Христа не го давајте за ништо – Софрониј Сахаров

Нека биде благословено името Господово од сега и до века! Господ како Своја заповед рече: „Сакајте Ме и во таа љубов чувајте ги заповедите Мои“ (сп. Јован 14, 23). Преку чувањето на заповедите ние добиваме навика, односно сѐ навикнуваме да живееме во непрестајно сеќавање на Христа: на Неговиот живот, на Неговиот пример и на Неговите заповеди. Ве замолувам драги, браќа и сестри, примете ги лесно и со мир овие зборови, не како мои зборови, туку како одговор на повикот со кој Господ нѐ повикува… Не мислам дека телесната смрт може за нас да биде разделба. Не! Мојата смрт, според мислењето на докторите, и така веќе е готова работа. Ми даваат само уште неколку денови… Грешеа до сега, можеби грешат и сега. Нашето дело и нашиот подвиг, се состои во тоа да ги надминеме границите на времето и материјата, односно вештините на нашето тело, за да останеме заедно и после моето заминување. И тоа не е затоа што јас сум нешто „посебно“, туку затоа што Духот така ми зборува во моето срце. Ја сум грешен човек. Не ја исполнив заповедта на Бога Живиот, затоа што таа заповед го опфаќа целиот свет, и сѐ што постои надвор од времето и надвор од просторот. Господ на Тајната Вечера рече: Јас живеам и вие ќе живеете (Јован 14, 19)… На нашиот сакан духовен отец Силуан, Бог без зборови му сѐ откри во видение на почетокот од монашкиот подвиг. Продолжете да го трпите нашиот голем труд, кој за нас без Христа е невозможен. Нашиот пат е да го предадеме својот живот заради животот на другите. И нема поголема љубов од таа кога човечката душа е подготвена да умре за доброто на ближниот. Господ рече дека „нема поголема љубов од таквата љубов“ (Јован 15, 13). Си допуштам на себе си така да зборувам, бидејќи покажавте подготвеност да пребивате во зборовите и во единство со нашиот ум и нашето срце… Бидете спокојни во своето срце: и кога сум со вас, и кога ќе заминам од вас, бидејќи нема да се разделиме… Истрпете го овој живот! Тој е создаден на чуден начин – како во него да Нема ништо посебно и специјално. Но навистина, во него има нешто највозвишено и најголемо, а тоа е Љубовта на Отецот, Љубовта на Сино0т, и Љубовта на Светиот Дух со нас. Молејќи се за секого од вас по име, јас сум, природно, врзан со секого од вас со оние узди, за кои може да се зборува како за узди на Царството Божјо – узди на љубовта вечна и непоколеблива во вечни векови. И тоа ни е тешко да го прифатиме. Апостолите за тоа зборуваа со многу поголема смелост отколку што ние можеме да си дозволиме себе си. Но и тоа малку што го постигнавме, сепак, е дејство на Самиот Бог, како  што возгласуваат Архиереите на службата: „И утврди го ова лозје, кое го насади Твојата десница!“ Јас сум во безизлезна ситуација – и ХРИСТА НЕ ГО ДАВАЈТЕ ЗА НИШТО!

Самиот сум нестрплив, иако својот живот го посветив во служење на другите. Колку само денови и ноќи поминав со Бога на молитва! Но, може ли таа молитва воопшто да се нарече молитва, кога таа не е ништо друго освен „крцкање со заби“? Затоа вас, драгоцени мои, браќа и сестри, на крајот од својот пат ви зборувам: во љубовта своја кон Христа бидете непоколебливи! Секое двоумење и секое свое страдање поднесувајте го живеејќи во Христа. Многубројни се патиштата кон „апсолутното“ во животот на човечкиот род, но нема ништо што може да се спореди со Христа. Затоа, не отстапувајте од Христа без оглед на сите тешкотии. Ако Господ ни даде да умреме, ќе умреме со свеќа од Неговата љубов која Го издигна на крст. Сѐ надевам дека во нас вистински ќе дејствуваат зборовите Христови: Бидејќи јас живеам и вие ќе живеете (Јован 14,19). Секој збор Христов е самата Божествена Вечност. Христа не го давајте за ништо! Он нека биде единствениот Цар на нашето срце, со Отецот и Духот Свет. Да веруваш во Христа тоа е реален живот, живот на Самиот Христос. Како што Христос страдаше за секое создание и целиот свет, така и ние да се молиме на Бога. И во тешките моменти да се нажалуваме во плачот гетсимански. И во нас после плачот, кој е сличен на гетсиманскиот, кога ќе ни се доближи Духот Вечен, тогаш ние ќе живееме во вистината. Тогаш ќе започне нашиот бесмртен живот, и тогаш Бог апсолутно ќе ни се јави во сосема поинакво светло. Нашата христијанска вера е крајно совршенство и никој да не нѐ одвои од Љубовта Христова, како што зборува Павле (Рим. 8,39). Сега ги кажав овие зборови независно до апостол Павле. Но, видете, ние зборуваме со ист јазик и за ист живот како Апостолите и сите Светии, сведоците на Божеството Христово… Го молам Бога да ми даде збор, и зборовите доаѓаат до мене, и сакам да го изберам она што е, по својата природа, Вечен Живот: кога ќе почнеме, како Христа, да страдаме за целото создание, ние тогаш во Христа и со Христа го живееме Вечниот Живот. Ви благодарам што ги сослушавте моите зборови. Заминувам уверен во тоа, дека Господ секој од вас го донесе (овде) со Својата рака. И не е лесен нашиот живот. Кој не го знае животот, тој не ја знае болката Христова. Денес ќе го завршам разговорот со вас, со три зборови: предајте го својот живот за да го живвете другиот; утешувајте ги сите кои доаѓаат, сиромашните, кои немаат утешители во овој свет; и така, служејќи на Бога во (служење) на Неговите страдалници, браќа и сестри наши, ќе се соединиме во таа љубов со Самиот Христос засекогаш… Благословот Господов на вас, браќа мои и сестри.

Извор: https://otacmilic.com

Превод од српски: Младен Јовчески, дипломиран теолог