Десетта недела по Педесетница – Архиерејска Литургија во Ресен

На 07.08.2018 г., во Десеттата недела по Педесетница, кога го празнувавме споменот на Светите маченици Трофим и Теофил и уште тринаесетмина со нив и споменот  на Светиот свештеномаченик Аполинариј, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Света Божествена Литургија во храмот Свети Великомаченик Георгиј, во Ресен.

„Тогаш учениците пристапија кон Исуса насамо и Му рекоа: Зошто ние не можевме да го истераме (бесот)? А Исус им рече: Заради вашето неверие!“

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

За време на земниот живот на Господа Исуса Христа имало толку многу нес­реќни, болни и бесомачни луѓе, како никогаш до Раѓањето и по Раѓањето Хрис­то­­во. Ѓаволот и неговите потчинети зли духови почувствувале дека дошол крајот на нив­ното господарење над луѓето, па затоа тие ги вложувале крајните сили да пре­диз­викаат што поголемо зло во светот. Едно од тие манифестирања на злото над лу­ѓето ни е опишано во настанот кој го прочитавме од денешното Евангелско че­ти­­во, каде што ни се раскажува како Господ Исус Христос излекувал едно бесо­мач­­­но момче, кое не можеле да го излекуваат Христовите ученици, заради нивно­то неверие. Овој настан од евангелската историја нè поттикнува денес да го пос­ве­ти­ме своето внимание на вистинската молитва и вистинскиот пост, зашто Спа­си­те­лот нагласил дека тој род (лукавиот) со ништо не се изгонува, освен со молитва и пост.

Ако буквално ги сфатиме Христовите зборови, кои денес ги слушнавме, и ако некој површно и незаинтересирано го чита Светото Писмо, ќе стекне заклучок дека со молитва и пост човекот ќе може и планини да преместува. Но, сведоци сме дека многумина од нас редовно и правилно ги држат сите пости, редовно доаѓаат во светиот храм на молитва, но сеуште, до ден- денес не успеале да преместат ниту една планина. Ќе си го поставиме и прашањето: па зарем Христовите ученици не постеа и не се молеа, па ете, не само што не можеа планина да преместат, тие не успеаја ниту бесомачното момче да го излечат. А сигурно е дека тие се молеле над него, но, еве, Христос ги укорува за нивното неверие! Сигурно е и дека постеле, зашто и кај старите Јудејци постоеле денови кои биле посебно назначени по својата строгост. Тогаш, зошто Христос ги нарекува „лукав и неверен род“! Зарем критичарите на христијанството не се во право кога велат дека Евангелието противречи само на себе. Еве, апостолите се молеле и постеле, а не се способни да направат едно најобично чудо? Во што е тајната на денешната Христова порака?

Навистина, во Светото Писмо, има многу места, кои, ако не се сфатат правилно, во нас можат да предизвикаат сомнеж за многу настани од Христовиот живот на земјата. Многу Христови пораки се искажани алегорично и во преносна смисла, но благодарение на толкувањето на тие мисли, кое го направиле светите отци на Црквата, ние денес имаме најправилно сфаќање на сето она што е напишано во Евангелието. Затоа, имајќи го во предвид денешниот настан, веднаш е потребно да си го поставиме прашањето: За каква молитва Христос им зборувал на апостолите? Каква молитва тие требало да поседуваат, а ја немале? Таа молитва е внатрешната и постојана молитва. Не е доволно само повремено и по потреба да се обраќаме кон Бога, туку потребно е тоа да го правиме целиот свој живот. Повремените молитви не ѝ служат на целта која ја бараме, туку тие треба да претставуваат едно скалило нагоре кон стекнување навика за постојано молење.

А, постојаната молитва секогаш треба да биде пропратена со постот. Но, пак се поставува прашањето: со каков пост и каква е разликата меѓу старозаветниот пост, кој го запазиле и апостолите, и новозаветниот пост, кој го втемелува Спасителот? Новиот пост, означува, пред сè, откажување од светот, откажување од себе и од сопствените потреби и вистински принесување на жртва пред Бога. Тоа е вистинската смисла на зборот пост. Зашто, не е доволно да постиме и да се воздржуваме само од храната, туку, пред сè, потребно е да се воздржуваме од страстите и гревовите и од сè она кое е за лична корист. Постот претставува забрана за приврзување кон сè што е земно, па дури и кон нашиот живот, зашто сè, па и нашиот живот не се наши, туку ни се дадени од Бога. Секој момент во нашите мисли да биде врежана вистината дека овде сме туѓинци и дека не го знаеме моментот на нашето заминување оттука. Ете тоа е вистински пост. Зашто Оној, Кој ни го дал животот, сигурно ќе ни го подаде и она што е потребно за да живееме и нема да не остави заборавени.

Ако човекот љуби нешто на земјава повеќе од својот Творец, па нека е тоа и сопствениот живот, тогаш неговата молитва и неговиот пост се лажни и суетни. Она нешто, кое ние го љубиме повеќе од Бога, секогаш ќе претставува пречка во нашата молитва и пост. Како ќе можеме ние да се обратиме кон Бога „Да биде волјата Твоја“, ако во своите молитви бараме земни потреби или, пак, да поживееме уште малку? Зарем не е поточно да се молиме „Да биде волјата моја“, зашто, очигледно, ние го лажеме сопствениот Творец кога велиме „Да биде волјата Твоја“, а не оставаме ни педа место во нашите срца за да се пројави таа божествена волја? Токму затоа Спасителот Христос неразделиво ги споил поимите молитва и пост, зашто едно без друго тие не се дејствителни, туку се мртви. Само тогаш, кога кон Господа ќе испратиме молитва во која нема да бараме ништо земно, туку безрезервно исполнување на Божјата волја, кога нема да се молиме за земни удобства, туку за стекнување на Царство Небесно и живот во Бога, само тогаш нашата молитва ќе биде вистинска и нашиот пост плодотворен. Само тогаш, кога нашата молитва ќе се совпадне со Божјата волја, ќе биде услишена и исполнета. И навистина, зарем според Божјата волја во природата не се случуваат такви промени, за какви ни спомнува Евангелието: земјотресите од темел ја поместуваат земјата, вулканите и елементарните непогоди секојдневно го менуваат ликот на земјата. Ете таква е силата на Божјата волја, а таква силна може да биде и секоја молитва ако е правилна, па дури и бесомачни да лекува.

Терапијата на лекување на бесомачни трае две илјади години. Спасителот Христос ни го кажа лекот, а наше е само да го примениме и во наши дни, зашто тој лек не старее и никогаш не престанува неговото дејство. Но, сведоци сме дека вистински лекари речиси и да нема, зашто времињата полека се исполнуваат и се приближуваат настаните кои Христос ни ги претскажал за крајот на светот и векот. Да погледнеме околу себе барем за миг и ќе забележиме дека сите сме постанале бесомачни. Сите сме заразени од вирусот на себељубието и богоотстап­ништво­то, па веќе и не сме свесни во колку тешка состојба се наоѓаат нашите души. Ние повеќе не сме во состојба ни да го побараме лекот за нашата сопствена бесомачност, а камоли да го примениме во нашиот живот. А како круна на сето тоа, уште и не сакаме да постиме и да се молиме, заштво сопствената тврдоглавост и инает постојано нè тераат да му се спротивставуваме на Бога и да скршнуваме од патот на покајанието и спасението. И во сето тоа спротивставување, постојано водиме борба против Бога со цел да ја присвоиме Неговата волја и да ја направиме да биде наша, па Бог да почне да постапува според нашите желби, а не ние според Неговата волја. А потребно е да биде обратно. Затоа, нека денешниот евангелски настан во нас ги поттикне закоравените духовни сили кон преродба, со цел да се вразумат и да почнеме да живееме онака, како што посто­ја­но и секојдневно се молиме: „Да биде, Боже, волјата Твоја“. Амин!

Протоереј Златко Ангелески

Извор: https://blagovesti.wordpress.com