна ќе умре.  Го молел владиката да го пушти во самотија и после долга, расправија владиката попуштил и му рекол: „Ти си непослушен монах Калисте! Оди, но знај,  пак ќе се вратиш! Уште и ова да ти го кажам, да запамтиш: и јас имав видение, и знај, нема да ја дочекаш староста и да умреш во пустина и во самотија,  онака како што си смислил,  туку меѓу монасите, во манастир!“

Штом добил благослов, се вратил на планината да се спрема за преселба на островот Голем Град, надевајќи се дека засекогаш ќе остане во самотија.

37090792

НА ГОЛЕМ ГРАД

Пролетта,  1924 год., се збогува со своето двегодишно пребивалиште на Петрино и заминува на Голем Град. Додека слегувал од Галичица имал лошо чувство,  знаел дека му претстои некоја опасност, но не и каква. Легнал да се одмори и доживеал виедение: дознал дека мора да оди на островот, без разлика на стравот и опасностите кои таму го чекаат. Утредента стигнува во с. Коњско. Преноќил во домот  на Видин Петровски. Домаќините, зачудени од неговата намера се обиделе да го одвратат, кажувајќи му за опасностите што демнеат, за змиите отровници, дека островот го користеле само на зима за пасење на овците. Внимателно ги сослушал,  на момент помислил да се откаже,  но се сетил на видението,  иако знаел дека селаните ја зборуваат вистината. Наредниот ден, со чамец бил пренесен до воената касарна на Преспанското езеро,  каде што биле сместени граничарите на границата на Југославија со Грција и Албанија. Им кажал зошто дошол, па и тие се обидувале да го разубедат и проверувале дали е нормален, штом сака да живее меѓу змиите и на дофат на рацете на арнаутите. Им раскажал за Првата Светска војна,  животот на Петрина, за неговите размисли за животот. Увиделе дека можат да се потпрат на неговото воено искуство и дека за сè можат да се потпрат на него, па одлучиле да соработуваат. Му предложиле да им праќа сигнали доколку забележи дека некој се приближува од Грција или Албанија и околу некои други работи.

428357_340176692699069_264775152_n Liljana Pejoska-Trencevski

Со патролниот чамец го префрлиле на островот. Во селото, купил малку храна,  а и граничарите му оставиле леб. Штом го оставиле на островот,  војниците истуриле некоја течност во круг. Од мирисот змиите бегале, но тоа траело само неколку дена. На почетокот се плашел од змиите и арнаутите,  се молел барајќи заштита од Бога. После неколку дена,  пред зори, голема светлост слегла над него и се исполнал со смирение,  од никого и ништо да не се плаши. Петнаесет дена се спремал за престојот на островот без никаква потреба за храна и вода. На сред шума наидува на фоја,  која е подебела и повисока од останатите дрва. Слушнал дека змиите не се качуваат на фојата,  дека нејзината кора е рапава,  трнлива и одлучил да си направи колиба на големото дрво. Ѝ го отсекол врвот, да биде пониска од другите дрва, за да се заштити од гром. Отсечените гранки ги распоредил како чадор,  врзувајќи ги со кора од липа. Употребил и некои даски кои ги нашол на брегот. Живеел како во планината,  спремал храна, правел дрвени крстиња, се молел, читал… Се хранел со некои корења слични на кромид,  но погорчливи од пелин. Морал да ги вари во шест води. За две години цел остров го исчистил од тие корења. Преспанското Езеро било полно со разновидни риби, од кои најголеми биле жолтите и црни шарани,  потоа големи јата плашици,  на островот бројни жители биле и чапјите, змиите, а понекогаш гледал и по некој зајак. Го засакал своето ново пребивалиште,  небото над островот,  езерото,  природата,  своите духовни искуства, измешани со стравот од змиите и арнаутите. Бил единственото суштество на просторот од неколку квадратни километри,  кое знаело да размислува,  да сака и да се плаши.

Golem Grad, Better Known as Snake Island

На островот ги пронашол урнатините од црквата Свети Петар. Изградена од Немањики. Црквата има јужна и западна врата. На двете страни од јужната врата се надзираат фрески, два бели орли, грбот на Немањиќи. Бршлен го прекрил ѕидот и фреските и по Божја промисла ги заштитил од пропаѓање. Во внатрешноста нема иконостас, нити престол. Калист посакал внатре да се моли,  иако била разрушена и немала покрив. Подот бил доста јак, рамен и сочуван,  по него лазеле стотици змии од различни видови. На почетокот се плашел, потоа ги оставал да му се приближат околу стапалата и станувал сè послободен со нив.  Наутро, со метла ги бркал и постојано се навикнувал на нив. По некое време, престанал да чувствува одбивност спрема змиите, а тие почнале да се однесуваат како пилиња, вели старецот. Иако ги скротил, сепак бил претпазлив,  но за две години, ни една змија не го нападнала. На островот имало и неколку Германски гробишта од Прва светска војна. Еден ден, со брод дошле нивните роднини,  ги ископале коските, со дозвола на властите и ги ставиле во посебни вреќи. Се однесувале свечено, како да допираат голема светиња…

Golem-Grad-2016-08-10-1192_
Фоја на островот Голем Град

Две години се хранел со корења и потоа се одлучил,  како што самиот вели, да се освежи со шарани. Се одлучил за жолтиот шаран, надевајќи се дека рибата ќе му годи, но се излажал. Вкусот му бил толку лош, а и без сол не можел да јаде. Кога дошле граничарите да го посетат, му кажале дека црниот шаран е повкусен и му оставиле леб и два килограми сол. Рибата и солта го ојачале, но и страстите му се разбудиле и многу желби. „Тврдам дека страстите можат да се вратат, во полна снага и на најголемиот испосник! Можат да ослабат, можат да се потчинат, но со испосништво не можат да се уништат!“ – раскажува старецот.

На почетокот,  во текот на денот се присилувал да изговори по дванаесет илјади Исусови молитви. Упорно,  сè додека молитвата сама не се одвивала во неговите гради и штом умот се врзeл со срцето, за него настанувал рај на земјата. Не го чувствувал оној капак на главата како на Петринската планина,  туку како главата целосно да му е отворена. Леснo и јасно го разбирал Светото Писмо, прозирал во иднината, на сознавањето му немало крај, како и на радоста. Навистина е блаженство да си човек.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Монашкиот живот е голема школа. Науката Христова, како што вели монах Калист, е најчиста вода која пои и храни. Во еден таков молитвен занес бил посетен од Царот Небесен. Од таа средба, во срцето му пламнала радост, не знаел дали е на земја или на небо. Молитвата го смирувала, одржувала и го бодрела. Го носела до најдлабоките тајни. Молитвата е клуч на знаење, дом на радост, вечна веселба, вели монах Калист. Пред крајот на втората година, добива порака од владиката Николај веднаш да оди во Охрид. Но, поради приврзаноста за, според него, најубавото место на светот, не сакал да го прими послушанието. Седум дена се молел на Бога да го спаси од Владиката, но го почувствувал оној ист страв и грижа на совест како на Петрина. Со тажно срце го напушта својот остров, жалејќи за земјата, водата, па и за змиите. Тука доживеал нешто длабоко и величенствено. Во село Коњско монах Калист бил познат како Калисо. Ретко, скоро никогаш не општел со жителите на селото. По кажувањата на баба Видиница (сопругата на Видин Петровски, семејството кај кои преноќил штом стигнал во Коњско) често му оставале храна на островот, но како што ќе ја оставеле, така ќе ја најделе.

golem_grad_20131115115745

 

ИГУМЕН НА ПРЕСПАНСКИТЕ МАНАСТИРИ – СВЕТА ПЕТКА БРАЈЧИНО,
СВЕТИ САВА ОСВЕШТЕН, МЕТОХ КАЛУЃЕРИ, ПРЕТОР

 По пристигнувањето во манастирот унапреден е со чин ѓакон. Животот го продолжува во испосницата Св. Заум на Охридското Езеро. По 2 години престој,  по заповед на Владиката Николај, заедно со неколку други монаси е повикан во Митрополијата. Владиката ги одредува да учат градежништво кај рускиот градежен инжинер Чечењев. Животот на монах Калист во манастирот Свети Наум се одвива по волја на владиката Николај и потребите на Црквата. Изучувал градежништво,  религија,  филозофија,  книжевност. Присуствувал на Литургија со другите монаси. Во слободното време останувал со Владиката Николај кој го подучувал и му објаснувал она што не му било јасно. Чечењев ги учел групата монаси секој ден во текот на цела година (освен во неделите и празниците) како се прават планови, како се поставуваат темели и сè што бара оваа наука. Челењев се чудел и восхитувал на Калистовата способност – таков бил затоа што свеста не му била поматена од ништо, таков станал на планината Петрина и на островот на Преспанското Езеро. Пресвета Богородица му овозможила да го исполни својот завет даден во болницата во Алжир, дека доколку го спаси,  ќе ѝ гради цркви и манастири.

Одлично совладувајќи го градежништвото, наредните неколку години ги поминал во градење и возобновување на цркви и манастири во Охридскиот крај,  назначен за старешина од Владиката Николај. Никогаш не го напуштила желбата за Голем град и самотијата. По една голема расправија околу тоа,  Владиката му рекол никогаш повеќе да не помисли на самотија,  дека никогаш нема да го пушти во пустина,  туку да ѕида и поправува манастири и да управува со нив.  Покорувајќи се на волјата на Владиката, морал да избере меѓу Богородица Кичевска и Преспанските манастири, кои биле презадолжени.  По подолго размислување Калист се одлучил за Преспа. Во 30-те години, веднаш бил одреден за старешина на три главни манастири: Света Богородица, Света Петка Брајчинска, Света Богородица во Долно Дупени, а во истиот состав влегувале и шест помали манастири, метоси. Располагал со манастирскиот имот,  кој се состоел од 270 парчиња земја, 27 лозја,  30 хектари ливади, 600 хектари букова шума. Монаси и искушеници,  без слугите биле 30. Штом стигнал игуменот Вучетиќ, му го предал инвентарот, потоа бил преместен,  но не бил предаден на суд поради презадолженоста.

20170614_192658 m13-Sv-Petka-083108-6029

Калист се предал на работа,  молејќи му се на Бога да му даде разум да работи со толку голем имот. За три месеци се ослободил од долговите, меѓу другото, продал десет дабови стебла за буриња, на мајсторите во Ресен и Битола. Нешто му преостанало,  па можел да почне со уредување на манастирите. Започнал со умножување на стоката. Кога дошол, имало 3 свињи и 15 овци. Купил 30 женски и 5 машки прасиња, за 1 година во стадото имало преку 50. Од овчарите од Галичник добил на поклон 50 женски јагниња и уште 50 купил. Купил и 5 крави и 4 добри банатски коњи. Работел деноноќно; ѕидал варници,  печел вар и го продавал,  изработувал планови за изградба на училишта,  болници,  куќи,  патишта. Во тоа време немало многу инжинери, па имал работа колку што сакал. Сите пари ги вложувал во обнова на манастирот.

Брајчинскиот манастир Света Петка, бил добро опремен,  во него се наоѓала Битолската богословија; ама црквата не била изградена од цврст материјал. Тука престојувал кратко време,  потоа отишол во Свети Сава Освештен. И тука на брзина подигнал конак, на два спрата од тврд материјал. Еромонахот Лукијан бил добар економ, ја изорал земјата околу црквата,  сам накалемил повеќе од 1000 калеми лозница и подигнал лозје. Потоа, на ред за обнова доаѓа црквата Свети Петар на островот Голем Град. Секогаш мислел на неа и со нетрпение го очекувал денот да ја обнови. Божјата промисла му ја исполнила желбата. Покрај другото и заради неа ја прифатил управата врз Преспанските манастири. Таа 1936(8) властите од Битола му испраќаат мајстори од Србија за да работаат на обновата на црквата. Во тоа време, народот знаел дека ќе избувне војна како и за други претстојни настани. Имајќи ја во предвид пробугарската сила во Македонија,  црквата ја обновувале во тајност,  поради опасноста да биде срушена,  доколку се дознаело дека Србите ја обновиле. Биле принудени работата да ја изведуваат на зима; на лето не биле во можност заради змиите. Црквата ја обновувал со голема љубов. Двата бели орли,  од двете страни на вратата, кои бршленот ги сочувал ги оставил недопрени, биле реставрирани. Покрај црквата изградил куќарка на спрат. Мислел на следниот пустиник,  да има каде да се засолни,  а не како него да се качува на фојата. Неговата колиба сеуште стоела на фојата. Се качил на неа и се молел како некогаш. Ловел шарани, гледајќи го познатото небо и ги слушал птиците. Им раскажувал на мајсторите за неговото пребивалиште а тие се чуделе и тешко верувале дека тука живеел 2 години. Од една страна бил радосен како дете,  а од друга тагувал,  претчувствувајќи дека никогаш повеќе нема да дојде тука.

Манастирската управа не ја држел престрого, нити барал монасите за сè да го прашуваат. Но барал манастирските правила да се почитуваат. На прво место била молитвата и братската љубов и почитување. Доста успеал во тоа, само еднаш претерал. Еднаш бил подолго отсутен од манастирот и ги предупредил монасите да внимаваат што прават, мислејќи дека може да се потпре на нив, зашто биле навистина добри и вредни луѓе. Штом се вратил, забележал дека се возбудени и дека сакаат да му кажат убава вест; во негово отстуство проселе пари од народот за манастирот и купиле коњ. Мислејќи дека пријатно ќе го изненадат, затоа што многу сакал коњи. Но нивната непромислена постапка, знаејќи дека имаат и коњи и пари да просат од народот. Зел една летва и удрил по монахот кој му ја соопштил веста. Од летвата излетала една шајка и го раскрварила монахот. Сите се разбегале и и никој не смеел да му излезе пред очи. А оној што го удрил си отишол и не се знаело што се случило со него. Калист си мислел дека по негова вина заминал и долго жалел.

30422207_10155449380557283_2044316816_n

Како игумен на преспанските манастири живеел добро. Носел мантии од свила, јавал расни коњи, имал доволно храна и пари и други земни удобства, но не му значеле ништо,  само прашина. Зад себе имал многу духовни подвизи, виденија. Се воздржувал од силна храна и мислел дека може да стори сè што сака и да добие сè што треба. Започнал да се воодушевува на себе си, како тоа да е исклучиво дар на неговата волја и ум. Во  1936 година Владиката Николај заминува во Жичката епархија. Повторно почнале да се расправаат. Владиката му рекол: „Ајде со мене во Жича Калисте, посекако не можеш без мене да живееш!“ Калист се спротивставил, а Николај заминал за Жича поведувајќи многу монаси и монахињи.

Епископ Платон
Епископ Платон

Негов наследник бил епископот Платон Јовановиќ – Бањалучки (маченички погубен од усташите на 05 мај 1941,  канонизиран за светител 1998 година). Новиот епископ побарал од Калист да му ги покаже сите сметки за минатите 4 години како игумен во преспанските манастири. Сметките биле уредни, само пронашол дека не била подмирена мала сума на данок кон државата и му се заканил дека ќе го предаде на суд. Калист се воздржал и побарал да ги земе назад сметките за да ги среди. Откако владиката Платон му ги вратил, Калист излегол надвор ги оставил сметките во дворот,  од продавница купил гас,  го прелил купот со сметки и го запалил. Пламенот се дигнал високо на небото; стоел крај огнот и со долг стап ги превртувал книгите што гореле, довикувајќи му на епископот Платон: „Излези Пресосветени на прозор да видиш како Калист ги средува сметките!!!“ Владиката погледнал низ прозорецот долу во дворот, во Калист, во огнот, се прекрстил и го затворил прозорецот. Штом од сметките останала само пепелта, Калист се качил во канцеларијата на владиката Платон. По кратката напрегната ситуација, Владиката постапил доста смирено и го замолил во мир да поразговараат. Знаејќи дека Калист е од ретките што не заминале со владиката Николај, му предложил управа над 8 манастири и коњ само за него, можност да издава манастирска земја под закуп… и дека не му го зема за грев палењето на сметките: „Знам јас игумане Калисте дека си точен и исправен човек!“

Монахот Калист се вратил во Преспанските манастири за да размисли за предлогот на Епископот Платон. Секако, не бил воодушевен од предлогот на Владиката. Мислел дека Владиката Платон по ништо не може да се мери со владиката Николај. Ни третина од неговите подвизи и откровенија не доживеал,  а бил поставен за епископ! Помислувал сè да остави и без благослов да оди во самотија. Посакувал да оди не толку да се усовршува во самотија, колку да се отргне од човечката несовршеност. Се сметал за најсовршен монах на Балканот, во Европа, па и во светот, нападнат од демонот на гордоста. Со такви мисли отишол во манастирската градина со лубеници,  барајќи ја најголемата и најдобрата лубеница. „Се сеќавам,  како денес да беше“ – сликовито раскажува старецот – „Почуствував лесен ветер, но набрзо стануваше сè појак; ме опфати виор на ладна струја, почнав да треперам. Од некој страв ми се наежи косата на главата. Осетив голема мачнина. Наеднаш паднав во безнадежност. Од страданието сакав да урлам…“ Со краен напор ги подигнал рацете кон небото и извикал: „Господи! Спаси ме,  Господи! Немоќен сум!“ Одговорот го немало,  го чувствувал своето срце во градите како смрзнат камен. Одеднаш,  до него допрела неподнослива смрдеа. Како нешто во негова близина да се распаѓало. (И денес,  штом помислам на тоа,  посакувам да си го откинам својот нос!) Уплашен и очаен паѓа на земја. Знаел зошто страда. Сам на себе си рекол: „Непослушен беше Калисте и горд си Калисте. Затоа Бог те напушти!“ 3 месеци се опоравувал во еден манастир на Охридското Езеро и потоа заминал на кратко во Охрид. Не го прифатил предлогот на епископот Платон. Живеел во манастирот Свети Наум како обичен монах. По извесен период, владиката Николај го повлекол во Србија.

Така се завршил неговиот живот во Македонија, каде поминал 19 години од 1920 до 1939 година,  поминувајќи ги, како што самиот вели: „Најубавите години од својот живот“. Умира  во длабока старост, на 12 април 1991 година, во Жича, на 95 години, како што Свети Николај Велимировиќ му предвидел во нивната препирка, во  далечната 1924 година: „Нема да дочекаш старост и да умреш во пустина и во самотија,  онака како што си смислил,  туку меѓу монасите во манастир!“

monah-кalist

 

Последниот жител на Голем Град

СТЕФАН

Според  Јордан Тасевски

ПОСЛЕДНИОТ ЖИТЕЛ НА ГОЛЕМ ГРАД

          По кажување на еден од најголемите познавачи на Преспа,  на нејзините луѓе, настани, историски и воени прилики, култура, традиции и анегдоти,  Јордан Тасевски – роден 1920 година, Коњско, Преспа

Во 1930-те години, на островот Голем Град допатувал извесен Стефан од Белград. Не е познато дали бил искушеник,  монах или нешто сосем друго, имал фамилија во Белград. Бил испратен под казна, но не се знае за  каква казна станува збор . По професија бил лекар. За разлика од монах Калист,  Стефан општел со жителите на село Коњско.  Како лекар им препишувал лекарства и ги упатувал во аптеките кои лекови да ги земат и доста им помагал при лечењето. За своите потреби насадил нива со пченка  и се прехранувал од она што му го нудел островот. Еднаш, еден младич посакал сам да  си купи некој лек од аптека и го копирал ракописот на Стефан,  но набрзо бил откриен и исмеан. Дедо Јордан, како дете, со другарите често оделе на островот и му носеле леб на Стефан. Но тој им велел: „Деца,  не носете ми леб,  мене не ми треба леб,  носете ми малку сол“. Пред самиот почеток на Втората светска војна,  заминал за Св. Сава Освештен – метох Калуѓери, Претор и потоа во Белград кај своите.

Подготви: Марија Касовска